Интервјуа
ЕЛЕВЕЈТ ГЛОБАЛ ГИ „ОСВОИ“ СКОПЈЕ И БЕРЛИН, НА РЕД Е ЕВРОПА


Основниот производ на Елевејт глобал е решението АСАП кое им помага на компаниите брзо да ги откријат аномалиите во нивните системи и да ги донесат правите деловни одлуки.

Учеството и победата на Бетапич во Скопје го визира патот на Елевејт глобал за Бетапич глобал во Берлин каде што нивното решение АСАП го промовираа пред поголем број инвеститори.

Може ли Македонија да биде стартап нација, земја во која идеите на младите претприемачи ќе се материјализираат и од тука ќе настапуваат на глобалниот пазар? И може ли ваквите брзорастечки фирми, претежно од ИТ-секторот, да станат поттикнувачкиот фактор во развојот на вкупната економија?
Сѐ поголемиот број млади луѓе кои ја претпочитаат неизвесноста на претприемништвото отколку комоцијата во традиционалните фирми или во државните установи дава надеж дека работите се движат во добра насока. Но, за целосен успех потребен е систем за поддршка на ваквите фирми (тука не мислиме само на државата, туку и на постоење приватни фондови). Тоа е и мотивот на Економија и бизнис да претставува домашни стартапи, што се надеваме дека ќе биде поттик за остварување на нивните цели, но и инспирација за многумина да започнат свој бизнис.

 

Кога некоја идеја, производ или решение за кусо време ќе добие признание на национално, а потоа и на меѓународно ниво, тоа во светот на бизнисот не е мала работа. Особено за компанија која постои година - две. Токму со вакво нешто можат да се пофалат д-р Горан Стојановски и д-р Ѓорѓи Маџаров кои со нивната компанија Елевејт глобал (Elevate global) и решението АСАП за брзо откривање на аномалиите во индустријата и во други сегменти, што овозможува носење соодветни деловни одлуки, кон крајот на минатата година победија на локалниот Бетапич натпревар во Скопје, а потоа и на претставувањето во Берлин во рамките на глобалниот проект Бетапич глобал и инвесторс деј (Betapitch Global & Investors Day) на Бетахаус во конкуренција на 12 компании од Европа.

„Елевејт глобал е млада самофинансирана компанија, фокусирана на брзо откривање на аномалии во индустријата со користење на вештачка интелигенција и машинско учење. Основниот производ на Елевејт глобал претставува решението АСАП кое им помага на компаниите брзо да ги откријат аномалиите во нивните системи и да ги донесат правите деловни одлуки. Идеалните клиенти за АСАП се фaбрики кои разменуваат многу податоци, енергетските компании и компаниите кои поседуваат комуникациска инфраструктура. Во моментов, АСАП е развиен на ниво на производ со основни функционалности и може да извлекува знаење преку брза анализа на сензорски податоци (мерења), географски податоци (локации) и текстуални податоци“, вели д-р Горан Стојановски.

Приказната за Елевејт глобал почна во ноември/декември 2017 година. Првичната идеја била да основаат консултантска компанија за новите трендови во технологијата, особено во ИТ и примената на информатичката технологија во останатите сфери, пред сѐ во индустријата, објаснува д-р Ѓорѓи Маџаров.

„Бидејќи Горан има многу познавања од автоматизација, контрола на процеси, физички процеси, а јас имам длабоки познавања од вештачка интелигенција и машинско учење, заклучивме дека сме добар спој да ја ‘нападнеме’ индустријата. Практично тоа беше иницијална каписла“, вели Маџаров.

Првичната идеја наскоро се модификувала по средбата со потенцијален инвеститор од Словенија кој сугерирал да размислат за некаков производ кој ќе биде препознатлив знак на компанијата.
„Оттука тргна сѐ. Кога се вратив од Словенија разговаравме со Горан, имавме неколку идеи во која насока би сакале да почнеме. Кога ќе дојде моментот да одлучите дали сакате да преземете акција, велите ДА, сакам да преземам акција и така почна приказната за АСАП. Кога се роди АСАП првото нешто што го направивме беше испитување на пазарот. Кога видовме дека го нема и дека може да успее, рековме ајде да почнеме да го таргетираме пазарот и да видиме како да се промовираме на тој пазар бидејќи тука од Македонија е тешко да кажете дека имате нешто, а тоа некој да го преземе, да го купи“, вели Маџаров.

И АКАДЕМСКА КАРИЕРА И СОПСТВЕН БИЗНИС

Една од специфичностите поврзани со соосновачите на Елевејт глобал е дека и двајцата се универзитетски професори. Колку се ценети и популарни зборува и податокот дека во 2016 година Стојановски беше прогласен за најинспиративен професор од страна на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а Ѓорѓи Маџаров го доби најголемиот дел од гласовите на студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) каде што предава. Па сепак, и покрај академската кариера, тие решија да развиваат и сопствен бизнис.
„Работата со студенти е една од најблагодарните професии во светот и во текот на минатата декада ние сме постојано во контакт со млади и интелигентни студенти. За жал, најголем дел од нив ја напуштаат Македонија во потрага по успешна кариера во областа на информатичките технологии. Нашиот најголем предизвик со отворање на Елевејт глобал беше да покажеме дека во Македонија има капацитет за голем успех на техничко поле. За да го оствариме тоа не е доволно само да развиваме туѓи идеи, туку потребно е да проектираме производи и услуги и нив да ги пласираме на светскиот пазар“, вели Стојановски.
Во врска со одливот на кадри, Маџаров вели дека само тој годишно пишува минимум 15-тина препораки за студенти кои имаат намера да продолжат на магистерски студии во странство или да влезат во рамките на некоја компанија. А, на факултетот има уште 50-тина други професори.
„Тоа е огромен број. Квалитетот на знаењето кое го добиваат тука студентите е големо, меѓутоа многу зависи и од самите нив бидејќи само дипломата не е нешто што утре ќе биде вреднувано каде било во светот. Се вреднува знаењето, особено на ИТ-кадарот. Една од причините поради која јас останав на факултет е поради тоа што ми треба пул од млади луѓе кои генерално имаат поинаков мајндсетап од постарите. Нивниот мајндсетап е многу значаен, нивната полетност, енергија исто така. Ние нашите луѓе ги бараме тука, од самиот факултет. Сега имавме неколку отворени позиции, добивме одлични сивија од ’дечки‘ кои навистина сакаат да работат. Од една страна, тие го гледаат тоа како можност да научат и да напреднат во кариерата. Многу е тешко да задржите квалитетни луѓе. Од луѓето кои ги имавме во фирмата, еден е веќе заминат, со него супер соработуваме, а друг размислува да оди на магистерски студии. Пресреќни сме што нашиот кадар е компетитивен и може многу лесно да замине, меѓутоа навистина нѐ боли кога треба да замине. Но, тие за нас секогаш се луѓе кои се тука и кога и да се јавиме кај нив, секогаш ја имаме поддршката“, вели Маџаров.




Учеството и победата на Бетапич во Скопје го визира патот на Елевејт глобал за Бетапич глобал во Берлин каде што нивното решение го промовираа пред поголем број инвеститори. Првиот предизвик таму бил како во пет минути да го претстават самиот производ имајќи предвид дека во жирито повеќето членови биле од областа на маркетингот или инвеститори кои имаат осет за добра идеја, а не луѓе со големи технички познавања. Советите кои ги добиле од девојката задолжена да им помогне за презентацијата (инаку во професионалниот живот актерка) придонеле да ги освојат симпатиите на жирито.

„Во претставувањето настапивме први така што немавме можност да направиме споредба со другите тимови. Сепак, кога се презентиравме, на скала од 100 отсто, бевме 90 – 95 проценти задоволни како го направивме тоа“, вели д-р Маџаров, додавајќи дека покрај паричниот износ и личната сатисфакција за она што го работат, признанието им овозможило и контакти со повеќе инвеститори како Дојче банк, Дојче телеком, фирма од Данска, со Колектор венчр од Словенија...
Стојановски исто така е задоволен од оствареното во Берлин каде што, како што вели, ја претставувале Македонија.

„Според нас, настапот во Берлин пројде одлично. АСАП ја освои највисоката награда според мислењето на стручното жири. Дополнително, за време на посетата на Берлин, остваривме и повеќе контакти со локалниот стартап екосистем со кои преговараме за соработка или за инвестиција во нашата компанија. Во 2019 година се надеваме дека ќе реализираме барем дел од овие потенцијални договори“, вели тој.
Какви практични проблеми може да се решаваат со АСАП, каде сѐ може да се примени и на кој начин може да им помогне на компаниите и на институциите? Одговарајќи на ова прашање, Стојановски вели дека АСАП претставува еден вид помошник за менаџирање со комуникациската инфраструктура.

„Компаниите кои поседуваат сервиси, поставени во фарми од облаци, или се одговорни за преносот на податоците меѓу две локации, можат да изгубат многу ако нивните услуги се недостапни одреден временски период. АСАП ја зголемува доверливоста на овие системи преку надгледување на логираните параметри за комуникацијата меѓу сите јазли во системот, како и за достапноста и оптоварувањето на поставените сервиси. На тој начин, АСАП знае брзо и ефикасно да открие потенцијална аномалија и да предложи кој е наједноставниот начин за справување со неа“, вели тој.

Интересен е самиот термин АСАП, кој во повеќето лексикони се однесува на англискиот израз „As soon as possible“ (’што е можно поскоро‘), но кога станува збор за решението на Елевејт глобал, всушност е скратеница од Adaptive dataStream Analytics Platform, платформа за обработка на податоци во реално време, односно со лимитирано доцнење. Објаснувајќи го функционирањето на АСАП, Маџаров меѓу другото вели дека ако нешто чудно се случува со податоците кои ги следи, платформата го препознава и сугерира дека ако процесот продолжи да се однесува така може да настане проблем по определено време или да даде прескрипција за одредени сензорски податоци, односно за фреквенцијата со која некој уред ги испраќа, што исто така овозможува заштеди.

„Генерално, нашиот продукт наоѓа примена во повеќе сфери, меѓутоа примарно ја гледаме неговата примена во индустријата каде што има огромен број сензорски податоци од различните машини кои се собираат со помош на добро установени системи и потоа се обработуваат, доаѓајќи така до важни информации. Сите тие информации носат некаква вредност и се запишани некаде, но никој не ги обработува. Постои секогаш можност тие податоци да ги земеме офлајн и да ги обработиме, меѓутоа таа информација ќе биде застарена. Ако тоа застарување не нѐ чини многу, тогаш не е страшно да го направиме и така. И најверојатно ќе биде поточно од обработката во реално време. Меѓутоа, ако детектираме дека некоја машина во наредните пет минути ќе се расипе и тоа ќе ја чини целата фабрика десетици милиони евра доколку не се исклучи погонот, тогаш само таа информација е многу поверодостојна отколку да се објасни зошто таа машина така се однесува. Подоцна ќе ‘копаме’ зошто е проблематична и каде се случува проблемот. Но, во моментот е најбитно да ја добиеме информацијата дека таа е машината која ќе се расипе и дека треба да се исклучи погонот и тоа веднаш“, објаснува Маџаров.
Во однос на предизвиците со кои се соочуваат во развојот, Стојановски вели дека со оглед на тоа дека се целосно техничка компанија, најголем предизвик имаат во областа на развој на бизнисот и продажбата.
„Од аспект на развој на бизниси сѐ уште го бараме правилниот модел за организација на компанијата со цел да ги исполниме европските и светските стандарди. Досега не успеавме да најдеме доволна правна помош за да го постигнеме ова. Од аспект на продажба се соочивме со недостаток на висококвалификуван кадар за продажба на софтверски сервиси надвор од земјава. За жал, без ваков кадар практично е невозможно да се фокусираме на креирање продукти и сервиси наместо на работа на проекти за странски компании“, вели тој, додавајќи дека развивањето на стартап компанија во Македонија со самофинансирање не е едноставно. Покрај стручната експертиза и личната финансиска инвестиција, на почетокот мора да се работи и продажба и развој на бизнисот, да се следи интересот на клиентите и стратешки да се позиционираат функционалностите на производот или на услугата.
Амбициите за во иднина се големи. Во моментов акцентот е ставен на кастомизирање, односно прилагодување на производот.

„Меѓутоа, тука не завршува целата приказна со АСАП, туку само започнува. АСАП е платформа која ќе може да се справува со различни типови податоци и да носи различни информации, односно да ги препознава информациите запишани во податоците и да даде прескрипции за тие податоци. Ако успееме на задоволително ниво со нашето прво решение, дефинитивно ќе има низа производи кои ќе следуваат и ќе бидат тесно врзани под АСАП. Еден таков производ е БаТ (Batch Analytics plaTform), но размислуваме и за нови производи“, вели Маџаров.

Генерално Елевејт глобал цели, пред сѐ, кон европскиот пазар каде што веќе работат за една голема германска компанија за која го прилагодуваат производот за обработка на пораки кои се случуваат во телекомските оператори, а имаат и повеќе други потенцијални договори. „Нашата идеја е да имаме свое претставништво во Германија, односно да отвориме подружница во Берлин. Засега ова се само планови, но се надевам дека во скоро време ќе се реализираат“, вели Маџаров.

Мирче Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top