Е-Б-Ф-Б
УЛОГАТА НА ДРЖАВАТА ВО ЕКОНОМИЈАТА

Трајко Славески
универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“

Станува збор за едно од најстарите прашања во областа политичка економија, третирано уште од Платон (5 – 4 век пр. н. е.) сѐ до денес. Што се однесува до економските и социјалните функции на државата, во поновата политичка историја на западната цивилизација сентиментот на јавноста за улогата на државата наспроти пазарниот механизам варира од крајност во крајност во зависност од периодот.

Класичните либерали се определени за минимална улога на државата како „ноќен чувар“ на општеството. Нејзините одговорности се ограничени на заштита на поединците од присила, од измама и од кражба, како и заштита на земјата од надворешна агресија.

Во определувањето на рамката за економските функции на државата сметам дека добра насока дава Кејнз во неговото познато дело Крајот на laissez-faire-от (1926), каде што напишал: „Значајна работа за државата (government) не е да прави работи кои поединците веќе ги чинат, да ги извршува малку подобро или малку полошо, туку да ги прави оние работи кои во моментот воопшто не се извршуваат“.

Во одбрана на пазарниот механизам економистите ја посочуваат ефикасноста која произлегува од конкуренцијата. Класичното објаснување на Адам Смит беше дека „невидливата рака“ на пазарот, во услови на слободна конкуренција, придонесува економските субјекти, остварувајќи го сопствениот интерес, да го остваруваат и општиот интерес, дури и подобро отколку кога целта би им била насочена кон остварување на општиот интерес. Овој став е основа на статичкиот неокласичен економски модел (во традицијата на Валрас и Џевонс), што како основа ја има пазарната структура перфектна конкуренција.

НЕОПХОДНО Е ПРОМИСЛУВАЊЕ НА СЕОПФАТЕН СИСТЕМ НА МЕРКИ ОД ОБЛАСТА НА МОДЕРНАТА ИНДУСТРИСКА ПОЛИТИКА СО ЦЕЛ ПОДДРШКА НА ДОМАШНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА НАСОЧЕНА КОН ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ИЗВОЗНИТЕ ПОТЕНЦИЈАЛИ НА ЗЕМЈАВА

Вториот пристап (традицијата на Австриската економска школа) се потпира врз супериорноста на ценовниот механизам како средство за координција во услови на неперфектна конкуренција. По игра на иронијата, моделот на перфектна конкуренција, откако ќе се укаже на бројните отстапувања од чистиот модел кои се среќаваат во реалниот живот, се користи за оправдување на потребата од државна интервенција. Врз овој модел се изградила теоријата за т.н. пазарни неуспеси (дефекти).
Пазарните дефекти се подеднакво присутни на страната на побарувачката и на страната на понудата. На страната на побарувачката меѓу позначајните е проблемот со јавните добра. Не помалку се важни и информациските проблеми за преференциите и изборот на потрошувачите, што во определени домени ѝ дало на државата за право патерналистички да се однесува кон одредени категории потрошувачи, настојувајќи да ги промени или да изврши целосна замена на нивните преференции. Најважните примери на овој вид патернализам на државата се среќаваат во областа на: здравствената заштита, образованието, социјалното осигурување и сл.

На страната на понудата еден од најзначајните пазарни неуспеси се екстерните ефекти (екстерналии), било да се негативни било позитивни. Следува проблемот со тенденциите кон монополизација на пазарот како резултат на феноменот на постоење растечки приноси од обемот, т. е. економии од обемот. На пазарот му се припишува гревот за неуспехот во координацијата на макро ниво, што предизвикува макроекономска нестабилност, односно неприфатливи нивоа на невработеност и на инфлација при што излезот се бара во улогата на државата за економска стабилизација. На крајот, но не и најмалку важно, пазарниот натпревар, во отсуство на интервенциите на државата, може да доведе до општествено неприфатливи разлики во нивоата на доход. Според некои еминентни економисти (на пр., Џејкоб Винер, 1960) до широка државна интервенција на слободниот пазар се дошло „... во голема мера како резултат на незадоволството со постојната дистрибуција на доходот“.

Слично како и пазарниот механизам, и државата не е имуна на дефекти во нејзиното функционирање. Избраните претставници кои раководат со институциите се рационални човечки суштества кои, пред сѐ, настојуваат да ги остварат сопствените интереси пред општите. Настојувајќи да се доближат до „средниот гласач“, политичките партии прибегнуваат кон популизам. Кај политичарите постои тенденција за преценување на користите од краткиот, а потценување на користите од активностите на долг рок, што претставува своевидна миопија. Државата, исто така, се соочува со проблемот на неадекватни информации. Во доменот на државната акција не постои конкуренција, што води кон нерационалности. Кон ова треба да се додаде и можноста за корупција и бирократизирање на државните и јавните служби.

Како одговор на тенденциите на нарушување на конкуренцијата од страна на субјектите на пазарот, современите држави применуваат политики за унапредување на конкуренцијата (антитрустовското законодавство во САД). Во случаите на постоење услови кога конкуренцијата е неможна или непрактична (класичен пример се природните монополи) се прибегнува кон национализација или, по приватизацијата на овие дејности, кон регулација на претпријатијата со монополска моќ на пазарот. Сепак, не сите видови регулација, која е широко распространета, се со намера за зауздување на моќта на монополите. Регулацијата е присутна и во области во кои постојат услови за конкуренција, по барање на самите субјекти. Класичен пример е ограничувањето на влезот во низа професии, ограничувањето на бројот на лиценци во одредени области како на пр. такси-превозот и сл.

Покрај класичните функции на државата, за кои стана збор претходно, во дадениот момент на развој на Република Македонија е неопходно промислување на сеопфатен систем на мерки од областа на модерната индустриска политика со цел поддршка на домашните претпријатија насочена кон зголемување на извозните потенцијали на земјава.

(Економија и бизнис. печатено издание. февруари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top