Е-Б-Ф-Б
УЛОГАТА НА ДРЖАВАТА ВО ЕКОНОМИЈАТА

Никола Поповски
универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Прашањето за улогата на државата во економскиот живот е едно од најстарите и можеби суштински прашања на економијата и на економската наука. Тоа уште од почетокот на современата економска наука, па до денес не само што е постојано присутно туку е и контроверзно прашање за кое дебатираат многу економски школи и теории и предизвикува несогласности. Во ерата на либералните општества и пазарни економии нејзината улога во суштина е насочена кон барање и градење механизми за решавање на економските проблеми што пазарниот механизам сам по себе не може да ги реши или неефикасно ги решава.

Според најопштата класификација општествата се делат на демократски и на авторитарни, од кој избор произлегува и изборот на процедурите и на институциите во општеството. Авторитарните денес се многу ретки, а својот максимум го постигнаа во ХХ век со постоењето на социјализмот. Затоа е важно да се разгледа алтернативната улога на државата во економијата во рамките на денешните демократски општества. Тие, во економска смисла, можат да се уредат како либерални или социјални држави при што и во двата случаја тие се соочуваат со релативно јасни и однапред детерминирани последици од тој избор врз положбата на економските субјекти и карактерот и квалитетот на јавните добра што ги обезбедува државата. Во двата случаја станува збор за функционирање на правната држава.

Либералните држави се одликуваат со постоење на помали, но ефикасни јавни функции и соодветни служби; слобода на стекнување и на поседување на богатство во широка смисла на зборот; релативно поскромна економска улога на државата што произлегува од концепцијата за супериорноста на пазарниот механизам и неефикасноста на државата при остварување на економските функции (Tеорија за неуспех на државата). Тие држави најчесто имаат помал интервенционизам со кои вршат секундарна прераспределба на доходите стекнати преку механизмот на примарната распределба на пазарот и соодветни пониски даноци. Следствено на тоа на поединците им е оставено да имаат поголема иницијатива и слобода да се грижат за своите образовни, здравствени, пензиски и други слични потреби што државата ги обезбедува во минимален износ. Државата, во основа, се грижи да обезбеди еднакви правила за сите во нивните економски активности и тие да се стабилни и однапред познати, а кога се менуваат тие да се предвидливи. Тоа подразбира дека државата во економска смисла само повремено и незначително се одлучува да повластува и „субвенционира“ одредени општествени или економски активности. Поткрепа за тоа е изјавата на неолибералниот нобеловец М. Фридман дека: „ако државата поседува половина од приходот, тоа значи дека поседува и половина од производството, а тоа е социјализам“.

КОНЕЧНО НАШИОТ СТРЕМЕЖ КОН ЕУ, ВСУШНОСТ, Е СТРЕМЕЖ КОН ЧЛЕНСТВО ВО ЕДЕН ЕЛИТЕН СВЕТСКИ КЛУБ НА ЗЕМЈИ СО ВИСОКА ОПШТЕСТВЕНА И ЕКОНОМСКА БЛАГОСОСТОЈБА, МОЖЕБИ И НАЈЕЛИТНИОТ СООДВЕТЕН КЛУБ ВО СВЕТОТ

Социјалната држава се разликува по релативно поголемата индиректна, но и директна економска улога преку која и самата може да создава значителен дел од економските активности, особено во процесот на производство на јавни добра и преку механизмот на секундарната редистрибуција на доходите и имотите преку повисоко оданочување. Тоа го прави поаѓајќи од сознанието за несовршеноста на пазарниот механизам (Теорија за неуспех на пазарот). Од тие причини таа де факто алиментира голем обем на јавни добра особено во дејностите на стопанската инфраструктура, образованието, здравството, социјалната заштита, пензиското осигурување, комуналните услуги и слично преку што сака да создаде држава и економија на благосостојба. Практично економијата се насочува кон обезбедување повисоко ниво на социјална хармонија и квалитет на животот, но со постојана грижа за обезбедување на економската ефикасност што треба да обезбеди извор на доходи за финансирање на моделот на социјалната држава. Теоретичарите и протагонистите на социјалната држава сметаат дека таа мора да ги извршува своите основни и неизбежни функции во услови на постоење на мешана економија. Под нив најчесто се подразбира: 1. постоењето на законска и институционална рамка за мешовита економија; 2. влијание врз алокацијата на ресурсите во економијата; 3. моќна секундарна прераспределба на доходите преку даночниот систем и 4. стабилизаторска и регулаторна рамка обезбедена од макроекономската политика.

Изборот на Македонија во рамките на ваквите сфаќања не е ни едноставен ни лесен. Како земја со среден доход (БДП од 4 827 евра по жител во 2017 г.), која по многу елементи уште е во транзиција кон ефективна пазарана економија и се соочува со неефикасно функционирање на пазарот со појави на превисока невработеност (20,8 % во декември 2018 г.) и сиромаштија (22,2 % во декември 2017 г.), таа има тешка задача да направи чист избор. Несомнено е дека државата треба да има соодветна стабилизаторска улога за да обезбеди стабилност на економијата и на цените, како и моќна регулаторна рамка за да обезбеди непречено функционирање на пазарот и услови за фер конкуренција. Таа сè уште треба да обезбедува зголемено ниво на јавни добра и за таа цел да го зголеми сегашното учество на јавните приходи и расходи од околу 29,3 % и 32,0 % од БДП во 2018 година до околу 37 – 40 % во иднина за да обезбеди повеќе и поквалитетни јавни добра што ќе го подобрат квалитетот на животот и ќе влијаат на намалувањето на сиромаштијата. Иако оваа цел изгледа како контроверзна бидејќи во Македонија државата во многу сектори на своето дејствување покажува сериозни знаци на „неуспех на државата“, а економската ефикасност де факто се спротивставува на можностите за повисока секундарна распределба на доходот, на тоа треба многу да се работи. Конечно нашиот стремеж кон ЕУ, всушност, е стремеж кон членство во еден елитен светски клуб на земји со висока општествена и економска благосостојба, можеби и најелитниот соодветен клуб во светот.

(Економија и бизнис. печатено издание. февруари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top