Е-Б-Ф-Б
СРЕЌНА НОВА 2029...

Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“
Горан Стефановски, драматург и писател

 

Неодамна разговарав со еден од моите блиски соработници кои живеат во САД – откако му го честитав Денот на благодарноста, ми се пожали дека денот му бил целосно исполнет со текстуални пораки, скајпирање, твитирање, со Фејстајм и сo ѕвонење телефони.
Некои луѓе го МРАЗАТ начинот на кој технологијата влијае на нивното семејство, посебно за време на слави и фамилијарни собири; навистина, се чини дека луѓето сè почесто имаат интеракција со своите дигитални уреди наместо да водат разговори, што на некој начин нè прави да се чувствуваме сè повеќе осамени, дури и кога сме заедно. Но, дали е тоа навистина така или е на повидок (уште еден) нов технолошки тренд?
Оваа статија е за перспективата на влијанието на дигиталните уреди врз нашата заемна поврзаност, поточно за поголемата слика за тоа што всушност се случува: забрзувачки тренд со кој нашата поврзаност со луѓето е независна од нашата физичка локација.
Нашата човечка природа нè прави секогаш да сакаме да го добиеме она кон што тежнееме веднаш штом истото тоа ќе го посакаме. Навистина, секоја нова комуникациска технологија нè приближувала до „непосредна“, „побрза“, „поевтина“, „поквалитетна“ и „инстант“ комуникација со кого и да сакаме, секогаш кога сакаме.
И тој тренд се забрзува.
Факт е дека имаме тенденција да го романтизираме минатото. Факт е дека често сакаме да се жалиме на сегашноста. Неоспорен факт е дека повеќето од нас сме отпорни на промени. Проверете ги двете слики(на следна страна) од јавниот транспорт, во сегашноста и во минатото, кои јасно ја раскажуваат оваа приказна.

1. Предностите на технологијата
Пред 100 години... контакт за време на празници со далечни роднини или не се случувал или пак се случувал преку нефреквентна и бавна пошта. На крај останувавте „заглавени“ со локалното население – што генерално е во ред – освен доколку луѓето кои ги сакавте беа на другата страна на светот.
Пред 50 години... разговор преку телефон на далечина служеше како високотехнолошки начин на „поврзаност“. Телефонот во тоа време нудеше една разумно непосредна комуникација, освен за време на празници (за оние што се сеќаваат) кога не можевте да добиете линија („Сите линии до таа земја се зафатени, ве молиме обидете се подоцна.“). И, да, ваков тип на далечинска комуникација беше навистина скапа работа.
Денес... имаме инстантни, глобални, бесплатни, безжични комуникации, преку телефон или во форма на видеа со висока дефиниција, па дури и преку роботи со телесна присутност.
Поентата тука е што технологијата ни овозможува поинтимно да се поврземе со пријателите и со семејството кои се географски оддалечени и ова, според мене, е навистина добра работа.
Значи, што е, всушност, проблемот? Зошто тогаш сѐ уште ги имаме перцепциите на „дистракција“ и на „изолација“ кога применуваме нови технологии?

2. Не е само технологијата, туку и вашето семејство и заедница
Ние (луѓето) имаме тенденција да му дадеме приоритет на нашето трошење време со оние луѓе кои нè доведуваат до степен на најголемо уживање или задоволство.
Можеме да ја обвинуваме технологијата колку што сакаме, НО преку истата таа технологија ние можеме да им испраќаме пораки на нашите најдобри пријатели наместо да разговараме на трпеза со роднини со кои делиме многу малку заеднички работи.
И бидејќи сме добро воспитани можеме да се присилиме и да се потрудиме да бидеме учтиви, да ја направиме „вистинската“ работа за да го одржиме нашиот семеен мир. Сепак, кога глобалното поврзување станува до таа мера достапно што може да си приуштиме да го игнорираме нашиот здодевен роднина во корист на инстант комуникација со нашите другари, е тоа е нешто што, дури и да се присилиме, тешко ќе можеме да го избегнеме.
Поентата тука е дека квалитетот на нашето поврзување сè повеќе се зголемува, бариерата за поврзување сè повеќе опаѓа и дека „вистинската“ работа е само она што нè доведува до степен на најголемо уживање или задоволство.
Во суштина, животот е оној со кого ги поминувате работите низ животот.
Веројатно сте ја слушнале поговорката која вели дека вие сте средна вредност (просек) од пет лица со кои најмногу го поминувате вашето време. Но, на страна од поединците, заедниците каде што најмногу го поминувате вашето време директно и последователно влијаат на вашиот начин на размислување.
Како претприемачи денес имаме пристап до повеќе капитал, знаење и компјутерска моќ од кога било досега. Навистина, секој од нас денес има моќ да се справи и да совлада предизвици кои инволвираат милијарди лица, како на пример справување со глобалните проблеми на сиромаштија или на глад – нешто што било незамисливо пред само неколку децении.
Кога ќе презентирате некоја „луда“ идеја или кога ќе разговарате за експоненцијални технологии или кога ќе дискутирате за идеи кои можат да решат проблеми за милијарда луѓе, дали имате некоја заедница која го инспирира и го поддржува вашето размислување „на големо“? Или дали вашите пријатели ве игнорираат и ви велат дека сте луди?
Запамтете дека сè до денот пред нешто навистина да биде глобален успех тоа е обично луда идеја (како на пример ајфон, Фејсбук, Гугл и наскоро блокчејн). За да биде инвентивен и за да направи разлика во светот, еден претприемач има потреба од мрежа за поддршка која ќе прифаќа и која понатаму ќе истражува вакви луди идеи. Вашата заедница го обликува сето она што вие го правите.
Ако сакате да изгубите тежина, дружете се со слаби луѓе.
Ако сакате да бидете фит, дружете се со пријатели кои вежбаат.
Ако сакате да размислувате „на големо“ и се стремите да го промените светот, дружете се со луѓе кои имаат масовно трансформирачки мисии.
Ние забораваме дека беше неодамна кога нашето родно место и јазикот кој го зборуваме ја обликуваа нашата судбина, влијаејќи на нашиот идентитет и на нашиот иден потенцијал. Ова, за среќа, веќе не е случај.
Денес секој од нас има можност да го пребара светот и да најде свои „сродни души“ каде било тие да живеат на нашава планета. Во тој контекст нашата цел е да ги пронајдеме оние кои ги сонуваат истите големи соништа и кои веруваат во подобар и побогат свет.
Верувам дека, било да се работи за претприемач или за просечен човек, нема ништо поважно од концептот на „заедница“ – навистина, нашите заедници имаат моќ да ги обликуваат нашите размислувања, нашите страсти, нашите хобија, па дури и нашите масовно трансформирачки мисии за промена на овој свет кон подобро.

3. Нова година 2029...
Како би можела да изгледа новогодишна прослава во јануари 2029 година, само 10 години од сега?
Претпоставувам дека прославувањето ќе изгледа многу слично на она што го правиме денес.
Со таа разлика што технологиите на надградена и виртуелна реалност ќе ги „донесат“ половина од луѓето на семејната трпеза.
На полето на надградена реалност, технологиите од компаниите како ХТЦ (HTC), Меџик лип (Magic Leap), Мајкрософт (Microsoft) и Епл (Apple) ќе им овозможат на далечните членови на семејството и на пријателите да се придружат на разговор на мноштво различни начини. Некои може да се прикачат од другата страна на планетата и да се појават како полноправни учесници практично седејќи на столче од спротива на трпезата, додека други може да бидат фигури големи колку една десетинка и да стојат на самата маса.
Или, во случај на виртуелна реалност, би можеле да замислиме едночасовно дружење пред новогодишната вечера во целосно виртуелен свет со 100 далечни членови на семејството кои се приклучуваат од десетина различни места на светот за да разменат приказни и да чујат најнови искуства.
Како што оваа компактна, интерактивна виртуелна реалност во висока резолуција доаѓа онлајн, се гледам себе си како држам многу повеќе виртуелни предавања, па можеби дури и како реализирам целосни интерактивни корпоративни настани на Дел технологии (Dell Technologies) во околина на виртуелна реалност.
Иако сум фасциниран од моменталната состојба на оваа технологија, сепак сметам дека нејзината (блиска) иднина е уште повозбудлива.
Размислете вака: Што би сакале да споделите и да креирате со целиот свет доколку би можеле да бидете каде било, во кое било време, без физички да го напуштите вашиот дом или канцеларија?
Ние сме денес на граница на способност да се транспортираме насекаде виртуелно – да видиме сè, да доживееме сè, да направиме сè. Влегуваме во период на брза општествена трансформација, период во кој можеме да си ја најдеме нашата сродна заедница каде било во светот без притоа да глумиме сегашност. Влегуваме во ера во која традициите ќе се морфираат и каде што ограничувањата од минатите децении ќе се укинат овозможувајќи ни да ги рекреираме нашите социјални мрежи и нашите новогодишни прослави.
Навистина е неверојатно време да се биде жив!

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top