Е-Б-Ф-Б
ГЛАВНИ ПРЕПОРАКИ И КОМЕНТАРИ ОД ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ БЕЛА КНИГА 2018 НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ

Штефан Петер
Претседател на Советот на странски инвеститори

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија оваа година ќе го објави второто издание на публикацијата Бела книга 2018.
Белата книга 2018 е најпрепознатлива публикација на Советот, која има цел да придонесе за унапредување на бизнис-климата во земјава преку конструктивни препораки и мислења од нашите компании членки.
Овогодинешното издание опфаќа сет на приоритети на економските политики од перспектива на странските инвеститори, но дополнително нуди и предлози за олеснување на работењето во специфични области со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјава. Главната цел на Белата книга е да служи како платформа за комуникација со Владата и со другите релевантни чинители и активно се користи од страна на Советот и неговите членови во јавно-приватниот дијалог во тој поглед.

ОВОГОДИНЕШНОТО ИЗДАНИЕ НА БЕЛАТА КНИГА НА СОВЕТОТ ОПФАЌА: 

• ЗБИР ОД ПРЕПОРАКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ДЕЛОВНАТА СРЕДИНА;

• КОНКРЕТНИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ИЗМЕНА НА ЗАКОНИТЕ КОИ СЕ НАЈПРОБЛЕМАТИЧНИ ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ;

• ЕФИКАСЕН И ПРАКТИЧЕН ПРИДОНЕС ЗА КРЕИРАЊЕ НА ПОФЛЕКСИБИЛНА ИНВЕСТИЦИСКА КЛИМА ПОВОЛНА ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ;

• ПРОБЛЕМИ ПОВРЗАНИ СО НЕЕФИКАСНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И НЕПРЕДВИДЛИВОСТА НА ДЕЛОВНОТО ОКРУЖУВАЊЕ.

Белата книга е конципирана во неколку дела, и тоа:
- Меѓународно и регионално опкружување и анализа на економската состојба во Македонија,
- Анализа на деловната клима и клучни сектори од интерес за странските инвеститори (преглед на странски директни инвестиции, извоз и извозни потенцијали, работна сила и систем на формално образование, индустрија и реиндустријализација, инфраструктура, капитални инвестиции, дигитализација, фискално и парафискално оптоварување, корупција и неформална економија, е-услуги),
- Процена на регулаторната средина (предвидлива деловна средина, постапка за усвојување и спроведување на законите, ефикасна јавна администрација, консултација со деловната средина),
- Аспирации за приклучување кон НАТО и Европската Унија,
- Извештаи и рангирање на Република Македонија од меѓународни институции и тела,
- Поважни проекти на Владата на РМ за предвидливо деловно окружување, макроекономска стабилност и поттикнување на економскиот развој.

Глава 9 од изданието ги содржи препораките, предлозите и мислењата на петте работни групи составени од компании членки на Советот.
Улогата на работните групи е да ја мониторираат законската регулатива и да предлагаат препораки за унапредување на деловната клима во земјава и олеснување на водењето бизнис преку измени и дополнување на постојната легислатива.
Петте работни групи ги опфатија законските одредби во делот на: даноци и финансии, имотно-правни работи, човечки ресурси, административно-правни работи и безбедност и здравје при работа и заштита на животна средина.
Иако е направено многу во изминативе речиси две години од изборот на новата влада на економски план, сепак преостануваат бројни предизвици и проблеми кои треба да се решат и да се отстранат во наредниов период во насока на подобрување на деловниот амбиент, зголемување на конкурентноста, намалување на невработеноста и економски развој и благосостојба на граѓаните на Македонија.

Во таа насока, најголемиот дел од препораките од Белата книга се фокусирани за подобрување на деловната клима и олеснување на бизнисот, пред сѐ преку создавање предвидливо деловно опкружување, поефикасна администрација, стеснување на просторот за коруптивни активности, намалување на целокупните административни постапки и правни оптоварувања и преструктурирање на образовниот систем во Македонија со цел да се создава висококвалитетна и стручна работна сила. Ова е неопходно за предвидливо деловно опкружување со што би се привлекле и би се задржале странските инвеститори во земјава. Исто така се акцентира потребата од поголема вклученост на бизнис-заедницата при носењето на законската регулатива, која во одредени случаи е предмет на брзи и чести промени со повремена консултација на сите засегнати страни, што доведува до одредени импликации во работењето на странските инвеститори во земјава.

Понатаму странските инвеститори ја нагласуваат потребата од структурни реформи и значителни промени во однос на неефикасноста и бавноста на администрацијата при спроведувањето на законодавството, долгите трговски спорови и судски случаи, недоволно развиената инфраструктура, неадекватното спроведување на законодавството во некои локални самоуправи, трудовото законодавство кое има големо влијание врз развојот на пазарот итн.

Странските инвеститори ставаат особен акцент на овие предизвици со оглед на тоа дека нивното решавање ќе донесе мултиплицирани позитивни ефекти – поголема предвидливост, поефикасна администрација и, секако, помал потенцијал за корупција. Севкупната реформска агенда треба да воведе правила на игра кои ќе промовираат еднаков третман на сите чинители со што ќе се поттикнат и нови инвестиции без разлика на тоа дали тие се странски или домашни, големи или мали.
Секое стопанство има потреба од добра клима, стабилни и предвидливи работни услови и стабилни функционални институции. Во тој контекст, клучниот приоритет е промовирање на јавно-приватниот дијалог со зацврстување на соработката со надлежните институции кои ќе донесат придобивки и за странските инвеститори и за домашните компании.

СО ОБЈАВУВАЊЕТО НА БЕЛАТА КНИГА, СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ СЕ СТРЕМИ КОН ТОА ДА СТАНЕ АКТИВЕН ПАРТНЕР ВО КРЕИРАЊЕТО НА ПОДОБРА ЕКОНОМСКА И ДЕЛОВНА СРЕДИНА ВО МАКЕДОНИЈА

За да можат компаниите успешно да се носат со предизвиците на глобализацијата и изострената конкуренција на пазарот, неопходно е посебно внимание да се посвети на обезбедувањето стручен кадар со соодветни знаења и вештини што ги бара пазарот на труд.
Во моментов образованието не испорачува кадар каков што им треба на компаниите.
Во таа насока Белата книга ја акцентира потребата идентификувана од страна на странските инвеститори – утврдување конкретни мерки за обезбедување дефицитарни кадри, обезбедување стручен кадар со соодветни знаења и вештини што ги бара пазарот на труд.

Во поглед на странските директни инвестиции во земјава, во првото полугодие од 2018 година има рекорден влез од 327 милиони евра, што е за трипати повеќе во споредба со истиот период од минатата година кога нивото на инвестиции изнесуваше 105 милиони евра.

Напорите на Владата да реформира различни аспекти од деловното опкружување ја подобрија перцепцијата за земјава како поволна дестинација за странски директни инвестиции. Во моментов, околу 25 странски компании оперираат во технолошко-индустриските развојни зони – ТИРЗ. Факт е дека субвенциите помагаат при привлекувањето на некои големи инвеститори, но искуството покажува дека сериозниот економски раст е заснован на обезбедување добри услови за водење бизнис за сите така што повторно се враќаме на прашањето за квалитетот на деловната клима.
Креаторите на политики треба да го имаат предвид фактот дека странските инвеститори обично своите одлуки да инвестираат во некоја земја ги засноваат на цела серија фактори како што се: политичката стабилност, транспарентните правни и регулаторни системи, соодветна инфраструктура и квалификувана работна сила, додека субвенциите и другата поддршка обично не се клучни аспекти при донесување на ваквите одлуки.
Овие и многу други коментари и препораки на Советот на странски инвеститори ќе бидат презентирани на свечената промоција на „Белата книга“ која ќе се одржи на 12 декември 2018 година во Стопанската комора на Македонија пред високи владини претставници, бизнис--заедницата и меѓународните институции во земјава.
Со објавувањето на Белата книга, Советот на странски инвеститори се стреми кон тоа да стане активен партнер во креирањето на подобра економска и деловна средина во Македонија.
Целта на оваа Бела книга останува иста како и претходното издание: да се наведат посакуваните промени со цел да се подобрат условите за стопанисување и да се понудат конкретни предлози за тоа како тие може да се подобрат. Тоа треба да служи како основа за конструктивен дијалог меѓу приватниот сектор и властите за надминување на останатите пречки за поинтензивно инвестирање во земјава.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top