Lifestyle
МИРКО ПОПОВ – ЛУЃЕТО ИМААТ ПОТРЕБА ДА ИЗВАДАТ МАКСИМУМ ОД ФАКТОТ ШТО СЕ РОДЕНИ

МИРКО ПОПОВ

Возраст: 46 години

Стил: Електро, елегантно техно, хаус, поп, инди, џез, њу вејв, индастријал, трап, етно, амбиент, чиста апстракција и уште неколку сосема неодбранливи стилови

Особен знак: Хипнотизира со поглед птици и помали глодари

Резидент во: МКЦ, Епицентар, Минус 1, Винил, РадиоБар, секаде каде што сум добредојден

Песна/албум на 2018 г.: Песна: Creep Show – Safe and Sound; албум: Creep Show – Mr. Dynamite

Доктор ДЏ, ако твоите слушалки ги замениш со докторски, која е твојата дијагноза за пулсот на Скопје/Македонија?
„I should have been a doctor, oh, than they can see what they’re getting“ - (Прифаб спраут – Донт синг).
Настрана моите фантастични, но бесцелни аудиоестетски алузии, мислам дека веќе некое време не сум најадекватен да бидам објективен на оваа тема. Таму надвор по скопските клубови неконтролирано „хараат“ диви орди на сосема нови младинци, поубави, подотерани и поподготвени да се соочат со предизвиците овде и сега. Имаат комплетно ново согледување на клупската сцена, нови потреби, нови мултимедијални колективи, нови дроги и нови диџеи кои мораат да бидат послушани. Гледам дека ентузијазмот за танцување и неконтролирани викенд авантури е сѐ уште на извонредно високо ниво и тоа е сѐ што треба да знаете за виталноста на оваа сцена/култура. Од естетизиран андерграунд и чиста креативна музичка искра, па сѐ до банална комерцијализација и назад, се движиме на 10-тина години во просек, натаму-наваму. И тоа е убаво на некој начин, луѓето имаат потреба да извадат максимум од фактот што се родени. Тоа оди во прилог на клупската култура. Отсекогаш било така.

Со еден збор, во каква Македонија сакаш да живееш во 2019 г.?
Глобализирана.

И за тебе Мирко, едно бонус прашање: Дали навистина „стана ДЏ ради манекенки“?
Секоја песна што ја пишувам е молитва. Да верував во Бог, ќе беше манекенка.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top