Перспектива
ВО 2019 ГОДИНА „ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС“ СО УШТЕ ПОДОБАР КВАЛИТЕТ, А ДВОЈНО ПОНИСКА ЦЕНА

Зоран Јовановски
Авторот е економист

 

„Денес читател, утре лидер“ – “Today a reader, tomorrow a leader” (Маргарет Фулер)

„Економија и бизнис“, како бизнис-магазин со најдолга традиција во нашава земја (21 година), од овој број влегува во нова фаза на важни промени за кои сакам да споделам неколку збора.
Најпрвин, цената на магазинот е преполовена. Сега читателите добиваат бизнис-магазин со престижни содржини од реномирани автори, на 120 страници, во луксузно издание, за 150 денари месечно. Причината за намалувањето на цената е многу едноставна, магазинот да стане подостапен за многу поширока публика која сака да го чита. Ги направивме потребните внатрешни прилагодувања, не беа лесни, и овозможуваме полесен пристап до магазинот.

Иако цената е преполовена, квалитетот не се намалува, напротив, се подобрува. Бројот на страници останува ист (120), ќе има нови рубрики, пишувачи од странство, актуелни теми, не сите за економија, туку и за пошироките интелектуални потреби. Во печатената верзија нема повеќе англиско катче, кое е заменето со дополнителни содржини.

Времето е скапоцено, затоа „Економија и бизнис“ ќе продолжи да нуди квалитетна платформа што овозможува полесно да се носат одлуки, за бизнисот или за сопствената професионална кариера. За да се биде поуспешен важно е да се има јасна слика за амбиентот во кој се работи. Магазинот и понатаму ќе нуди квалитетни анализи на актуелните случувања и трендови, подготвени од реномирани експерти од земјава и од странство, како и предвидувања за иднината. Да не заборавиме, денес е лесно да се дознае што, кога и каде се случило, поентата е да ги разбереме причините и последиците.

Притоа „Економија и бизнис“ продолжува без дневна политика и партиски агенди. Преку исклучително позитивен пристап што создава додадена вредност за читателите, целта е да се придонесе за поголем успех, а со тоа и се дојде до подобар бизнис-сектор, подобар економски амбиент и подобро општество. Добрите бизнис-идеи заслужуваат да бидат промовирани, тешкотиите идентификувани и можни решенија понудени.
Во времето на т.н. „лажни вести“ годи огромната доверба од читателите. Затоа не е изненадување што претплатници на „Економија и бизнис“ се луѓето кои носат одлуки, сопственици на бизниси од приватниот сектор, менаџери, претставници на државниот сектор, меѓународната заедница и академската фела.

Конечно, од овој број и тиражот е зголемен за 50 % и магазинот ќе може да се најде низ трафиките во земјава.
Човек никогаш не знае кога и каде ќе прочита нешто и ќе добие идеја за поголем успех. Како што вели Емануел Рембер, директорот на Францускиот институт во Скопје, во својот текст во овој број: „Читајте! Дури и преку рамото на тој што е до вас, но само читајте!...“

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top