Општество
Ана Илиева: МАКЕДОНИЈА ВО НАРЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ

Ана Илиева
Средношколец од Средно училиште на град Скопје - Гимназија „Орце Николов“

Има нешта во животот кои немаат замена и кои ги сакаме и тогаш кога сме блиску или далеку од нив, и тогаш кога сме свесни за нивната простодушност и несовршеност. Едноставно некои работи ги прифаќаме и ги сакаме затоа што се наши. И нивната посебност е токму во тоа. А кога од нас ќе побараат да ги опишеме, тогаш ѝ се препуштаме на фантазијата и го потенцираме она што сакаме да го видат и оние кои немаат сериозна емотивна врска со предметот на нашата искрена љубов. Покрај родителите и пријателите, една сосема специфична љубов и приврзаност е и онаа кон татковината, родната грутка, парчето земја за кое те врзуваат спомените, соништата, плановите, драгите луѓе, детството, младоста...

Како би ја опишале својата земја? Како чудесна, една, единствена, посебна, наша... Нејзината убавина е очигледна и неспорна: мојата татковина е земја на реките, на езерата и на планините, на пространите полиња, на житници и на пасишта, земја на живописните селца расфрлани по планинските падини и земја на шаренолики градови во кои се судира старото и новото, доживеаното и незаборавеното и она што допрва доаѓа. Мојата чудесна татковина е земја на сонцето распослано над височините, земја на црквите, на манастирите и на убавините во чии пазуви ќе ја смирите душата и ќе го одморите телото, дом за сите добронамерници и пријатели и топла прегратка за сите оние кои бараат дом и разбирање.

Ако прочепкаме под пластот на историјата и на минливоста, под превезот на времето одамна минато, пред очи ни излегуваат артефакти, предмети кои сведочат за минатото и покажуваат каде се нашите корени, до каде допираат нашите корени и од каде нашата свест и сознание за тоа кои сме и што сме. Во оваа земја историјата се пишувала со крв, со болки и со неправди. Таа повеќепати од пепел се кревала, разурната и опустошена молкум траела.
Да, тоа е таа, мојата Македонија. Онаа која ја носам во срцето, онаа која ми трепери во градите и ми ја топли душата.

ЈА ГЛЕДАМ МОЈАТА ТАТКОВИНА ВО СВОИТЕ СЕГАШНИ ГРАНИЦИ, КОИ ЌЕ ГО СОПРАТ СЕКОЈ КОЈ НЕ ИМ МИСЛИ ДОБРО НА НАШИТЕ СОГРАЃАНИ, А ШИРУМ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ И ЌЕ ИМ ПОЖЕЛАТ ДОБРЕДОЈДЕ НА СИТЕ ВЉУБЕНИЦИ ВО УБАВАТА ПРИРОДА И ГОСТОПРИМЛИВИТЕ ДОМАЌИНИ. ЈА ГЛЕДАМ МОЈАТА МАКЕДОНИЈА КАКО РАЗВИЕНА ЗЕМЈА КОЈА ИМА СВОЕ МЕСТО ВО СИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ И КОЈА РАМНОПРАВНО СО ДРУГИТЕ ДОНЕСУВА ЗНАЧАЈНИ ОДЛУКИ ЗА СЕБЕСИ И ЗА РЕГИОНОТ, ЗЕМЈА КОЈА МОЖЕ ДА СЕ ПОФАЛИ СО МЛАДИ ЛУЃЕ СО ЛИДЕРСКИ СПОСОБНОСТИ, КОИ НЕСЕБИЧНО СЕ ВЛОЖУВААТ ЗА ПОУБАВОТО УТРЕ НА СВОИТЕ ЛУЃЕ

Времињата минуваат. Луѓето се менуваат. Свесни за минливоста на мигот и краткотрајноста на човековиот век, честопати создаваме визии за некое – повеќе или помалку – далечно време и составуваме мозаик од луѓе и настани кои ќе го носат товарот на иднината. Многумина од нас имаат проблем да ѕирнат отаде временската завеса и да претпостават што ќе биде утре, по месец, година, деценија, две, три...

Темата поставува едно прилично неизвесно прашање: Каде и какви ќе бидеме по четврт век?

Како ја гледам мојата родна земја по 25 години? Период долг од аспект на траењето на човековиот живот, но краток од аспект на историјата. Мојата визија веројатно ќе произлезе од моите сништа и од она што искрено им го посакувам на мојата земја и на мојот народ.

Ја гледам мојата татковина во своите сегашни граници, кои ќе го сопрат секој кој не им мисли добро на нашите сограѓани, а ширум ќе се отворат и ќе им пожелат добредојде на сите вљубеници во убавата природа и гостопримливите домаќини.
Мојата татковина веќе не е изолирана земја која е дел од една несреќна група држави кои знаат каде им е местото, но не и како да стасаат дотаму. Мојата држава веќе не е земја која мора да го докажува своето име, потекло и историја, да спори и да докажува за сето она што природно му припаѓа на еден народ кој „и ѕвездите ги научи да шепотат на македонски, а никој не го знае“!

Ја гледам мојата Македонија како развиена земја која има свое место во сите организации и која рамноправно со другите донесува значајни одлуки за себеси и за регионот, земја која може да се пофали со млади луѓе со лидерски способности, кои несебично се вложуваат за поубавото утре на своите луѓе.

Мојата Македонија е земја на среќни деца, на успешни родители и на горди баби и дедовци. Тоа е земја во која семејството е најважната алка во синџирот институции кои ја градат иднината на децата, место каде што децата ги стекнуваат основните животни навики и учат какви треба и какви не треба да бидат. Семејството е „училиште“ каде што се изучуваат основните животни вештини: да бидеш чесен, вреден и да знаеш да ги почитуваш вистинските вредности... Тоа е стартната позиција за секој натамошен успех, за секоја голема или мала победа. Мојата Македонија е земја на задоволни луѓе, луѓе кои се грижат за иднината на генерациите кои надоаѓаат, кои се грижат за тоа да ја сочуваат природата и опкружувањето, градејќи индустриски објекти кои ги задоволуваат сите еколошки стандарди. Високите концентрации на ПМ-честичките се минато, но не се заборавени, за да нè предупредат доколку заборавиме што може да се случи кога нема да ги испочитуваме прописите.
Сонувајќи со отворени очи ги гледам полните кафулиња, насмеаните лица на младите и спокојството што се чита на нивните лица. Тие веќе не се загрижени и безидејни иселеници. Пред нив се големи предизвици, а тие се подготвени да се борат за себеси. Среќни се и задоволни и не помислуваат да заминат далеку од овде за да се најдат себеси. И овде имаат сè што ќе посакаат. Кога заминуваат одовде, како и сите други, тие се туристи кои уживаат во животот и во патувањето во егзотични и привлечни дестинации...

Пред да ги отворам очите замислувам дека во тие 25 години чекорење пред времето, со закон е забрането да се зборува за политика, луѓето да се делат на „леви“ и на „десни“, наши и ваши, добри и лоши. Има толку многу работи за кои едноставно вреди да се живее, а младите сакаат да живеат.

Минатото е закопано длабоко во историјата. Нам ни е оставена можноста да бидеме креативни, да љубиме и да бидеме љубени, да веруваме во заедништвото и меѓусебната соработка и да градиме нов и поубав свет за нас и за нашите деца.
Чудно е кога едно кусо патување во иднината може да ти ги наполни батериите и да ти даде волја и идеја за тоа како понатаму. Она што го видов во текот на таа куса прошетка на крилјата на фантазијата ми дава волја дека овие темни облаци што се надвиснале над нашава земја еден ден ќе се кренат, а ние ќе живееме како сите други луѓе свесни за вистинските вредности кон кои треба да се стремиме.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top