Е-Б-Ф-Б
Е-УСЛУГИ ОД ДОВЕРБА – ВАЖНА АЛКА ВО ПРОЦЕСОТ НА ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Симона Мишева
Авторот е специјалист за продажба и маркетинг во Некстсенс

Дигиталната трансформација и услугите од доверба – главни двигатори на раст и на нови извори на приходи

Дигитална трансформација, предуслов и предизвик за успех
Дигиталната трансформација денес е неопходна потреба за раст на секоја развојно ориентирана организација. Придобивките од дигитализацијата се неспорни. На интернационално ниво веќе со години дигиталните процеси, во нераскинлива врска со електронските услуги од доверба, се присутни во бизнисот и носат значителна добивка за компаниите со визија кои успешно пловат кон целта – поголем профит и подобра конкурентска позиција. Предностите се видливи за многу кратко време и кај организациите со „мал стаж“ во оваа област.

Дигиталната безбедност – клучен фактор за бизнис од доверба
Дигитализацијата подразбира имплементација на процеси кои гарантираат апсолутна безбедност на документите, целосна контрола и следливост на процесите, како и автентичност и потврда на идентитетот на сите вклучени учесници во процесот.
За да се решат на одлучувачкиот чекор – автоматизација и дигитализација на бизнис-процесите, односно замена на хартиено работење со електронско, организациите барат цврста гаранција дека електронските документи, вклучително и електронскиот потпис и печат, ќе имаат иста правна валидност како и хартиените. Второ значајно прашање кое се отвора е меѓународното признавање на дигиталните документи и нивната прекугранична размена. Единствениот излез за сите стејкхолдери – бизнисот, државата и ИКТ-провајдерите е обезбедување услуги врз основа на европската регулатива и највисоките европски стандарди.

Голем број компании веќе ги постигнуваат деловните резултати што ги очекувале преку нивните иницијативи за дигитална трансформација. Во финансиската и трговската индустрија, околу 30% од проектите имаат постигнато успешни резултати, додека кај другите индустрии статистиките се: транспорт (25 %), производство (21 %) и здравство (14 %).

*Global Digital Transformation Survey Report 2018 – by Fujitsu Future Insights

Нова предлог законска регулатива во Република Македонија за користење е-услуги од доверба
Следејќи ги европските искуства и стандарди во оваа област и во нашава држава се поставуваат основите за безбедна дигитална трансформација. Во подготовка е закон со кој се регулира работењето и управувањето со електронски документи и електронски потпис и печат во Република Македонија во согласност со eIDAS-регулативата на Европската Унија.
Со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги од страна на Министерството за информатичко општество и администрација се уредува и се пропишува создавањето, складирањето, обработката и употребата на овие документи, електронската идентификација и доверливите услуги и се уредува нивното значење во управни и судски постапки.
Законот го утврдува правниот режим на употреба, начинот на чување и валидацијата на електронскиот печат, електронскиот потпис, електронските временски жигови, електронските документи, услуги за препорачана електронската достава и услуги за проверка на автентичноста на веб-страниците.
Во согласност со членот од Законот, со кој се регулира правно дејство на електронскиот документ, електронскиот документ има иста правна и доказна сила како и писмената форма на документот, во согласност со закон.
Електронскиот документ не може да се оспори како доказ во управна или судска постапка само затоа што е создаден во електронски облик.
Сигурноста во процесот на праќање и на примање податоци преку употреба на електронски потписи и печати придонесува да се спречи можноста за неавторизирана/насилна промена на податоците во електронски доставените документи.
Е-документите кои се испратени или се пристигнати по електронски пат и содржат електронски потпис или печат како потврда за нивната содржина, неменливост и за идентитетот на праќачот ја имаат истата правна и доказна моќ како и физичките документи. Автентичноста и неменливоста на содржината на документот може дополнително да се гарантира и со аплицирање на временски печат. Со временскиот печат се поврзуваат датумот и времето на креирањето на документот, односно неговата содржина со аплицираниот електронски печат и/или потпис. Доказната сила на електронскиот временски печат издаден од деверлив издавач на временски печати според Законот не може да биде оспорена.



(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top