Општество
ГЕРМАНСКАТА ВЛАДА СЕ СОГЛАСИ ДА ГО ПОТПИШE ПРОТОКОЛОТ ЗА ПРИСТАП НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

31.01.2019 година

На конференцијата за печат на Владата на Сојузна Република Германија од 30 јануари, портпаролот на Владата информираше:

„Сојузната Влада се согласи да го потпишe Протоколот на Северно-атлантскиот договор за пристапот на Република Северна Македонија. Ние сме убедени: пристапот на Северна Македонија кон НАТО ќе претставува придонес за безбедноста и стабилноста не само во евроатлантскиот простор и нема да ја зајакне само трансатлантската заедница, туку тој ќе биде важен импулс за понатамошно стабилизирање на Западен Балкан. Значи, тоа навистина е добра вест за Европа и за трансатлантската алијанса.

Како што е познато, предуслов за претстојното членство на Северна Македонија во НАТО беше решавањето на долготрајниот спор за името со Грција. Во јуни минатата година двете влади во Скопје и Атина го склучија таканаречениот Договор од Преспа за да го решат ова прашање за името. Станува збор за историски договор, со кој Скопје и Атина напишаа историја и надминаа спор, кој траеше повеќе од 25 години. Шефовите на државите и владите на земјите-членки на НАТО во јули 2018 година врз основа на овој Договор се согласија да ја врачат поканата за почнување на пристапните преговори со Владата во Скопје. Услов за тоа беше внатрешното спроведување на Договорот, кое е завршено со гласањето во парламентите во Скопје на 11 јануари и во Атина на 25 јануари.“

Портпарол Зајберт изјави и следното: „Пристапот кон НАТО ќе влезе во сила откако сите држави-членки на НАТО поединечно ќе ја достават информацијата дека го ратификувале пристапниот Протокол. За таа цел, во Германија потребен е закон за договор. Сојузната Влада ќе се залага за брзо донесување на овој закон за договор. Од моментот кога пристапниот Протокол ќе биде потпишан во Брисел, Северна Македонија ќе има статус на набљудувач во Алијансата.

Во врска со интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, владиниот портпарол изјави: „Европската перспектива постои и за Северна Македонија и за сите земји од Западен Балкан. Тоа значи, тие ја имаат согласноста за пристап кон ЕУ штом ги исполнат сите предуслови за тоа. Европскиот Совет најрано во јуни 2019 година ќе одлучи дали со Северна Македонија ќе бидат почнати преговорите за пристап кон ЕУ, пришто основен критериум за позитивна одлука секако е, Советот да утврди доволно висок степен на исполнување на условите, пред сѐ, напредок во врска со видливи и одржливи реформи, на пример, во борбата против организираниот криминал или корупција. Во јуни минатата година, Советот едногласно одлучи кои предуслови поединечно мора да бидат исполнети."

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top