Е-Б-Ф-Б
ВРВНИ КАНАДСКИ МЕНТОРИ ГИ ЗАЈАКНУВААТ КАПАЦИТЕТИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЖЕНСКИ ЗДРУЖЕНИЈА

31.01.2019 година

Со поздравно обраќање на Н.Е. Кати Чаба - Амбасадор на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора се отвори панел-дискусијата „Жени-претприемачи и канадски експерти: Менторство, развој и одржливост“, во организација на Македонија2025, која се одржа денeска во DoubleTree Hilton - Скопје. На настанот присутните имаа можност да дискутираат за најдобрите практики поврзани со женското претприемништво во Канада и Македонија, најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските жени-претприемачи, но и за нивната соработка со консултантите од Канадската организација за извршни услуги CESO SACO.

„Драго ни е што соработуваме со кредибилна организација каква што е Македонија2025 на овој проект. Среќни сме што волонтерите од Канадаската организација за извршни услуги CESO SACO помагаат со своето искуство и знаење на македонските женски организации, во насока кон постигнување на поголема родова еднаквост, како и промоција на женското претприемништво воопшто.“ – посочи Н.Е. Кати Чаба.

Консултантката од Канадската организација за извршни услуги CESO SACO – Џенифер Лавуа изјави дека своите знаења ги пренесуваат на начин применлив за македонските клиенти и бизниси.

„Навистина ми е драго што сум во прекрасната Македонија. Тука сме да менторираме, водиме, слушаме. Изминатите две недели работев со ЕЛИТ – Здружение на жени-менаџери и со Здружението на бизнис жени - Македонија. Тие се навистина мотивирани да направат позитивна промена во македонската економија, па така заеднички работиме на надминување на предизвиците и зајакнување на женскиот глас во општествениот живот.“

Изабела Соколовска – Претседател на Институтот за развој на креативниот и иновативниот потенцијал кај млади и возрасни луѓе - Creative Macedonia го пренесе своето директно искуство за соработката со канадскиот експерт Денис Џоунс.

Нашиот канадски експерт, господинот Денис Џоунс, несебично го сподели своето искуство со нас и со девојките и жените со кои ние соработуваме. Неговото долгогодишно искуство и неговата несебична поддршка ни го отворија патот кон изнаоѓањето на решенија за проблемите со кои се соочуваме. Видливост, промоција, поддршка, претприемништво, напредок? Благодарение на господинот Џоунс, веќе имаме планови како да ги надминеме препреките поврзани со овие поими, но клучното е што тоа не се решенија произлезени од униформираноста на справувањето, туку од креативноста на нашите битија.

Панел-дискусијата се организираше во рамки на проектот финансиран од Канадскиот фонд за локални иницијативи, поддржан од Амбасадата на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора, а во насока на зајакнување на женското претприемништво и родовата еднаквост во Македонија. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top