Интервјуа
РЕТКО СЕ СМЕАМ ТАКА НА ГЛАС И СО СОЛЗИ

Сашко Коцев
актер кој сите го сакаат

Иако во својата досегашна актерска кариера има реализирано и на филм и во театар повеќе драмски, отколку комични улоги, јавноста го препознава, пред сѐ, како исклучителен комичар. Тој верува дека комедијата му ја припишуваат најмногу поради Бубамара, што од една страна му олеснува затоа што публиката е однапред купена, но многупати му е потешко бидејќи е постојано под поголема лупа и од него сите имаат големи очекувања со секое негово појавување на сцената. Сепак Коцев е еден од оние ретки изблици на креативно позитивна енергија, која сите подеднакво ја сакаат. Својот талент тој го објаснува како континуирана и напорна работа. Во трка е со самиот себе. Има поставено високи критериуми и не го задоволува просечноста, па затоа е самокритичен и строг пред себе, а резултатот е повеќе од евидентен.


Вие сте можеби единствениот актер во земјава, кој публиката недвојбено го сака. Добро, еве има уште еден, кога подобро ќе размислам. Ова е куриозитет земајќи предвид дека во нашиот генетски код со болдирани букви се впишани меѓусебното завидување, потценување, критикување, исмејување и омраза. Ама Вас баш сите Ве сакаат Сашко. Како го дешифрирате овој феномен?

С.Коцев: Понекогаш се прашувам дали е тоа воопшто добро затоа што познати мислители тврдат дека ако им се допаѓаш на сите значи нешто не е во ред. Јас не се трудам да ги задоволам сите вкусови и сечии мислења, јас само работам. Само се трудам да бидам најдобар во претставата, ако е стендап да бидам најдобар, ако е филм да бидам најдобар, што не значи дека секогаш ми успева и не значи дека сум најдобар. Но, само се трудам, ја имам таа мисла секогаш, не се задоволувам лесно самиот себе и резултатот е видлив.

Пред 8 години во едно наше интервју изјавивте дека дотолку уживате кога ќе ја растреперите публиката со вашиот хумор, што во тие моменти произведувате бесконечен адреналин измешан од љубов и среќа, што прави да поверувате дека можете да ја кренете на раце целата публика наеднаш. По толку години на сцената, уште Ве „работи“ истото чувство?

УМЕТНИК - ПЕРФОРМЕР НЕ СМЕЕ ДА ПРОЛЕЕ КРВ. ТОЈ Е ОГЛЕДАЛО КОЕ ПОКАЖУВА КОЛКУ КРВ СЕ ПРОЛЕАЛО И НИЗ ЕДЕН КАТАРЗИС ДА ЗАКЛУЧИМЕ ТОА ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ

С.Коцев: Секако, тоа чувство е мојот бензин. Разликата од тогаш е само тоа што сега можам да го контролирам и да го дозирам. Да не дозволам да ме понесе тоа и во тој момент да отидам до крај, туку да застанам на нозе и да го задржам нивото на она што го работам уште повисоко.

Хуморот е најтежок жанр за актерска игра. Се учи и на Академијата, ама ако не го носиш во себе тој жар, мислам дека подвлекувањето со фломастер од скрипта и нема многу да заврши работа. Е сега има хумор и хумор, актер и актер, публика и публика. Вие за кој хумор навивате?

С.Коцев: За хумор што не е смешен за да биде смешен, туку хумор кој носи една тежина со себе и те освојува со својата содржина без разлика колку многу или малку ќе биде смешен. Хуморот е најголемото прочистување. Јас обожувам духовити луѓе затоа што духовитиот човек е многу интелигентен. Не човек што кажува вицеви, туку оној кој ги гледа работите од една различна призма. Таквиот расчистил со својата суета затоа што е сигурен во себе и нема страв дека ќе згреши, туку ги гледа работите од обратната страна. Не користи стереотипи, не верува и не се убедува лесно во работите од денешницата и опкружувањето. Ете таков.

Погледнете ја само политичката ерупција на глупоста, која веќе не ја собира во рамките на нормалното, па почна и да се прелева. Некаде прочитав дека овој срамен циркус по монтипајтоновски рецепт што ѝ се случува на земјава од Вас ќе изискува барем 5 часа само стендап во следното издание на Бубамара... Што најмногу Ве засрамува како Македонец изминатиов период?

С.Коцев: Мислам дека опкружувањето и случувањата ќе нѐ донесат дотаму што на крајот воопшто нема да бидат споменати. А кога ќе ти стане сеедно е најопасно. Посебно кога уметникот ќе го донесат дотаму да му стане сеедно.

УМЕТНИК - ПЕРФОРМЕР НЕ СМЕЕ ДА ПРОЛЕЕ КРВ

Кога со вистинската вистина критички му се обраќате на политичкиот естаблишмент, низ еден комичен манир, изгледа дека никој не Ви замерува, напротив, и самите се смеат. Ова ме потсетува на една сцена од филмот „Лажго, лажго“ кога ликот на Џим Кери низ доза на хумор дотолку искрено го критикува бордот во компанијата каде што работи, што на крајот сите во хистерија завршуваат од смеење. Ова е затоа што не се свесни за своите маани и промашувања или затоа што Вие знаете да го сервирате толку добро?

С.Коцев: Па, има разни варијации на ова прашање и различни оправдувања. Јас вешто ги бирам зборовите за никој да не може да крене гард. Сето тоа е скриено зад она – во име на забавата и никогаш не зборувам лаги. Само факти, кажани низ мојата призма и смисла на гледање, а секоја сличност е намерна.

Тоа значи дека Ви успева со гумен нож да ги боцнете, а сепак да не потече крв?

С.Коцев: Потекува, ама малце, само од прст, не од вена... (се смее). Уметник - перформер не смее да пролее крв. Тој е огледало кое покажува колку крв се пролеало и низ еден катарзис да заклучиме тоа да не се повтори.

Се сеќавам на една Ваша изјава дека публиката сака и се возбудува на хумор базиран на вистината само затоа што некој се осмелил тоа јавно да го каже, а да не е казнет. Се чувствувате привилегиран што ја имате оваа предност? Ем ја плескате вистината во очи ем за тоа сте награден со аплауз.

С.Коцев: Па кој крал некогаш се налутил на дворската луда за тоа што го исмеал на вечерата? Тој, напротив, тоа го користи и со тоа што не се лути, тој само станува уште поголем во очите на другите.

Иако, покрај во комедијата, подеднакво се докажавте и во драмски, филмски и театарски улоги, сепак, публиката и јавноста воопшто штом ќе се појавите очекува да кажете или да направите нешто духовито. Напорно е ова темпо и дали сте во постојан грч да ги задоволувате очекувањата?

С.Коцев: Сепак оваа болка ја надминав кај онаа редовна театарска публика. А комедијата ми се припишува најмногу поради Бубамара. Тоа е најгледаното нешто во Македонија, па неизбежно е да те гледаат во тоа светло. Од една страна ми олеснува затоа што публиката многу пати е веќе однапред купена. Но, многу пати ми е доста потешко затоа што сум под поголема лупа и од мене многу повеќе се очекува. Јас морам секогаш со нешто многу посилно да ги изненадам затоа што многу добро ме знаат и имаат видено многу од мене.

САКАМ ХУМОР ШТО НЕ Е СМЕШЕН ЗА ДА БИДЕ СМЕШЕН. ТУКУ ХУМОР КОЈ НОСИ ЕДНА ТЕЖИНА СО СЕБЕ И ТЕ ОСВОЈУВА СО СВОЈАТА СОДРЖИНА БЕЗ РАЗЛИКА КОЛКУ МНОГУ ИЛИ МАЛКУ ЌЕ БИДЕ СМЕШЕН. ХУМОРОТ Е НАЈГОЛЕМОТО ПРОЧИСТУВАЊЕ. ОБОЖУВАМ ДУХОВИТИ ЛУЃЕ ЗАТОА ШТО ДУХОВИТИОТ ЧОВЕК Е МНОГУ ИНТЕЛИГЕНТЕН. НЕ ЧОВЕК ШТО КАЖУВА ВИЦЕВИ, ТУКУ ОНОЈ КОЈ ГИ ГЛЕДА РАБОТИТЕ ОД ЕДНА РАЗЛИЧНА ПРИЗМА. ТАКВИОТ РАСЧИСТИЛ СО СВОЈАТА СУЕТА ЗАТОА ШТО Е СИГУРЕН ВО СЕБЕ И НЕМА СТРАВ ДЕКА ЌЕ ЗГРЕШИ, ТУКУ ГИ ГЛЕДА РАБОТИТЕ ОД ОБРАТНАТА СТРАНА. НЕ КОРИСТИ СТЕРЕОТИПИ, НЕ ВЕРУВА И НЕ СЕ УБЕДУВА ЛЕСНО ВО РАБОТИТЕ ОД ДЕНЕШНИЦАТА И ОПКРУЖУВАЊЕТО. ЕТЕ ТАКОВ.

Што Вас може да Ве насмее до солзи?

С.Коцев: Ретко се смеам така на глас и со солзи. Но, ме засмејува непосредноста и ненаметнатиот хумор, кога тоа што ќе ме насмее дошло од никаде и се створило и израснало од дадената ситуација.

Станавте и родител минатата година. Сѐ уште е рано за полнокрвна интеракција со Вашата ќерка која сѐ уште е многу мала, ама верувам дека наскоро ќе почне да го разбира хуморот на нејзиниот татко. Во меѓувреме почнавте да играте и претстави за деца и младинци. Сум била сведок на слатко и гласно смеење кај децата во публиката на Вашата изведба како Џафар во „Аладин“. Успеавте да ги „купите и најискрените срца“. Тогаш што уште преостанува Сашко? Што е следно?

С.Коцев: Навистина детска претстава немав одиграно повеќе од 10 години. За „Аладин“ дури и самиот се понудив да играм и покрај преголемата зафатеност во репертоарот на МНТ. Следно се: два филма веќе снимени, една серија во најава и три нови премиери за следната сезона на сцената на МНТ.

Разговараше: Ивана Тасев
фото: Александар Ивановски

(Економија и бизнис, печатено издание, декември2018/јануари 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top