Интервјуа
ПРОГНОЗИРАЊЕТО НА ИДНИТЕ ИНСПИРАЦИИ Е БАРОМЕТАР ЗА НОВИТЕ ТЕНДЕНЦИИ

Кристина Глигоровска
моден аналитичар, уредник и консултант

Мода и современа технологија

На прв поглед лесно е да се каже дека модата е несериозна работа за празноглави и самобендисани ликови. Освен пасионираните следбеници кои се свесни за сличностите меѓу дизајнот и ликовната уметност, малку луѓе се во тек со софистицираната страна на овој бизнис. Но, модата е индустрија која генерира огромен профит и значи вработување за стотици различни профили.
Редок и особено интересен теоретичар – Кристина Глигоровска е моден аналитичар, уредник и консултант. Со десетина години искуство во областа на модните медиуми и истражувања, нејзиниот фокус се модата и технологијата. Таа е консултант за развој на модни брендови, особено во областа на предвидувањето на трендовите, учесник и говорник на глобални конференции во Токио, во Лондон, во Антверпен и во Париз. Магистрирала во областа на Модната теорија при Универзитетот во Стокхолм, со истражувачки престој во Парсонс, Њујорк, како и завршени МБА студии за глобални модни медиуми на Меѓународната академија за мода (IFA) во Париз и во Шангај.


Денес модната индустрија располага со нова и револуционерна техника за изработка на облека и на модни додатоци. Како ќе се развива приказната со 3Д-отпечатоци?

К. Глигоровска: Тродимензионалното печатење во модата на 21 век е можност за отстапување од традиционалната занаетчиска дејност, а тоа подразбира и комплексна интеракција меѓу потрошувачот, брендот, дизајнерот и производот со помош на 3Д-метод. Тродимензионалното печатење е уште една карактеристика што ја отсликува човековата желба за надминување на јазот меѓу виртуелната сфера и реалноста, тоа е врската што ја поврзува дигитализацијата со опипливите креации. Оваа иновативна високотехнолошка техника нуди единствена можност за „печатење по мерка“, што се претпоставува дека ќе остави отпечаток на поимите персонализација и новитет кои се основа во модниот бизнис. 3Д-продукцијата на облека и на модни додатоци може да стане синоним за следното ниво на консумеризам и може да ги трансформира модните следбеници во иноватори и во креатори.
3Д-креациите се често присутни на модните ревии, а Ирис ван Херпен е креаторката која со својата колекција пролет – лето 2010 го отвори патот. Дизајнерите и брендовите како Јуима Наказато, Ноа Равив, Данит Пелег, колекцијата висока мода на Шанел (есен – зима 2015/2016) несомнено ја отсликуваат можноста за 3Д-револуција во модната индустрија. Видливите навестувања за сѐ почестата употреба на 3Д-печатењето иницираат дијалог за тоа како да се користи овој иновативен метод во разни технолошко-иновативни модни компании. Една од нив е и Војд студиос (VOJD Studios), компанија за 3Д-накит со седиште во Берлин, која досега има соработувано со брендови / дизајнери како Прабал Гурунг, Акрис и АФ Вандерворст, како и неколку експериментални компании.
3Д печатените облеки, накит, очила за сонце, часовници и разните модни додатоци се опишуваат како моментален баз (buzz), но јасно и разбирливо е дека сѐ уште е рано да се зборува за можноста да ги печатиме овие модни предмети во нашите домови. Засега 3Д печатењето е подобро прилагодено за цврсти материјали и геометриски форми наспроти меките материјали и органските форми, а тоа е главната причина поради која оваа сѐ уште луксузна техника е развиена и најмногу се употребува при изработка на накит, на очила и на часовници.

Кое е местото на холограмските проекции во модата? Од каде е оваа потреба за патување во друга димензија?

К. Глигоровска: Холограмите се појавуваат на модната сцена како некој вид патници низ времето, кои го означуваат минатото. Тие дејствуваат симболично во сегашноста и брзо исчезнуваат притоа оставајќи го прашањето за нивната потенцијална иднина. Холограмските проекции се своевиден спектакл за публиката, а во исто време ги покануваат сите засегнати страни од модната индустрија на кратко патување во непознатото каде што можеби ќе ја најдат својата следна инспирација. Овие виртуелни реплики се појавуваат како тренд во современата модна сцена како резултат на фузијата меѓу развојот на визуелната технологија и на модата.
Александер Меквин беше првиот моден дизајнер кој ја употреби оваа технологија создавајќи етеричен холограм на Кејт Мос при презентацијата на колекцијата есен – зима 2006 во Париз. Оваа ревија беше предвесник на појавувањето на овој нов тренд во претставувањето на модните креации.
Употребата на оваа инвентивна техника е присутна на модните писти во последнава деценија, а тоа може да се забележи во презентациите на Дизел (Diesel (пролет – лето 2008), Виктор и Ролф (пролет 2009), Стефан Екерт (пролет 2011), ретроспективната изложба на Кристијан Лобутен (мај 2012), а последен пример е и употребата на холографски материјали во колекцијата на Џон Галијано за куќата Мезон Марџела (пролет 2018).
Присуството на холограмите на модните ревии, изложби и презентации предизвикува емотивни реакции кај гледачите, но на крајот се поставува прашањето дали новите технологии го означуваат нашиот порив да избегаме во виртуелната реалност и се само комодитет со неизвесна иднина во модата.
За одговор на ова прашање ќе треба да ги почекаме анализите на експертите за предвидување на модни трендови и тенденции.

Како се случува предвидувањето на модните трендови?

К. Глигоровска: Модната индустрија е секогаш во потрага по следниот тренд што ќе ги освои потрошувачите, а тука главниот збор го имаат експертите за предвидување на трендови и тенденции. Предвидувањето на стилот, материјалот, бојата, отпечатокот, текстурата и модните додатоци кои ќе бидат „ин” и популарни кај таргетирани потрошувачи во следните сезони е креативен и интелектуален процес кој се базира на долготрајно истражување и анализа на културолошките, социоекономските, технолошките и политичките случувања. Сферата на прогнозирање на идните инспирации во модниот свет е барометар за сите нови тенденции, теми и трендови кои се случуваат или ќе се случуваат во оваа индустрија.
Модата е комплексен феномен во филозофска, социолошка, културолошка и комерцијална смисла. Од друга страна, пак, модните трендови се главните обележја на речиси сите поголеми дизајнерски колекции, тие се всушност индикатор на насоката кон која ќе се движи модата. Експертите за модно предвидување се во постојана потрага по инспиративни стилови кои се предвесници на иднината, идеи кои го доловуваат расположението и однесувањето на потенцијалните потрошувачи во моментот и воедно сигнализираат нов моден тренд.
За успешно предвидување потребно е да се спроведат низа активности како проучување на условите на пазарот, разбирање на моменталниот стил на живот на луѓето, истражување на продажната статистика, проценување на популарните колекции на модните дизајнери, анализирање на модни публикации, следење на улична мода... Но, факторите кои најмногу влијаат можат да се класификуваат во следниве пет категории: детектираните супкултури, модните недели (Париз, Лондон, Њујорк, Милано, Токио, Шангај, Сао Паоло, Мадрид, Рим, Берлин), медиумите и влијателните личности во модата (познати музички и филмски артисти, модни уредници и новинари, блогери, стилисти), социјалните трендови, развојот на нова технологија и анализата на колекциите на конкурентните компании / дизајнери.
Во рамките на предвидувањето на модните тенденции постојат краткорочни и долгорочни активности. Краткорочните предвидувања се насочени кон трендови кои ќе бидат актуелни во периодот од шест месеци до две години и најчесто се однесуваат на актуелни бои, стилови и материјали, додека долгорочните предвидувања се однесуваат на тенденции кои ќе бидат актуелни во периодот од две до пет години и се стратешки при градењето или позиционирањето на модните брендови во самата индустрија и на пазарот.
Одговорот на прашањето како дизајнерите и модните брендови доаѓаат до слични идеи и инспирации во своите колекции е во постоењето на агенциите за предвидување на модни трендови ВГСН, Нели Роди, Тренд таблет, Пеклерс Париз (WGSN, Nelly Rodi, Trend Tablet, Peclers Paris) и на самостојните експерти кои работат во оваа област.
Постојат многубројни примери за сложената, мистериозната и симбиотичката поврзаност меѓу предвидувањето на трендовите и на модата. Не станува збор за предвидување на иднината, ниту донесување одлуки на уредничко и дизајнерско ниво ниту пак е јасно идентификувањето или создавањето на тренд... Сѐ уште е активна дебатата дали експертите и агенциите во оваа област ги креираат самите трендови или пак само ги идентификуваат. Но, едно е јасно, без нив модната индустрија нема да биде тоа што е – една од најсилните индустрии во глобални рамки.

Па, да се обидеме да ја замислиме иднината. Како ќе се развива оваа фузија на модата и на технологијата?

К. Глигоровска: Модниот свет сѐ повеќе се обликува и се менува преку аплицирање на нови технологии како што се тродимензионалното печатење на облека и на додатоци, холограмските илузии, „носливата“ технологија и е-трговијата. Но, иако модните консументи се заинтересирани за воведувањето на високотехнолошки иновации во модата, тие сепак се често неподготвени и покажуваат отпор за брзи промени и прифаќање на несекојдневните трендови, особено за оние предизвикани од иновативните текови во областа на технологијата.
Преку соединувањето на модата и на технологијата, публиката е поканета да навлезе во еден виртуелен свет кој расте паралелно со развојот на вештачката интелигенција (ВИ), aугментираната реалност (AР) и виртуелната реалност (ВР). Всушност, потребата и адаптацијата на новитетите е причина за постоење на модата.
Но, како што темпото на промени се интензивира, навлегувањето на новите иновативни технологии може да стане Ахилова пета за модната индустрија. Оваа актуелна тенденција, која во оваа фаза подразбира употреба на нови технологии само на површно ниво, отвора различни можности за дизајнерите и за модните компании и има потенцијал да стане следниот голем тренд.

Разговараше Лидија Георгиева

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2018 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top