Интервјуа
ПРЕХРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ЕДЕН ОД СТОЛБОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Сашо Наумоски
Генерален директор на Витаминка, Прилеп



ЕБ: Витаминка е компанија која доживеа вистинска бизнис-ренесанса и трансформација во регионален бренд. Низ годините наназад, клучна улога во овој процес одигра вашиот татко, Симон Наумоски, кој е претседател на Бордот на директори. Вие сте денес генерален директор на Витаминка. Колку е лесно, или тешко, во вакви околности да се стави препознатлив личен печат врз работењето на компанијата?

С. Наумоски: Одговорот е многу едноставен ако ви кажам дека сите трансформациите на Витаминка и нејзиниот раст се дел од нашето семејство. Личен печат се остава со остварувањето на визијата дека Витаминка ќе стане лидер во сегментот на кондиторијата. Денес сме сведоци дека таа визија е остварена и дека продолжуваме со развивањето надвор од границите на Македонија. Многу е лесно да бидете дел од брендот Витаминка кога сте сведоци и кога пред вас се одвива една искрена и многу лична посветеност, страст кон Витаминка и кон работата. Таа посветеност на татко ми не можеше, а да не остави белег на мене. Знаете со каква страст се зборува за Витаминка, со каков несмален интензитет се работи за развојот на компанијата. Тоа подоцна станува дел од вас. Јас не знам за друг однос или поинакво доживување и справување со работата. Татко ми направи многу за Витаминка, мислам дека токму неговите одлуки беа пресудни воопшто за опстојувањето на компанијата. Сепак, секое време носи нови предизвици и најчесто додека се соочувате со тоа не размислувате на големината или на опсегот на тој конкретен чекор. Сакам да кажам дека временската дистанца и сето она што едно време како збир на социјално-економско-политички констелации го носи е пресудно во одмерување на една менаџерска одлука. А јас лично сум привилегиран што пред себе сум имал модел и репер на однесување и соодветно реагирање.

НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА САМО МОЖЕ ДА СЕ ОДГОВОРИ СО ИНОВАЦИЈА. СО ЧЕКОРИ КОИ ТЕ ПРАВАТ РАЗЛИЧЕН

Како би го опишале Вашиот менаџерски стил?

С. Наумоски: Упорен, детерминирачки, темелен. Колку и да има пречки, никогаш не се откажувам од она што е донесено како одлука и што треба да се спроведе. Детерминираноста ја имам кога ќе наумам нешто и тогаш ги изнаоѓам сите можни начини, но секогаш на мојата предопределеност му претходи темелно анализирање. Во работата не можете да бидете импулсивен. Импулсивноста оди заедно со авантуристичкиот дух, а тие како карактерни особини ги манифестирам надвор од работата.

Живееме во време на глобализација и на силен технолошки напредок. Како се одразува тоа на работата на менаџерите?

С. Наумоски: Промената на времињата, околностите и односите ни диктираат нови трендови. Ние чекориме во времето така што сите тие промени ги апсорбираме, ги учиме и ги применуваме во òд. И уште, она што е денес тренд, утре е веќе меинстрим. А тоа што живееме во време на глобализација, навистина е предизвик и тоа од повеќе аспекти. Пред сѐ, глобализација значи сплотување, слевање и спојување во едно. А спротивно на тоа, прво и основно правило на пазарот е да бидете уникатен, единствен. Најтешко е да изградите идентитет на брендот, корпоративен или на производ, а притоа да сте во меинстрим. Пример, сите сакаат флипс, но ние им нудиме стоби флипс што ќе им врати спомени и слики од детството, ќе ги стави во времеплов, но во исто време тој производ се развива. Стоби флипс од минатото со поинтензивен вкус и со 30 % повеќе кикирики. На глобализацијата само може да се одговори со иновација. Со чекори кои те прават различен. Се адаптираме, но во исто време инвестираме во технологијата и иновацијата. Нашето секојдневие е исполнето со многу патувања, посети на саеми за нови машини и технологии, многу посети на купувачи, но и редовна комуникација со реномирани производители на машини за нови технолошки решенија, автоматизации и слично.

Каква е состојбата во која се наоѓа прехранбената индустрија во Република Македонија?

С. Наумоски: Пазарот донекаде е организиран, но сепак треба уште многу да се направи. А тоа се крупни и храбри чекори, но токму тоа ќе предизвика тектонско поместување и тоа ќе значи вистинско решавање на проблемите. Состојбата е многу комплексна и е поврзана со извоз, увоз, со состојбите во земјоделството и она што ние можеме да го користиме како суровина. Директен импакт имаат инфраструктурата, транспортот на извозната стока, странските брендови на нашите продажни полици, увезените суровини итн. Ние како земја имаме капацитет и ресурси да создадеме прехранбена индустрија која ќе биде еден од столбовите во економскиот раст на земјава како растот на БДП, но сѐ уште сме далеку од тоа. Само од инфраструктурните недостатоци и транспортните проблеми трпиме огромни штети, што е елементарно за една земја да го има. И доколку не се преземат овие конкретни чекори за заштита на македонските прехранбени произведувачи ќе дојдеме до степен да зависиме од увоз, како што зависиме од увоз на месо и многу други производи кои можат да се произведуваат кај нас.

Витаминка не запира со инвестициите. Најнова е купувањето на фабриката за производство на масло за јадење и брендот Брилијант. Кажете ни нешто повеќе за оваа инвестиција.

С. Наумоски: Одамна ги осознавме предностите од инвестициите, секаде, но во производството посебно и затоа не запираме на тоа поле. Токму во контекст на претходниот одговор, како голем потрошувач на маслото како суровинска база, а во недостаток на домашен квалитетен произведувач, ние се одлучивме да влеземе во инвестиција со штипски Брилијант и со тоа да постигнеме добри резултати и да генерираме бенефит од повеќе аспекти и на неколку страни. Вративме во живот и во производство една фабрика и покрај социо-економските аспекти за градот и за граѓаните на Штип, уште може да кажеме дека ја продолживме традицијата на еден вреден автентичен македонски производ со врвен квалитет. Од 2004 година ние бевме еден од најголемите купувачи на брилијант, исто и Брилијант беше најголем доставувач на Витаминка. Од тој податок, како и од немањето соодветен квалитет на масло да го замениме брилијант, почнавме да размислуваме за купување. Сега Брилијант, кој беше лидер на пазарот во Македонија, под чадорот на брендовите на Витаминка станува уште посилен бренд затоа што неспорно е нашето искуство и знаење кога станува збор за развивање на овој бренд во вистинска насока.

ОД 2004 ГОДИНА НИЕ БЕВМЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ КУПУВАЧИ НА БРИЛИЈАНТ, ИСТО И БРИЛИЈАНТ БЕШЕ НАЈГОЛЕМ ДОСТАВУВАЧ НА ВИТАМИНКА. ОД ТОЈ ПОДАТОК, КАКО И ОД НЕМАЊЕТО СООДВЕТЕН КВАЛИТЕТ НА МАСЛО ДА ГО ЗАМЕНИМЕ БРИЛИЈАНТ, ПОЧНАВМЕ ДА РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА КУПУВАЊЕ

Како оваа инвестиција ја подобрува конкурентската позиција на Витаминка на пазарот?

С. Наумоски: Едноставно, ова е решение на долг рок и иако мислевме дека ќе треба да помине некое време да се врати инвестицијата, сега сме и самите изненадени од брзото покажување на позитивните аспекти. Сега наместо да влегуваме во сите тие трошоци поврзани со купување суровинска база, барање соодветен квалитет што ќе кореспондира и нема да го намали квалитетот на нашите производи, да влегуваме во транспортни трошоци, најдовме решение кое е одговор на сите гореспоменати прашања. Со тоа само започнува подобрувањето на конкурентската позиција на Витаминка. А следи со тоа што ние тие средства што се реална заштеда од синергијата, која произлезе од намалување на трошоците за транспорт и за логистика можеме, и најверојатно така ќе биде, да ги реинвестираме во нешто друго, можеби некоја екстензија на брендот Брилијант или нов производ, капацитет, опрема и кое било од тоа уште повеќе ќе ја поттикне нашата конкурентска предност.

Се добива впечаток дека Витаминка обрнува посебно внимание на квалитетот на состојките на нејзините производи од аспект на нивното влијание врз здравјето на потрошувачите. Кажете ни нешто повеќе за пристапот на компанијата.

С. Наумоски: Квалитетот, стандардот и составот се главните фактори што влијаат врз крајниот производ што излегува од Витаминка и воедно на тоа посветуваме најголемо внимание. Затоа имаме воспоставено производен и технолошки систем каде што се мерат сите овие варијабли и се преиспитуваат и соодветно се унапредуваат. Од имплементирање на стандарди, преку сертификати, па сѐ до следење на потеклото на суровините кои ги користиме за нашите производи. Како што нашето производство подлежи на целосно сертифицирање на комплетниот технолошко-производен процес, така внимаваме при изборот на доставувачи, суровите што ги купуваме да бидат исто така со потврден квалитет. Во таа насока секогаш работиме со внимателно избрани доставувачи, примарно и најмногу од земјите од ЕУ, иако се многу поскапи, со кои имаме долгогодишна соработка и изградена доверба. Како дел од работата бараме детално потекло на производите и на начинот на одгледувањето при што се внимава да не се генетски модификувани или од сомнителен извор. Знаеме колку тоа може да влијае на нашите производи и затоа се обидуваме да ја имаме целосната контрола врз секоја состојка што се користи кај нас, а не произлегува од нас. Токму ваквиот пристап со години наназад придонесе за денешниот статус кој го уживаме, како и за најважното, довербата од потрошувачите во квалитетот на нашите производи.

Во годината во која вашиот производ стоби флипс прославува јубилеј 40 години, каде ја гледате иднината на Витаминка?

С. Наумоски: Стоби флипс значи многу за Витаминка и со достигнување до 40 години зрелост покажа многу. Откако е создаден и е пласиран овој производ и бренд, па до денес тој го следи растот и развојот на Витаминка. Покрај тој факт и сите вредности што ги содржи во себе, покрај карактеристиките од аспект на имиџ како силен бренд со идентитет, стоби флипс како производ и како стокова марка покажа и докажа многу. И тоа е нашата најголема гордост, затоа што ни го трасираше патот во создавањето на уште десетина такви силни брендови и висококвалитетни производи посакувани и барани од потрошувачите. Со зрелоста, со моќта да опфати неколку генерации потрошувачи, со еволуцијата на имиџот и со присуството на десетици странски пазари покажа дека и од Македонија, поточно од Витаминка може да излезе супер бренд, но во глобални рамки, производ кој има сопствен идентитет, а не наследен и на странските пазари, кој е познат и баран и надвор, насекаде. Уште покажа дека сме способни и имаме капацитет да создадеме навистина супер производ и бренд кој не само што ќе опстојува туку и ќе расте и ќе се развива цели 40 години. А следува уште многу од приказната за Стоби флипс.

АКО НЕКОЈ РЕШИЛ ДА ЗАПОЧНЕ СВОЈ БИЗНИС, ТРЕБА ДА ДАДЕ СÈ ОД СЕБЕ ДА УСПЕЕ. БЕЗ ВИЗИЈА НЕМА УСПЕХ И ПОРАДИ ТОА НЕКА НЕ СЕ ПЛАШАТ ДА СОНУВААТ ГОЛЕМИ СОНИШТА БИДЕЈЌИ ТИЕ Нѐ НОСАТ САМО НАПРЕД. СЛОБОДНО ДА ЗБОРУВААТ ЗА СВОИТЕ ИДЕИ И ДА НЕ СЕ ПЛАШАТ ОД ПАРТНЕРСКО ЗАПОЧНУВАЊЕ НА БИЗНИС

Кои се предизвиците на тој пат?

С. Наумоски: Предизвиците се истите што и пречките за побрз и полесен развој на македонските компании. Ние го поседуваме знаењето, ги имаме сите потребни капацитети, човечки, иновативни, технолошки за да продолжиме да создаваме нови или да ги развиваме постоечките производи кои понатаму би биле силни брендови и надвор од локалниот, домашен пазар. Витаминка има долгорочна развојна стратегија за чие реализирање ни се потребни стабилни пазарни услови каде што ќе можеме да ги максимизираме нашите потенцијали и да го зајакнеме присуството на странските пазари. Ние како компанија многу вложуваме во продорот и позиционирањето на странските пазари затоа што од една страна имаме голем и широк опсег на производи, а имаме и квалитет кој кореспондира на стандардите на овие пазари. Затоа се надеваме дека со интензивирање на извозот значително ќе го поттикнеме нашиот раст, бидејќи извозот е начин како да растеме и да се развиваме.

Што можат носителите на економските политики во земјава да помогнат за подинамичен раст на бизнис-секторот и на компании како Витаминка?

С. Наумоски: Последнава година сведоци сме на иницијативи што гарантираат многу подобар и порамноправен третман на македонските компании. Се надевам дека овие добри теории ќе бидат уште подобро спроведени и ќе станат одлични практики. Со новиот Закон за економски раст создадени се механизми преку кои компаниите можат многу да добијат само доколку работат онака како што треба. Односно не треба да направиме ништо повеќе од здрава менаџерска логика, ако инвестираш во современа опрема – ќе добиеш повеќе, ако инвестираш во работна сила – ќе станеш попродуктивен и слично. Ова сето го знаеме, а на некои од работите сме обврзани и со некои други закони и правилници. Така што, ново е сега што со токму таква работа, со иницијативи за развивање на бизнисот и инвестиции, можеме да добиеме и повеќе. И уште, како што веќе кажав, итно подобрување на целосната инфраструктура во државава, на што веќе се работи, создавање баланс на увозот со македонските производи, интервенирање во законите за пазарот на трудот во смисла што странските инвеститори се ослободуваат од придонеси само за вработени кои првпат засноваат договор за вработување, па истиот тој благодат да може да го користат и македонските компании.

Кој е Вашиот совет за младите претприемачи?

С. Наумоски: Да не се плашат да преземаат ризици. Да не се откажуваат при првиот пораз, да одат напред. Ако некој решил да започне свој бизнис, треба да даде сѐ од себе да успее. Без визија нема успех и поради тоа нека не се плашат да сонуваат големи соништа бидејќи тие нѐ носат само напред. Слободно да зборуваат за своите идеи и да не се плашат од партнерско започнување на бизнис. Мислам и убеден сум дека повеќе инвеститори, партнери можат побрзо да ја развијат бизнис-идејата и успехот да дојде многу побрзо.

Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари 2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top