Е-Б-Ф-Б
ТОП МАРКЕТИ СПОРЕД ПОТРОШУВАЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Сергеј Зафироски
Авторот е генерален менаџер на Инсајдер ИД

Иако генерално на прв поглед промената на позициите не е значајна, од рангирањето на трите најдобри маркети во Македонија постои можност за дефинирање на неколку различни трендови кои може да се очекуваат во следниот период.


Во претходната 2017 година најпреферирани три маркети се: Кам, Тинекс и Веро. Според спроведеното истражување и оваа година на првата позиција е Кам Маркет со значајно повисоко учество од сите останати синџири на маркети и приближно еднакво учество како и во претходната 2017 година. Солидната позиција е поради конкурентната ценовна политика на синџирот, како и мрежата од 70 маркети распоредени на целата територија на државата. Тинекс е на втора позиција повторно како и претходната година, но со пониско учество во одговорите кој располага со 41 маркет и Стокомак кој го заменува Веро на третата позиција и кој располага со 30 локации низ Македонија.
Првата позиција на Кам Маркет е со 69 % учество, втората на Тинекс со 33,1 % и Стокомак со 26,7 %. Разликата меѓу првата и втората позиција е значајна од приближно 36 %. Освен за одредени позиции, не постои значајна измена на процентуалното учество, но поради големото ширење на поголемиот број продажни синџири во Македонија се „разводнува“ поединечното учество на секој одделен маркет, односно потрошувачите пазарат во поголем број маркети.
Намалувањето на Тинекс од 40,5% на 33,1 % и на Веро кој оваа година не котира во Топ 3 маркети потврдува дека растот на помалите трговски синџири и особено на „тврдите дисконти“ е како последица на сѐ помалата моќ на класичните трговски синџири. Во следниот период доколку не се реализираат структурни промени во бизнис-моделите кај дел од компаниите може да се очекува уште поголема промена на позициите. Стокомак има раст од само 2 % во однос на претходната година за од 4-тата позиција да се искачи на 3-тата, додека намалувањето на Веро е исто така ниско, но доволно за тековната година да не биде рангиран во Топ 3.
Како пример регион е Тафталиџе/Карпош 3 каде што во радиус од 500 метри има маркети од синџирите Рамстор, Кит-Го, Кам Маркет, Стокомак, Тинекс, Веро, ТСВ Дисконт и неколку локални маркети. Доколку потрошувачите до пред определен временски период пазареле само во Кам Маркет, СП Маркет или Тинекс, во 2018 година имаат и повеќе од голем избор, додека средствата кои се на располагање за производи се на приближно еднакво ниво.
Единствен „играч“ во листата кој во тековната година нема претрпено особен удар од големите промени е Кам Маркет кој, и покрај високото учество во претходната, бележи и мал раст во тековната година од 1,2 % што посочува дека е стабилен на местото каде што е позициониран со приближно 70 % учество кај одговорите на потрошувачите.
Од структурата на потрошувачите забележливо е дека во Кам Маркет и Стокомак се преферирани приближно подеднакво од сите финансиски групи, додека во Тинекс се зголемува учеството на групите со зголемување и на самиот приход. Всушност, со структурата кај „тврдите дисконти“ се потврдува фактот дека и во Македонија е надмината бариерата за пазарењето во нив.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top