Општество
СЕНТ-ЕГЗИПЕРИ

Емануел Рембер
Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје www.ifs.mk

Со „Малиот Принц“ – писател за деца, со „Јужна пошта“ и „Ноќен лет“ – писател за млади, со „Воен пилот“ – политички писател, со „Тврдина“ – писател филозоф, Сент-Егзипери не заобиколува ниедна книжевна категорија. Или уште подобро, тој избегнува секаква категорија. Поврзувачката нишка на сите негови дела е еден неспорен хуманизам. Еден од неговите подривачи нема да згреши кога ќе каже дека тој го претпочита човекот отколку луѓето. Дотолку ја беше избегнувал секојдневната рутина, што си беше нашол две паралелни прибежишта: пишувањето и авијацијата. Тој се пронајде во двете вокации.

Да проговориме и за неговото дело. Сент-Егзипери е многу повеќе од авантуристички писател. Како доказ се неколкуте цитати од „Малиот принц“: „Вистински може да се види само со срцето. Суштината е невидлива за очите“. „Колку е само волшебна земјата на солзите“, „Засекогаш стануваш одговорен за она што си го припитомил“, „Тој ми стана пријател и сега е единствен на светот“. Ликот на Сент-Егзипери се прелева во оној на Малиот Принц. Неговото дело е како басна. Приказна за човекот што паднал од својата планета. Тој ja открива минливоста на нештата, поучува без да дели лекции. Тагата се насетува, а стравот ѝ станува сојузник. Тој е повеќе од само авантуристички писател, но не припаѓа никаде.

Сент-Егзипери беше во постојано бегство, тој е своевиден скитник. Беше човек кого постојаното седење на едно место го водеше кон бегство, но и човек кој длабоко во себе сонуваше за нежна семејна приврзаност. Вистинска проекција на самиот себе прави во ликот на Берни од делото „Ноќен лет“.

Во неговото време да се биде пилот значело да се соочиш со невремето лице в лице, со бурите, со звездите, со небото, со ноќта – и да се стави животот во опасност. Тоа е како прво борбено искуство. Имаше 44 години кога Сент-Егзипери исчезна во морето на 31 јули 1944 година. Не постојат случајности. Тоа беше неговата последна мисија. Загина давајќи команди на неговиот авион, како некој лик од неговите раскази. Иако беа пронајдени делови од трупот на авионот, телото на Егзипери остана заробено во морето. Тој кој налик на Малиот Принц толку многу ги љубеше ѕвездите.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2018 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top