Општество
БЛОКБАСТЕР

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Шестотини и педесет зборови за културниот настан на годината

Терминот блокбастер (blockbuster) денес вообичаено означува ‘холивудски филм кој е направен со огромен буџет и во кој глумат големи ѕвезди’. Тоа е планетарно популарен филм кој заработува многу пари. Лингвистичкото потекло на зборот датира од почетокот на 40-тите години на минатиот век и опишува масивна авиобомба користена во Втората светска војна, бомба која може да уништи поголема градска зона.

„Блокбастер“ е името на „бомбата“ со која на 20 септември оваа година беше отворено 43-тото издание на Младинскиот отворен театар. Пред самиот почетокот, петтемина членови на белгискиот Колектив Менсуел (Le collectif mensuel) излегуваат на сцената, културно се претставуваат и со доза на хумор ја замолуваат публиката да им се приклучи во изведбата. Потребни им се неколку аудиоснимки кои ќе бидат снимени и потоа инкорпорирани во перформансот. Со задоволство прифаќаме. Така во преполната сала на „новиот“ МНТ започнува громогласно да ечи „Нема правда, нема мир!“. Каква прекрасна иронија. По овој чин на искрена и на спонтана партиципативност, публиката е спремна за „журка“. На екранот се појавува лавот од шпицата на Метро Голдвин Мајер (Metro Goldwin Mayer), но неговото рикање звучи различно. Започнува филмот.

Мортие (Мајкл Даглас) е шеф на сите шефови. Тој се соочува со сериозен проблем: владата планира да воведе данок на високи примања. Незамисливо! Во исто време, истражувачкиот новинар Корин Лано (Џулија Робертс) пишува текст за богатите корпорации кои затајуваат даноци преку оф-шор сметки. На денот пред објавувањето, статијата е цензурирана и новинарката е отпуштена. Она што следува е виртуелна реакција која од социјалните мрежи се пренесува на улиците, поттикнувајќи ги граѓаните да се борат за сопствените права. Следува репресивен одговор од центрите на моќта.

„Блокбастер“ е повеќе нешта во исто време: политичка фикција, филмскa пародија и mash-up создаден со повеќе од 1 400 кадри од 160 холивудски филмови. Генијална ре-контекстуализација која си поигрува со нашето филмско колективно несвесно. Прекрасна идеолошка диверзија/субверзија која ги користи оружјата на системот за да се бори против него. Го користи хуморот како алатка за револт и ослободување од стравот на кој се темели секоја диктатура. Приказна за една имагинарна класна борба во која битката не е однапред изгубена. Направен е со скромни средства, но со долгогодишна работа и фанатична посветеност. Тоа се чувствува.

Додека филмскиот фрик во мене се обидува да сфати од колку различни филмови е создадена една сцена, ме обзема звучниот универзум на овој спектакл и престанувам да ги читам титловите и да го гледам она што се случува на платното. Додека таму дефилираат Шон Пен, Сталоне, Бред Пит, Ал Пачино, Том Круз и други, целото мое внимание одеднаш се насочува кон петчлениот ансамбл кој е на сцената. Колективот истовремено креира исклучително прецизна натсинхронизација на дијалозите, ги продуцира сите шумови и звучни ефекти (од обични чекори до експлозии) и, згора на сѐ, во живо ја создава музиката за филмот која по својот сензибилитет излегува од вообичаените канони на филмскиот саундтрак. Невозможно!?! Ова „вонземјанско“ чудо од спектакл дејствува како продукт на некој сѐ уште неизмислен алгоритам за генерирање слика, звук, совршена нарација, но пред сѐ, емоција. Suspension of Disbelief. Брзо ги занемарувам техничките аспекти и излегувам од состојбата на неверица. Му се препуштам на наративот и на нападот на сетила, се забавувам и уживам како никогаш. Низ смеа и возбуда, потери и пукотници, неосетно приказната веќе дошла до својата кулминација. Воспоставен е воен режим. Забранети се собири на повеќе од тројца. ТВ-

-програмата е строго контролирана. Цензура и полициски час. Но, движењето на отпорот е подготвено да возврати со насилство против насилство. Паѓа завесата. Филмот заврши, музиката стивна. Последната експлозија физички се случува на самата сцена и се чувствува во стомакот. Целиот објект на МНТ се тресе, како веќе да не е доволно кревок. Ете ја бомбата која може да уништи цело маало.

Поклон на екипата и долги стоечки овации од публиката. Сакам реприза, веднаш!
Ако ова е театар, ќе одам почесто.

(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2018)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top