Општество
ДА СЕ ЖИВЕЕ И ДА СЕ УМРЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Македонија, тврдам, не е за никаде, и покрај напорите што секојдневно ги вложуваме да ја одржиме како таква. Напротив, ако знаеме и умееме ќе ја направиме да биде за некаде. Една од поголемите придобивки од влезот на Северна Македонија во НАТО и почнување на преговорите за влез во ЕУ ќе биде т.н. мапирање на државава. Тоа значи дека државава постепено ќе станува сѐ повидлива за Европјаните, по добро и по лошо, и нам ни преостанува големата задача добрата перцепција да натежне над лошата. Отсекогаш сум тврдел дека на државата малку ѝ треба за да стане посакувано место за живеење, егзотична дестинација за патување и шармантно катче за умирање. Тоа „малку“ што ѝ треба на Македонија денес се чини дека е „многу“ со оглед на згуснатоста на политички и човечки драми кои ни се случија низ годиниве. Но, да ги оставиме тие драми во некој привремен долап и да поразговараме за тоа која е таа посакувана Македонија.

Можеби нема да поверувате, но и во моментов Македонија е посакувано и егзотично место за патување на многу странци, и тоа сериозни, образовани, добростоечки, релативно млади и љубопитни странци. Не, не мислам на оние туристи кои со своите апарати и туристички водич шетаат низ лавиринтот наречен Скопје 2014, и кога некој од нив љубопитно ќе го праша водичот „А од кога датира ова здание?“, тој ќе треба неволно да им каже дека е старо цели 3 години. Но, размислете само колку од вашите пријатели од скоцканиот Запад имале прекрасен престој во нашава држава, особено кога престојувале подолго од недела дена. Јас не познавам таков кој ми дошол на гости или во посета и кој не е воодушевен од Македонија. Да бидам попрецизен, вчудоневиден. Тоа чудо невидено не се гледа на прв, ниту на втор поглед. Оние кои го виделе на прв поглед обично се вратиле назад дома со измешани или претежно негативни чувства за нашава држава. Прошетале низ улицата Македонија, ги виделе грдите споменици, порција ќебапчиња во Турска чаршија, еден ден до Охрид и тоа е. Дома ќе го понесат впечатокот дека тоа била една необична дестинација, градови полни со ѓубре и улична некултура, и можеби чувство дека сепак мештаните се пријатни и благонаклони. Јасно е, оваа во основа стерилна понуда не го возбудува премногу нашиот странец. Но, среќникот кој успеал да замиже пред горенаведените очигледни просечности во име на повисоките цели (нешто слично на нашето замижување пред трампата „амнестија за двотретинско мнозинство“), е тој среќник ќе се врати презадоволен од Македонија иако нема баш точно да знае зошто. Кога ќе раскажува дома на своите пријатели и колеги, кај нив веројатно сѐ уште ќе натежнуваат негативните аспекти во однос на позитивните, но сѐ дури не ги убедите да дојдат и да видат. А тој среќник или таа среќничка богами ќе има што да види во државата со измешана историја, измешани чувства, добри јадења и питом (а сепак доволно див) народ.

ШМЕКОТ НА ПРОВИНЦИЈАЛИЗАМ И ОТФРЛЕНОСТ ОД ГЛАВНИТЕ СВЕТСКИ ТЕКОВИ ЈА ПРАВИ МАКЕДОНИЈА ЗАБОРАВЕНО КАТЧЕ НА ЕВРОПА. ТОЈ ПРОВИНЦИЈАЛИЗАМ, ВО НАЈПОЗИТИВНА СМИСЛА НА ЗБОРОТ, ОВОЗМОЖУВА СЕРИЈА НЕОЧЕКУВАНИ ИЗНЕНАДУВАЊА. ГИ ПРАВИ ЛУЃЕТО ПРИЈАТНИ И ДУРИ ПРИСТОЈНИ КОГА ДОАЃААТ ВО КОНТАКТ СО СТРАНЦИТЕ. ЧУВСТВОТО НА ИНФЕРИОРНОСТ ПРЕД БОГАТИТЕ И КУЛТИВИРАНИ ЕВРОПЕЈЦИ Е ПРЕДНОСТ, А НЕ МАНА

Државата нуди интересни апсекти за оној кој сака да ги види и да ги препознае. Најнапред, шмекот на провинцијализам и отфрленост од главните светски текови ја прави Македонија заборавено катче на Европа. Тој провинцијализам, во најпозитивна смисла на зборот, овозможува серија неочекувани изненадувања. Ги прави луѓето пријатни и дури пристојни кога доаѓаат во контакт со странците. Чувството на инфериорност пред богатите и култивирани Европејци е предност, а не мана. Тоа чувство создава заемна почит која се темели на следнава релација: ти ме удостојуваш со твојата посета во мојата потценета земја, а јас ти враќам со гостољубие и потреба да се докажам дека имам што да ти понудам. Тој туристички инстинкт сѐ уште не е доволно развиен кај нашите сограѓани, но со текот на времето ќе се раскрилува и верувам дека ќе биде главната препорака да се посети Македонија.

Македонија има море. Автопатот Пријателство се очекува да ја запре александровата фалангистичка утопија и да отвори брз и неоптоварен пристап кон нашето ново „Наше Море“. Без претерување, Егејското Море, островите, плажите на Халкидики се едни од најубавите во светот, а се тука до нас, достапни на три часа со една важна пауза во Мрзенци. Светско, а наше. Запрашајте се која европска држава има таков брз и ефикасен пристап до најтоплото море во Европа? Ниедна. Е да, циникот би рекол дека Халкидики навистина има најубави плажи во Европа, освен што нив ги запоседнуваат Македонците, Грците и Србите јужно од Морава.



Македонија има планини и добри води. Можеби планините не се толку спектакуларни како Алпскиот Венец, но дефинитивно не се за потценување, особено нивната неоткриена природа, па дури и неорганизираноста на трекинг патеките, што создава чувство дека се наоѓате на необележана територија. Тоа може да плаши, ама и да возбудува. Одете во мај да ги посетите охридските цркви, поминете преку Галичица од другата страна (патем можете и со параглајдер да летате), „слетајте“ во пазувите на Ангелот од Курбиново, загледајте се во неговата длабочина и вие веќе имате првокласно туристичко доживување. И тоа не е сѐ. Потоа следува гозба со најевтината првокласна риба во Европа, која можете да ја јадете од македонската или албанската страна. Договорот од Преспа ви овозможува дури и да скокнете на локумадес во Нивици.

Македонија е евтина и ќе остане таква во наредните години. Сместување за триесет евра на брегот на Охридското Езеро, класичен концерт од светски маштраб во Света Софија или во Амфитеатарот, охридска пастрмка или добра скара, па сето тоа заедно чини колку еден вегански ручек во Лондон или во Париз. Кај нас и услугите се многу евтини, иако истиот тој циник од почетокот на текстот би рекол дека се евтини бидејќи всушност не постојат. Но, замислете колку малку треба за пристоен транспорт, добри патишта и сменет менталитет (ако треба и на сила и со казни!) за да престанеме да фрламе ѓубре каде што ќе ни текне.

Македонските села се приказна за себе. Отфрлени од времето, со малку жители, распослани низ македонските планини, тие нудат искуство кое тешко ќе го најдете каде било во Европа. Точно е, руралноста и природноста и дивоста на нашите села ги прави помали и заостанати братучеди во однос на словенечките села начичкани како ќибритчиња, но македонските ја нудат суровоста на руралниот живот со сите свои мани и предности. Кога ќе ги донесете Холанѓаните да берат сливи во Беровско, а потоа ќе ги угостите со буламач и клиси, тука на нивата, на ист чаршаф со берачите, или пак ќе ги прошетате Французите низ Горна Река и Галичник (ако може во меѓувреме преполнетите со ѓубре контејнери на влезот на Галичник веднаш да се дислоцираат би биле благодарни!), а потоа со Германците ќе скокнете до Лазарополе на кубик најчист воздух и безброј диви нарциси, убеден сум дека веднаш ќе ја скротите типичната европска нарцистичка поза на вашите пријатели. Но, за нашите села да бидат примамливи и достапни места за престојување, сепак е потребен еден вид осмислен ривајвл од страна на државата и пред сѐ од општините.

НЕ ПОСТОИ МЕСТО КАДЕ ШТО СО САМО ЕДЕН ЧАС ПРЕТХОДНА НАЈАВА МОЖЕТЕ ДА ИСПИЕТЕ КАФЕ СО ВАШИОТ ПОСАКУВАН ПРИЈАТЕЛ. ИЛИ ПАК ДА ОДИТЕ НА СЕМЕЕН РУЧЕК КАЈ ВАШИТЕ РОДИТЕЛИ ИЛИ РОДНИНИ, КОИ ЖИВЕАТ ТУКА ЗАД АГОЛОТ. ДА СЕ НАЈДЕТЕ ВО ПАРК СО ОНИЕ СО КОИ ВИЕ САКАТЕ ДА СЕ НАЈДЕТЕ, СЛУЧАЈНО ИЛИ ДОГОВОРЕНО, А ДА ГИ ИЗБЕГНЕТЕ ОНИЕ КОИ САКАТЕ ДА ГИ ИЗБЕГНЕТЕ. ТОЈ КОНЦЕПТ НА „СЕЛО ВО ГРАД“ Е РЕДОК ДУРИ И ВО ПОМАЛИТЕ ГРАДОВИ НИЗ ЕВРОПА. ОВОЈ АСПЕКТ ОСОБЕНО ГИ ФАСЦИНИРА „ПРОСВЕТЛЕНИТЕ“ СТРАНЦИ КОИ ЗНААТ ШТО САКААТ И ЗНААТ ШТО НЕМААТ ТАМУ КАЈ НИВ ДОМА. ТА ИМА ЛИ ПОДОБРО МЕСТО ЗА УМИРАЊЕ ОД ГРУТКАТА ЗЕМЈА КАДЕ ШТО СЕ ТВОИТЕ? ИСТАТА ТАА ГРУТКА ЗЕМЈА КОЈА ПОТОА ГИ РАЃА НОВИТЕ ТВОИ. НАШИОТ, ОД СИТЕ ПРИСВОЕНИОТ ГОРАН СТЕФАНОВСКИ НАЈДОБРО ГО ОСЕТИ ТОА, НА СВОЈА КОЖА И НА ГЛАДНО СРЦЕ. НЕКА МУ Е ЛЕСНА ЗЕМЈАТА

Во последниот број на National Georgraphic, Македонија е рангирана како една од седумте топ дестинации за 2019 година за авантуристички туризам. Ќе се изненадите, заедно со Гренланд, некои егзотични делови од Аргентина, Нов Зеланд, Колумбија и Оман. Хм, замислете дека сте Европјанин седнат пред својот лаптоп, осамен и омален од досада, во некој одамна апсолвиран европски град. Не морате да одите до Оман или Нов Зеланд, за 2 часа сте во Македонија, шлапкајќи од вкусниот домат, пиејќи ракија и јадејќи прекрасно печено јагне. Веќе утредента можете да се капете на некоја од плажите на Халкидики или да останете во Крушево на една од најдобрите параглајдер дестинации во Европа.

Целта на опишаната идилична слика за Македонија не треба да биде нашата потреба за привлекување странци. Доколку самите ние успееме да си го средиме дворот, нам ќе ни биде убаво за живеење, а ним секако ќе им биде задоволство за престојување. Па, од каде да почнеме?, ќе праша некој. Па, од ѓубрето пред сопствениот праг, она менталното и она биоразградливото.

А што е со она шарматно катче за умирање? Семејствата и пријателите, нашите капиларни единици, нашите крвни зрнца и крвната плазма која тече во нас се редок ресурс на планетата Земја. Тој ресурс, ќе се зачудите, сѐ уште вирее во Македонија и ние толку љубоморно се трудиме да го сочуваме. Таквите присни односи (макар понекогаш и лажни) нема да ги најдете во глобализираната Европа. Можеби Жорж Брасенс упорно настојуваше да ги пронајде и да ги оживее, но со неговата смрт заминаа и тие. Кај нас сѐ уште опстојуваат. Не постои место каде што со само еден час претходна најава можете да испиете кафе со вашиот посакуван пријател. Или пак да одите на семеен ручек кај вашите родители или роднини, кои живеат тука зад аголот. Да се најдете во парк со оние со кои вие сакате да се најдете, случајно или договорено, а да ги избегнете оние кои сакате да ги избегнете. Тој концепт на „село во град“ е редок дури и во помалите градови низ Европа. Овој аспект особено ги фасцинира „просветлените“ странци кои знаат што сакаат и знаат што немаат таму кај нив дома. Та има ли подобро место за умирање од грутката земја каде што се твоите? Истата таа грутка земја која потоа ги раѓа новите твои. Нашиот, од сите присвоениот Горан Стефановски најдобро го осети тоа, на своја кожа и на гладно срце. Нека му е лесна земјата.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември2018/јануари2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top