Општество
НОВА ЕРА НА РАДИКАЛНА ТРАНСПАРЕНТНОСТ И СЕОПФАТНА ПОВРЗАНОСТ

Јован Пехчевски
Авторот е Универзитетски Професор и Бизнис Консултант

„Радикалната транспарентност ја поттикнува добрината на толку многу начини од истите оние причини поради кои е сѐ поверојатно дека лошите работи се одвиваат зад затворени врати.“
Реј Далио, американски инвеститор и филантроп

 

Ние брзо се приближуваме до ерата на изобилство од знаење – време кога можете да знаете сè што сакате, од кое било место, во кое било време. Ера на т.н. радикална транспарентност.

До 2024 година се проценува дека 4 милијарди „нови умови“ ќе се поврзат на веб, со гигабитни брзини на конекција, со речиси нула трошоци. Секој човек на планетава Земја ќе биде поврзан  на веб со пропусен опсег многу поголем од оној  што извршните директори на Форчун (Fortune) 500 компаниите и претседателите на држави имале пред само неколку децении. Што ќе откријат овие 4 милијарди нови умови? Што ќе консумираат? Кои нови компании ќе ги изградат? Кои индустрии ќе ги нарушат?

До 2020 година, исто така, се проценува дека ќе имаме 50 милијарди поврзани уреди кои ќе генерираат преку 600 зетабајти на информации. Веќе досега видовме невидено забрзување на растот на интернетот и на нашето меѓусебно поврзување. Но, како што втората половина од нашава планета се приклучува на интернет, ова забрзување уште повеќе ќе се забрза.

Оваа револуција ќе доведе до ренесанса на иновации и уште еднаш ќе ја трансформира нашава планета. Глобалната мрежа на поврзување, заедно со беспилотните летала и сателити не само што ќе ги поврзат луѓето, тие исто така ќе поврзуваат нешта – уреди и сензори кои ќе го формираат не само интернетот на нештата, туку и интернетот на сè.

Во оваа статија ќе дискутираме за четири различни аспекти на интернетот на сè:

1. 5Г (5G) за моментално поврзување 

2. Небо полно со беспилотни летала што снимаат сè во сентиметарска резолуција;

3. Автономни возила што ги скенираат нашите улици во милиметарска резолуција и

4. Очила за надградена реалност кои замислуваат сè пред нас.

5Г за моментално поврзување

Скокот од 3Г на 4Г ни донесе револуционерна ера на паметни телефони, на мобилно банкарство и на е-трговија. Со плановите да биде генерално достапен во 2020 година, 5Г ќе биде 100 пати побрз од 4Г и 10 пати побрз од нашата просечна широкопојасна конекција.

За да добиете чувство што значи всушност тоа, замислете да преземете филм на вашиот мобилен телефон за само неколку секунди – или уште подобро, да поседувате ваш автономен автомобил кој комуницира со паметни градски сензори во реално време. Циско, на пример, предвидува дека глобалниот мобилен податочен сообраќај ќе порасне 7 пати меѓу 2016 и 2021 година и дека преку 78 % од сообраќајот до 2021 година ќе бидат видео содржини (слика 1).

Со 1 Gbps до 10 Gbps брзини на конекција, 5Г всушност е драјверот на утрешната економија со трилиони сензори.

Напојувајќи ги автономните возила, паметните фабрики, далечински контролираните беспилотни летала, вештачката и надградената интелигенција, како и првите паметни градови во светот, 5Г ќе му овозможи на секој човек на планетава да има пристап до податоци од милијарди сензори низ целиот свет.

Ова е ветувачка технологија која би го обезбедила потребното знаење за секого, насекаде, во секое време. Замислете ги сите можности што би можел да ги отклучи еден ваков паметен свет – навистина, нема да постои прашање поврзано со вашата непосредна околина кое нема да може да се одговори, со време за одговор помало од една секунда.

Со компании како што се Куалком (Qualcomm) и Интел (Intel) кои предничат со развојот и примената на 5Г - технологијата, некои проценки велат дека 5Г инфраструктурните трошоци ќе нараснат над 326 милијарди долари до 2025 година.

И додека овие главни играчи ги поврзуваат земјените уреди и сензори со гигабитни врски низ целиот свет, други пак работат од атмосферата. Гугл (Google), на пример, поставува балони за овозможување интернет на висока надморска височина во стратосферата, додека Спејс икс (SpaceX) на небото почнува да поставува соѕвездија на сателити што пренесуваат интернет. Навистина ќе живееме во ера на сеопфатна поврзаност!

Небо полно со беспилотни летала

Поблиску до површината на Земјата, поточно на неколку стотици метри над нашите глави, развиваме широка мрежа на автономни беспилотни летала кои собираат вредни информации за земјоделците, за геометрите на ветерните турбини, за финансиските институции и за многу други.

На ЦЕС (CES) 2018 конференцијата, Министерството за транспорт на САД објави дека над 1 милион беспилотни летала официјално биле регистрирани во Федералната авијациска администрација (ФАА). ФАА, пак, предвидува дека до 2020 година над 7 милиони беспилотни летала ќе летаат над Северна Америка.

Додека приватните и комерцијалните правила за летање на беспилотните летала остануваат умерено рестриктивни, во изминатиот октомври САД објавија планови за федералната влада да почне да соработува со компании за користење големи флоти на беспилотни летала со пофлексибилни ограничувања на нивните летови.

Од друга страна, како што беспилотните летала стануваат сè посилни, поголеми и поспособни, тие ќе почнат да генерираат сè помасивни количини на фотографии и сензорни податоци. На пример, едно мало беспилотно летало денес дневно лесно може да генерира околу 100 терабајти податоци.

Зошто е сето ова значајно? За време на некои од трагичните природни катастрофи во 2017 година (пожари, урагани), собирањето податоци од беспилотните летала беше непроценливо за спасување на човечки животи, за преглед на настанатите штети, но и за реализирање на операции за пребарување и за спасување преку обезбедување снимки од тешко достапни места (слика 2).

КОГА ЌЕ ВЛЕЗЕМЕ ВО ЕРАТА НА АВТОНОМНИ ВОЗИЛА, НИКОГАШ НЕМА ДА ИМА ВОЗИЛО, ПЕШАК, СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА ИЛИ УЛИЧНА КРАЖБА ШТО НЕМА ДА БИДАТ ФОТОГРАФИРАНИ. ОВИЕ ВОЗИЛА ЌЕ СНИМААТ, ВО ДЕТАЛИ, ОГРОМНО ИЗОБИЛСТВО НА ФОТОГРАФИИ И ЌЕ МОЖЕ ВО РЕАЛНО ВРЕМЕ ДА СЕ РЕАГИРА НА СИТЕ ВООЧЕНИ НАСТАНИ

Автономни возила кои гледаат сè

Интел предвидува дека индустријата на самоуправувачки возила ќе порасне  на 7 трилиони долари до 2050 година.

Една импликација на ова е дека овие автономни возила ќе почнат да фотографираат сè што ги опкружува, без прекин, цело време. Замислете голем број автономни возила на улица, секое од нив опремено со десетици камери, со ЛиДАР и останати радарски сензори кои му помагаат на возилото да се движи.

Еден од клучните сензори кај автономните возила се нарекува ЛиДАР, технологија базирана на ласер, која гради 3Д - мапа на околината на возилото, мерејќи притоа колку време е потребно за милион ласери да отскокнат од околните објекти и да се вратат до самото возило.

На пример, Вајмо (Waymo) користи три различни ЛиДАР - сензори, пет радарски сензори и осум оптички камери.   Овие множества на сензори, инсталирани на едно возило, се очекува дневно да генерираат повеќе од 4 терабајти податоци (слика 3).

Тесла (Tesla), за разлика од Вајмо, избегнува користење на ЛиДАР - сензори, наместо тоа кај нивните автономни возила користи пристап на ултразвучен радар и камери.

Да заклучиме, кога ќе влеземе во ерата на автономни возила, никогаш нема да има возило, пешак, сообраќајна несреќа или улична кражба што нема да бидат фотографирани. Овие возила ќе снимаат, во детали, огромно изобилство на фотографии и ќе може во реално време да се реагира на сите воочени настани.

 Очила за надградена реалност

Додека светот денес има повеќе мобилни телефони отколку луѓе, наскоро ќе бидеме сведоци на зголемена појава на очила за надградена реалност (НР). Таквите очила ќе имаат мноштво камери за гледање напред кои ќе фотографираат сè во милиметарска резолуција додека вие шетате и уживате во вашиот ден (слика 4).

До крајот на 2020 година, вкупниот број на нашите паметни телефони, очила за надградена реалност, паметни часовници и паметни медицински помагала се очекува да биде околу 50 милијарди поврзани уреди кои во себе ќе имаат вградено можеби над 1 трилион сензори.

И токму како што бројот на поврзани уреди експоненцијално се зголемува, бројот на сензори по поврзан уред исто така ќе се зголемува експоненцијално.

Досега сензорите на телефони се дуплираат на секои четири години. Ова значи дека до 2027 година можеме да очекуваме околу 160 сензори по мобилен уред, што би резултирало во свет во кој ќе оперираат речиси 100 трилиони сензори – сензори на кои може да им се пристапи и чии податоци можат да бидат достапни на вашиот виртуелен асистент базиран на вештачка интелигенција за да може да одговори на речиси секое прашање.

Замислете иднина каде што, откако ќе се разбудиме во утринските часови, прво ги ставаме нашите контактни леќи за надградена реалност и практично забораваме на нив во остатокот од денот. Додека се во нашите очи, овие контактни леќи го снимаат секој наш разговор, секоја личност која поминува на улицата, буквално сè што гледаме во текот на денот. Врз база на овој константен прилив на набљудувачки податоци, ние ќе можеме да го вметнеме таквиот социјален граф во нашиот постоечки виртуелен асистент базиран на вештачка интелигенција и него да го тренираме користејќи го собраното множество на податоци во согласност со нашите лични преференции. Навистина ќе живееме во ера на радикална транспарентност! 

ДО КРАЈОТ НА 2020 ГОДИНА, ВКУПНИОТ БРОЈ НА НАШИТЕ ПАМЕТНИ ТЕЛЕФОНИ, ОЧИЛА ЗА НАДГРАДЕНА РЕАЛНОСТ, ПАМЕТНИ ЧАСОВНИЦИ И ПАМЕТНИ МЕДИЦИНСКИ ПОМАГАЛА СЕ ОЧЕКУВА ДА БИДЕ ОКОЛУ 50 МИЛИЈАРДИ ПОВРЗАНИ УРЕДИ КОИ ВО СЕБЕ ЌЕ ИМААТ ВГРАДЕНО МОЖЕБИ НАД 1 ТРИЛИОН СЕНЗОРИ

Големата слика

Со 5Г на теренот и балони и приватни сателити во воздухот, ние сме на работ да го поврземе секој човек на планетава со конекции со гигабитни брзини и со минимална цена. Како што 5Г резултира во свет на трилиони сензори и уреди, ние наскоро ќе живееме во свет каде што секој насекаде ќе може да има пристап до целото светско знаење, ќе може да подигне подготвен капитал од 8 милијарди нови потенцијални инвеститори, ќе може во секое време да направи 3Д - печатење преку „облакот“.

Сумирано, ние се движиме кон иднина каде што можеме да знаеме сè што сакаме, секогаш кога сакаме, каде што сакаме. Во една таква иднина не е толку важно „она што го знаеме“, туку „квалитетот на прашањата што ги прашуваме“ е она што ќе биде најважно.

Сакате да ја знаете просечната спектрална боја на женските блузи во Сити мол ова утро? Прашајте го вашиот виртуелен асистент базиран на вештачка интелигенција и тој ќе ги собере податоците од сите фотографии на женски блузи во трговскиот центар и ќе ви даде точен одговор за неколку секунди. Ако сте во модниот бизнис, можете да го прашате виртуелниот асистент дали некоја неодамнешна рекламна кампања е во корелација со промената на бојата на блузата.

Таквото изобилство на податоци и информации кои можат од нив да се увидат е она што може да се нарече радикална транспарентност. Тоа доведува до неколку интересни заклучоци: прво, дека во иднина приватноста може навистина да биде нешто од минатото, и второ, дека е сè потешко и потешко да се стори нешто во тајност без да се остави некоја дигитална трага. 

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2018 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top