Општество
МОЖЕ ЛИ ВО МАКЕДОНИЈА СНИМАЊЕТО СИТКОМ ДА БИДЕ ОДРЖЛИВ ПРОЕКТ?

Ивана Тасев
Авторот е новинар

„Преспав“ прв македонски ситком кој доживува 3. сезона

Во студијата на Македонската радио и телевизија се снима 3. сезона на популарниот телевизиски ситком „Преспав“. Премиерното емитување на најновата сезона е предвидено за декември. Па така ќе биде единствена серија во Македонија која успеала досега да продуцира 80 епизоди. Хуморот во серијата е метафора која го отсликува македонското општество. „Преспав“ е во продукција на ОХО, а од декември ќе се прикажува на националниот канал МТВ1. Серијата е редок успех на македонски ситком.

 

„Преспав“ е комуникациски модел за презентирање на европските вредности пред гледачите, но во наративот ја задржува македонската автентичност. Преку намерно конструирање на сценариски ситуации што се поклопуваат со актуелните општествени, домашната публика лесно се препознава и се идентификува со ликовите во серијалот. Прашањата со кои се занимава пансионот се ЛГБТИ, работнички права, корупција, еманципација на жените... „Преспав“ е коректив на нашите лоши транзициски навики и начини.
Серијалот особено третира теми на правно деловно работење, исполнителност кон даноци, пријавување на вработени, права на работници, корупција на инспектори, европски и социјални програми во кои можат да се вклучат македонските компании. Повеќе бизнис-ентитети во земјава ја препознаа популарната вредност на серијата, чија трета сезона се снима во моментов и сега тие инвестираат во градењето здрав деловен амбиент преку нивната поддршка на серијалот.
Актерската екипа доби засилување од една доминантна дама во главната улога, актерката Јана Маринова од Бугарија. Маринова е позната кај македонската публика по главната улога во бугарската серија „Врски“. Во главните улоги остануваат: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели.


Идејата и концептот на „Преспав“ се на Елеонора Венинова и на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов-Изи, на Вардан Тозија и на Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Бојан Трифуновски, Алек Попов, Делјана Манева од Бугарија и Александра Миланова.
„Преспав“ доживува трета сезона. Тоа е редок успех на македонски ситком. Па оттаму се поставува прашањето: Може ли во Македонија снимањето ситком да биде одржлив проект?
„’Преспав‘ уште во првата сезона ’застана на нозе‘. Јасно беше дека проектот ќе продолжи и ќе биде сѐ подобар. ’Преспав‘ доживува трета сезона и со завршување на епизодите од овој циклус ќе биде првиот македонски серијал со 80 епизоди, можам со сигурност да кажам дека проектот е одржлив. Екипата речиси и да се нема променето од првиот снимачки ден во мај 2016 година“ – вели Пеце Талески, продуцент на „Преспав“.
Во време кога речиси за малку телевизијата ќе ја изгубеше битката со интернетот, оваа екипа одлучи да понуди квалитетна ТВ-содржина на македонски јазик, со македонски актери и со сценарио што ја отсликува фактичката состојба во земјава. Без цензура, со непристрасен настап во презентирање на реалноста, направија производ што ќе служи за да посведочи за ова време.
„Сценаријата на ’Преспав‘ го карикираат водењето бизнис во Македонија затоа што сите ’сопки‘ му се случуваат на едно семејство што води мал семеен бизнис, но ситуациите, изолирано, се толку реални што на моменти сте во дилема дали да се смеете. Претставник на сета корумпираност и административен блам е инспекторот Томе. Тој се обидува да му наштети на пансионот за своја лична корист и збогатување, но речиси и да нема епизода во која не е соочен со останатите, како на пример германката Ула, кои ги познаваат законите и процедурите и се обидуваат да ја истераат правдата. Тоа се свесно конструирани ситуации во сценариото, што на крајот имаат и едукативна улога“ – вели Талески.
Серијата го афирмира македонскиот јазик, теми кои се транспарентно третирани во серијата е афирмација на македонскиот туризам, македонските ресурси, храната, мултиетничките односи...
„Покрај тоа што серијата го афирмира македонскиот јазик, им оддава важност и на јазиците на малцинствата кои живеат во Македонија, како и на дијалектите. ’Преспав‘ е ситуациска комедија која ја претставува реалноста во земјава и нема изговор да не биде така. А кога ’Преспав‘ ќе се прикажува во ТВ-етерот на некоја од земјите во регионов, тоа ќе биде најдобрата промоција на македонскиот јазик. Имаме такви планови и веќе сме во преговори, така што сигурен сум дека ништо не ни недостасува за да продадеме серија надвор“ – додава Талески.

Препознавање на публиката во ликовите

Свесното конструирање на сценариски ситуации, кои се поклопуваат со домашниот амбиент, менталитет и актуелни општествени случувања има директен импакт врз гледачите. Сценаристите во „Преспав“ се обидуваат да создадат ситуации кои, пред сè, ќе бидат комични.
„Кога се работи ситуациска комедија, тоа е првиот предизвик. Ако не си забавен, ако ситуациите не раѓаат хумор, серијата не е ситком и целта не е исполнета. Доколку оваа најважна скала си ја искачил, публиката е тука, пред екраните и секако дека можеш преку ситуациите и ликовите да пласираш и некои пораки, да се обидеш и нешто да смениш во оваа наша фалична социјална средина. Да, секако дека се трудиме тие да припаѓаат целосно на нашево општество и да ги отсликуваат нашите секојдневни маки, проблеми, предизвици, зашто во спротивно би изгледале крајно неверодостојно. И тука сме, би рекол, дури малку и во предност во однос на културите со поголема ситкомска традиција. Предноста е во тоа што кога во западните култури создаваш ’фаличен пансион‘ треба да создадеш искривени, изместени ликови за да ја дадат ’фаличноста‘, кај нас таа ни е природно зададена зашто ние сме такво општество. Сатирата и општествената ангажираност се пукање во празно ако сме ја промашиле главната цел – да создаваме комедија“ – вели Сашо Кокаланов, сценарист.
Публиката од различни возрасти и општествени слоеви се препознава во ликовите или во некои нивни особини, како и во нивните проблеми.
„Ликовите во ’Преспав‘ имаат две карактеристики. Прво, тие припаѓаат на прототиповите на карактери за ситком. Ако еден карактер треба да е љубовен губитник или логична ’цепидлака‘ или материјалист, тој треба да е тоа независно дали е американски, британски, јапонски или македонски ситком. Дали е ’Френдс‘, ’Ало, ало‘, ’Преспав‘, правилата за карактерите се тие. Тука треба да се биде прецизен во исцртувањето на карактерната ’силуета‘ на секој од ликовите зашто прецизната и јасна карактеризација прави различни ликови да создаваат хумор во различни ситуации и создава комични конфликти и односи меѓу нив. Тоа е прва задача. Втората е ликовите да произлегуваат од нашето општествено милје. Секој треба да се препознае во некој од ликовите. Ако рецепционерката е од Драчево, едвај завршила средно, а зборува литературно, цитира песни од Бодлер, следи промени на берзата во Њујорк и во слободно време го чита Хабермас, тогаш нешто не е добро ’наштимано‘“ – додава Кокаланов.

Ситкомот негува длабоки врски со публиката

Ситкомот е уникатен медиумски продукт кој има способност да негува длабоки врски со својата публика. За најважните аспекти што ги комуницира „Преспав“ во македонскиот медиумски етер, режисерот Игор Иванов вели:
„Овој телевизиски жанр има сосема различна структура и е подложен на сосема други правила од филмот, театарот и останатите играни ТВ-производи. Овде не станува збор за протагонист соочен со конфликт со ’злото‘ со себе, општеството или природата. Овде секогаш се работи за семејство претставено преку лепеза од карактери, изградени врз многупати испитани и проверени модели. Ситуациската комедија е маниристички или поточно шематски продукт, чија вредност зависи од тоа колку успева да кореспондира со актуелната општествена стварност. Публиката ги препознава и се идентификува со ситуациите во кои запаѓаат јунаците и во нив никој не се препознава себе си, но затоа препознава личности од своето непосредно опкружување. Од тоа колку се успешни паралелите со актуелната стварност, колку овие ситуации и овие стереотипни ликови успешно кореспондираат со нашиот реален социјален и политички живот, толку се позабавни и посмешни. ’Преспав‘, барем така ми се чини, мошне успешно ги прикажува македонските стереотипи и апсурдните состојби во кои запаѓаме и живееме и тоа е клучот за успех на оваа прва вистинска македонска ситуациска комедија.“
Режисерот Вардан Тозија смета дека комедијата како жанр претставува силно оружје за подвлекување пораки што би требало да допрат до пошироката јавност. Па така и една од целите на „Преспав“ е токму тоа – зад кулисата на хуморот да укаже на нашите недостатоци, без да ја потцени интелигенцијата на публиката.


„Сметам дека преку еден моќен комуникациски медиум, како телевизијата, постои можност за директно влијание врз пошироката публика и преиспитување на втемелените догми и стереотипи. Драмската форма, со својата имплицитност, полесно ги пробива бариерите на предрасудите отколку очигледното, наметливо прикажување на ’вредностите‘ што ’треба‘ да ги прифатиме. Геј бакнежот е само еден мал контекст во раскажувањето на приказната, нема таму ништо необично, ниту ’нагазено‘. Нагласувањето на прифаќањето на различностите е тоа што создава одбивност кај публиката. Како филмски автор мојот светоглед во наративната форма опфаќа можеби малку поинаков спектар на ликови и на ситуации. Но, често авторите забораваат на едноставноста на пораките што треба да се пренесат и резонираат низ призмата на своите ’меури‘. Тука постои опасноста од губење на комуникација со гледачот и создавање неуспешен производ.“

(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2018г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top