Интервјуа
АКО ИЗГРАДИМЕ ИНСТИТУЦИИ, ПЕРСОНАЛНИТЕ РЕШЕНИЈА ЌЕ СТАНАТ ПОМАЛКУ ВАЖНИ

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија

Работиме и се бориме капиталот постојано да циркулира


Кога прејдовте од хотелот „Александар Палас“ во Стопанската комора на Македонија ветивте дека ќе се обидете и со Комората да направите ист успех како со хотелот.

Б. Азески: Ниеден успех не паѓа од небо. Треба да си ја сработиш работата и да не очекуваш некој друг да ја заврши наместо тебе. Максимално се посветувам на секој нов предизвик и никогаш не излегувам надвор од рамките на своите надлежности. Но, многу важен фактор за тоа поединецот да постигне успех се опкружувањето и состојбите во државата во која егзистираме.
Стопанската комора е многу блиску до поставената цел во однос на тимот, финансиската стабилност, меѓународната мрежа и позиции. Сепак, во однос на опкружувањето во кое дејствуваме, потребно е да се направат три работи:
• прво, договор меѓу јавниот и приватниот сектор за регулирање на односите меѓу Владата/институциите и бизнис-заедницата каде што јасно и прецизно ќе се регулира опсегот на регулацијата на приватниот сектор од страна на државата;
• второ, стратегија за забрзан и одржлив економски раст и
• трето, структуриран, единствен и моќен коморски систем кој вистински ќе ги презентира потребите на приватниот сектор.

Во овој контекст, Стопанската комора на Македонија има континуиран дијалог и со Владата, и со опозицијата, и со сите други чинители на економската политика.

Б. Азески: Дијалогот е централна алатка на нашето работење и мора да се одржува на сите нивоа. Во Комората вратата е отворена за сите кои сакаат да дојдат, да поразговараат за економијата и заеднички да размениме мислења за сите релевантни прашања. Но, и да не се остане само на дијалог, туку тој да даде некоја нова вредност, решенија во корист на бизнисот и на државата, но не на штета на јавниот интерес. Јавниот интерес секогаш треба да се земе предвид кога се креира какво било решение.

Дали ваквата определба на Комората дава конкретни резултати?

Б. Азески: Комората мора секогаш да гради мостови и консензус меѓу сите чинители на економската политика. Во моментов, неспорен консензус меѓу сите чинители постои во однос на значењето на независноста на монетарната политика и мислам дека сме на прагот за постигнување на втор таков консензус – за важноста на процесите на извозна диверзификација и модерна реиндустријализација како фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија. Овој наш предлог беше изложен на Научната конференција организирана од страна на МАНУ, на НБРМ, на Владата на РМ и на Стопанската комора на Македонија, на 4 и 5 октомври 2018 година во Охрид, и е прифатен како од владејачките, така и од опозициските партии.

БИЗНИСОТ СОЗДАВА НОВА ВРЕДНОСТ. ОД ТАА НОВА ВРЕДНОСТ СЕ ХРАНИ БУЏЕТОТ. ОД БУЏЕТОТ СЕ ХРАНИ ЗДРАВСТВОТО, ОБРАЗОВАНИЕТО, ПОЛИЦИЈАТА... БИЗНИСОТ Е МОТОРОТ. ДРЖАВАТА Е СЕРВИС. ЦЕНТРАЛНО ПРАШАЊЕ Е ШТО МУ ТРЕБА НА ТОЈ БИЗНИС ЗА ДА СОЗДАВА ПОВЕЌЕ ВРЕДНОСТ?

Како во моментов гледате на односот на државата кон приватниот сектор?

Б. Азески: Бизнисот создава нова вредност. Од таа нова вредност се храни буџетот. Од буџетот се храни здравството, образованието, полицијата... Бизнисот е моторот. Државата е сервис. Централно прашање е што му треба на тој бизнис за да создава повеќе вредност? Тоа е добра агенда на секоја влада. Нема многу филозофија. Во исто време неопходен ни е еднаков третман без никаква дискриминација и фаворизирање на кој било економски субјект. Во време на криза, во целиот свет се трошат милијарди за спасување на компаниите и на работните места, а кај нас стопанствениците ја имаат можеби најнеугледната позиција во системот. Крајно време е да се сфати дека ниту компаниите можат да функционираат без државна поддршка ниту државата може да оди напред без успешни компании. Секој треба да си ја знае улогата и во согласност со тоа да дејствува. Ни помалку ни повеќе. Притоа мислам на категоријата ЗДРАВ БИЗНИС, бизнис кој може да опстојува без оглед кој е на власт и да трае. Тоа е мојот интерес. Сѐ друго е на граница на законот и не е наш интерес.
Политичките елити се менуваат, ама барањата на бизнисот остануваат. Мудра е онаа влада која го почитува и го следи бизниот. Ако нѐ следи, државата ќе носи побрзи и посоодветни решенија. Во корист на сите, се разбира.

Функционира ли јавно-приватниот дијалог?

Б. Азески: Ако не функционира тој дијалог има само еден губитник – државата. Дијалог има, но, за жал, сѐ уште ни се случуваат ситуации за измените на некои системски решенија да дознаваме од медиумите. Над пола од законите се носат по скратена постапка. Зошто? Има две можни причини – првата, нешто треба да се помине без јавност, односно „под маса“ и втората, лош менаџмент на време и на процеси. И двете се неприфатливи. Имаме државен апарат по глава на жител како да сме најбогатата земја на светот, а функционираме како да сме најсиромашната, со импровизации. На пример, во 2015 година по скратена постапка биле разгледани и донесени 340 закони, или дури 56 % од вкупниот број на донесени закони таа година, во 2016 во ваква постапка биле донесени 238 закони, или 65 % од вкупниот број на закони, а трендот продолжи и во 2017 година. Иако бројките се значително намалени, просекот останува, од 42-та донесени закони, 57 % или вкупно 24 закони биле донесени по скратена постапка. Таквиот метод не е добар, продуцира избрзани законски решенија кои понатаму пројавуваат проблеми во практиката и се враќаме во бесконечните циклуси на постојано менување на законите.

Неодамна Владата Ве изненади со измените во даночната регулатива.

Б. Азески: Ние како најголема и најзначајна куќа на бизнисот немамe проблем со тоа што државата сака да ги насочи вложувањата кон унапредување на социјалниот, на образовниот и здравствениот систем – напротив, силно ги поддржуваме тие напори. Но, цврсто стоиме на ставот дека дијалогот е најпотребната алатка при ваквите суштински важни процеси и сериозни се последиците ако тој отсуствува. Сепак на крајот сметката завршува кај бизнис-заедницата, таа треба да ја плати. Сосема е во ред да го испочитувате мислењето на тој кој на крај го подмирува цехот. И на крајот од денот, за што конкретно ви требаат тие пари. Буџетот е секоја година поголем од претходната, некој тоа во континуитет го плаќа. Граѓани има сѐ помалку... Знаете, под притисок на меѓународната заедница и други земји од опкружувањето ги зголемија корпоративните даноци, но што се случи набрзо – сите компании ги преместија главните седишта во друга земја. Атина веќе не е седиште на големите корпорации. Да не излезе на крајот, подобро беше врапче во рака, отколку гулаб на гранка.


ПРИМАРНАТА ЗАДАЧА НА КОМПАНИИТЕ Е ДА СТОПАНИСУВААТ, А НЕ ДА ВНИМАВААТ ДАЛИ ЌЕ НАПРАВАТ НЕКОЈА ГРЕШКА ВО РЕГУЛАТОРНИОТ ЛАВИРИНТ ВО КОЈ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ФУНКЦИОНИРААТ

Има ли решенија за ваквите ситуации?

Б. Азески: Ако политичките елити или администрацијата одлучиле да нормираат нешто на определен начин, ние не можеме да ги спречиме, тоа е нивно легитимно политичко право – но, можеби ако ги слушнат нашите позиции ќе придонесеме да се согледаат сите аспекти. Одамна го покренав прашањето за потребата од склучување договор меѓу јавниот и приватниот сектор во кој јасно ќе се разграничат правата и обврските на двете страни, не може државата во односите со бизнис-заедницата да настапува инцидентно или без план. Предвидливоста е од клучно значење за бизнисот и затоа потребно е да се нормира систем кој ќе гарантира дека нема да се случуваат исклучоци.

Што поточно би уредувал тој договор меѓу јавниот и приватниот сектор?

Б. Азески: Наједноставно кажано, со ваков договор секој треба да си го знае своето место во системот – прецизно треба да се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, но и кои се обврските на тој сектор спрема државата и како ќе се извршуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој. Менаџерите и сопствениците на капиталот се свесни дека мораат да ги исполнуваат своите обврски кон државата, вклучувајќи го особено плаќањето на јавните давачки, но истовремено сакаат да бидат уверени дека тие средства ќе бидат искористени во интерес на бизнисите и на граѓаните, и тоа мора да биде регулирано на соодветен начин.
Неприфатливо е државата да се однесува како газда. Таа ниту била ниту смее да биде тоа. Не е нејзината улога измислена за тоа. Нејзина задача е да ги уредува односите за да нема хаос, а истовремено да нуди решенија во интерес на сите. Државниот апарат мора да го смени својот став кон ова прашање.

Склучувањето на ваквиот договор не е во спротивност на заложбата на Комората за дерегулација?

Б. Азески: Бизнисот бара полесен државен апарат за „издржување“. Е сега, ако не успеваме да се разбереме со ишарет, ќе треба да се стави на хартија. Имам впечаток дека со години сме во зона на неразбирање поради гломазноста на системот и комплицираноста на бирократијата. Апсолутно останувам на ставот дека ни е потребна дерегулација во системот, буквално го задушивме бизнисот во купот прописи кон кои треба да го приспособи своето работење и наместо да се поедноставува нивниот број и комплексност од ден на ден станува сѐ поголем. Во моментов, во Македонија имаме во примена речиси 1 400 законски прописи – кои понатаму се доработувани со илјадници правилници, упатства, одлуки... Примарната задача на компаниите е да стопанисуваат, а не да внимаваат дали ќе направат некоја грешка во регулаторниот лавиринт во кој се принудени да функционираат. Токму затоа и инсистирам на склучувањето на договор меѓу државата и бизнис-заедницата, тој да послужи како основна рамка за воведување ред и предвидливост во односите меѓу двете страни, што во крајна линија треба да придонесе за дерегулација во системот.

Во овој контекст е и прашањето за неданочните и парафискалните давачки како сериозно оптоварување на бизнис-секторот.

Б. Азески: Тоа е една многу интересна тема. Тоа е исто како кога купувате некој производ со ситни букви да ви напишат дека во цената што ја плаќате не е вклучен гајтанот за приклучок, батериите и главниот мотор. Е чувството од таа ситуација е потполно исто со овие парафискални давачки.
По истражувањето кое го спроведувавме подолг период, во јавноста ги презентиравме резултатите дека годишно се наплатуваат износи од 250 милиони евра на име неданочни и парафискални давачки, односно дополнително од даноците и тие претставуваат сериозно финансиско оптоварување за компаниите. Станува збор за стотици давачки кои ги наплатуваат различни локални органи, агенции и управи, во милионски износи на годишно ниво и нивниот број секоја година расте. Повикавме да се направи регистар во кој ќе се евидентира кој сѐ и по кој основ може да наплатува давачки од компаниите во насока на преиспитување на оправданоста и на целисходноста од постоење и воведување на одредени надоместоци и давачки, односно нивно укинување. Наместо тоа, во Предлог-буџетот за 2019 година гледаме предложено зголемување на планираните приходи по овој основ до износ од 300 милиони евра. Е сега, како бизнисот може да биде задоволен и среќен? А без среќен бизнис, нема ни задоволна држава.

НЕМА ОПЦИЈА ЗА ВИТАЛНА ЕКОНОМИЈА И РАЗВОЈ НА БИЗНИСОТ БЕЗ ОДГОВОРНОСТ, ОТЧЕТНОСТ, БОРБА СО КОРУПЦИЈА. КОМОРАТА ВО ИДНИОТ ПЕРИОД ЌЕ ГИ ДЕМОНСТРИРА СВОИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ ЗАЛОЖБИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА РЕФОРМИТЕ ВО СФЕРАТА НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И БОРБАТА СО КОРУПЦИЈА. ТОА ЌЕ ГО ПРАВИМЕ СО ПОДДРШКА НА НОВИ ЛИДЕРИ ВО ГРАЃАНСКИОТ И МЕДИУМСКИОТ СЕКТОР

Како го оценувате потегот на актуелниот премиер да побара од коморите да предложат свој претставник во Владата?

Б. Азески: За нас овој потег беше големо изненадување и ние го оценивме како добронамерен, особено што доаѓа од човек кој има бизнис-искуство. Во Комората организиравме многу обемна расправа на таа тема и заклучивме дека треба да одиме со најдобриот предлог на кандидат што го имаме во моментов. Човек кој во Владата ќе ги претставува нашите стратешки приоритети – индустријализацијата и извозот, а токму проф. д-р Кочо Анѓушев поседува индустриски капацитети чие производство е извозно ориентирано. Искуствата се дека ваквиот потег го зголемува влијанието на бизнис-заедницата при донесувањето на одлуките на Владата.

Каква е Вашата соработка со економскиот тим на Владата и со институциите кои се од значење за бизнисот?

Б. Азески: Ако работите ги гледате од страна на бизнисот, веднаш ќе ви стане јасно дека институциите, а не личностите се партнер на бизнисот. Ако имате силни и професионални институции, персоналните решенија не се пресудни. Ние сметаме дека Народната банка и Министерството за финансии се најпрофесионалните институции со кои соработуваме, додека УЈП и Царинската управа се движат во таа насока. Има општини со кои добро соработуваме, но тие се во малцинство во однос на сите други. Најслаба соработка имаме со министерствата што имаат повеќе надлежности и затоа размислуваме да предложиме формирање на неколку министерства кои ќе бидат со една надлежност, како министерство за енергетика или за трговија, со што Владата би станала пооперативна.

Има ли во моментов Стопанската комора на Македонија капацитет да биде активен партнер во процесите на соработка?

Б. Азески: За нашиот делокруг имаме и повеќе од тоа што ни е потребно. Апсолутно повеќе. Можеме да помогнеме во сите поцеси, но да се разбереме, не очекувајте ние да ги пишуваме законите и прописите. Ние може да дадеме навигација, да одобриме или да одбиеме. Сепак некој друг е платен за тоа. Во однос на нашите капацитети – имаме експертиза, искуство и иновативност, професионалност и традиција за да можеме соодветно да одговориме на предизвиците на овој процес. Вкупно 954 менаџери или сопственици се дел од управувачките органи на Комората низ различните форми на организирање и на работење. Имаме експерти од различни области, кои своите знаења ги ставаат во функција на подобро остварување на целите на работењето на Комората. Во Стручната служба на Комората имаме двајца доктори на науки, и петнаесетина магистри на науки од различни области, и континуирано вложуваме во професионалната надградба на кадрите. Мислам дека е доволно за да ги исконтролираме решенијата што ќе ни бидат понудени, а да ги прилагодиме на бизнисот и на јавниот интерес во исто време.

Годинава изминува, која е Вашата сумарна оценка за економските случувања?

Б. Азески: Од економски аспект годинава не нѐ донесе таму каде што сакавме да бидеме, но сепак е подобро од тоа што се плашевме. Стопанството изминативе години минуваше низ кризен период. Но, на секоја криза треба да се гледа како предизвик – што од неа можеме да научиме и како да не ги повторуваме грешките. После сѐ – бизнисот конечно мора да дојде во фокусот. Луѓето што прават позитивни економски приказни, и покрај сѐ – се хероите на ова време. Тука треба да е насочена енергијата. Да им дадеме повеќе шанси, еднакви услови за натпревар, поголемо влијание при носењето на одлуките за економскиот амбиент и економските политики. На крајот од денот, поголемо влијание во политичките одлуки воопшто. За да водите бизнис треба да продавате нешто. За да продавате нешто треба некој тоа да го купи. За да го купи, треба да има вредност. Е токму тие што го прават ова прашање за размислување е зошто да не смеат да се вклучат во креирањето на политичките процеси?


ЗА ДА ВОДИТЕ БИЗНИС ТРЕБА ДА ПРОДАВАТЕ НЕШТО. ЗА ДА ПРОДАВАТЕ НЕШТО ТРЕБА НЕКОЈ ТОА ДА ГО КУПИ. ЗА ДА ГО КУПИ, ТРЕБА ДА ИМА ВРЕДНОСТ. Е ТОКМУ ТИЕ ШТО ГО ПРАВАТ ОВА ПРАШАЊЕ ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ Е ЗОШТО ДА НЕ СМЕАТ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО КРЕИРАЊЕТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ?

Што е она што особено би го истакнале?

Б. Азески: Оваа политичка структура навистина направи скок во политичка смисла. Наоѓајќи се среде геополитички процеси кои не беа и не се само наши. Тие се многу посериозни од она што ние можеме да видиме. И покрај турбуленциите во политиката, сепак ја одбегнавме рецесијата и од тој аспект треба да сме задоволни. Искрено се надевам на многу подобро време во периодов што доаѓа. Најлошoто е зад нас. Барем така ми се чини во моментов. Но, треба да работиме на промена на ставовите кон економијата, кон бизнисот. Тоа нема да е лесно. Многу сме заглавени во погрешни перцепции, дека ако добро работиш, значи има нешто сомнително.

Претпоставувам ќе се согласите со оценката дека работите сѐ уште се далеку од посакуваното.

Б. Азески: Далеку сме од посакуваното. Уште минатата година истражувањето, кое по барање на Стопанската комора на Македонија го направи Виенскиот институт за меѓународни економски студии, покажа дека би можеле да се надеваме да го достигнеме европскиот стандард за 30 години ако имаме стапка на раст од најмалку 4 % годишно и тоа под претпоставка растот на ЕУ да биде 2 %. Во моментов за нас задоволителни резултати не можат да бидат стандардни решенија, на македонската економија би ѝ било потребно економско чудо за да стигнеме до стапки на раст од 5 до 7 %. Но, ако не работиме и ако не веруваме во целите, тогаш нема смисла ниедна економска приказна. Нема пократок пат, освен да се работи на тоа.

Како да се стигне до високи стапки на економски раст?

Б. Азески: Основен потег кој ќе ни следува е да не бараме оправдување, наместо тоа да се фокусираме на значајните долгорочни прашања и добри практики. Без многу дискусии и анализи факт е дека влечеме некои структурни проблеми долги години наназад, но и дека во моментов немаме инфраструктура која може да поддржи вакви стапки на раст. Проблемот е што во Македонија не се отвора дискусија за суштински прашања туку времето го губиме во дневно-политички расправии, а тоа ќе не чини многу. Време секако нема, а со секој изминат ден – нема ни кадри. Веќе имаме проблем со стручен кадар.

Каде ги гледате перспективите за развој на македонската економија?

Б. Азески: Прво, поголема шанса и место во општеството на позитивните бизнис-приказни. Второ, не е грев да правиш профит, промена на јавниот став и мислење кон тоа. Трето, поддршка наместо кочење на економијата од бирократијата. Четврто, намалување на јавниот трошок и пренасочување на парите во економски раст. Петто, наместо импровизации, длабинска анализа за конкурентските предности на земјава и на луѓето во неа.
Што се однесува до стратешките определби на Комората, во идниот период тоа ќе бидат извозната диверзификација и модерната реиндустријализација како процеси кои сметаме дека треба да го поведат економскиот раст на земјава. Самите состојби во македонската економија ни ги наметнаа овие приоритети – индустриското производство ни е на ниво кое не достигнува ни 65 % од оствареното индустриско производство во 1990 година, а релативното учество на индустријата во БДП се намали од 32 % во 1992 година на 15 % во 2016 година. Истата состојба се бележи кај извозот – ако во 2006 година сме извезувале 675 производи со компаративна вредност, нивниот број денес изнесува само 461. Затоа мора сериозно да се посветиме на овие прашања – да се фокусираме кон вистински производни инвестиции во функција на раст на конкурентноста и кон унапредување на извозот кој треба да достигне до 70 % од БДП.

СОСТОЈБИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ САМО ЕДЕН ОД РЕЗУЛТАТИТЕ КОГА ДРЖАВАТА ГИ ГРАДИ СВОИТЕ ПОЛИТИКИ ВРЗ ОСНОВА НА ПОПУЛИЗАМ И ЈАВНО МИСЛЕЊЕ, И ПО СВОЈА ВОЛЈА И ВИДУВАЊЕ. СО ТАКОВ НАЧИН НА РАБОТА МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЕ УШТЕ ЕДЕН МАНДАТ, НО НЕ ПРОСПЕРИТЕТ...
ОБРАЗОВАНИЕТО МОРА ДА ЈА СМЕНИ СВОЈАТА УЛОГА ОД УЧЕЊЕ ФАКТИ И ТЕОРИЈА КОН РАЗВИВАЊЕ ВЕШТИНИ ШТО МОЖЕ ДА СЕ ПРИМЕНАТ НА РАЗЛИЧНИ РАБОТНИ МЕСТА.

Како се снаоѓа македонското стопанство во регионалното опкружување?

Б. Азески: Мала земја сме за воопшто да помислиме да бидеме изолирани. Комората е особено сензитивна на тоа затоа што ги претставува бизнис-интересите. Тие никогаш не се еднонационални, односно не познаваат нации. Не познаваат ни политички препирки, ни тоа кој ми е симпатичен, а кој не. Бизнисот препознава само едно – профит. Парите немаат политичка боја. Исти се секаде. Најдобар пример за таквото наше работење е соработката со Грција. Деловната соработка меѓу двете држави одлично се одвива сите овие години, додека политичките процеси затајуваа – Грција години наназад е наш најголем трговски партнер и еден од нашите најголеми странски инвеститори. Последен доказ за оваа соработка е Бизнис-форумот кој го организиравме во Атина, на крајот на ноември, како и заедничкиот проект кој ќе го започнеме со Атинската комора за поддршка на брзорастечки компании „газели“.

Изјавивте дека ЦЕФТА-договорот е мртов.

Б. Азески: ЦЕФТА е само доказ дека бизнисот е жива приказна. Бизнисот кокетира пошироко и бара партнер кој може да плати повеќе и по подобри услови. Затоа стариот партнер е мртов. Бројките тоа го покажуваат – вкупниот обем на размена со земјите од ЦЕФТА-регионот учествувал со нашата вкупна размена со 20,5 % во 2008 година, а во 2017 година се свел на само 10,56 % или во бројки од 2,18 милијарди САД долари во 2008 година, во 2017 година вкупната размена со земјите од ЦЕФТА-регионот е сведена на 1,41 милијарда долари. Перспективите на регионалната размена сега ги гледаме во Коморскиот инвестициски форум.

Вие сте и заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум. Како реално тоа тело може да придонесе на полето на регионалната соработка?

Б. Азески: Треба поголема искреност во овие регионални односи. Не мора да се сакаме во регионот, ама може барем да бидеме искрени. Потребни сме едни на други. Неспорно е дека економски јаки соседи се императив за развој на приватниот сектор – тие можат да нѐ повлечат напред и да дадат поттик за развој на нашата економија. Токму оваа идеја ни беше водечка кога со претседателите на останатите пет комори од државите на Западен Балкан одлучивме да го формираме Коморскиот инвестициски форум. Ентузијастички пристапивме на подвигот наместо да размислуваме како можеме да ги затвориме економските граници и да се натпреваруваме едни со други, активно да дејствуваме полето на натпревар да го пренесеме надвор – односно целиот регион заеднички да се бори на европските пазари и да креираме заеднички простор за трговија и за инвестиции. Особено ме радува што визијата на Коморскиот инвестициски форум, кој започна во рамките на Берлинскиот процес, беше препознаена од значајни партнери од Европската комисија, од Германија, од Австрија и од Јапонија, а бенефит ќе имаат компаниите од целото подрачје на Западен Балкан. Проектите може да се реализираат на принципот 3+1, 3+2, 3+3 земји од Западен Балкан, а во моментов започнуваме таков проект со Косово и со Црна Гора, и полагаме големи надежи во процесите на КИФ.

Често во Вашите настапи ја споменувате Германија како најзначаен трговски партнер.

Б. Азески: Ние како претставници на реалниот сектор секогаш зборуваме со факти и со бројки. Бидејќи размената со Сојузна Република Германија следнава година ќе достигне 4 милијарди евра, јасно е дека треба да се насочиме кон најразвиената економија во Европа и со неа да ја зголемиме соработката на сите нивоа. Нашето дипломатско претставништво во Германија треба организациски и кадровски да биде најекипирано, и сите институции да ја зголемат соработката со нивните партнери во Германија.

Кој е најголемиот предизвик со кој ќе се соочува економијата на земјава во следната 2019 година?

Б. Азески: По период на изгубено време, сега се поместија приоритетите. Од преголема невработеност, сега нема кого да вработите. Бизнисот е на колена по тоа прашање. Има голем број неквалификувани невработени луѓе, голем дел и со дипломи кои никому не користат. Состојбите во образованието се само еден од резултатите кога државата ги гради своите политики врз основа на популизам и јавно мислење, и по своја волја и видување. Со таков начин на работа може да се добие уште еден мандат, но не просперитет...
Веројатно најголемиот предизвик во моментов, а и во догледна иднина ќе биде обезбедувањето квалификувана работна сила, проблем за кој не можеме да обезбедиме краткорочни решенија, но мораме да започнеме да работиме на овие прашања уште денес.

Што можат коморите да направат за надминување на постојните состојби со квалификуваната работна сила?

Б. Азески: Сигурно нема да измислуваме топла вода. Докажаните развиени системи почиваат на основниот принцип на пазарната економија – понуда и побарувачка. Пазарот на труд не е исклучок од тие пазарни принципи на либералната економија. Не знам зошто се плашиме од економскиот либерален концепт. Тој дава резултати. Ние како Комора можеме многу да придонесеме на ова поле затоа што и природно сме во позиција на поврзувач меѓу образовните институции и деловниот сектор кој е во потрага по нови кадри. Во Стопанската комора на Македонија веќе започнавме со реализација на проект со поддршка на швајцарската влада, „Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk)“, кој го имплементираме во партнерство со швајцарската невладина организација „Хелветас“ и Македонскиот центар за граѓанско образование. Со овој проект се стимулира вработувањето, пред сѐ кај младите, преку подобрување на стручните вештини во земјава. Образованието мора да ја смени својата улога од учење факти и теорија кон развивање вештини што може да се применат на различни работни места, односно да се воспостави функционален образовен систем кој ќе образува квалитетни кадри кои ќе бидат препознаени од страна на приватниот сектор.

Вашата порака на крајот од интервјуто?

Б. Азески: Треба да ја превртиме реалноста. Од политика – бизнис – политика, во обратното, во бизнис – политика – бизнис. На крајот од денот нема бесплатен ручек, некој треба да го плати. Време е за практични и за рационални решенија.


Зоран Јовановски


(Економија и бизнис. печатено издание, декември2018/јануари2019)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top