Интервјуа
ЗА ВКУСОВИТЕ УШТЕ КАКО СЕ ДИСКУТИРА И МОРА ДА СЕ ДИСКУТИРА

Мартин Пановски
архитект

Она што беше типично наше урбано опкружување во минатиот век, денес е привлечна тенденција и хајп тема на разговор во интелектуалните и арт кругови во светот. Ова лето во Њујорк, бруталистичката архитектура беше во фокусот, особено во МОМА (Музејот на современа уметност) каде што беше отворена изложба насловена КОН БЕТОНСКА УТОПИЈА – Архитектурата во Југославија 1948 – 1980. Додека бившите ЈУ-републики славеа и се гордееја со ова високо признание, коешто патем речено беше трендовска одредница годинава, додека Њујорк тајмс наоѓаше поетика и инспирација со наслови како „Цементната мешалка како муза“, додека Њујорчаните се воодушевуваа на нашата пошта и на Македониумот во Крушево, кај нас беше извесно дека во борбата меѓу регресивните и прогресивните сили, трендовите за нашата иднина ќе ги постави политиката. За она што боли и се надевам помалку ќе боли, разговарам со Мартин Пановски - архитект, партнер во Радиус архитекти и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Притоа поводот е прекрасен – неодамна во Музејот на град Скопје се одржа деветнаесеттото издание на БИМАС (Биенале на македонската архитектура). Оваа традиционална активност на ААМ (Асоцијација на архитекти на Македонија) се вбројува во редот на културни манифестации со најдолг стаж во Република Македонија, односно веќе 36 години.
Во траење од две недели, беа изложени и наградени реализации и проекти на македонските архитекти во изминатите две години, а паралелно со главната изложба поставена во Музејот на Град Скопје, се одржа и биеналето на студентите по архитектура во Република Македонија ‒ Биста, во Мала станица.

Тема на овогодишниов БИМАС беше БАУКУЛТУР. Како најзначаен дел на БИМАС беа издвоени трите јавни дискусии насловени „БАУКУЛТУР-разговори“ на коишто се разговараше на теми од големо значење, како за архитектите, така и за пошироката јавност. Целта на овие и други слични активности е започнување на процесот на создавање квалитативен пресврт во размислувањето за изградениот простор во Република Македонија. Од таа причина, покрај бројните архитекти, на дискусиите учествуваа и претставници на невладини организации кои се активни во креирањето и изострувањето на критичкиот поглед на изградениот простор. Беше забележано и учеството на градоначалникот Петре Шилегов на разговорите за развојот на Скопје, како прв градоначалник кој се одѕвал да учествува на едно биенале.

 

БАУКУЛТУР

Што значи „баукултур“ и зошто беше избрана токму оваа тема?

Под поимот баукултур се подразбираат ‘сите активности што имаат влијание врз изградениот простор’. Тоа значи дека баукултур не го подразбира единствено влијанието што го имаат архитектурата и градежништвото, туку претставува сплет на влијанија од различни други општествени чинители. Токму поради овој аспект на интердисциплинарност, во склоп на БИМАС беа поставени и две изложби кои на некаков начин го истражуваат и го презентираат изградениот простор: изложбата „Архитектонски илустрации“ на нашиот истакнат уметник Зоран Кардула и изложбата на фотографии „Паралелно Скопје“ на Даниел Ѓурчиновски.
Баукултур е тема актуелна не само за архитектонската јавност, туку општо. Баукултур беше тема и на овогодишната конференција на европските министри за култура во Давос, на којашто беше потпишана Декларација за промоција на концептот „Висококвалитетен баукултур“ во Европа. Терминот баукултур намерно не е преведен, а е земен како таков и во Декларацијата. Буквалниот превод не може да ја долови суштината дека се работи за ИДЕЈА вградена во начинот на однесување кон животниот простор.
Оваа декларација која беше потпишана во јануари годинава и од страна на нашиот тогашен министер за култура, за жал кај нас помина практично незабележана, а уште помалку, пак, да се покаже дека се прават некои почетни обиди за некакво реално оживотворување на овој европски документ.

Што поточно е баукултур и дали е актуелен и за нас?

Како што стои и во самата декларација, нејзината намена е да нè потсети дека градењето е култура и дека градењето креира простор за развој на културата. Како централни поенти, наведени се три аспекти на баукултур:
„1. Постојните градби, вклучувајќи ги и градбите од културното наследство и современите градби, мора да бидат разбрани како еден ентитет. Постојните градби обезбедуваат важна баукултур-референца за понатамошниот дизајн на изградениот простор.
2. Сите активности што влијаат на изградениот простор, од деталните мајсторски изведби до планирањето и имплементацијата на инфраструктурните проекти, кои имаат влијание на пејзажот, се изрази на баукултур.
3. Баукултур не се однесува само на изградениот простор, туку и на процесот вклучен во неговото креирање.“
Но, да се вратам на баукултур. Во Декларацијата Министерството за култура на Македонија се обврза: „да ги вградува и промовира идеите и принципите на висококвалитетниот баукултур меѓу сите заинтересирани фактори, вклучувајќи ги и другите делови на управата и на широката јавност, особено младите, и да го нагласува на секој релевантен и соодветен начин неговото благотворно влијание врз општеството; да спроведува подобри политики, што безрезервно го прифаќаат културноцентричниот концепт на баукултур и што како клучна цел на политиката ја вградуваат визијата за еден висококвалитетен баукултур; да поддржува натамошни активности и мерки што придонесуваат кон промовирање и имплементација на визијата за висококвалитетен баукултур; да ги поттикнува сите релевантни фактори на влијание, и од јавниот и од приватниот сектор, да го сфатат позитивното влијание на висококвалитетниот баукултур врз општото добро и да ја прифатат сопствената одговорност во придонесувањето кон неговата имплементација, особено во поглед на инвестициите поврзани со баукултур; да ги охрабрува другите региони во светот да ја сфатат вредноста на висококвалитетниот баукултур и да се приклучат кон процесот; при следната средба, по не повеќе од 10 години, да придонесе во оценувањето и дискусијата во врска со напредокот направен кон постигнувањето на висококвалитетен баукултур во Европа“.
За жал, морам да констатирам дека Република Македонија сè уште се нема стратешки определено да се однесува кон изградениот простор како кон нешто што е од огромна важност за една држава. Сакаме парцијално да ги гледаме работите. Сакаме да зборуваме за екологија, а не сакаме да зборуваме за градење. Сакаме да зборуваме за транспорт без да разговараме за миграцијата на населението. Сакаме да зборуваме за градењето од аспект на економијата, ама не и од аспект на дизајнот. Да, дизајнот ни е последното нешто што ни паѓа на памет. Намерно го употребив зборот „дизајн“ зашто имам чувство дека како народ се срамиме од овој збор, бидејќи мислам дека не сме свесни оти тој е еден од факторите што директно влијаат врз квалитетот на животот. Една од најупотребуваните изреки кај нас е: „За вкусовите не се дискутира“. А, не! За вкусовите уште како се дискутира и мора да се дискутира. Бидејќи не дискутираме за вкусови, имаме: од реклами на фирми поголеми од објектот на којшто се поставени, до различни прозорци на ист објект, до затворени балкони, до одвратно неинвентивни, неквалитетни и евтини згради, па сè до немање трошка однос кон современата архитектура која, му се допаѓала некому или не, е она што го оставаме како културно наследство произлезено од овој актуелен момент.

Ова за нас не само што треба да е актуелно туку мислам дека претставува последна шанса која мораме да ја зграпчиме за да ја направиме Македонија убаво место за живот. Но за да можеме овде воопшто да почнеме да работиме на висококвалитетен баукултур, прво ќе мора на сите да ни стане јасно дека просторот во кој живееме не влијае само на нашите економски потреби туку има огромно влијание и на социјалните и емотивните потреби на општеството и дека тие се исклучително важни за развојот на општеството. Второ, дека изградениот простор, иако е збир на приватни и јавни делови, како целина е заеднички и поради тоа сите носиме одговорност за него. Мислам дека овие работи кај нас сè уште голем дел луѓе, што се во позиција да влијаат врз просторот, не ги разбираат и дека, всушност, како општество имаме недемократски однос кон изградениот простор. Недемократски во смисла дека не ги чувствуваме градот, гратчето, селото како наша сопственост, туку како сопственост на власта (во некое дамнешно време, сопственост на некој султан, крал или друг владетел). Впрочем, поради овој однос ни се случи и Скопје 2014. Можам да кажам дека односот кон изградениот простор во Македонија ме потсетува на онаа „Туѓо нејќеме, нашето не го даваме“, т. е. „Ти не мешај ми се во мојот двор - јас нема да ти се мешам што правиш ти надвор од мојот двор“.

МИНАТОТО И ИДНИНАТА НА СКОПЈЕ...

Владата на РМ е објект кој денес е сокриен под фасада чијашто причина за постоење е неразбирлива. Тука се сокриени естетски квалитети и технички достигнувања со кои треба да се гордееме. Има ли шанси да се врати првобитниот изглед?

Доколку ме прашувате дали има техничка можност - има. Дали треба? Треба. Зошто треба? Заради образование на младите. Да научат дека живеат во држава каде што не поминува сè, особено не поминува насилство и некултура. Но дали оваа земја ќе почне да се однесува како правна држава од европски тип, не би можел да кажам. Се надевам.

До каде сме со Скопје 2014? Колку сме далеку од актуелните состојби во другите градови во регионот?

Со Скопје 2014, за жал, не сме до никаде. Повторно ќе кажам - и Скопје 2014 треба да е дел од стратешката определба на една држава. И тоа, не стратегијата што да се прави со објектите. Идеи ќе има илјада. Би сакал да видам стратешка определба. Тоа значи дека државата прво треба формално да се огради од Скопје 2014. Официјално. Да го запише во историјата како налудничава креација на еден владетел. И тука не смее да има двоумења. После можеме да разговараме колку ќе чини што било да се измени и со која идеја. Како архитект, не сакам да давам идеи што со градбите, иако за дел од нив имам јасен став. Сакам да давам идеи како да се изменат политиките што го овозможија создавањето на Скопје 2014. Во оваа стратегија мора да се вклучат и образовните и сите други релевантни институции. Земете го само фактот дека има луѓе кои веќе имаат повеќе од 10-годишно работно искуство само во тој извртен систем и ќе сфатите дека, всушност, тие не знаат на друг начин да работат. Проблемот на Скопје 2014 е толку голем што, доколку се задлабочите, почнувате да се сомневате дали воопшто може да се поправи.
Во сите градови, особено на Балканов, можете да најдете политичар кој е или бил на власт и има или имал слични мегаломански шизофрени идеи, но системот бил таков што тие не успеале во реализацијата на тие идеи. Скопје 2014 не смее да се гледа како изолиран случај што се случил во центарот на Скопје. Скопје 2014 е системско прашање! Дупките и недореченостите во еден куп закони, уште и нивното непречено кршење, до што може да доведе? Ете, го добиваме денешно Скопје. Ова кршење на законите се прави и за градење на објекти низ цела Македонија. Едноставно, ова се врежало во менталниот склоп на општеството. „Нормално“ е да се изигра Законот за урбанистичко панирање или за градба за да се добие плус површина и потоа ништо да не ви се случи. Актуелната влада мораше промптно да реагира со уривање на бесправно изградените објекти од Скопје 2014, кои беа поставени во коритото на Вардар, за да покаже дека овде има ред, има држава и дека грабежот врз градот заврши. Но тоа не се случи. Зошто сега се чудиме дека некој дозволил парковско зеленило да се измени во градежна парцела и таму да се гради зграда?
Знам дека повторно голем дел од луѓето ќе кажат дека тоа ќе чини пари. Еднаш сме дале пари, сега пак. Исто како што чини пари да се фрлат неквалитетни лекови што некој ги набавил и да се набават нови квалитетни. Точно. Некои работи кои се во интерес на општеството чинат пари.
Што се однесува до другите градови во околината, мислам дека ги имаат помалку или повеќе истите проблеми, барем според кажувањето на колегите архитекти со кои имаме добра комуникација. Но, во тие градови, сепак, се забележува дека постои поголема јавна свест за колективноста на изградениот простор.

Неодамна беше оформен Урбан центар кој треба да работи на развојот на Скопје. Дали можеби тоа ќе претставува некаков поттик да почне да се менува сфаќањето за важноста на изградениот простор во Република Македонија?

Да, пред извесно време се оформи Урбан центар, тело составено од 5 архитекти, кое треба да работи на развојот на Скопје. Урбаниот центар ќе претставува инкубатор на идеи, ќе работи на координација на имплементирањето на тие идеи и можеби најважно, по направените истражувања, ќе иницира измени на политиките не само за градот туку за целата држава, во насока на подобрување на животот на граѓаните.
Скопје, како град, со секоја општествена промена почнува од почеток. По отоманското владеење имаме заборавање на „ориенталниот град“ и создавање на „европски град“. По Втората светска војна имаме развој под влијание на модерната и заборавање на концептот на „европски град“, за со последната промена на општествениот систем да имаме заборавање на „модерниот град“, па сето тоа на крајот да кулминира со шизофреноста на Скопје 2014. Во текот на целата негова модерна историја, Скопје е можеби најлошиот пример за мешање на политиката во архитектурата и урбанизмот. Мислам дека конечно имаме сила и можност овој град да го креираме за граѓаните, и тоа не од почеток, туку да работиме на негов одржлив развој. Сигурен сум дека сами, архитектите и Градот Скопје, нема да успееме да го приближиме Скопје до постулатите на баукултур и заради тоа очекувам во целиот процес да се вклучат владиниот и невладиниот сектор, но и голем дел од приватниот сектор и обичните граѓани. Градот мора да стане инклузивен, отворен за секого и само кога ќе ја прифатиме разноликоста на културите во него тој ќе стане сечиј и наш. Тогаш можеме да зборуваме за нормален развој. Дотогаш ќе имаме град кој хаотично и нерамномерно се развива и кој суштински допушта создавање на своевидни енклави кои го делат граѓанството по разни основи.

Кое би било идеалното урбано решение за СК? Колку сме далеку од Скопје - Смарт сити?

Идеалното урбанистичко решение ќе го гледам кога урбанистичкото планирање на еден ентитет, еден град, ќе се прави на едно место. Во моментов Град Скопје е одговорен за изработка на генералниот план на Скопје, а секоја општина ги работи деталните планови. Овде повторно станува збор за упад во урбанизмот и архитектурата заради исполнување на политички и лукративни цели. Самиот факт дека урбанистичкото планирање на главниот град е расфрлано на различни страни ви кажува дека државата нема никаква идеја, а да не кажам стратегија, за развој на изградениот простор. Еден од приоритетите кога зборуваме за Скопје е урбаното планирање да се врати целосно под ингеренции на Град Скопје.
Дали сме далеку од Смарт сити? Многу. Земете го само фактот дека во моментов, поради поделбата на ингеренциите, не може да се усогласи чистењето на градот - имате различни служби што раководат со паркинзите во градот... да не одам понатаму. Да останеме на собирањето на ѓубрето. Мислам дека Скопје прво треба да стане „сити“, а не збир на општини (енклави), па ние да станеме малку смарт, па потоа да разговараме за Скопје - Смарт сити.

Сè повеќе се зборува за енергетска ефикасност. Дали кај нас тоа навистина е така?

Глобалното затоплување е тема што со години наназад е тема број еден во светот и ние не смееме да останеме настрана од овој проблем. Архитектурата и градежништвото во светски рамки го даваат својот придонес кон справувањето со овој проблем. Тука повторно сакам да се вратам на Декларацијата за баукултур, каде што како едни од главните придобивки од квалитетниот баукултур се нотирани: заштитата на околината, одржливиот транспорт, разумната употреба на градежното земјиште и зголемувањето на урбаните зелени површини. Енергетската ефикасност е тема секаде во светот, па нормално и кај нас. Исклучително битна тема за која треба да се разговара и, во таа смисла, да се стремиме да имаме што е можно повеќе енергетски ефикасни објекти. За жал, кај нас, кога ќе се каже „енергетски ефикасен објект“, во најголемиот број случаи, пред сè, во случајот на станбените згради, станува збор за поголема термоизолираност на фасадата. И тоа е во ред доколку зградата има и други квалитети. Но во голем дел тие згради, освен што имаат подобра термоизолираност, немаат ништо друго соодветно барем во рамките на просечните стандарди на добро градење. Објектите се нефункционални, неосветлени, евтини, некреативни и, да, ќе кажам ‒ непростливо грди. Имаме безброј случаи каде што се промовира станбена зграда под слоганот „енергетски ефикасна“, а таа е поставена на простор каде што претходно имало зеленило, па, поради неинвентивност и штедење, околу зградата нема зеленило, туку поплочен паркинг. Ударот што веќе го има направено врз околината не може да се замени со термоизолација. Тука не станува збор за еколошки свесно градење, туку за обичен евтин маркетинг.
Кога зборуваме за енергетската ефикасност, не можам, а да не го споменам и односот кон современата постземјотресна архитектура на Скопје. Повторно под слоганот енергетска ефикасност заради нестручност и негрижа се врши уништување на автентичноста на овие за Скопје значајни објекти. Со фриволната замена на формата и квалитетот на автохтоните прозорци со пластични конфекции, облепувањето на карактеристичниот оригинален натур-бетон за Скопје со стиропор, неповратно се врши уништување на културното наследство на овој град. Без вистински однос, без евалуација на интервенциите од културолошки аспект. За жал, со оваа секојдневна практика покажуваме дека како држава не нè интересира културата. Се надевам дека со формирањето на Урбаниот центар ќе успееме да ја разбудиме свеста кај сите за неопходноста од гледање на изградениот простор низ призмата на културата и доброто воспитание и дека со тоа ќе обезбедиме квалитетен простор за живот за сите.


Разговараше: Лидија Георгиева

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top