Е-Б-Ф-Б
„ИСТ ГЕЈТ“ - ИНВЕСТИЦИЈА ВРЕДНА 350 МИЛИОНИ ЕВРА

Мирче Јовановски
Авторот е новинар

На местото каде што беше Скопски саем идната година почнува изградбата на нов голем трговски центар, станбени згради, а подоцна и на деловни згради, инвестиција на компанијата „Балфин груп“ на албанскиот бизнисмен Самир Мане

На локацијата на поранешен Скопски саем, на околу 500 илјади метри квадратни, во наредните неколку години ќе биде изграден современ комплекс кој ќе го носи називот „Ист гејт“ (Источна порта) и кој ќе се состои од голем трговски центар, десет станбени и пет деловни згради, при што вкупната инвестиција ќе изнесува 350 милиони евра. Изградбата ќе почне идната пролет, а во првата фаза ќе бидат изградени трговскиот центар и четири станбени згради.

Презентирајќи го проектот, извршниот директор на компанијата Ист гејт, Игор Давков, на средба со новинарите рече дека вкупната изградена површина ќе ознесува 152.000 квадратни метри. Трговскиот центар ќе има вкупна површина за изнајмување од 53.000 метриквадратни со 250 продавници, резиденцијалниот комплекс од 10 згради ќе има вкупно 1.600 станови, а петте бизнис центри ќе располагаат со 66 илјади метри квадратни нето површина, што ќе претставува најголема проектна инвестиција во Македонија досега. За споредба, трговскиот центар ќе биде за 40 отсто поголем од Сити мол Скопје. 



„Мултифункционалниот комплекс кој на едно место комбинира шопинг, забава, социјализација, домување, работа и бизнис, е прв од ваков тип во регионот“, рече Давков.

Се очекува изградбата на трговскиот центар и првите четири станбени објекти за индивидуално домување да се реализираатдо крајот на 2020, па така доколку работите се одвивааат според предвидената динамика, новиот шопинг мол би бил отворен во октомври 2020 година.

Инаку, изградбата на целиот проект е поделена во пет фази кои ќе се реализираат во период од пет до седум години.

Проектот го изработила фирмата на познатиот турски архитект Керем Јазган, „Јазган дизајн“, а во неговата реализација ќе бидат вклучени претежно домашни фирми.

Зборувајќи околу финансиската конструкција на проектот, Давков рече дека за првата фаза парите се веќе обезбедени, при што 40 отсто сеод акционерот – компанијата Балфин груп на албанскиот бизнисмен Самир Мане, а 60 отстово вид на кредити од неколку домашни банки.





На прашањето дали во Скопје има потенцијали за уште еден голем трговски центар, Давков одговори дека нивните анализи покажале дека проектот е економски оправдан. За тоа зборува и заинтересираноста на бројни фирми да закупат простор во трговскиот центар, а кои не се присутни на македонскиот пазар токму поради неможноста да најдат соодветен простор. Се проценува дека откако ќе биде отворен, во Ист гејт вработување ќе најдат околу 2.000 лица, плус уште стотина вработени во самиот мол.

Големо внимание се посветува и на делот на забавата, за што ќе бидат наменети 12 отсто од корисната површина на објектот. Па така, во трговскиот центар ќе има кино сали, игротеки за најмладите, како и места за аркадни игри, каде што ќе може да се забавуваат тинејџерите, но ќе има и кафетерии, продавници и тн.

Трговскиот центар ќе има приземје, плус две нивоа над земјата и две нивоа под земјата, каде што ќе биде сместен и паркингот за посетителите

Во станбените згради половина од становите ќе бидат мали, 35 отсто со средна големина (две спални и дневна соба), а преостанатите 15 отсто ќе бидат големи станбени единици.

Давков ветува дека се внимава и на хуманата страна на живеењето, односно во целиот проект има предвидено значајни површини од зеленило, а растојанието меѓу зградите ќе изнесува 30 метри.

ОТВОРАЊЕТО НА ТРГОВСКИОТ ЦЕНТАР Е ПРЕДВИДЕНО ЗА ОКТОМВРИ 2020 ГОДИНА, А ЦЕЛИОТ ПРОЕКТ СЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ЗАВРШЕН ВО РОК ОД ПЕТ ДО СЕДУМ ГОДИНИ

Под зеленило ќе биде една петтина од вкупната локација на која ќе градиме, бидејќи не сакаме на овој простор да никне ново бетонско чудо“, рече Давков.

Тој не откри по која цена ќе се продаваат становите, но рече дека новина е тоа што тие нема да се продават по квадратен метар, туку во цената на станот ќе биде вкалкулиран и паркинг просторот, кој ќе биде под зградите.

Од страна на инвеститорот уверуваат дека проектот ќе го унапреди Скопје во насока на модерен град и ќе ја зголеми вредноста на Општината Гази Баба со содржина, инфраструктура, уредени паркови и зголемена фреквенција на посетители, како и да даде огромен придонес за економскиот развој на градот.

„Комплексот не само што ќе ги задржи домашните купувачи во Македонија, туку ќе привлече и нови гости и туристи од соседните региони. Бизнис паркот дава нова бизнис димензија и решение за преоптовареното централно подрачје и ќе привлече странски и домашни инвеститори кои сакаат да ги консолидираат своите бизнис активности на едно место“, истакна Давков.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top