Општество
ОДБРАВТЕ ПОЛЕСЕН ПАТ? ПРОВЕРЕТЕ КОЛКУ ЧИНИ ТАКВИОТ ИЗБОР

Тереза Серафимова
Авторот е консултант за човечки ресурси

Има 311 наоди за обложувалници во Златната книга. Притоа традицијата на креирање листа на 200 најголеми и најуспешни друштва во Македонија згаснала за, меѓу другото, да ја видиме динамиката со која компаниите во овој сектор на обложување ги надминуваат производствените компании. Како илустрација за менување на навиките на купувачите. За трошење. И, особено, за заработување. 

Очекување брза добивка. Волонтирање? Што е тоа? „Небезбедно со која било брзина“ – Ралф Најдер
И покрај отсуство на листата на топ компании, доволно е да се завртите околу себе во центарот на главниот град, и не само таму, без исклучок да согледате тренд на навики на вашите сограѓани. На места каде што треба да се позиционираат најуспешните домашни и глобални брендови во малопродажбата на стоки и на услуги препознавате колку се смениле навиките кај корисниците, веројатно заедно со куповната моќ, па стојат обложувалници. Под напливот на „понудата“, повеќе и ред други притисоци, корисниците прибегнале кон навидум полесниот пат. Тажно е дека таа промена не е во насока на повисока зрелост. Напротив. Наспроти навики за учење, за пракса, за работа, за волонтирање, за вложување во креирање етички консумеризам од страна на друштвата кои го креваат прагот на толеранцијата за фрустрација и задоволување сега и веднаш, навиките се смениле во полза на брза добивка, малку вложен труд, инстант задоволување. Ризичното однесување е составен дел. Со сите последици.
За споредба, по претходниот пример, на истиот пребарувач има само 16 наоди за сладолед – производство и трговија, производ кој, сам за себе, од сопствено искуство знам, создава подеднакво зависност. Со тоа и акцијата од страна на купувачите: со ласерски фокус да ги насочат волевите активности кон задоволување на силната потреба – „гладот“. Што е тоа што ја прави оваа индустрија помалку атрактивна?

Лежерноста како стил
Во низата начини како се работи против себе лежерноста е еден од нив: (навидум) полесен пат во извршување на работата, полесен пат во раководењето, полесен пат во креирање и одржување на релациите, живеењето, полесен пат во владеењето, полесен пат до заработување: „нема проблем“, „мањана синдром“. Во лежерноста е вткаена тврдоглавоста. Пасивно агресивно поведение. Изборот е не секогаш намерен, па рационализација, скршнување, порекнување се механизмите зад ова поведение.
Добра страна би била дека вработените со ваков ризик во однесувањето поседуваат солидни социјални вештини. Но, проблемот настанува кога им е дадена (дополнителна) задача. Тогаш почнува развлекување на работата, одложување. И неисполнување.
Ви звучи познато поради скорешното искуство во јавна администрација?

Соработката страда. Агилноста
отсуствува. Резултатите со нив.
Игнорирањето на туѓите временски рамки (а заеднички се, зарем не?) ја намалува ефективната тимска работа. Па и другите почнуваат да се сомневаат во посветеноста. Под притисок, лежерните вработени не даваат и свесно се воздржуваат од искрена повратна информација. Споделување идеи не доаѓа предвид. Довербата се губи. Останатите вработени ја губат мотивацијата дека достојно, со потребната доза на квалитет и во временска рамка работата ќе биде извршена. Негативната спирала на соработката, внатре во тимот, меѓуфункционално се откочува. Бариерите се подигнати. Агилност нема. Негативните ефекти врз резултатите не мора ни да се дискутираат. Со време загубата може да биде во вредноста на друштвото.

Полесен пат кон сопствената штета
Избор на полесен пат. Конформизам. Некогаш клиентелизам. Редот во низата е долг со сите негативни последици по добросостојбата на поединците и на организациите / системите. Со други зборови: полесниот е патот кон пораз. На малку подолг период.
А што кога сте на работно место каде што треба да влијаете на однесувањето во организацијата од кое зависат резултатите? Кога ја водите областа човечки ресурси, на пример. И кога се соочувате со сите предизвици и пресретнување заради навиките стекнати од изборот на полесен пат кај вработените на многу нивоа. Работевте напорно, дури и ја кренавте вредноста на работната сила во организацијата. Па, мисловната матрица кај вашите колеги покажува дека работната сила е надградена во нова верзија од трошок во инвестиција и клучно средство. Така следуваат и усогласувања на организациско ниво. Воедно едно формално уредување: сега називот на организациската единица за управување со работната сила наместо единица за човечки ресурси во називот добива термин кој содржи „луѓе“, „капитал“... Од формата кон содржината – пресвртот е огромен.
И зошто е ова важно за промена на организациското однесување? Имено, една од вашите клучни задачи е континуирано подобрување или постојана промена. Кајзен. Трансформацијата не е истозначник. Но, далеку дека е исклучена. И таа е посакувана. Кога говориме за промените, а водите луѓе, многу добро знаете дека основен предуслов за самите да стасате на работа наутро, иако тоа не е наведено во списокот на компетенции за работно место, е всушност надминувањето на сопствените отпори кон промена. Меѓу другите и отпорите за промена на организациското однесување во кое лежерноста зема замав. Промената подразбира смена на сопствената инсталација. Уште повеќе, ретенцијата ваша и на вашите колеги во клучниот тим зависи од континуираното менување на сопствената инсталација – да ги преиспитувате и да ги надминувате сопствените себе-разорни ставови, предрасуди и сомнежи. Исто така, бидејќи сте таму, баш на тоа работно место, знаете дека капацитетот за надминување на сопствените отпори за промена (ч. организациско подобрување) е мускул. Па така, тој е подложен на тренинг. Потребни се само знаење и мотивација. А потоа (повторно „само“) дисциплина за секојдневна пракса. Низ работа. Бидејќи секој тренинг претпоставува кревање на границата на издржливост. Секако, знаете и физички го чувствувате ова „само“ дека баш и не е така мазно остварливо во реалноста. И покрај сѐ, го правите тоа – совесно, напорно и посветено. Зашто само така можете да влијаете на другите и на себе. Позитивната спирала се воспоставува со овој прв чекор кон надминување на отпорите на сите останати: поединци и групи / тимови. Надминување на отпорите вертикално и хоризонтално.

ПОТРЕБНА Е ХРАБРОСТ ДА СЕ ПРИФАТИ ПОТЕШКА РЕАЛНОСТ И ДА СЕ ИСКОРИСТАТ СОПСТВЕНИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ДРУГИТЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ

Што треба да направите?
1. Исчекорете од удобноста на сопствената позиција каде што предводат очекувањата за статус кво. Истото важи и за колегите кои се без малку во слична позиција, па никој нема (конструктивни) предлози (постојаното набројување на изобилство проблеми за кои „нема како да се влијае“ не се зема предвид) . Освен, дека има многу, многу, многу работа и двојно повеќе проблеми. Па, не може ни да се замисли промена.
2. Креирајте свесност кај луѓето за организациската култура. И да, промените се можни. Можно е менување на воспоставените синапси во дејствувањето на поединците и групите. Од полза е тренер за водење низ процесот.
3. Пријдете стратегиски. Дали ќе работите на индивидуален план за развој или тимски / организациски промени, технологија има, исцртана е и треба да се следи. Повторно: објективното око на тренер е од полза.
4. Мали чекори за големи промени. Дали ќе одберете скрам, аџајл или холакраси не е клучно. Посветеноста на имплементацијата е суштината.

Назад на навиките
Потребен е искрен приод. Сепак, потешкиот пат.
Кога сето задоволство ќе се реализира низ работењето само по себе – одговорно, напорно, посветено, вредноста се креира. Резултатите се исход. Наградата – природно следува.
Ајде, за кусо, да бидеме доволно чесни пред себе и само како вежба, на кусо време – пар денови, да го препознаеме сопствениот удел во креирање неизбришливи дамки на овозможување на овие погоре споменати навики да земаат корен во нашето колективно однесување. Ајде да препознаеме кога заради сопствениот избор на полесен пат им го нудиме и на своите вработени. Па, и не само ним. Затоа што нашите улоги ретко кога завршуваат само на работното место. Ајде да препознаеме дека низ овој приод поттикнуваме начин на размислување и навики низ кои кусорочната добивка станува цел за себе. Вежбата нека биде само следење на сопственото однесување. И ставовите кои го условуваат и стојат зад таквото однесување. Не мора да претпостави преземање акции по креирана свесност.
А можеби ќе одберете активност за промена по оваа вежба? Избор на потешкиот пат за поддршка за себе, за колегите, за организацијата, за своите драги... за заедницата? Тогаш, и самиот пат е целта.
Потребна е храброст да се прифати потешката реалност и да се искористат сопствените позиции за влијание врз другите за подобрување.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top