Општество
МОДНИОТ СЕКТОР ВО БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ – НОВА ДИНАМИКА

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

„Сите активни во борбата против климатските промени.“
Ова е мотото на проектот „Караван за клима“ организиран од Францускиот институт во Србија заедно со Амбасадата на Франција. Целта е да се разбуди свеста за проблемот на климатските промени и да ги убеди производителите, јавните установи и граѓаните да преземат мерки во насока на зелениот раст и развој бидејќи тоа е единствената одржлива опција за иднината на планетава. Се работи за патувачки проект кој во текот на 2018 година беше одржан во неколку градови во Србија. Преку конференции, изложби и предавања беа презентирани практични решенија во борбата против глобалното затоплување кои секој од нас може да ги примени. Конференциите за климатскиот караван се насочени кон една посебна тематика, па така етапата, која неодамна се одржа во Истражувачкиот центар Петница, го опфаќа пазарот на текстилната индустрија.

 

Голем потрошувач на природните ресурси, модата, е трета индустрија по степен на загадување во светот и учествува во емисиите на стакленички гасови како на ниво на продукција, така и на транспорт и одржување.
Тројца предавачи земаа збор и имаа размена со 60-тина талентирани студенти.
Изабел Ке од Франција – таа се посветува на еволуција во подигнување на свеста кај потрошувачите и ја презентира картата на ангажирање која беше воспоставена во текот на КОП21 (COP21, светскиот самит за клима во Париз).
Ненад Радујевиќ е основач на Белградската модна недела (Belgrade Fashion Week) и ги презентираше дизајнерите кои креираат колекции со рециклирани материјали.
Меѓу нив бев и јас со презентација на состојбите на глобално ниво, но и локалните проблеми со кои се соочува не само македонскиот текстилен кластер, туку и сите ние.

МОДАТА ВО БРОЈКИ
За да се изработи едно парче облека, пар чевли или чанта потребни се сурови материјали. За да ги добиеме, ние одгледуваме животни (кожа, волна...), билки (памук, лен) или ги создаваме по пат на хемиски процеси (вискоза, полиестер...). На тој начин добиваме природни или вештачки материјали. Но, постојат и секундарни сурови материјали, тие се рециклирани и можат де се произведат преку механички или хемиски процеси.
Производството на материјалот е само првиот чекор во производниот процес на облека.

КАКОВ Е ИМПАКТОТ НА ОБЛЕКАТА ШТО ЈА НОСИМЕ ВРЗ ПЛАНЕТАВА?
– Преку 100 милиони артикли годишно се продаваат на планетава, продукцијата е дуплирана во периодот од 2000 – 2014 година.
– Во Франција секторот генерира 150 милиони евра и вработува 1 милион луѓе.
– Секоја година секторот мода емитира 1,2 тони стакленички гасови, а импактот е поголем од интернационалните летови и морскиот сообраќај заедно.
– За да се произведе една маичка се употребува исто толку вода колку за 70 пати туширање, а за еден пар фармерки бројката се искачува на 285 пати.
– Просечно денес луѓето купуваат 60 % повеќе облека отколку пред 15 години, но ја чуваат двапати пократко.
– Денес само 1 % од материјалите употребени за изработка на облека се рециклираат за да се изработи нова облека.

КОИ СЕ РЕШЕНИЈАТА?
Фешн револушн (Fashion revolution) постепено станува движење во глобални размери, со број на консументи и активисти во постојан раст.
Се работи за движење на дизајнери, на производители, на потрошувачи, на писатели, на интелектуалци, на претприемачи... (го препорачувам за информација нивниот манифест) кое настана по трагедијата во областа Рана плаза билдинг во Дака – Бангладеш, каде што се наоѓаат неколку фабрики за облека. На 24 април 2013 година една од зградите се урна, загинаа 1 138 работници и многу беа повредени. Оваа трагедија ги откри нехуманите услови во кои работат овие луѓе, па оттогаш секоја година 24 април е датум кога сите прашуваме: Кој ја изработи облеката што ја носам? Како? Во какви услови?
Седум години по лансирањето на ДЕТОКС кампањата, во која Гринпис (Greenpeace) го посочи користењето на токсични материии во модната индустрија, тие добија ангажман од 80 компании и 29 брендови кои претставуваат 15 % од светската текстилна продукција.
Адидас, Најк, Индитекс, Х и М, Манго прифатија да се соочат со реалноста и во моментов некои од нив можат да се пофалат со контрола дури до трето ниво на аутсорсинг, односно на самиот почеток – на ниво на првите доставувачи од производниот синџир.
Во својот извештај за постигнатиот напредок, Гринпис заклучува дека во време кога циркуларната економија станува новата мантра во модниот сектор, само со отстранување на штетните состојки уште во фазата на дизајн може да се постигне циркуларност.
Денес не може да се замисли ниту луксузен бренд ниту голема компанија од средниот или поширокиот пазар без еко ангажман. Пред неколку години пишував за колекцијата Г-стар РО (G-starRAW) чиј косопственик е Фарел Вилијамс. Таа во меѓувреме прерасна во исклучително успешен бренд кој за производство на облеката користи најнови технологии за рециклирање на голем дел од пластиката заглавена во океаните.
Како голем фан на историјата на џинсот како институционален дел од облеката, неодамна ја посетив и страницата на џинс легендата – Ливајс, па бев среќна кога открив дека и овој бренд е дел од светскиот тренд на ангажман за одржлив развој, ограничено користење на штетни хемиски материи и помалку трошење вода.

КАКО ПОНАТАМУ?
Во секојдневниот живот сите можеме да дејствуваме на начин кој значително ќе го намали импактот на нашиот изглед врз климатските промени врз животната средина.
Понекогаш и за почеток сѐ што е потребно се неколку едноставни гестови кои можат да ги сменат работите. Огромен е бројот на текстови на таа тема, а трендот за етичка мода (Ethical fashion) заедно со бројот на одговорни брендови е во постојан пораст. Сѐ повеќе модни сајтови и блогови даваат информација за активностите кои се преземаат, како и за списокот на овие брендови. Секогаш кога ќе помислите дека не е битно што вие како единка правите, ве молам помислете на кампањата која со години ја водеше Министерството за животна средина Франција: „Не постои мал гест когa сме 60 милиони да го правиме“.

 

СОСТОЈБАТА ВО МАКЕДОНИЈА

м-р Ана Каранфилова, раководител на Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање

Каква е состојбата и кои се проблемите кои се обидува да ги реши?

Ана Каранфилова: Во Република Македонија, според некои неофицијални податоци од текстилниот кластер, се генерираат повеќе од 18 000 тони годишно текстилен отпад (ова е само од индустријата, не се земени предвид количините на искористена облека која е, исто така, отпад и голем дел завршува на депонии, а мал процент се користи за повторна употреба).
Отпадот од текстил, кој се создава при производство на текстилни и конфекциски производи, меѓу различните фази и процеси на производство на облека или на други текстилни производи, каде што конфекционирањето е главната област и се создава отпад од текстилен материјал – ткаенина, плетенина, постава, филц итн. по дефиниција, во согласност со Законот за управување со отпад, е индустриски неопасен отпад и не содржи опасни карактеристики, а според својствата, составот и количеството се разликува од комуналниот отпад.
Во согласност со законот, создавачите на отпад се должни, во најголема можна мера, да го избегнат создавањето отпад и да ги намалат штетните влијанија на отпадот врз животната средина, животот и здравјето на луѓето. При управувањето со отпадот, по претходно извршената селекција, отпадот треба да биде преработен по пат на рециклирање, повторна употреба или во друг процес за екстракција на секундарните суровини или да се користи како извор на енергија. Само оној дел од отпадот кој не може да се преработи или да се искористи на друг начин треба да се депонира.
За жал, ова не се случува во РМ. Најголем дел од отпадот завршува на нестандардните комунални депонии и предизвикува дополнително оптоварување за животната средина.
За оваа постојат две причини:
1. Царинската постапка на раздолжување на отпад од т.н. лон производство (80 % од компаниите во РМ работат на база на овој систем – привремен увоз),
2. Непостоење на капацитети за рециклирање и преработка на овој вид отпад во државава.
Имено, при царинската постапка досега беше задолжително под царински надзор да се депонира отпадот на некоја од блиските (а, за жал, ниту една од нив стандардна) депонии. Поради оваа царинска процедура, компаниите кои го генерираат текстилниот отпад не беа во можност да го предадат на понатамошна преработка или на рециклирање.
Истовремено (причина бр. 2) во РМ досега е лиценцирана само една компанија која врши дејност складирање, третман и преработка на текстилен отпад, но овој капацитет не може да ги задоволи барањата од пазарот кој го генерира отпадот.
Во процесот на приближување на Република Македонија кон ЕУ, европското законодавство во областа на управувањето со отпадот, исто така, се транспонира во домашната законска рамка, со што ќе се создаде интегриран систем за сите текови на отпад, вклучувајќи го овде и текстилниот отпад, врз основа на принципот проширена одговорност на производителот (Extended Producer Responibility - EPR). Во моментов се работи на донесување на нов закон за управување со отпад и на закон за управување со посебните текови на отпад (отпадни масла, отпадни гуми, текстилен отпад и искористените возила) со кој ќе се воведат т.н. колективни постапувачи кои ќе управуваат со секој посебен тек на отпад. Истиот принцип веќе е воспоставен во РМ за отпадот од пакување, за отпадната електрична и електронска опрема и за отпадните батерии и акумулатори.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top