Е-Б-Ф-Б
ИНТЕРАКЦИЈАТА НА ЕКОНОМИЈАТА СО ТЕХНОЛОГИЈАТА И СО ПРИРОДАТА

Владимир Филиповски
Авторот е Професор на Економскиот факултет Скопје

НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЕКОНОМСКИ НАУКИ ЗА 2018 ГОДИНА

Нобеловата награда за економски науки за 2018 година ја добија двајца реномирани американски економисти: Вилијам Нордхаус (William Nordhaus) од Универзитетот Јеил и Пол Ромер (Paul Romer) од Универзитетот на Њујорк за нивните придонеси во истражувањата на фундаменталните соодноси на економијата со технолошките и со климатските, т. е. природните промени.

Според Нобеловиот комитет, Нордхаус ја добива наградата за неговиот придонес во „интегрирањето на климатските промени во рамките на долгорочната макроекономска анализа“, додека Ромер за неговиот придонес во „интегрирањето на технолошките иновации во долгорочната макроекономска анализа“.

Економската наука истражува како општествата управуваат со ретките ресурси. Реткоста на ресурсите ги тера фирмите, домаќинствата и владите да прават избор меѓу алтернативните можни алокации на ограничените ресурси со цел да постигнат максимално можна економска благосостојба. Двете фундаментални ограничувања при ваквиот избор се нивото на постигнатото технолошко знаење и состојбата на природната средина во која дејствуваат економските субјекти. Дополнително во овој контекст е важна и временската димензија: подобрувањето на економската благосостојба треба да биде поставено на долгорочна основа, т. е. да биде одржливо на долг рок. Оттука произлегува важноста на долгорочниот економски раст, кој се однесува на условите и на способноста за одржување на економскиот прогрес во долгорочни временски периоди.

Заедничко и за технолошкото знаење и за климатските промени е нивното долгорочно влијание врз економијата. Но, она што од економски аспект е исто толку важна заедничка карактеристика е тоа што пазарната економија, преку системот на пазарни цени, тешко може да генерира оптимален обем на технолошки иновации или оптимален обем на декарбонизација (т. е. минимизирање на негативните ефекти од фосилните горива како основен енергетски ресурс), односно постојат пазарни неуспеси во форма на екстерни ефекти, т. е. прелевања на негативните ефекти (кај загадувањето и климатските промени) или позитивните ефекти (од технолошките пронајдоци) кај економски субјекти кои не се директно инволвирани во генерирањето на конкретна иновација или конкретно загадување. Тоа отвора простор за одредена државна интервенција која, ако е соодветно дизајнирана, може да ја подобри ситуацијата во двете сфери на овие пазарни неуспеси. Двајцата овогодинешни нобеловци по економија имаат значајни придонеси и во врска со дизајнирањето на ваквите државни интервенции во функционирањето на пазaрната економија.


Вилијам Нордхаус (William Nordhaus), од Универзитетот Јеил и Пол Ромер (Paul Romer) од Универзитетот на Њујорк, добитници на Нобеловата награда за економија за 2018 година

Придонесот на Пол Ромер – ендогени модели на економскиот раст
Во неокласичниот модел на раст на Роберт Солоу (нобеловец по економија во 1987 г.), основниот извор на раст е технолошкиот прогрес, т. е. зголемувањето на вкупната факторска продуктивност. Но, „проблемот“ е што технолошкиот прогрес во тој модел е егзоген, т. е. произлегува од фактори кои доаѓаат однадвор од механизмот на пазарната економија. Ромер се соочува со овој проблем и неговиот пристап е да истражи дали и како технолошките промени и иновациите се генерираат ендогено, т. е. внатре во самиот модел на конкурентска пазарна економија. Клучот на објаснувањето е во специфичната економска природа на идеите – идеите сфатени како „скици“ (blueprints) на технолошко знаење за производство на добра и на услуги.

ЕНДОГЕНИТЕ МОДЕЛИ НА РАСТ СЕ ЗАСНОВААТ НА ПРИНЦИПОТ НА РАСТЕЧКИ ИЛИ КОНСТАНТНИ ПРИНОСИ ОД ОБЕМ. ОБЈАСНУВАЊЕТО Е ДЕКА ПОЕДИНЕЧНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ ИМААТ СИЛНИ ПОЗИТИВНИ ЕКСТЕРНИ ЕФЕКТИ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА КАКО ЦЕЛИНА; СЛИЧНО НА ТОА, ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО НОВО ТЕХНОЛОШКО ЗНАЕЊЕ (ИНВЕСТИЦИИ ВО ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ - R&D), ПА ДУРИ И ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО КАПИТАЛНИ ДОБРА НА ПОЕДИНЕЧНИ ФИРМИ ГЕНЕРИРААТ ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ ВРЗ ПРОДУКТИВНОСТА НА ГОЛЕМ БРОЈ ДРУГИ ФИРМИ ВО ЕКОНОМИЈАТА. ВСУШНОСТ, ВО ЕКОНОМИЈА БАЗИРАНА НА ИДЕИ И НА ЗНАЕЊЕ, ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ЗНАЕЊЕ ОВОЗМОЖУВА ЕКОНОМИЗИРАЊЕ СО СИТЕ ПРОИЗВОДНИ ИНПУТИ И НА ТОЈ НАЧИН ОСТВАРУВАЊЕ РАСТЕЧКИ ИЛИ КОНСТАНТНИ МАРГИНАЛНИ ПРИНОСИ НА ДОЛГ РОК.

Идеите (новото технолошко знаење) се разликуваат не само од физичкиот капитал (машините) туку дури и од човечкиот капитал (акумулирано „старо“ знаење кај производителите), и тоа според двете карактеристики на јавните добра: неривалитет и неисклучивост. Идеите, за разлика од физичкиот и човечкиот капитал, се неривалски добра – користење на идејата од еден субјект не ја исцрпува нејзината корисност (вредност) за други субјекти, ниту ја исклучува можноста таа да биде користена истовремено од страна на други субјекти. Во однос на исклучивоста, ситуацијата е различна кај различен тип идеи: идеите произлезени од фундаментални научни истражувања (пример, Питагорината теорема) се речиси неисклучиви; но, други, како на пример компјутерските кодови за софтверски апликации, се делумно исклучиви. Но, неривалитетот и неисклучивоста создаваат проблем: креаторот на идејата (иновацијата) не може да ги присвои вкупните економски приноси од неговата идеја – тоа доведува до слабеење на мотивот за инвенции/иновации. Оттука ограничувањата на неисклучивоста, на пример, преку патентните права (т. е. правата на интелектуална сопственост) или преку технички мерки како енкрипција на дигитализирани иновации воведуваат извесна исклучивост со цел креаторите на идеи да присвојат дел од вкупните (општествени) профити од инвенцијата. 


Но, од друга страна, патентната заштита создава простор за монополистичка моќ, т. е. монополистички профити за фирмата – носител на патентното право. А самата монополистичка моќ води до недоволно искористување на потенцијалот за иновации кој го носи идејата. Поради тоа патентната заштита е временски ограничена. Генерално, самото патентно законодавство е државна интервенција со која се настојува да се балансира меѓу две нешта: прво, да се стимулира производството на нови идеи преку обезбедување привремени монополистички профити за инвенторите; и второ, да не се задуши пазарната конкуренција која самата за себе е предуслов за генерирање нови идеи.

Уште една своевидна иновација на Ромер во однос на неокласичната теорија на растот е дека тој ја „предизвикува“ класичната/неокласичната претпоставка за опаѓачки приноси од обем на ангажираниот капитал како фактор на растот. Оваа претпоставка, всушност, вели дека маргиналните приноси на дополнителено акумулирани единици капитал имаат тенденција на опаѓање. Ендогените модели на раст ја напуштаат оваа претпоставка и се засноваат на принципот на растечки или константни приноси од обем. Објаснувањето е дека поединечните инвестиции во човечки капитал имаат силни позитивни екстерни ефекти врз економијата како целина; слично на тоа, инвестициите во ново технолошко знаење (инвестиции во истражување и развој - R&D), па дури и инвестициите во капитални добра на поединечни фирми генерираат позитивни ефекти врз продуктивноста на голем број други фирми во економијата. Всушност, во економија базирана на идеи и на знаење, инвестирањето во знаење овозможува економизирање со сите производни инпути и на тој начин остварување растечки или константни маргинални приноси на долг рок.

Вилијам Нордхаус – глобалното затоплување, декарбонизацијата и данокот на јаглерод
Клучниот научен придонес на Нордхаус е поврзан со истражувањата на соодносите на климатските промени, пред сѐ во форма на глобално затоплување, и човечките активности во чии рамки економските активности го претставуваат централниот дел. Комбинирајќи ги сознанијата на природните науки и на економијата, Нордхаус станува еден од пионерите на аналитичките модели познати под името Интегрирани модели на оценка – ИМО (Integrated Assessment Models - IAMs) кои во основа ја испитуваат поврзаноста во еволуцијата на глобалната економија и глобалната клима. Исто така ИМО даваат можност да се симулираат ефектите на различните интервенции на јавната политика во насока на редуцирање на негативните ефекти на емисијата на штетните гасови.

НОРДХАУС Е ОСОБЕНО АНГАЖИРАН ВО ИЗНАОЃАЊЕТО ОПТИМАЛНИ ПОЛИТИКИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ НА ЕМИСИЈАТА НА СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ, КОЈ ГО ПРЕДИЗВИКУВА ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ. СПОРЕД НЕГО, ОПТИМАЛЕН ЕКОНОМСКИ МЕХАНИЗАМ ЗА ТОА Е КОРИСТЕЊЕТО НА Т.Н. ДАНОК НА ЈАГЛЕРОД (CARBON TAX) КОЈ БИ БИЛ ВОВЕДЕН НА ГЛАБАЛНО НИВО, Т. Е. ВО СИТЕ ЗЕМЈИ СО УНИФОРМНА СТАПКА. СО ТОА БИ СЕ ВОВЕЛА ЕКОНОМСКА ЦЕНА НА ЕМИСИЈАТА НА СТАКЛЕНИЧКИТЕ ГАСОВИ, ШТО БИ ПРЕТСТАВУВАЛО ЕКОНОМСКИ ПОТТИК НА ФИРМИТЕ ДА ЈА РЕДУЦИРААТ ЕМИСИЈАТА НА ЈАГЛЕРОД СО ШТО БИ ЈА ИНТЕРНАЛИЗИРАЛЕ НЕГАТИВНАТА ЕКСТЕРНАЛИЈА ВО ВИД НА ГЛОБАЛНО ЗАТОПЛУВАЊЕ

ИМО се базираат на глобална динамичка интеракција меѓу економијата (т. е. пошироко општеството) и климата. Нордхаус ја моделира таа глобална динамичка интеракција преку три компоненти, односно т.н. модули: 

• Модул на циркулирање на јаглеродот, кој се однесува на влијанието на емисијата на СО2 врз еволуцијата на нивото на концентрација на СО2 во атмосферата.
• Климатски модул, кој ја испитува врската меѓу атмосферската концентрација на СО2 и тековите на енергијата кон и од планетата Земја со цел да се процени временската патека на идно движење на глобалните температури, односно глобалното затоплување како показател за климатската промена.
• Модул за економскиот раст, кој ја испитува врската меѓу функционирањето на глобалната пазарна економија и користењето на фосилните горива како основен енергетски инпут во производството на добра и на услуги со цел да се оцени какво би било влијанието на одредени климатски политики врз временската патека на еволуција на глобалниот БДП, глобалната благосостојба и глобалните емисии на СО2.

Нордхаус е особено ангажиран во изнаоѓањето оптимални политики за решавање на проблемот на емисијата на стакленички гасови, кој го предизвикува глобалното затоплување. Според него, оптимален економски механизам за тоа е користењето на т.н. данок на јаглерод (carbon tax) кој би бил воведен на глабално ниво, т. е. во сите земји со униформна стапка. Со тоа би се вовела економска цена на емисијата на стакленичките гасови, што би претставувало економски поттик на фирмите да ја редуцираат емисијата на јаглерод со што би ја интернализирале негативната екстерналија во вид на глобално затоплување. Сличен би бил ефектот од алтернативниот механизам на интервенција наречен „лимитирај и тргувај“ (cap and trade), т. е. воведување квантитативни дозволени лимити за емисија (загадување) и тргување со неискористените лимити.

Придонесот на Нордхаус е и во тоа што неговите ИМО овозможуваат динамичка квантитативна анализа на оптималното ниво на данок на јаглерод преку генерирање сценарија на еволуција на нивото на емисија на СО2 низ времето во зависност од висината на данокот на јаглерод. Во рамките на ваквата анализа, намалувањето на емисијата на СО2 значи подобрување на благосостојбата на сегашните и на идните генерации. Различните временски патеки на количините на емисии зависат од претпоставката за почетното ниво на данокот по еден метрички тон СО2, кое понатаму расте сразмерно на порастот на глобалниот БДП, а тука се вклучува и претпоставката за пондерот на важност на благосостојбата на идните генерации во споредба со благосостојбата на тековните генерации.

Анализирајќи го неуспехот на Кјото протоколот (1997) како меѓународен климатски договор, Нордхаус ја применува економската анализа на јавните добра. Имено, намалувањето на емисиите на штетни гасови може да се смета како глобално јавно добро (global public good). Јавните добра се подложни на проблемот на бесплатно возење (free riding): поединечниот субјект може да ги користи бенефитите од јавното добро без да учествува сразмерно во трошоците за негово производство. Кај меѓународните договори од типот на Кјото протоколот, поединечна земја има простор „бесплатно да се вози“ на редукцијата на емисиите на другите земји; па дури и во интергенерациска смисла, сегашните генерации можат да уживаат во висока потрошувачка на фосилни горива, а идните генерации да „плаќаат за тоа“ во форма идниот влошен квалитет на животната средина. Нордхаус предлага решение преку користење на концептот од економијата на јавниот избор, т.н. „клупски добра“ (club goods), и негова примена за формирање на своевиден „глобален климатски клуб“. Тоа би бил меѓународен климатски договор кој би комбинирал таргети за цената (данокот) на јаглерод и надворешнотрговски санкции (во форма на царини) за земјите кои не учествуваат во (или не го почитуваат) климатскиот договор. Нордхаус заклучува: „....скромни надворешнотрговски пенали за земјите неучеснички можат да поттикнат (формирање, з. м.) коалиција (од земји, з. м.) која ќе прифати движење кон оптимално ниво на редукција (на штетните гасови, з. м.), сѐ додека таргетираната цена на јаглеродот е пониска од $50 по тон. Ваквиот режим е одржлив сѐ додека светската трговија расте со иста динамика како и оптималната цена на јаглеродот.“

Нобеловците по економија за 2018 година се двајца економисти кои својата академска кариера ја посветиле на справување со прашања што се од фундаментално значење за долгорочните трендови на економскиот раст, т. е. фактори и ограничувања од кои зависат одржливоста на економскиот напредок и благосостојбата на современата цивилизација воопшто.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top