Е-Б-Ф-Б
КОИ СЕ ТОП 3 ЛАНЦИ НА МАРКЕТИ СПОРЕД ПОТРОШУВАЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА?


Агенцијата за истражување и консалтинг “Инсајдер ИД” во Октомври 2018 по втор пат спроведе истражување според кое се прогласуваат “Топ 3 Маркети според потрошувачите во Македонија”, кое е спроведено на 1,300 активни потрошувачи во целата држава. Вкупно потрошувачите имаат наведено повеќе од 40 малопродажни ланци од кои 7 се национални додека сите останати се локални. Прашањетокое се поставува на потрошувачите и според кое се проценуваат ланците е “Во кои 3 ланци на маркети најчесто пазарите?”, со што се одредува интензитетот и преференциите за пазарење независно од приходот или локациите кои ги имаат малопродажните ланци.

Тековната 2018-та е обележана како турбулентна за малопродажните ланци особено во Скопскиот Регион, каде по затворање на еден од најголемите ланци до 2014 СП Маркет, се отвори дополнителен просторкој го искористија Кит-Го за влез на главниот пазар и проширување на Зур Маркети. Дополнително “тврдиот дисконт” Киппер ја одбележа со експанзија исто така во Скопје и сериозно проширување на Стокомак на целата територија на државата кој оваа година е и на 3-тата позиција во прилично сериозна конкуренција.

Генерално експанзијата е најголема кај “тврдите дисконти” и се очекува да и следната година да биде обележана со уште поголемо проширување на таквите концепти кое што е тренд не само во Македонија туку и во целиот свет.

Како национални ланци исто како и претходната година се Кам Маркет, Тинекс, Веро, Рамстор, Жито Маркети Стокомак но од оваа година со проширувањето во Скопскиот Региони Кит-Го.

Според спроведеното истражување и оваа година на првата позиција е Кам Маркет со значајно повисоко учество од сите останати ланци на маркети и приближно еднакво учество како и во претходната 2017-та година. Тинекс е на втора позиција повторно како и претходната година, но со пониско учество во одговорите, и Стокомак кој го заменува Веро на третата позиција.


* Прашањето е со повеќекратен избор, односно едно анкетирано лице има можност да заокружи повеќе од 1 одговор, со што вкупниот процент надминува 100%;

Првата позиција на Кам Маркет е со 69% учество, втората на Тинекс со 33,1% и Стокомак со 26,7%. Разликата помеѓу првата и втората позиција е значајна од приближно 36%. Освен за одредени позиции, не постои значајна измена на процентуалното учество, но поради големото ширење на поголемиот број продажни ланци во Македонија, потрошувачите пазарат во поголем број на маркети а со тоа и самото учество се дисперзира.Стокомак има раст од само 2% во однос на претходната година за од 4та позиција да се искачи на 3та, додека намалувањето на Веро е исто така ниско но доволно за тековната година да не биде рангиран во Топ 3.

Како пример регион е Тафталиџе/Карпош 3 каде во радиус од 500 метри има маркети од ланците Рамстор, Кит-Го, Кам Маркет, Стокомак, Тинекс, Веро, ТСВ Дисконт и неколку локални маркети. Доколку потрошувачите до пред определен временски период пазареле само во Кам Маркет, СП Маркет или Тинекс, во 2018 имаат и повеќе од голем избор.

Единствен играч во листата кој во тековната година нема претрпено особен удар од големите промени е Кам Маркет кој и покрај високото учество во претходната, бележи и мал раст во тековната година од 1,2% што посочува дека е стабилен на местото каде е позициониран.

Од структурата на потрошувачите забележливо е дека во Кам Маркет и Стокомак според приходот потрошувачите имаат прилично изедначено учество, додека во Тинекс се зголемува учеството на групите со зголемување и на самиот приход.

Во овогодинешното истражување во соработка со Таргет Груп се изработи и финансиска анализа на маркетите во Македонија за периодот од 2015 – 2017 за дефинирање на финансискиот раст и перформанс кој го имаат малопродажните ланци во Македонија.Стокомак има понизок приход од продажба во споредба со малопродажниот ланец Веро, но поголем број на потрошувачи и со поголем интензитет пазарат во Стокомак поради што и е позициониран повисоко.

Од финансиски аспект, најзначајно апсолутно зголемување во приходот од продажба има во Кам Маркет каде од 91 мил. се искачува на 115 милиони или раст од 24 мил. евра за период од 3 години. Потоа, следи Стокомак со раст од приближно 17 милиони евра и 6 милиони евра во Тинекс.

Во релативни броеви, највисок е растот во Стокомак кај кој и во двете години има 26% односно 24%, потоа во Кам Маркет 10%/13% и Тинекс со 1.3%/4.8%. Во однос на финансиите, се очекува во тековната 2018-та приходите на Кам Маркет и Стокомак да ја задржат стапката на раст како и во претходните години.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top