Интервјуа
MАКЕДОНИЈА 2025 E ФОКУСИРАНА НА РАЗВИВАЊЕ НА ЛИДЕРСКИТЕ, МЕНАЏЕРСКИТЕ И ПРЕТПРИЕМАЧКИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ БИЗНИС ЛИДЕРИ НА ДЕНЕШНИЦАТА И НА ИДНИНАТА

Ана Арсов
Извршен директор, Moody’s Investor Service

Госпоѓо Арсов, во водечката глобална кредит рејтинг агенција Мудис Вие сте извршен директор на Услуга за инвеститорите (Moody’s Investor Service). Не е лесно да се стигне дотаму. Имате богато професионално искуство за работите во финансискиот сектор. На почетокот од ова интервју, кажете ни малку за развојот на Вашата професионална кариера.

А. Арсов: Кога дојдов во САД мојата почетна цел беше да го завршам моето универзитетско образование во бизнис и економија во 1999 година. Се префрлив од Економскиот факултет во Скопје во мојата трета година од студиите. Патеката не беше директна или барем не беше лесна, беше потребно многу труд, упорност и постојано учење. Најголемиот дел од мојата кариера го поминав анализирајќи го кредитниот ризик во разни банки на Волстрит, во Мудис влегов во 2013 година во менаџерска улога, сега таму сум одговорна за кредитните рејтинзи на големи глобални банки присутни на пазарите на капитал, системски важни во САД и Европа, како и за рејтинзи на брокерски куќи и рејтинзи во небанкарскиот дел на финансискиот сектор. Многу сум благодарна за патеката на мојата кариера бидејќи таа ми овозможи фасцинантни и постојано интересни работни места.

Поминаа десет години од Глобалната финансиска криза што го потресе светот. Од оваа перспектива, како изгледаат работите, ги научи ли светот лекциите? Одредени прилагодувања се направени, регулативата зацврстена...

А. Арсов: Последниве 10 години беа многу драматични за глобалниот финансиски систем. Она што го карактеризира овој период е незапаметеното зацврстување на регулативата придружено со многу акомодативна финансиска политика. По пропаѓањето на неколку водечки фирми од Волстрит во 2008 година, глобалните регулатори беа фокусирани на креирање и на имплементирање регулативи наменети да спречат повторување на ваквите шокови врз глобалниот финансиски систем и бараа зголемување на капиталот и на ликвидноста кај сите банки, а особено кај оние што се системски важни. Дополнително кризата ја направи видлива, и беше засилена од, многу значајната меѓусебна поврзаност меѓу финансиските институции. Кризата делумно се должеше на големиот износ на деривативи во портфолиото за тргување, меѓубанкарското финансирање и многу големиот износ на прибрани финансиски средства покрај традиционалните депозити на населението и на компаниите. Затоа, покрај зацврстувањето на регулативата, на капиталот и на ликвидноста, наметнати беа и структурни промени како што се забраната во САД за тргување на брокерите со капиталот на фирмите за своја сметка и глобално задолжителен клиринг на деривативи преку клучни клириншки куќи. Додека сите овие промени се случуваа во нивните бизнис-модели, најголемите банки на глобалните пазари на капитал беа принудени да плаќаат казни во милијарди во судски постапки или за обвинувања поврзани со однесувањето во текот на финансиската криза. Банките мораа да ја намалат финансиската задолженост, нивната профитабилност страдаше и нивните бизнис-модели беа ставени под знак прашалник или беа принудени значително да ги променат своите операции или глобални амбиции.


ЕКОНОМИЈАТА НА САД Е СИЛНА И СО БРЗИНАТА НА РАСТОТ ГИ НАДМИНУВА ДРУГИТЕ РАЗВИЕНИ ПАЗАРИ КАКО ШТО СЕ ЕВРОПА И ЈАПОНИЈА. РЕАЛНИОТ РАСТ НА БДП ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ БЕШЕ 4,1% И Е НА ДОБРА ПАТЕКА ДА РЕЗУЛТИРА СО РАСТ ОД 3 % ЗА ЦЕЛАТА ГОДИНА, А НИВОТО НА НЕВРАБОТЕНОСТ Е 3,7 % И НЕ БИЛО ТОЛКУ НИСКО ОД 1969 ГОДИНА 

Какви се ризиците нешто исто толку лошо да се случи повторно во блиска иднина? Како го оценувате, генерално, тековното здравје на глобалниот банкарски систем?

А. Арсов: Лично мислам дека глобалниот банкарски сектор денес е многу поздрав одошто пред 10 години. Регулаторите, како и оние кои ги одредуваат стандардите, направија добра работа за намалување, но се разбира не и целосно елиминирање на системските ризици. Со сите овие промени со позитивен ефект секогаш има ризици во системот кои треба да ги следиме и да бидеме свесни за нив.
На пример, според мое мислење, ризикот од „тврд Брегзит“ би можел да предизвика финансиска штета за пазарите и секако креира неизвесност за европските пазари на капитал бидејќи претставува потенцијално губење на пристапот до единствениот пазар и е дополнителен трошок за банките кои размислуваат за преместување на персоналот и менаџирање на нивните клиенти надвор од Лондон во некоја друга европска дестинација како што е Франкфурт. Второ, тензиите во трговијата се зголемуваат како што администрацијата на САД тргна по патеката на повторно договарање на трговските договори со своите најголеми трговски партнери како што се Канада, Мексико, ЕУ итн., а односите со Кина се најголемата непознаница во моментов. Понатаму, институционалните инвеститори се повлекуваат од брзорастечките пазари како што се Аргентина и Турција, предизвикувајќи остар пад на валутите. Цените на нафтата исто така многу се зголемија и САД веќе извесно време тргна по патеката на затегање на финансиската политика. Конечно, еден од елементите на глобалниот финансиски систем што предизвика најголема загриженост е тоа што тековната финансиска стабилност има висока цена, т. е. долгот на глобалната економија се зголеми за 70 трилиони американски долари и достигна 237 трилиони долари, што е повеќе од 317 % од глобалниот БДП. Ова ниво на долг е мошне загрижувачко и во одреден момент може негативно да се одрази на растот.

Во овој контекст, што е со банките во Европа? Изгледа дека некои од нив доаѓаат во фокусот кога се зборува за недоволна капитализираност.

А. Арсов: Европските банки не се еднобоен систем бидејќи нордиските банки во просек демонстрираа подобри остварувања од банките во јужниот дел на системот. Дел од нив се на пролонгирана патека на заздравување и се фокусирани на задржување и на „билдање“ капитал во услови на прилагодување на новите прописи. Сепак, сѐ уште постојат високи структурни ризици на страната на активата во многу земји и во поглед на профитабилноста најголемиот дел од европските банкарски системи заостануваат неколку години зад банките од САД. Една од причините е штетата што нефункционалните заеми ја прават на нивните биланси на состојба при што Грција, Италија, Португалија, Бугарија и Словенија се земји со банкарски системи со високи нефункционални заеми. Друга причина е амбиентот на ниски каматни стапки што не им помогна во нивните каматни маргини. Тековниот конструктивен економски амбиент со изгледи за умерен раст би требало да помогне, но затегањето на финансиските услови е нешто на што треба да се внимава.

Како ја гледате економијата на САД во моментов? Стапката на невработеност е на најниско ниво во последниве неколку децении. Во кои елементи економијата е силна, а во кои е ранлива?

А. Арсов: Економијата на САД е силна и со брзината на растот ги надминува другите развиени пазари како што се Европа и Јапонија. Реалниот раст на БДП во вториот квартал беше 4,1 % и е на добра патека да резултира со раст од 3 % за целата година, а нивото на невработеност е 3,7 % и не било толку ниско од 1969 година. Може да се каже дека даночната реформа и дерегулацијата, направени од страна на администрацијата на Трамп, придонесоа за вака силни остварувања. Амбиентот на каматни стапки блиски до нултото ниво создаде потрага по принос, апетитот на инвеститорите за преземање ризик е висок и го видовме тоа преку движењето на акциите во САД и историски највисокото ниво на главните индекси на акциите.
Исто така сведоци сме на пораст на финансиската задолженост на корпорациите, која сега е на повисоко ниво од својот врв пред финансиската криза од 2008/09 година. Во САД пазарот за високо ризични заеми сега е позициониран на ниво над еден трилион американски долари. Јас секако внимавам на овие нивоа на корпоративна задолженост, но компаниите покажуваат силни корпоративни профити, а каматните стапки, иако растат, сѐ уште се ниски, набљудувано историски, така што по тековните стапки долгот може да се менаџира. Сепак, при повисоки стапки, секако постои потенцијал за вознемиреност и кога тој би се материјализирал би можел неповолно да влијае на растот или, уште полошо, да креира шокови за целиот систем.

Како гледате на кредитниот рејтинг на Република Македонија?

А. Арсов: Мудис не го одредува рејтингот на Македонија, но според рејтингот на земјите во нашата блиска околина може да се види дека само Бугарија има инвестициски рејтинг нивоа од Баа2, следена од Хрватска со Ба2, Србија Ба3, Албанија Б1 и Грција на најлошо ниво од Б3. Мислам дека има неколку причини за ваквото слабо позиционирање со рејтингот од страна на земјите во регионот. Може да се согледа дека членството во ЕУ секако го подобрува пристапот до пазари, но не значи дека ќе биде решение веднаш за фундаментални стратешки и економски проблеми кои сé уште бараат од секоја земја да бидат решени преку реални реформи и стратегија.


EДЕН ОД ЕЛЕМЕНТИТЕ НА ГЛОБАЛНИОТ ФИНАНСИСКИ СИСТЕМ ШТО ПРЕДИЗВИКА НАЈГОЛЕМА ЗАГРИЖЕНОСТ Е ТОА ШТО ТЕКОВНАТА ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ ИМА ВИСОКА ЦЕНА, Т. Е. ДОЛГОТ НА ГЛОБАЛНАТА ЕКОНОМИЈА СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА 70 ТРИЛИОНИ АМЕРИКАНСКИ ДОЛАРИ И ДОСТИГНА 237 ТРИЛИОНИ ДОЛАРИ, ШТО Е ПОВЕЌЕ ОД 317 % ОД ГЛОБАЛНИОТ БДП. ОВА НИВО НА ДОЛГ Е МОШНЕ ЗАГРИЖУВАЧКО И ВО ОДРЕДЕН МОМЕНТ МОЖЕ НЕГАТИВНО ДА СЕ ОДРАЗИ НА РАСТОТ


Вие сте член на Управниот одбор на „Македонија 2025“. Како се случи да одлучите да се ангажирате во активностите на оваа организација?

А. Арсов: Јас се придружив на Управниот одбор на „Македонија 2025“ во 2017 година, откако извесно време бев инволвирана како Ко-претседавач на Самитот на „Македонија 2025“ во Скопје. Мојот сопруг е вклучен во организацијата од нејзините почетоци, моментно е претседавач, и ние како семејство со голема страст придонесуваме за нејзиниот успех, не само финансиски туку и со нашето вложено време. Тоа е фантастична организација, аполитична и непрофитна, сега веќе со десетгодишно постоење, единствена во својата мисија и цели. Нејзиниот фокус е на вклучување успешни луѓе од различни области, како од дијаспората така и внатре од Македонија, со цел да помогнат да се создаде просперитетна економска клима и „посилна нација“ што ќе ги подобрува можностите за граѓаните, за компаниите и за странските инвеститори. Ние промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, на претприемништвото, на иновациите и на лидерство базирано на вредности. Иако организацијата е поддржана главно од финансиски придонеси на членовите на Управниот одбор и од напори за прибирање финансиски средства првенствено од Северна Америка, имаме поддршка од членови на Управниот одбор од Македонија, како и силна поддршка од бројни компании од Македонија за кои гледаме дека растат и се развиваат. Исто така важно е да се истакне дека од 2011 година седиштето ни е во Скопје и во канцеларијата имаме кадар составен од 12 луѓе. Јас лично сакам да се среќавам со млади и интелигентни Македонци кои доаѓаат преку оваа платформа. Тоа е организација полна со позитивна енергија и желба да направи добри работи за нашиот народ и земјава.

Во периодот 7 – 10 ноември 2018 година, во Скопје ќе се одржи редовниот годишен Самит на „Македонија 2025“. Какви се Вашите очекувања за Самитот оваа година?

А. Арсов: Испланиравме фантастичен Самит што годинава за првпат ќе се одвива во текот на три дена, со повеќе од 70 говорници од целиот свет, вклучително и одлични домашни говорници. Да спомнам само неколку: Ентони Б. Ким – менаџер за истражување и уредник на Индексот за економски слободи од познатата Херитиџ фондација, Хасан Хазбани – заменик-премиер и министер за здравство во Владата на Либан, Дубравка Негре – раководител на Регионалната канцеларија на ЕИБ за Западен Балкан, Анита Ангеловска - Бежоска – гувернер на Народна банка на Република Македонија. Третиот ден ставен е голем фокус на здравствените услуги, со учество на високо ценети министри, менаџери во здравството и познати доктори. Во однос на технологијата ја имаме Кати Ицева која е менаџер за софтверско инженерство во Мајкрософт, Скот Ресник, исто така од САД, фасцинантен сериски претприемач и визионер за технолошки парк и многу други. Фокусот на Самитот е да биде голем едукативен настан и настан за поврзување, оваа година нашата тема е славење на бизнис-успехот и промоција на успехот, но исто така и на филантропијата.
Што се однесува до филантропијата, годинава славиме 10 години од постоењето на организацијата со организирање на гала-настан за прибирање финансиски средства на кој се надеваме дека ќе собереме средства за нова програма наречена „Таленти денес – лидери утре“. Нашата цел е да собереме финансиски средства за спонзорирање универзитетско образование за 10 талентирани студенти секоја година (фокусирајќи се на студенти со отежнати животни околности) на кои би им се помогнало со стипендии, со менторство, со пракса и со вработување. Нашите постојни програми се главно фокусирани на поискусни лидери или на луѓе кои барем веќе работат така што постојната група студенти е област во која исто така би сакале да дејствуваме. На гала-настанот за прибирање финансиски средства, наши две многу инспиративни говорнички за филантропијата се Катерина Константинидес, светски познат филантроп и поранешна Мис на Јужна Африка, како и Ана Дивац, од Ана и Владе Дивац фондацијата од Србија.


МОЖЕ ДА СЕ СОГЛЕДА ДЕКА ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ СЕКАКО ГО ПОДОБРУВА ПРИСТАПОТ ДО ПАЗАР, НО НЕ МОРА ДА ДОНЕСЕ РЕШЕНИЕ ВЕДНАШ ЗА ФУНДАМЕНТАЛНИ СТРАТЕШКИ И ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ КОИ Сѐ УШТЕ БАРААТ ОД СЕКОЈА ЗЕМЈА ДА БИДАТ РЕШЕНИ ПРЕКУ РЕАЛНИ РЕФОРМИ И СТРАТЕГИЈА

Како ги оценувате досегашните активности на „Македонија 2025“ и какви се плановите за иднината?

А. Арсов: Нашиот фокус е на три столба. Првиот е образование и помагање во откривање и обука на идните лидери на земјава, вториот е поддршка за странски директни инвестиции и третиот се експертски анализи како тинк-тенк за ставките што во нашата „Сумарна табела за земјата“ се идентификувани како важни за да бидат третирани со цел Македонија да се придвижи напред и да стане еднаква на водечките членови од семејството земји во ЕУ. Наш најпознат столб е столбот за образование каде што всушност го вбројуваме и нашиот годишен Самит како една од програмите. Од 2008 година инвестиравме 1 милион американски долари за програми за лидерство во кои вклучивме повеќе од 500 претприемачи и менаџери во Македонија. Исто така имплементиравме бројни програми за економски развој со вкупна вредност од 3 милиони американски долари како што се програми за развој на извозот, трговски мисии, бизнис-конференции итн. Дадовме и 14 стипендии за искусни директори на респектабилни фирми како што се Алкалоид, Тиквеш, Систина итн. во престижната Келог школа за менаџмент, како дел од Програмата за развој на извршни директори на нашиот коосновач Мајк Зафировски. Понатаму, 30 македонски топ менаџери беа дел од Студиската тура за извршни директори, во соработка со Шулич центарот за едукација на извршни директори на Јорк универзитетот во Торонто. Што се однесува до проектот „Лидер“, повеќе од 400 млади претприемачи поминаа низ него. На крајот, но не и помалку важно, нововостановената програма од нашиот друг коосновач, Програмата за претприемачи на семејството Битов во соработка со Канадската организација за услуги од извршни директори, ќе реализира околу 15 ангажмани во македонски компании во првата фаза до април 2019 година. Програмата е многу интересна, бидејќи во македонски претпријатија носиме топ извршни директори од Канада, кои се пензионирани, без било какви трошоци за локалните фирми. Накусо, фокусирани сме на развивање на лидерските, на менаџерските и на претприемачките капацитети на македонските бизнис-лидери на денешницата и на иднината. Овозможуваме едукација на светско ниво, што не е достапна во Македонија, со сосема мал или никаков трошок за фирмите. Исто така ги промовираме најдобрите практики во корпоративното управување и асистираме во трансферот на ноу-хау од топ професионалци во нивните соодветни области.

Со оглед на тоа што сте многу успешни во финансискиот сектор, кој е Вашиот совет за младите луѓе од земјава кои размислуваат за кариера во финансискиот сектор?

А. Арсов: Светот на финансиите е фасцинантен и во него владее голема конкуренција така што луѓето што се интересираат за него треба добро да ги разбираат бројките, да бидат силни личности и да имаат голема професионална етика. Сепак, мојот генерален совет за кој било млад професионалец кој сака да биде успешен во која било област е многу да работи, да биде скромен, да има големи вредности и да сака да учи цел живот. Исто така младите луѓе во Македонија (а и каде било на планетава) треба да го прифатат тоа дека пристапот до информации е мошне изедначен во светот и на нив паѓа одговорноста да им пристапат на информациите како виртуелно така и физички и да ги искористат за сопствена полза. Она што се обидувам да кажам е дека светот е навистина мал, особено во ерата на интернетот и обработката во облак (cloud computing), младите генерации не треба да ги ограничуваат своите соништа. Исто така бидете свесни дека конкуренцијата е силна, но и дека покрај тоа да се работи многу и умно потребен е и тим кој ќе помогне за поголеми шанси за успех. Моите лични достигнувања се успех и на мојот тим, т. е. семејството, пријателите и мрежата на познаници.

И Вашиот сопруг е Македонец. Повремено ја посетувате Република Македонија, какво е чувството?

А. Арсов: И јас и мојот сопруг сме од Скопје, двајцата одевме во исто средно школо (Раде Јовчевски Корчагин) и двајцата започнавме кариери на Волстрит, пришто тој предводеше. Тој е успешен инвестициски банкар и, како што споменав, моментно е Претседавач на Управниот одбор на „Македонија 2025“. Таа улога ја наследи пред четири години од нашиот ценет со-основач, драг пријател и ментор Мајк Зафировски, а тој претходно од Џон Битов Јуниор. Иако сега САД се нашиот дом, ние многу сакаме да ја видиме Македонија како напредува на економски и социјален план. Доаѓаме во Македонија неколку пати годишно за да бидеме блиску до нашите семејства и пријатели, нашиот тим од „Македонија 2025“ и поддржувачите.

Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top