Општество
СИН БРАН ИЛИ СИН АМБИС НА ИЗБОРИТЕ ВО САД

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Прирачник за следење на т.н. „МИДТРМС“ - избори за огромен број американски функционери, што се одржува на половина од претседателскиот мандат

 
Онака како што предвидоа аналитичарите пред две години, двата клучни политички настани, БРЕГЗИТ и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, ја дефинираа генералната политичка мапа на светот изминативе две години. А две години во политиката претставуваат одличен период за средување на впечатоците и за оценка на успешноста на крупните политички одлуки. За Британија пишувавме минатиот број, и за јазот кој таму се создава веќе на сите им е јасно дека нема да може да се финализира без суштински последици по Британија, a кои веќе се закануваат да го загрозат и унитарниот карактер на Обединетото Кралство. Оваа ново соочување со реалноста ги извади Британците на улиците, барајќи пристојно решение за политичката криза, не отфрлајќи ја притоа ниту опцијата за нов референдум со цел поништување на БРЕГЗИТ. Оваа стратегија „клин со клин се избива“, иако најмалку веројатна, барем теоретски сега за сега претставува најдобро сценарио за Велика Британија. Но, дури и ваквиот развој, со оглед на длабоката политичка поделеност на „поданиците“, нема да може да помине без последици за британското општество, можеби најсоодветно илустрирани со продолжението на стратешката поговорка „но, останува дупка“. 

А тестот на времето, и еден вид соочување со реалноста овој месец, се случува и во САД. Таканаречените „Мидтрмс“ (Midterm elections) претставува групен настан во кој, на половина од претседателскиот мандат, на избори одат сите членови на Претставничкиот дом, како и една третина од членовите на Сенатот, кои заедно ја претставуваат највисоката легислативна федерална власт во САД – Конгресот. Дополнително, за време на „Мидтрмс“ се избираат и 36 државни гувернери (слично на претседатели во претседателски системи) кои во наредните четири години ќе ја имаат клучната извршна власт низ американските држави. На крајот, за време на „Мидтрмс“ се одржуваат и бројни локални избори за избор на градоначалници и на други избрани функционери на локално ниво, кои сите заедно се бројат во илјадници. Ова политичко ресетирање, покрај тоа што има огромно влијание во изградбата не политиките низ САД, има силно влијание и врз правецот во кој ќе се движи и генералната политика на Федерацијата и претставува еден вид проверка на успешноста на постоечкиот претседател.

Во моментот на пишување на овој текст изборите се на неколку недели, но во моментов кога вие го читате, „Мидтрмс“ веројатно ќе бидат важна тема и за нашата локална јавност, а секако главна и доминантна тема во светските медиуми. Токму затоа, од оваа дистанца, ќе се обидеме да направиме анализа на политичките движења, да ги дефинираме неизвесните трки кај кои ќе се прекршува јавното мнение, сè заедно да понудиме еден прирачник со кој следењето на овие избори ќе биде полесно и, пред сè, поинтересно.

А она што е секако одлучувачко на овие избори е начинот на кој ќе се преслика генералната политика која ја наметнува претседателот Трамп визави политичката платформа на Демократската партија. Всушност, се работи за многу значајна детерминанта на политичкото расположение на Американците кои имаа доволно време да ги почувствуваат, да ги анализираат и буквално да ги вкусат популистичките политики на доктрината „Америка прва“. Денес, две години подоцна, американските гласачи својата гласачка одлука ја перципираат како реална оценка на досегашната работа на претседателот Трамп и воопшто на Републиканската партија. Со тоа, индиректно, тие ќе ја ја дефинираат севкупната идеолошка насока во која ќе се развива политичката парадигма на САД во иднина, и тоа низ целиот политички спектар. По традиција, партијата од која доаѓа претседателот на САД најчесто остварува послаб резултат на „Мидтрмс“ како една потреба на гласачите за баланс и компромис при изградбата на заедничкиот политички правец. Секако, да се држевме до гласачките традиции, Доналд Трамп никогаш немаше да стане претседател, а и неговото владеење во повеќе наврати покажа дека САД се во процес на редефинирање на своите политички традиции.

Да почнеме со Претставничкиот дом во кој во моментов доминираат претставниците на Републиканската партија со 235 претставници, преку 40 повеќе од оние на Демократската партија. Оваа предност со сигурност ќе се намали, што претставува и цврста традиција во американското гласање кое е засилено со контроверзниот двегодишен мандат на Трамп. Предноста на демократите е уште поголема ако се смета дека дури 41 место во Претставничкиот дом, кое во моментов го држат републиканците, е „испразнето“ (за него ќе се натпреварува различен кандидат од сегашниот), а извештајот на независниот институт „Кук“ покажува дека дури 71 место на досегашните републикански претставници е загрозено за разлика од утврдените пет кај демократите. Сето ова укажува дека само чиста победа во Претставничкиот дом може да се смета за успех на демократите. Во спротивно, тие ќе мора сериозно да ја преиспитаат својата политичка позиција во американското општество.

Од повеќето изборни трки ќе издвоиме неколку за кои сметаме дека ќе ја претставуваат целата слика за претстојните избори. Таква е Осмата изборна област во Минесота, која традиционално во Претставничкиот дом ја претставува кандидатот на демократите, Рик Нолан. Нолан доаѓа од демократскиот приврзок, т. н. „Демократска фармерско-работничка партија“, и кој веќе со децении го повторува овој успех. Овојпат Рик Нолан го напушта ова место и демократите „ќе трчаат“ со нов кандидат, неговиот соработник Џо Радиновиќ. На претседателските изборите 2016 година, Осмата изборна област во Минесота беше една од оние со кои изненади успехот на Трамп, што ја прави оваа единица најдобар репрезент за обидот на демократите да ги задржат местата во оние пет - шест изборни единици кои се сметаат за ризични. Такви се и Првата изборна област во Минесота, но и Третата во Невада, додека онаа 14. во Пенсилванија, поради наводен неуставен изборен „геримандеринг“, е соодветно прекроена и речиси сигурно оди во рацете на републиканците.

А како што веќе наведовме, вакви „отворени“ изборни области, кои досега ги држеа републиканците, а се оставени на нови кандидати, има многу повеќе и за нивен репрезент ја одбравме 39. изборна област во Калифорнија. Интересно е да се забележи дека Калифорнија, поради мешаниот етнички состав, но и поради прогресивната популација традиционално претставува тежок залак за републиканците кои, преку големи компромиси на нивната генерална политика, успеваат да задржат само неколку изборни области кај себе, меѓу кои и предметната 39. конгресна област на Калифорнија. Сепак, големиот авторитет на републиканецот Ед Ројс, кој е и претседавач на Комитетот за надворешна политика и кој безмалку три децении традиционално ја претставува 39. изборна област во Калифорнија, оди во пензија, а како дополнително оптоварување за републиканците треба да се има предвид резултатот од 2016 година во кој Хилари Клинтон извојува пристојна предност од дури девет процентни поени пред Доналд Трамп. Републиканците за оваа изборна област внимателно ја одбрале Ким Јанг, една од ретките претставнички жени на Републиканската партија, која има корејско потекло, со што ќе се апелира на гласачите на различните етнички заедници, особено на оние од азиско потекло, но и на хиспаниците кои Ед Ројс ги имаше како традиционални поддржувачи. Интересно, демократите во оваа изборна област настапуваат со Гил Циснерос, воен ветеран и богат филантроп кој, интересно, своето богатство го создава најмногу преку добивката на лотарија од преку 260 милиони долари. Гил Циснерос во други околности би претставувал архетип на републикански кандидат, што и не е толку чудно ако се има предвид дека до пред 10 години бил член на Републиканската партија.



Од традиционално „демократската“ Калифорнија се селиме во традиционално „републиканскиот“ Тексас каде што во 32. изборна област, веднаш северно од Далас, силите ќе ги одмерат досегашниот републикански претставник во Претставничкиот дом, Пит Сешн, кому демократите му го спротивставуваат популарниот поранешен фудбалер (американски фудбал) Колин Алред. Резултатите во оваа изборна област можат да бидат добар репрезент за таканаречениот нов „син бран“ на Југот каде што традиционално републиканските изборни области, во согласност со промената во етничката структура, но и сè поголемиот број прогресивни гласачи, создаваат потенцијал за суштинска промена на политичката преференција. На изборите 2016 година, токму 32. изборна област во Тексас претставуваше изненадување, каде што Хилари Клинтон имаше предност од два процентни поени пред Доналд Трамп. Вакви изборни области има повеќе, но овој бран се шири и на изборите за Сенатот во Тексас каде што подоцна ќе видиме дека, во една од сенатските изборни единици, е загрозено и местото традиционално резервирано за Тед Круз.

А дека се можни огромни изненадувања покажуваат и најновите истражувања на јавното мнение за Втората изборна област во Њу Мексико каде што Хочити Торес Смол, претставничката на Демократската партија, ќе се натпреварува со Ивет Херел за традиционално републиканската позиција која досега ја држеше републиканецот Стив Пирс, но кој ја напушта оваа позиција за да влезе во трката за гувернер на Њу Мексико. Оваа традиционална републиканска област, на изборите во 2016 година Трамп ја освои со доминантна предност од над 10 процентни поени најмногу поради апстиненцијата на гласачите од латинско потекло. Но, токму промената во т.н. „гласачка мотивација“ на различните политички сегменти што, пак, е директна последица на двегодишниот мандат на Трамп, се очекува да ги предизвика „заспаните“ гласачи што, ако се случи, најдобро ќе биде илустрирано со резултатите на изборите во оваа област.
Интересна е, на пример, и Третата изборна област во Западна Вирџинија, која е традиционално републиканска област и каде што на изборите во 2016 година Доналд Трамп победи со поддршка од над 70%. Но, Риџард Оједа кој влегува во трката од страна на Демократската партија воопшто не претставува конвенционален демократски кандидат. Како поранешен тврдокорен поддржувач на Берни Сандерс во рамките на изборната трка внатре во Демократската партија, Риџард Оједа е од оние кои по победата на Хилари Клинтон, на крилјата на антиестаблишментот, ја завртеа својата поддршка кон Доналд Трамп. Неговата неконвенционалност му обезбедува победа на државниот избор за Сенатот, а сегашните истражувања на јавното мнение ја ставаат оваа изборна област како непредвидлива. Доколку во САД се случи т.н. „син бран“, тогаш победата на Риџард Одеја ќе означи дека бранот е претворен во „цунами“ и дека САД силно и широко се спротивставуваат на новата „трамповска“ републиканска доктрина.

Овој политички сентимент веројатно со уште поголемо влијание се пресликува и врз изборите за една третина од сенаторите. Изборната активација кај традиционално левичарските гласачи е предизвикана од контроверзните потези на Трамп преку кои јасно се исцртува промена на курсот на американската политика во десно. Во сличен политички контекст, Републиканската партија е ставена пред тест да ја реафирмира или да ја ревидира радикалната десничарска парадигма која Трамп упорно се обидува да ја наметне како нова политичка доктрина на американската десница. Во оваа смисла, однесувањето на Трамп е повторно неконвенционално. Тој го става целиот свој политички габарит во поддршка на републиканските кандидати, индиректно ставајќи го и своето име на гласачкото ливче. Во одредени области тоа можеби и претставува предност за некои од кандидатите, но генерално, на ниво на целата територија, рејтингот на Трамп е исклучително низок, и напротив, претставува значаен мотивирачки елемент за зголемување на излезноста на оние кои се спротивставуваат на неговата политика.



А состојбите во Сенатот му одат во прилог на Трамп. Предноста од 51 сенатор се покажа доволна за да можат да се имплементираат некои од најважните политички одлуки на републиканците и на самиот Трамп, каков што беше контроверзниот избор на Брет Кавана во Врховниот суд на САД. Овој потег не само што ќе има влијание врз идеолошкото моделирање на американското општество во децениите кои следуваат, туку претставуваше и еден вид тест, точка на обединување на републиканците и изградба на заедничка основа на политичко дејствување. Од друга страна, изборните соочувања за Сенатот не оставаат голема можност за значајни промени имајќи предвид дека државите и областите во кои се одржуваат изборите во најголем дел имаат предетерминирано гласачко тело и уште повеќе, на тест се ставени позиции кои во моментов веќе ги држат демократите. Па така, според одредени анализи, дури девет од позициите кои веќе ги држат демократите се под знак прашалник, од кои само три се сметаат за демократски наклонети. Боб Кеси во Пенсилванија, Шерод Браун во Охајо и Теми Болдвин во Висконсин иако влегуваат во сегментот ризични, аналитичарите им даваат поголеми шанси отколку на нивните републикански предизвикувачи. За разлика од нив, сенаторите кои доаѓаат од Западна Вирџинија, Северна Дакота, Индијана (државата од која доаѓа и потпретседателот Мајк Пенс), Мисури, Монтана, па дури и Флорида, иако досега се претставувани од сенатори кои доаѓаат од Демократската партија, на изборите во 2016 година сите овие области му дадоа поголема поддршка на Доналд Трамп и претставуваат сериозна закана за остварување уште послаб распоред на силите во рамките на Сенатот.

Но, и неколкуте ризични сенаторски позиции на републиканците ги прават овие избори неизвесни. Таква е трката за сенаторското место во Невада каде што досегашниот сенатор Дин Хелер ќе ја брани својата позиција од кандидатката на демократите, Џеки Розен. Оваа изборна трка се смета за најризична кај републиканците, особено што на изборите 2016 година Хилари успеа да ја добие и покрај стандардното републиканско расположение. Оваа несигурност ја направи трката во Невада една од највозбудливите, каде што не се штедат ниту политички авторитети ниту пари за да се направи пресврт. Па така, Џеки Розен е една од првите кандидатки за Сенат кои добија директна поддршка од поранешниот претседател Барак Обама, додека во одбрана на Дин Хелер лично застана претседателот Доналд Трамп. Многумина оваа трка почнаа да ја нарекуваат како прокси судир меѓу Обама и Трамп, а верувам дека овој сентимент, со приближувањето на изборниот ден, само ќе се зголемува.

А промената во расположението за избор на сенатори почна да се чувствува и во традиционално „црвениот“ Тексас. Тоа е држава во која демократите не успеале да освојат сенатско место повеќе од 25 години, која републиканците ја сметаат за свое најсилно упориште и каде што овојпат сегашниот сенатор и силен републикански авторитет Тед Круз е во трка да го задржи своето место. Но, и покрај сите овие позитивни предиспозиции, трката за сенаторското место во Тексас станува сè повеќе непредвидлива при што се запалија сите црвени светла за предупредување во рамките на Републиканската партија и се вклучија сите механизми за заштита на оваа позиција. Анкетите сè уште покажуваат предност на Круз пред демократскиот кандидат Роберт Орурк, но предноста е едноцифрена, што покажува дека расположението во Тексас не е веќе толку „црвено“ и дека републиканците не можат да ја прокнижат оваа победа без автентична борба.
А вакви неизвесни трки има и на уште неколку позиции кои досега ги држеа републиканците. Такво е и сенаторското места од Аризона, каде силите ќе ги одмеруваат две кандидатки, демократката Кристин Синема, која има мала но стабилна предност пред републиката Марта Мексали. Изборната трка која досега ја држеше Републиканецот Џеф Флејк претставува еден од клучните изборни соочувања за Сенатот на кои Демократите се надеваат да го одземат од Републиканците. Слична е состојбата и во Тенеси, каде за позицијата на републиканецот Боб Коркер, кој се пензионира, неговото место ќе го брани републиканката, Марша Блекбурн, додека демократите ќе се обидат да го земат ова републиканско место преку Фил Бредесен, чии шанси се исклучително високи, и кој, на пример, доби директна поддршка од Мајкл Блумберг.



Покрај изборите за американскиот конгрес, многу важна подготовка за следните претседателски избори ќе бидат и сегашните резултати во трката за гувернери, имајќи предвид дека овие позиции имаат силно влијание врз секојдневните потреби на граѓаните и со тоа директно влијаат на нивните генерални политички преференции. А гувернерскиот натпревар има исто така неколку интересни изборни соочувања кои, ако ништо друго, ќе претставуваат историски преседани. Еден од најимпозантните претставници на американскиот политички судир секако ќе бидат изборите за гувернер на Џорџија. Ова место го отстапува републиканецот Нејтан Дил, а на негово место во трката влегува Брајан Кепм, еден од класичните репрезенти на крајната десница во Републиканската партија, силен поддржувач на Доналд Трамп, бескомпромисен борец против абортусот, приврзаник на политиката на антимиграција итн. Овој наратив веројатно ќе беше победничка опција за традиционално конзервативната Џорџија, но промената на политичката основа, како во демографска така и во идеолошка смисла, се чувствува и во оваа држава. Во трката за ова место демократите влегуваат исто така бескомпромисно со Стејси Абрамс, жена од афроамериканско потекло, претставник на прогресивната левица, дијаметрална спротивност на архетипот за политички претставник на Џорџија, во која сите претходни 82 гувернери во нејзината историја биле бели мажи. Оваа неизвесна трка, доколку ја прекине оваа традиција, ќе претставува вистински пресврт во изградбата на политичкиот сентимент не само на Џорџија, туку ќе има влијание и врз политичките движења во цела Америка.

Интересен репрезент на т.н. „син бран“ може да биде и трката за гувернер на Алјаска која, по Тексас, претставува една од најконзервативните средини каде што изборните позиции се најчесто резервирани за републиканските претставници. Ова расположение лесно ќе се преточеше во изборна победа од страна на републиканците, но на неколку недели пред изборите досегашниот гувернер Бил Вокер ја напушти трката и со својот авторитет го „ендорсираше“ кандидатот на демократите, Марк Бегич. „Алјаска прва не може и не смее да биде доктрина која ќе ја претставува нашата држава“ – изјави Бил Вокер, алудирајќи на влијанието на Трамп во креирањето на политичката парадигма на републиканците во Алјаска. Вокер ја освојува Алјаска на минатите избори како независен кандидат, но неговото потекло е традиционално републиканско и се смета за силен општествен авторитет во Алјаска.

Изборните соочувања на половина мандат „Мидтрмс“ претставуваат силен општествен импулс во создавањето на севкупниот политички наратив на САД и таканаречен предвесник на политичките движења на претстојните претседателски избори. САД дефинитивно ја живеат ерата на „трампизам“ каде што изборот на Доналд Трамп претставува само последица од една поширока политичка профилијација на американското гласачко тело. Во оваа смисла САД не само што не се изолирани од политичките движења низ целиот свет, туку може да се сметаат за предводници (веројатно заедно со Велика Британија) на идеолошкото и политичко преструктурирање. Во оваа смисла клучно за следење на овие избори ќе биде успешноста на т.н „син бран“ кој, доколку се случи, не само што ќе претставува значаен консолидатор во рамките на Демократската партија туку и ќе инклинира позитивно и кон умерената републиканска фракција, кои веројатно ги трпат најголемите последици од навалата на „трампизмот“. Секако, ни малку не треба да се потцени ниту втората опција, а тоа е во согласност со распоредот, републиканците да ја задржат предноста во двата дома на Конгресот што, пак, ќе претставува одлична можност за факторизација на политиката на Доналд Трамп и на неговата почетна позиција за втор претседателски мандат. Тоа веројатно ќе доведе и до одредена идеолошка катарза во рамките на Демократската партија на која ѝ се заканува идеолошко редефинирање потпомогнато од радикалната левица. На крајот, редно е да се потсетиме дека суштината на изборите е во нивната непредвидливост, па затоа оставам „Мидтрмс“ да ни приредат и некое дополнително изненадување.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top