Интервјуа
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ РЕГАН БИ ГИ ПОДДРЖАЛ ДАНОЧНИТЕ РЕФОРМИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАМП

Ентони Ким
Херитиџ Фондација, САД

На почетокот од ова интервју да им дадеме на нашите читатели основни информации за Херитиџ фондацијата, нејзината историја, мисија и начин на функционирање и на финансирање.

Е. Ким: Херитиџ фондацијата е тинк-тенк, една од најшироко поддржуваните, независни институции што се занимаваат со конзервативни истражувања и едукација. Со седиште во Вашингтон, од своето основање во 1973 година Херитиџ фондацијата е бастион на американското конзервативно движење.

Повеќе од 500 000 членови ја поддржуваат нашата визија за градење на Америка во која цветаат слободата, просперитетот, можностите и граѓанското општество. За своите приходи Херитиџ се потпира на приватна финансиска поддршка од јавноста – поединци, фондации и корпорации, не прима финансиски средства од државата и не влегува во извршување на договорни зделки.

Слободни фирми, ограничена влада, индивидуална слобода, традиционални американски вредности и силна национална одбрана, мисијата на Херитиџ фондацијата е да се промовираат овие принципи. Како претприемачи во однос на градењето на политиките, веруваме дека најефективните решенија се конзистентни со овие идеи и принципи.

Оваа мисија нашиот тим на експерти и друг персонал ја остварува преку вршење навремени и прецизни истражувања за клучните прашања поврзани со политиките и преку ефективно промовирање на нашите наоди кај нашата основна публика: членовите на Конгресот, клучните членови на персоналот на Конгресот, дизајнерите на политиките од извршната власт, медиумите, академската заедница и заедницата на дизајнери на политиките.  

СО СЕДИШТЕ ВО ВАШИНГТОН, ОД СВОЕТО ОСНОВАЊЕ ВО 1973 ГОДИНА ХЕРИТИЏ ФОНДАЦИЈАТА Е БАСТИОН НА АМЕРИКАНСКОТО КОНЗЕРВАТИВНО ДВИЖЕЊЕ

Мошне импресивна е листата на членови на Одборот на повереници, ги вклучува и Стив Форбс и Брајан Трејси, да спомнеме само некои од нив кои се познати и тука. Која е улогата на Одборот?

Е. Ким: Херитиџ фондацијата е управувана од независен Одбор на повереници составен од 20 членови. Одборот дава насоки, ги обликува стратешките одлуки и ги одобрува вкупните годишни буџети за да може Херитиџ фондацијата ефективно да ги остварува својата визија и мисија базирани на конзервативни принципи.  

Кои се главните производи на Фондацијата?

Е. Ким: Херитиџ произведува голем број истражувачки студии за политиките во разновидни форми (Issue Brief, Backgrounder, Special Report) за опсег на прашања од суштинско значење за домашната и надворешната политика. Идеите и препораките за политиките презентирани во овие истражувачки производи често се поткрепени и се истакнати од разновидни коментари и блогови во медиумите. Дополнително Херитиџ е многу позната по издавањето важни наслови на книги како што се: Мандат за лидерство, Индексот на  економски слободи и Индексот на воена сила.  

Во поглед на вредностите и на верувањата, десноориентираните политички партии во поширокиот Балкански Регион често се идентификуваат себеси само со национализмот. Како ги усогласувате конзервативните вредности со (понекогаш отровниот) национализам?

Е. Ким: Конзервативизмот и национализмот се две сосема различни идеи. 

Централниот аспект на конзервативизмот е во основа базиран на слобода ограничена од потребата за поредок во општеството во рамките на владеењето на правото. Тоа е комбинација на понекогаш спротивставени барања на заедницата и на поединецот, на индивидуалната слобода и на индивидуалната одговорност, на ограничената влада и на слободните пазари. Поконкретно, модерното конзервативно движење често се опишува како троножец: конзервативци за националната безбедност, социјални конзервативци и конзервативци за слободен пазар. 

Се разбира, следната битка во светската војна на идеи ќе биде за значењето на национализмот што е производ и форма на популизам. Тој е комплициран и не е секогаш во линија со конзервативните вредности. Не е изненадување тоа што постои „деструктивен национализам“ на едниот крај и „конструктивен национализам“ на другиот крај на спектарот. Можеби е тешко и претставува предизвик да се разграничат двете лица на национализмот бидејќи дел од битката на идеи е тие да се дискредитираат преку нивно ставање на купче, невнимателно или намерно.

Повеќе од разумно е да се очекува граѓаните да ги сакаат своите земји, да имаат рационален, здрав респект за своите земји, како и патриотска приврзаност кон нивната историја и култура. Здрава форма на национализам, која може да биде и би требало да е во линија со конзервативните вредности, е пожелна за функционирачки демократии. 

Херитиџ фондацијата продуцираше серијал на препораки за политиките наречен „Мандат за лидерство“. Една анализа покажа дека 64 % од тие препораки за политиките се употребени, на еден или на друг начин, во тековното дизајнирање на политиките во САД преку вклучување во буџетот на претседателот Трамп или примена преку регулативата. Ова покажува дека Херитиџ фондацијата е мошне влијателна во општеството на САД. Кој би бил Вашиот коментар за ова?

Е. Ким: Навистина, во 1980 година „Мандат за лидерство“ од 3 илјади страници им даде на администрацијата на Реган, која беше во доаѓање, и на Конгресот, сеопфатен сет на препораки за политиките за ревитализација на економијата, зацврстување на националната безбедност и запирање на централизацијата на моќта на федералната власт. 

Набљудувачите во Вашингтон набрзо почнаа да ја викаат „Библијата на администрацијата на Реган“. До крајот на првата година од мандатот на претседателот Реган, стотици препораки дадени од Херитиџ беа прифатени и Американците имаа корист од историското намалување на даноците и економското опоравување што не е видено оттогаш наваму.

Херитиџ сега го повтори победничкиот образец. Подготвувајќи се за изборот на нов претседател и Конгрес во 2016 година, Херитиџ разви нов „Мандат за лидерство“, серија од шест дела на конзервативни, базирани на истражувања, препораки за политиките, пресметани да му помогнат на следниот претседател да го одреди правецот кон блескава иднина.

До моментот кога во 2017 година ја затворивме книгата, администрацијата на Трамп прифати 64 % од нашите 321 препорака. До крајот на годината администрацијата на Трамп повлече или пролонгираше повеќе од 1 500 предложени регулативи. Промената беше толку значајна што моравме да го промениме името на нашиот годишен извештај за бројот и трошокот од регулативите од „Раст на комплицираните бирократски процедури“ во „Намалување на комплицираните бирократски процедури“. Дополнително претседателот го прифати повикот на Херитиџ за „промена на културата“ во рамките на регулаторните агенции. Тој ги насочи нив да бидат поотворени за разговор при нивното утврдување на правилата, да бараат начини за неутрализирање на нови регулаторни трошоци и во секоја агенција да креираат тимови за интерна регулаторна реформа.

Конгресот исто така прифати голем дел од препораките: прифаќање на даночна реформа што се прави еднаш во генерацијата, намалување на комплицираните прописи и започнување на долгата патека кон повторна изградба на нашата опасно запоставена војска. И повторно, набљудувачите во Вашингтон ја нарекоа Херитиџ „тинк-тенкот на претседателот“.

Не е изненадување што Универзитетот на Пенсилванија нѐ рангираше како глобален тинк-тенк број еден во поглед на влијанието врз јавните политики. 

КАПИТАЛИЗОТ НЕ ГИ „ПАЛИ“ ТОЛКУ МНОГУ МЛАДИТЕ. СПОРЕД ПОСЛЕДНАТА АНКЕТА НА ГАЛУП ЗА ПОГЛЕДИТЕ КОН КАПИТАЛИЗМОТ И СОЦИЈАЛИЗМОТ, ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД АМЕРИКАНЦИТЕ НА ВОЗРАСТ ОД 18 ДО 29 ГОДИНИ СЕ ПОЗИТИВНИ ЗА СОЦИЈАЛИЗМОТ (51%) ОДОШТО ЗА КАПИТАЛИЗМОТ (45%)

Да се свртиме сега кон моментно најважните економски прашања во светот, вклучително и во САД. Изгледа дека има две идеи околу кои луѓето се здружуваат и вклучуваат многу емоции. Еден е пристапот на конзервативците, вториот е на сенаторот Сендерс за зголемената улога на владата. Дали е Америка на крстопат како никогаш досега? 

Е. Ким: Америка ужива нивоа на богатство и просперитет што никогаш порано не се искусени во светската историја. За тоа можеме да му се заблагодариме на капитализмот и на политиките на слободен пазар. 

Но, капитализот не ги „пали“ толку многу младите. Според последната анкета на Галуп за погледите кон капитализмот и социјализмот, поголем дел од Американците на возраст од 18 до 29 години се позитивни за социјализмот (51 %)  одошто за капитализмот (45%). 

Дел од проблемот може да е незнаењето. Според Мериам - Вебстер, социјализам е „која било од разновидните економски и политички теории што се залагаат за колективна или владина сопственост и администрирање на средствата за производство и дистрибуцијата на стоки“. Сепак, младите приврзаници на „социјализмот“ обично велат дека сакаат нешто различно, конкретно голема држава на благосостојба, од лулка до гроб. 

Историјата очигледно покажува дека ниту социјализмот ниту други алтернативни економски системи базирани на идеи за голема влада, а многу од нив биле и испробани, можат да му се приближат на капитализмот базиран на слободен пазар во промовирањето на мир и на раст, како и во подобрување на севкупната состојба на луѓето. 

Живееме во златно доба на економски прогрес. Денес луѓето уживаат во подолг животен век, значително подобро здравје и ниво на животен стандард што би било незамисливо само пред неколку генерации. Милијарди луѓе во светот ја избегнаа сиромаштијата. Работи што луѓето ги перципираат како нешто најнормално, антибиотици, ајфон, авионски превоз, би им изгледале како магија на нашите прадедовци. 

Капиталистичкиот систем базиран на слободен пазар, чиј раст е добро документиран кај Индексот на економска слобода на Херитиџ фондацијата, поттикна неброено многу поединци во светот, давајќи им поголем избор и можности. Реформите што ја зголемуваат економската слобода им овозможија на стотици милиони луѓе да побегнат од сиромаштијата и на многубројни други да уживаат нивоа на просперитет никогаш видени претходно.

Нешто што се повторува во историјата на човештвото се отпорноста и преродбата. Како што има нотирано Фридрих Хајек: „За да се задржат стари вистини во главите на луѓето, тие мора да бидат преформулирани на јазикот и концептите на следните генерации.“

НЕСПОРНО Е ДЕКА ПОСТОИ ГОЛЕМА ТЕНЗИЈА МЕЃУ САД И КИНА. ТОА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ПРОБЛЕМИТЕ НЕ МОЖАТ ДА БИДАТ НАДМИНАТИ. НО, ЗНАЧИ ДЕКА, КАКО ШТО ПОЗИЦИЈАТА НА САД СТАНУВА ПОТВРДА, МОЖЕ ДА ИМА И ЌЕ ИМА ЕДЕН НОВ ОДНОС МЕЃУ САД И КИНА. СПОРЕД МЕНЕ, ОНА ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА Е АМЕРИКА ЈА РЕСЕТИРА ЗАСТАРЕНАТА ТРГОВСКА И ИНВЕСТИЦИСКА ВРСКА СО КИНА

Како гледате на нееднаквоста на доходот како проблем во општеството? Има ли Фондацијата решение за тој проблем?

Е. Ким: Доколку им се даде шанса, слободните пазари можат да овозможат подобар исход за сите луѓе, богати, сиромашни, млади, стари, работници и сопственици на бизниси. Наспроти карикатуралната визија на капитализмот презентирана од левицата, пазарите не се алчна сила што ги експлоатира луѓето кои работат напорно. Наместо тоа, тие се оковани од влада што го заборавила своето вистинско место. Нашата кауза е да ги ослободиме од оковите и да креираме простор за нив, да ги поттикнеме да успеат. Ова значи нарушување на состојбата на статус кво, на комфорниот аранжман меѓу владата и нејзините моќни клиенти во приватниот сектор кои профитираат од нејзините најлоши ексцеси.

Клучот за справување со проблемот на нееднаквоста е да се обезбедат можности за сите и можност за придвижување нагоре. Во срцето на обезбедувањето можност за економска мобилност нагоре е задачата за унапредување на економската слобода со цел динамичниот и инклузивен раст во едно слободно општество да може да се случи за секого. 

Едно од прашањата што привлекоа голем интерес во општеството на САД беше кратењето на даноците предложено од тековната американска администрација. Дали оваа мерка креира ризик во однос на долгорочната одржливост на федералниот буџет на САД?

Е. Ким: Даночната реформа на администрацијата на Трамп веќе креираше можност за бизнисите и за работниците. Повеќе од 600 бизниси рекоа дека поради даночната реформа им понудиле нови и подобрени бенефиции на нивните работници, повисоки плати, повисоки бонуси и подобри пензиски аранжмани.

Отпуштањата се ретки и работодавачите вработуваат. Невработеноста изнесува 3,8 % и е блиску до историски најниските нивоа, најниска е од 2000 година наваму. Малите бизниси се пооптимистички расположени од кога било, според мерењата на Индексот за оптимизам на малите бизниси изработен од страна на Националната федерација на независни бизниси, и бизнисите повторно ги зголемуваат инвестициите во Америка. Новите бизнис-инвестиции во недвижнини и фабрики се зголемија повеќе од 21 % споредено со првиот квартал од минатата година.

Понатаму, растот од даночната реформа можеше да биде повеќе од 50 % поголем на долг рок доколку американските работници и инвеститори беа сигурни дека нивните нови пониски даноци би продолжиле. Кратењата на даноците во 2017 година се главно привремени, а одржлив буџет е неопходен предуслов за перманентно кратење на даноците во Америка.

Растечкиот и постојано присутен дефицит носи ризик да ги загрози успесите на даночните кратења и на економските можности, поткопувајќи ја долгорочната одржливост на федералниот буџет на САД. Треба да се запомни дека проблемите од дефицитот и долгот се придвижувани од премногу трошење, не од премала наплата на даноци. Потребна е сериозна реформа на трошењата. 

Со други зборови, даночните кратења се одржливи, но трошењето на државата е тоа што може да го поткопа фискалното здравје на Америка во годините што доаѓаат. 

Кога сѐ друго ќе се тргне настрана, како би ги оцениле даночните политики на американскиот претседател Трамп во споредба со оние на претседателот Реган? 

Е. Ким: Тие се прилично во линија едни со други, особено во поглед на вбризгување поенергична динамика на растот. Претседателот Реган би ги поддржал даночните реформи на претседателот Трамп. Обата претседатела се приврзаници на економската теорија дека намалувањето на даночните стапки поттикнува зголемена економска активност. Тие разбираат дека високите даночни стапки обесхрабруваат работење, инвестиции и раст. Обата претседатела јасно видоа дека пониските даноци значат повисоки плати, повеќе работни места и посилен раст. Даночните политики на двајцата претседатели, иако ги раздвојуваат децении, се во голема мерка ориентирани кон раст и ја споделуваат истата економска цел за раздвижување на американската економија и подобрување на конкурентноста на Америка. 

Како гледа Херитиџ фондацијата на трговската војна меѓу САД и Кина?

Е. Ким: Во изминатите 15-тина години САД навистина многу ги отворија своите пазари кон Кина за да ѝ овозможат на Кина да расте и да просперира. Но, постои загриженост дека Кина всушност во изминатите години се придвижи во другата насока и станува сѐ повеќе централно-планска економија. 

Лидерството на Комунистичката партија повремено ја истакнува потребата за прифаќање на пазарните принципи во поддршка на тековната економска трансформација и на развој на Кина. Сепак, покрај номиналната отвореност кон трговија и инвестиции, не се преземени вистински мерки за либерализација и политиките продолжуваат да ја фаворизираат статус кво ситуацијата и промоција на партиските интереси.

Длабоко вкоренетите структурни проблеми, вклучително континуираното прекумерно потпирање на растот врз јавните инвестиции и извозот, финансискиот сектор контролиран од државата и регулаторната неефикасност, станаа уште поизразени. На различни нивоа на економијата долговите се трупаат, што создава ризици за долгорочна економска експанзија. 

Неспорно е дека постои голема тензија меѓу САД и Кина. Тоа не значи дека проблемите не можат да бидат надминати. Но, значи дека, како што позицијата на САД станува потврда, може да има и ќе има еден нов однос меѓу САД и Кина. Според мене, она што навистина се случува е Америка ја ресетира застарената трговска и инвестициска врска со Кина.   

Херитиџ фондацијата го продуцира Индексот на економска слобода. Можете ли да ни објасните како е конструиран индексот и што точно мери тој?

Е. Ким: Ја мериме економската слобода врз основа на 12 квантитативни и квалитативни фактори групирани во 4 категории или столбови на економската слобода:

• Владеење на правото (сопственички права, интегритет на владата, ефективност на судството),

• Големина на владата (трошење на владата, даночен товар, фискално здравје),

• Регулаторна ефикасност (слобода на бизнисот, слобода на работната сила, монетарна слобода),

• Отворени пазари (слобода на трговијата, инвестициска слобода, финансиска слобода).

Секоја од овие 12 економски слободи во рамките на овие категории е рангирана на скала од 0 до 100. Вкупниот број на поени на државата се добива со упросечување на овие 12 економски слободи при што секоја од нив има еднаков пондер. 

Во рангирањето за 2018 година Република Македонија беше рангирана 33., што не лошо имајќи предвид дека земји како Јапонија и Австрија се рангирани 30. и 32. соодветно. Што би истакнале во однос на економската слобода во нашата земја и кој би бил Вашиот генерален совет за подобрување?

Е. Ким: Транзицијата на Македонија кон поотворен и флексибилен економски систем е олеснета од годините на значајни економски реформи, што ја става Македонија на нагорната патека на економски слободи. Макроекономската стабилност е релативно висока, примената на конкурентни стапки на рамен данок и режим на отворена трговија го поттикнаа развојот на растечки претприемачки сектор. Подобрувањата во регулаторната рамка исто така креираа амбиент за странски и домашни инвестиции. 

Сепак би требало и би можело да се водат институционални реформи со поголема посветеност за понатамошен напредок на економските слободи во Македонија, подобрена вкупна конкурентност и подинамичен раст. Владеењето на правото во целина, што често е под влијание од ефективноста на судството и интегритетот на владата, може да биде дополнително зацврстено за да институционализира поголема и подинамична економска експанзија.   

Вие ќе се обратите на Самитот на „Македонија 2025“ што ќе се одржи во ноември во Скопје. Која ќе биде темата за која ќе зборувате?

Е. Ким: Со нетрпение чекам повторно да го посетам Скопје, а овојпат посебно поради учеството на Самитот на „Македонија 2025“. Со оглед на тоа што поминуваме низ критичен период во историјата има бројни важни прашања поврзани со политиките за кои треба да ги споредиме погледите и да размениме отворени перспективи. Во тој контекст, мојата главна тема ќе биде насочена кон тоа што се случуваше досега и што стои пред нас во однос на клучните политики. Амбиентот за водење политики во многу делови на светот рапидно и динамично се менува, нудејќи како можности така и предизвици. Тоа ќе биде навремен повод да ги разгледаме нив на стратешки начин свртен кон иднината, особено во контекст на тоа како да се дефинира една обновена патека за Македонија и да се реализира нејзиниот целосен потенцијал.  

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top