Интервјуа
ХИЛТОН ДОАЃА ВО СКОПЈЕ

Ајдован Адемоски
бизнисмен

 

Хилтон Даблтри (Hilton Doubletree) е најновиот светски хотелски бренд што започнува со работа во Република Македонија. Тоа е одлична вест. Вие сте на чело на овој проект. Како започна целата работа?

А. Адемоски: Целата работа започна во 2010 година кога добив информација дека во Општина Аеродром е објавен оглас за оттуѓување на земјиште со добра локација. Во тој временски период како холдинг бевме во тек со градежни активности за Трговскиот центар Капитол мол кој го отворивме за јавноста на ден 12.12.2013 година и еве речиси пет години на мое огромно задоволство и благодарение на мојот посветен и искусен тим стопанисуваме со трговскиот центар и ткаеме позитивни резултати како интерно така и со нашите соработници и закупци.
Кога бев информиран за јавниот оглас за оттуѓување на земјиште одлучив да го купам со цел за понатамошни инвестиции. Во тој временски период, во консултација со моите вработени и со мојата сопруга од која ја имам најголемата поддршка во моите деловни одлуки, ми посочи дека треба да се фокусираме и да одбереме франшизен синџир на хотели и него да го изградиме и стопанисуваме имајќи го предвид искуството со Стоунбриџ хотелот. За таа цел, мојот стручен тим замина на саем на кој поднесоа барање за франшиза за трговската марка на хотели Хилтон (Hilton). Практично така започна нашиот проект за Хотел Хилтон, а еве сега по речиси шест години од правосилноста на одобрението за градење на Хотел Хилтон сме на прагот на отворањето за јавноста, се разбира на наше огромно задоволство. Морам да напоменам дека без мојот стручен тим, моите деловни одлуки немаше да бидат реалност.

Колку беше тешко воопшто да се дојде до франшизата за ваков хотел? Што значи да се биде дел од бизнис-семејството на Хилтон, какви хотелски стандарди треба да се исполнат?

А. Адемоски: Да се дојде до франшиза, односно право на користење на трговската марка и нејзините стандарди не е едноставно од причина што ѝ претстојат сериозни анализи, економски параметри, искуство, бонитет и финансиски потенцијал кој условува дали некоја трговска марка ќе ги даде (продаде) своите права и стандарди на работење или не. За таа цел, по нашата апликација за франшизата на Хилтон (Hilton), започна еден не толку макотрпен, но исцрпувчки процес на евалуација дали ние како ентитет имаме капацитет да бидеме носители на франшизата. По извршените анализи се донесе заклучок дека можеме и умееме да бидеме носители на таа франшиза и за неа склучивме договор за период од 22 години. По склучувањето на договорот, нашиот фокус беше насочен кон изработка на проект за чија цел воспоставивме соработка со друштвото Метекс дизајн (METEX DESIGN) од Република Турција, кое е едно од најеминентните во Европа за изработка на проекти за хотели од висока категорија, негово одобрување и почеток со градежни активности за чија изградба во секој нејзин дел работиме под надзор и координација на стручни лица ангажирани од Хилтон врлдвајд (Hilton Worldwide) кои ја следат градбата во секој нејзин чекор и ја одoбруваат. Конечно, имајќи предвид дека градбата е речиси готова, добивме позитивен извештај и на мое задоволство Хотел Хилтон (Hilton) – Скопје веќе има датум на отворање, но не би сакал во оваа прилика да го откријам датумот бидејќи за него е организиран посебен маркетинг-тим и маркетинг-стратегија. Иако сум сопственик, сепак почитувам кога мојот тим ќе ми посочи што и кога треба да се објави како дел од нашата маркетинг и промотивна стратегија.
Хотелските стандарди се добиваат во моментот на склучување на договорот за франшиза кои во суштина се насоки и детали како и што треба да се изгради во сите фази на градбата, односно архитектура, машинство, електрика, ентериер, декорација до целосна опрема и мебел. Франшизата е практично ноу-хау (know-how) со насоки и императиви што и како можеме да изградиме.

Претпоставувам дека реализацијата на инвестиција од ваков калибар бара и значителни финансиски средства. Колку „тежи“ финансиски ваков проект?

А. Адемоски: За ваков проект се потребни значителни средства. Кога велам значителни мислам на генералниот стандард за утврдување на вредност, која се утврдува врз основа на бројот на соби и вкупната површина. Имено, во нашиов случај приближната нето-вредност за површина од преку 25 000 м2 само за изградба на хотелот е еднаква на 45 милиони евра. Згора на претходната ставка се надополнува трошок за: опремување, декор, опрема, партер, хортикултурно уредување, како и ставки кои произлегуваат од опремување со подвижен и недвижен мебел, кујна, ресторани и сл. Не би шпекулирал за конечни износи бидејќи мислам дека не е деловно да коментирам за нив, но можам да ги споделам генералните нето-вредности и од каде произлегуваат тие.
Целата финансиска конструкција е обезбедна од сопствени средства, од тековното работење, како и од страна на деловните банки од кои би сакал да ги издвојам Халк Банка АД Скопје, НЛБ Тутунска Банка АД Скопје и Демир Халк Банка од Холандија без чија помош и разбирање, како и професионално деловен пристап не би успеал во моите проекти и деловни потфати. Се разбира, во нашиов проект банките препознаа значителна инвестиција, хотел од висока категорија под трговската марка Хилтон (Hilton) кој за првпат ќе се реализира во Македонија. Напоменувам партнери бидејќи воспоставивме таква соработка која премина во партнерски начин на комуникација и често се советувам за моите деловни чекори и се разбира досега секогаш сум наидувал на професионални и издржани совети кои еве досега ме водат успешно во реализирање на моите деловни политики.

Споделете со нашите читатели и некои клучни информации за хотелот, колкав ќе биде неговиот капацитет, колку нови работни места ќе бидат отворени итн.

А. Адемоски: Капацитетот на нашиот хотел Хилтон подразбира вкупно изградена површина од преку 25.000м2, два ката под земја со приближна површина од 8500м2, пет ката над приземје, 170 соби, три ресторани, пет конференциски сали, една голема банкет сала, фитнес и спа центар.
Во врска со работните места, и нивниот број е утврден во самите насоки на франшизата која, во нашиов случај, подразбира минимум „room per person“ или ‘човек по соба’, односно вкупно 170 вработени како минимум стандард на човечки ресурси. Имајќи ја предвид големината на хотелот, како и периодот на адаптација и на промоција по отворање, практично на самиот почеток Хилтон ќе работи со повеќе од 200 лица директно вработени, а со текот на времето ќе се филтрираат работните места и ќе се воспостави оптимален режим на вработени, но не под 170 лица.

Какви се можностите за организација на бизнис-настани?

А. Адемоски: Не сум човек кој се промовира самиот себеси, но ќе го цитирам мојот маркетинг-тим кој вели: нашите можности за организација на бизнис-настани се спектакуларни... Имено, салите предвидени за настани од секаков карактер се со вкупна површина од преку 2 500 м2, кои можат да се организираат и во помали простории и капацитети во зависност од потребите на корисниците на нашите услуги, што значи Хотел Хилтон ќе ги има сите можности и капацитети за организирање на настани од семејна природа, образовна, лекарска, политичка, економска, промотивна, конгресна, семинарска до организација на настани од културен карактер. Имајќи ги предвид капацитети со кои располагаме, Хотел Хилтон ќе биде единствен конгресен центар кој ги исполнува сите светски стандарди квалитативно, квантитативно и безбедносно.


СО САМИОТ ФАКТ ШТО ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА ВО МАКЕДОНИЈА ЗАВРШИ СМЕТАМ ДЕКА ЕДНА ОД ГЛАВНИТЕ ПРЕЧКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА БИЗНИС-КЛИМАТА ИСЧЕЗНА. МОРА ДА СЕ ОВОЗМОЖИ ВО МАКЕДОНИЈА ЕДНАКОВ ТРЕТМАН НА СТРАНСКИТЕ СО ДОМАШНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ, КАКО И ДА СЕ ОВОЗМОЖИ ОЛЕСНУВАЊЕ СО ДАНОЧНИТЕ ПОЛИТИКИ НА ДРЖАВАТА ВО ОДНОС НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА КОИ ЗАЗЕМААТ 98 % ОД ДОМАШНИОТ ПАЗАР НА ТРГОВСКИ ДРУШТВА

Колку беше тешко да се најде соодветен кадар за ваков хотел?

А. Адемоски: Тешко е да се најде кадар за ваков хотел, не дека во Македонија пазарот на трудот е сиромашен, напротив, но ретки се кадрите кои имаат искуство во ваква категорија на хотели каде тие имаат воспоставени специфични стандарди за работа. Од тие причини произлегува и тежината за наоѓање кадри со такво специфично искуство. Задоволен сум што мојот моментален тим со кој работам во нашиот холдинг е поливалентен во своите струки и искуство и лесно и брзо успеваме да се соочиме со тешкотиите и на мое задоволство успеваме во тоа. Се разбира, неизбежен е ангажманот, особено во делот на менаџерскиот тим, на стручни лица од странство кои заедно со мојот локален тим креираме една работна заедница која може да стопанисува и да работи со хотел од ваква категорија. Задоволен сум што успеавме дел од нашиот тим да бидат млади искусни кадри од Македонија кои веќе заминале на работа во странство, но со нашата понуда успеавме некои од нив да ги вратиме да работат во хотел од висока категорија во својата матична земја.

Какви се плановите во поглед на работењето на хотелот, дали тој ќе има некоја посебна таргет група на посетители, клиенти?

А. Адемоски: Имајќи ја предвид категоријата на хотелот, иако висока и со високи пазарни цени, убеден сум дека во согласност со услугите кои ќе ги нуди секој кој има интерес ќе биде за нас потенцијален клиент. Конкретен таргет немаме, практично сме отворени за сите од сите сектори, односно од класични туристи, политички и економски настани, странски и домашни клиенти до настани од државен карактер и сериозни претседателски собири и настани имајќи предвид дека располагаме со претседателски апартман со површина од над 220 м2, како и 18 министерски апартмани кои се предвидени за поголеми државни делегации.

Вие сте сопственик и на Стоун бриџ хотелот во Скопје. Како ја оценувате моментната состојба во хотелскиот бизнис во Република Македонија и какви се изгледите за во иднина?

А. Адемоски: Македонија иако е млада економија, таа е во постојан раст и развој. Оттука не би се фокусирал на моменталната состојба, туку на иднината која според нашите анализи и истражувања, иако во симболичен процент, сепак се во постојан развој. Потврда за мојот став и пристап е што сум одлучил да инвестирам во својата земја и нашиот главен град Скопје и верувам дека нема да застанам тука, туку имам идејни планови за нови проекти во други сектори од индустријата. Македонија има поволна економска клима, има стопански и деловен сектор кој, освен локални претприемачи, вклучува и странски дотолку повеќе што во континуитет Македонија ги имплементира европските стандарди на пазарна економија со евроатланска определба и оттука вадам заклучок дека изгледите за нашата економска иднина се позитивни и во нагорен тренд. Се разбира, секогаш сакаме и очекуваме повеќе, но реалноста е дека сме стабилни и со блага нагорна линија на напредок, што за нас инвеститорите е позитивен тренд.

Вие сте претседател на Бордот на МАТТО, Стопанска комора на Македонија – Турција. Кажете ни нешто повеќе за активностите на МАТТО.

А. Адемоски: Јас сум еден од основачите на Македонско-турската стопанска комора и сум нејзин претседател. Целта на основање на МАТТО беше формирање комора која дополнително ќе овозможи и ќе биде прва врата за оние кои од Република Турција сакаат да инвестираат и да почнат бизнис во Македонија, и обратно. МАТТО има бројни активности кои почнуваат од анализи, редовно споделување на информации од стопанството во РМ и во РТ, правна помош, консултации итн. МАТТО брои повеќе од 100 членови, физички и правни лица кои како членови даваат значителен придонес кон заемната соработка меѓу двете држави, но и меѓу нив соработката е на значително повисоко ниво како резултат на сѐ поблиските деловни односи. МАТТО своето работење и дејствување го остварува преку утврден план кој подразбира редовни состаноци на членовите, редовни состаноци на МАТТО со стопанскиот сектор во Република Македонија, размена на информации и сл.

Претседател сте и на Бордот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Како одат работите на универзитетот?

А. Адемоски: Меѓународниот балкански универзитет со утврдување на својот статус премина во регионален центар за високо образование, меѓународно признат и во друштво на светските универзитети кои котираат на Шангајската листа. Овие вредности ги препознаа младите во регионот, па сѐ повеќе имаме студенти од Балканот, но и од трети земји.
Конечно надминавме еден од поголемите проблеми, односно успеавме да изградиме светски универзитет со нови простории, кој најдоцна до 2022 година ќе биде целосен со сите придружни објекти и инфраструктура со инвестиција од приближно 50 милиони евра. Новата студиска 2018 година ќе започне и ќе се одвива во новоизградените простории кои се изградени по сите стандарди и со сите предуслови кои ќе им овозможат квалитетни образовни студии на студентите.

Со оглед на тоа дека имате широка бизнис-активност на повеќе полиња, имате добар увид во состојбите во македонската економија. Каква е Вашата оценка? Дали имате одредени сугестии за тоа како да се подобри бизнис-климата, без оглед дали станува збор за хотелиерството, за образованието итн.?

А. Адемоски: Запознаен сум дека здруженијата на работодавачи и бизнис-секторот имаат предложено пакет-мерки за подобрување на бизнис-климата во Македонија. Со самиот факт што политичката криза во Македонија заврши сметам дека една од главните пречки за подобрување на бизнис-климата исчезна. Мора да се овозможи во Македонија еднаков третман на странските со домашните инвестиции, како и да се овозможи олеснување со даночните политики на државата во однос на малите и средни претпријатија кои заземаат 98 % од домашниот пазар на трговски друштва. Македонија има одличен потенцијал, одлична географска и геостратешка поставеност во срцето на Европа и тие параметри треба да се искористат. Македонија има одличен потенцијал за развој на туризмот кој како стопанска гранка може да има значителен придонес во македонската економија. Во конретниов случај немаме толку простор, инаку подобрувањето на бизнис-климата е сериозна тема која бара простор, време и труд, како и промена на менталниот склоп на нашиот народ.

Кој би бил Вашиот совет за младите бизнисмени и претприемачи?

А. Адемоски: Секоја деловна одлука на претприемачот треба да се базира на сериозни анализи изготвени на начин и во форма која е стандард за да се изведе заклучок која деловна одлука ќе биде имплементирана. Секој почеток е тежок и треба време да се воспостави стабилност. Верувам и сум убеден дека секој претприемач кој е упорен и истраен, но и реален и прагматичен во своите деловни чекори ќе биде награден со успех. Апетитите треба да се реални, ниту скромни ниту преголеми. Да се почитува и да се применува работење во согласност со стандардите на планирање и да не се навлегува во деловни одлуки паушално и без основа. Треба да се воспостави систем на работа и посветеност кои ќе обезбедат сигурност и ликвидност, а профитот сам ќе дојде. Ако има ред во едно работење, ќе има и поредок, во спротивно секој поинаков пристап ќе биде осуден на пропаст, само е прашање на време дали за три или за пет години. Јас соработувам со сериозни консултанти во Македонија кои имаат знаење и искуство да дадат адекватен совет, како и насоки, но и помош при донесување одлуки и секогаш младиот бизнисмен колку и да е сигурен треба да се консултира и да обезбеди неколку мислења за своите бизнис-одлуки. Живееме во време на капиталистички деловни односи каде што има сериозна конкуренција како во нашава држава, така и надвор од неа така што секој непромислен чекор може да чини многу во негативна смисла на зборот. Како и да е, ги охрабрувам сите оние кои планираат да започнат свои бизниси, но да го имаат предвид погоре кажаното.

По сите бизнис-активности останува ли време за семејството? Што е она што Ве релаксира од деловните обврски?

А. Адемоски: Бизнис-активностите немаат крај. За жал, покрај бенефитите од водењето свој бизнис чувствувам сериозен недостаток, односно потреба за повеќе време со моето семејство. Често, во разговор со моите блиски соработници, на смеа знам да кажам дека меѓу вторник и среда ми недостасува уште еден ден. Иако и мојата сопруга е дел од моите бизниси, сепак секојдневните средби се од деловна природа, а неретко има и денови кога секој е фокусиран на својот дел од обврските и проблемите кои доаѓаат со нив. Ја користам секоја прилика да сум со своето семејство, но навистина нема време за сѐ. Факт е дека времето поминато со семејството, особено со моите деца, е моја најголема релаксација, односно квалитетно време кога не мислам на проблемите и сум посветен целосно на разговор со нив.

Ви благодарам за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top