Општество
ЕЛЕГИЈА ЗА УСТАВОТ

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Дебатата за уставните измени што ни претстои ќе биде една од највозбудливите што сме ги имале досега. Оваа возбуда нема да биде споделена од сите на еднаков начин, а за тоа секако ќе влијае и исходот на референдумот, т. е. политичката интерпретација на бројот на гласови и излезноста. Настрана политичките дилеми за тоа дали ќе се најдат доволно пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени или пак дали евентуалната неуспешност на референдумот – а што е тоа никој не знае – ќе создаде нова криза во Парламентот, САМАТА дебата за измените на Уставот можеби ќе нѐ поттикне да си земеме малку време и да размислуваме за Уставот и за неговото значење. А дебата ќе има, без разлика дали ќе има уставни промени.

Како еден вид интелектуална, општествена, а не нужно правна подготовка за таа дебата, ќе се обидам да ги ги ставам работите во поширока перспектива. А потоа да дадам и мој став во врска со возбудливоста на моментот.
Каква е спрегата меѓу референдум и прашањето на устав, уставотворност и промена на уставот? Либералната демократија, елаборирана во својата досега највисока форма на уредување на односите меѓу луѓето, т. е. конституционализмот или конституционалната демократија, нуди квалификувани одговори на оваа тема.

НАРОДОТ ЈА ИМА АЛАТКАТА НА РЕФЕРЕНДУМ, КАКО НАЈЕКСПЛИЦИТЕН (ИАКО КОНТРОВЕРЗЕН ВО МНОГУ НЕШТА) ИЗРАЗ НА ВОЛЈАТА ВО ДАДЕН МОМЕНТ. НАРОДОТ Е УСТАВОТВОРЕН, ГО СОЗДАВА УСТАВОТ (ПРЕКУ УСТАВОТВОРНО СОБРАНИЕ ИЛИ НА РЕФЕРЕНДУМ), А ПАРЛАМЕНТОТ ЈА ПРЕТОЧУВА ВОЛЈАТА НА НАРОДОТ ВО УСТАВЕН АКТ. ОТТУКА И САМО ОТТУКА ПРОИЗЛЕГУВА И БЕСМИСЛЕНОСТА НА РЕФЕРЕНДУМОТ ОД КОНСУЛТАТИВНА ПРИРОДА ЗА ПРАШАЊА КОИ ГО ТАНГИРААТ УСТАВОТ, ТУКУ НУЖНА Е ЗАДОЛЖИТЕЛНОСТА

Поедноставено прикажано, целиот суверенитет се наоѓа во народот и тој е врховниот суверен кој одлучува за сите важни прашања во општеството. Таквите одлуки народот ги прави редовно на избори, а многу поретко на референдум. Парламентот, пак, е конкретна експресија на волјата на народот во одреден временски интервал (4 години, на пример). Но, таа „конкретна експресија“ има право како таква да влијае на општественото уредување, секако почитувајќи го уставот кој пак од своја страна ги гарантира почитувањето и заштитата на човековите (и во потесна смисла малцинските) права. Во секој устав постојат провизии за квалификувано мнозинство, т. е. обезбедување најширок можен консензус за одредени прашања. Ваквите квалификувани мнозинства постојат за да се заштити самиот устав и постоечкиот општествен поредок или поточно кажано измените на уставот да бидат потешки за спроведување. Во секој случај, устав не се менува лесно. Дури и кога конкретни парламентарни состави го имале потребното квалификувано мнозинство, тие ретко се дрзнувале да го променат уставот без согласност на парламентарната опозиција. Бидејќи уставот е темелен акт, акт кој втемелува и акт кој е темел на едно општество.

Уставниот суд пак е фенер - заштитник на уставноста во потесна смисла (усогласеност на законите и подзаконските акти со уставот), но и во поширока смисла (дали духот на уставот е испочитуван, дали темелните вредности на уставот се инкорпорирани во општественото живеење и дали постојат сфери кои тукуречи во òд треба да се регулираат). На пример, Врховниот суд на САД преку своите одлуки создава право и де факто го дополнува Уставот на САД. Судовите во Велика Британија речиси на дневна основа создаваат право, додека пак Федералниот уставен суд на Германија има широки интервенционистички прерогативи кои досегаат дури и во сферата на создавање на демократијата во Постхитлеровска Германија.
Оваа комплицирана спрега народ – парламент – устав - уставен суд е суштината на конституционализмот. Но, каде се тука народот и парламентот како претставнички дом на народот? Народот ја има алатката на референдум, како најексплицитен (иако контроверзен во многу нешта) израз на волјата во ДАДЕН момент. Народот е уставотворен, го создава уставот (преку уставотворно собрание или на референдум), а парламентот ја преточува волјата на народот во уставен акт. Оттука и само оттука произлегува и бесмисленоста на референдумот од консултативна природа за прашања кои го тангираат уставот, туку нужна е задолжителноста. Компаративните искуства укажуваат дека консултативните референдуми најчесто се организираат за прашања кои се од локално значење (комунални прашања во Швајцарија и Шведска, на пример) или прашања кои не го тангираат уставот. Шведскиот правен систем познава консултативен референдум и референдум кој се однесува на прашања на основниот закон, т. е. Уставот. Вториов е секогаш задолжителен.


Се разбира, самиот народ не го пишува уставот, туку во најдобар случај одлучува за промените или за општите политички, филозофски, економски и социјални начела кои ќе бидат содржани во уставот. Одамна предупредував дека добро е народот да ги знае (барем во начелна форма) суштинските аспекти на претстојната промена на Уставот. Тоа е нужна информација која го вооружува поединецот за да може да го даде својот глас за, против или пак да бојкотира на рефрендумот. За таа дебата сега е доцна, и ние одиме да гласаме без конкретни информации, туку водени од општите заложби за подобра иднина на државата. Тоа не е фер и де факто е одредена дерогација на нашиот глас. Но, сепак, основната поставеност не е спорна. Бидејќи сепак на крајот само Парламентот може да го модификува Уставот, Парламентот и никој друг. Парламентот е еден вид инкарнација на „мистичното тело“ наречено народ и оттаму неговото право да интервенира во уставот. Парламентот во суштина не е под контрола на уставот, тој е господар на уставот. Бидејќи тој поседува овластување, власт за промена на уставот, која е дел од неговиот легислативен суверенитет.

А за постоечката структура на Парламентот и на неговите членови, нивниот морален, интелектуален и политички интегритет подобро да не зборуваме сега. За тоа ќе си размислите на следните избори кога ќе го давате својот глас.
Конечно доаѓаме до дилемата кој е народот. Дали е тоа половината од народот плус еден глас, дали е тоа релативно мал фрагмент од народот кој излегува на гласање на парламентарни избори (40 проценти на пример!?!) или нешто трето. Во секој случај, клучна либерална премиса е дека народот не може да се обврзе на одлуките на своите предци, какви и да биле тие. Оваа базична вистина во либералните конституционални демократии ќе се покаже како особено деликатна во актуелниот македонски контекст бидејќи главната дебата за преамбулата ќе биде токму за обврската која ја имаме кон нашите предци (Илинден, АСНОМ и независноста во 1991 година). И главната забелешка на противниците на договорот со Грција е токму таа, дека оваа генерација нема право да менува нешто што ни е оставено како аманет. И како ќе се менува Преамбулата на Уставот кога таа е вкаменет документ за едно време кое се случило, политичко-историска експресија на една генерација која решила да направи држава? Тоа е точно на ниво на политичка реторика, но е неточно на ниво на претстојната дебата за промена на Уставот. Вечното име Македонија, да ја употребам реториката на противниците на договорот, ние имаме право да го смениме доколку така одлучиме од кои било причини и доколку се најде двотретинско мнозинство во Парламентот. Од уставно-правен аспект, тука нема никаква дилема.

ВО ОВАА ДРЖАВА НА ПРЕСЕДАНИ ОД СЕКАКОВ ВИД, ЗАЧУВУВАЊЕТО НА УСТАВНОСТА И ВГРАДУВАЊЕТО НА КОНСТИТУЦИОНАЛНИТЕ ПРЕТПОСТАВКИ ВО НАШИОТ ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ ЌЕ БИДЕ ОСНОВНАТА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЗАДАЧА НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЕЛИТИ, НО ПРЕД Сѐ НА ОСТРОУМНАТА И ЧЕСНА СТРУЧНА ЈАВНОСТ И НА БУДНОТО ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Генерално земено, промената на уставот не е и не смее да биде табу-тема. Не само за актуелново прашање туку и за сите останати недоречености кои висат над македонското општество. Очигледно е дека има бројни недостатоци во македонскиот Устав, кован во некои времиња кога македонскиот народ имаше потреба од дополнителни легитимации визави соседските народи и секако визави етничките Албанци кои живеат во Македонија. Фактот дека тој претрпе суштински и многубројни промени за многу краток рок, промени меѓу другото и под притисок на оружјето во 2001 година и блокадите од страна на Грција, кажува дека тој и тогаш и сега бил де факто несоодветен за македонската политичка и општествена почва. Можеме да жалиме за тоа, но тоа нема да ја промени состојбата. Можеме ли да отвориме долготрајна и суштинска дебата за Уставот на (sic!) Новата Македонија по завршувањето на целава рашомонијада со договорот со Грција? Ќе може ли 30-тата членка на НАТО, сега веќе обезбедена во сигурносниот појас, да се еманципира и чесно да ги стави на маса работите кои ни тежат? Може ли таа експертска дебата да биде втемелена на знаење, а не на политика, особено не на партиска политика? Има ли такви морални грамади кои ќе бидат носители на промените? Јас познавам неколку такви, живи и поттргнати настрана, а сигурно има уште неколкумина такви кои некој друг ги познава.

Но, оваа несомнена елегија за уставот, правен акт за кој, во принцип, тешко можат да се изразат какви било емоции, има друго извориште. Тоа е всушност тага по изгубените години и посакувани вредности кои нашите генерации веќе не можат да ги надоместат. Самиот Устав на Република Македонија не предизвикува речиси никакви емоции кај граѓаните на Република Македонија. За тоа многу придонесе и несмасноста и некапацитетноста (политичките влијанија!) на самите чувари на Уставот, т. е. уставните судии, особено последниве десетина години. Никој веќе како да не верува во виспреноста и моралниот интегритет на нашите уставни судии. Тоа е друга голема тема која некои нови генерации ќе треба да ја адресираат. Во оваа држава на преседани од секаков вид, зачувувањето на уставноста и вградувањето на конституционалните претпоставки во нашиот политички систем ќе биде основната интелектуална задача на политичките елити, но пред сѐ на остроумната и чесна стручна јавност и на будното граѓанското општество.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top