Е-Б-Ф-Б
ТАИНСТВЕНОСТА НА ТЕЖИНАТА НАСПРОТИ ЛЕСНОТИЈАТА

Ивана Тасев
Авторот е новинар

Нашите плитки животи, предадени на ефемерни задоволства, неуморното бесцелно затапување, избирањето на полесните патишта кои непрекинато се вртат во луп еден ден ќе бидат лишени од олеснувачката околност на својата минливост. Не сме ни свесни каков пример им оставаме на генерациите кои доаѓаат. Во моментов мислиме дека оваа плиткост и неподнослива леснотија на нашето живеење нема да остави никаков печат и трага врз нашите животи. Но, цената што одлучивме да пливаме во плиткото, без да се осудиме да се нурнеме во длабочините, скапо ќе го чини светот. Конечно, како што пишува Кундера „Во светот на вечното враќање на секој гест лежи тежината на неподносливата одговорност“.

Науката го бутка светот нанапред, религијата го држи во константен страв, политиката се обидува да воспита послушни генерации кои се плашат од системот, добрата и чесна уметност упорно прави „пуш“ за да продухови... И додека комерцијалната филмска блокбастер индустрија постојано ни влева страв дека ќе бидеме нападнати од вонземјани, во меѓувреме живи се изедовме меѓу себе. На добар пат сме кон самоубиство со уништувањето и на сопственава планета. Обратнопропорционален е фактот дека со фуриозниот напредок на науката и технологијата, која го олеснува животот, нѐ направи помлитави, поразмазени, станавме поплитки, поглупави и духовно отапени.

Експлозијата пак на социјалните мрежи, за жал, излезе дека е најголемата придобивка на современиот човек, и придонесоа времето наместо продуктивно да се „потроши“ да се помине на површно бадијалџење. Наместо да ги запотиме мозочните бразди, ние ги атрофираме со безделничење за кое не е потребен особен интелектуален и физички напор. Сѐ е на дланка. Можеби имаат една придобивка, отворија можност лесно да се детектира психолошкиот пресек на луѓето. Тие се огледало до каде е стигнато човештвото и во кој правец патува понатаму. Па сега работите се многу појасни. Со тенденцијата да оставиме впечатлив печат за самите себе како најубави, најумни, најсекси, најмистик, најдуховити, најиронични, најактивисти, најхумани.... се разбира, во зависност од степенот на продуховеност и наобразованост, лесно може да се скенира и карактерниот поглед на секој од нас.


(фото: https://www.corporatementalhealth.ca)

КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ВМРЕЖИВМЕ, ДОТОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ОТУЃИВМЕ. ЉУБОВТА – НАЈОСЕТЛИВОТО ТКИВО НА ВРЕМЕТО – СТАНА БЕЗВРЕДНА КАТЕГОРИЈА. РАДИКАЛНА РЕДУКЦИЈА НА ДУШАТА...

Сума сумарум, тони простотилак, плиткост, злоба и кревко его се излеа од нас луѓето, многу тајни кои претходно вешто ги криевме се демистификуваа, паднаа маските.... Па се прашувам, од каде толку компримиран гнев, толку ли луѓе на светов биле непогалени како деца?!

Мрежите забрзаа многу тенденции... Над сѐ, „гласниот“ кич. Оптичко и ментално изместени репери на: однесување, облекување, конверзирање, додворување, промискуитетно и анимално задоволување на потребите, примална страст, декориран секс, каде чувствата се во спореден план или воопшто ги нема. Преправање. Ама преправање од страв да се погледнеш во огледало, да направиш чесен индивидуален опит, да си ги измериш потенцијалите. Колку повеќе се вмреживме, дотолку повеќе се отуѓивме. Љубовта – најосетливото ткиво на времето – стана безвредна категорија. Радикална редукција на душата...
Разголени тела, капиларно разлеани низ сајбер просторот. Естетски расизам. Усилена еуфорија. Нетолерантност. Наспроти нив тивко демнат осамени погледи кои жедно чекаат. Бижутерија лајфстајл. Банални насмевки. Унифицираност. Сивило во кое се втопени илјадници луѓе. Безличност. Потсетуваат едни на други. Без идентитет, сопствен интегритет и кредибилитет, градење автентични карактерни погледи инакви од другите. По добро, се разбира. И сето тоа обединето под поимот – сајбер социјализирање... Неретко тримфуирање на глупоста... Површност на популизмот.

Неподнослива леснотија на постоењето
Идеалите речиси се и онака мртви. Испадна дека речиси секој има своја цена. Индивидуалноста е осакатена. Стадото чека директива на која ливада треба да пасе. Целта ја диктираат трендовите на системот. И така во безидеен, бесцелен центрифугален луп. Кога велам бесцелно повторување мислам на помислата на „вечното враќање“, теорија која е поприлично таинствена и Ниче со неа низ историјата успеа да збуни многу други филозофи. Вака и го почнува својот роман еден од најмудрите писателски магови Милан Кундера во „Неподнослива леснотија на постоењето“.

АКО СЕКОЈА СЕКУНДА ОД НАШИОТ ЖИВОТ СЕ ПОВТОРУВА БЕЗБРОЈ ПАТИ, ЌЕ БИДЕМЕ ПРИКОВАНИ ЗА ВЕЧНОСТА КАКО ИСУС НА КРСТОТ. ТАКВАТА ПОМИСЛА Е УЖАСНА

„Самата претпоставка дека повторно ќе се случат работите, кои веќе еднаш сме ги доживеале и згора на сѐ дека тоа повторување ќе се случува во бескраен луп, навистина звучи застрашувачки.“
Кундера го поставува прашањето: „Што треба да ни порача овој мрачен мит, кој говори дека животот, кој еднаш и засекогаш ќе исчезне е сличен на сенка, без тежина, и ако однапред бил страшен, возвишен или убав, ужасот, возвишеноста или убавината не значат ништо! За него не треба да водиме сметка, како и за војната меѓу две африкански кралства во 14-от век, која на лицето на светот не променила ништо, иако во неа, во неописиви маки загинале 300 илјади црнци. Ќе се промени ли нешто во војната, ако неброено се повторува со вечното враќање? Ќе се промени: ќе се претвори во блок што застрашува и трае, а нејзината глупост ќе стане непоправлива“, пишува Кундера.

Понатаму тој продолжува... „Кога би требало Француската револуција да се повторува вечно, француската историографија би била помалку горда на Робеспјер. Сепак, бидејќи зборува за нешто што нема да се врати, крвавите години се претвориле во обични зборови, теории, дискусии, станале полесни од пердув, не предизвикувајќи страв. Бескрајна е разликата меѓу Робеспјер што се појавува еднаш во историјата и Робеспјер што вечно би се враќал да им ги сече главите на Французите. Според тоа, идејата за вечното враќање претставува извесна перспектива од која работите се појавуваат инакви одошто ги знаеме, се појавуваат лишени од олеснувачката околност на својата минливост. Оваа олеснувачка околност, имено, оневозможува да донесеме каков било суд. Како можеме да судиме за нешто што е минливо? Ако секоја секунда од нашиот живот се повторува безброј пати, ќе бидеме приковани за вечноста како Исус на крстот. Таквата помисла е ужасна. Во светот на вечното враќање на секој гест лежи тежината на неподносливата одговорност. Поради тоа, Ниче идејата за вечното враќање ја нарекол најтежок товар. Само, дали тежината е навистина страшна, а леснотијата прекрасна? Најтешкиот товар нѐ толчи, потклекнуваме под него, нѐ притиска кон земјата. Најтешкиот товар е наедно и слика за најинтензивно исполнет живот. И колку што е товарот потежок, колку што е нашиот живот поблиску до земјата, толку е пореален и повистинит. Наспроти тоа, апсолутното отсуство на товар го прави човека полесен од воздух, го воздигнува високо, го оддалечува од овоземското постоење, го прави дури половина реален, а неговите движења безначајни, толку колку што се слободни. Значи што да избереме тежина или леснотија? Тоа прашање си го поставил уште Парменид во шестиот век пред Христа. Според него, сиот свет е поделен на парови спротивности: светлина – темнина, нежност – грубост, топлина – студенило, постоење – непостоење. Едниот пол на спротивноста за него бил позитивен – светлина, топлина, нежност, а другиот негативен. Таквата поделба на позитивен и негативен пол може да ни изгледа детски едноставно, освен во еден случај што е позитивното: тежината или леснотијата? Парменид одговорил леснотијата е позитивна, а тежината негативна. Дали бил во право или не? Прашање е. Сигурно е само едно: спротивноста тежина – леснотија е најтаинствената и најмногузначната од сите спротивности“, тука завршува Кундера.

ЧОВЕКОТ Е СПЛЕТ НА ТАКВИ КОНТРАДИКТОРНОСТИ, ДОТОЛКУ МОЖЕ СЕ САМОЖРТВУВА ЗА ДА СПАСИ ТУЃИ ЖИВОТИ И ЕДНОВРЕМЕНО ДА БИДЕ ИНСТРУИРАНО КРВОЛОЧНО ЖИВОТНО

Така и нашите плитки животи предадени на ефемерни задоволства, неуморното бесцелно затапување, избирањето на полесните патишта кои непрекинато се вртат во луп еден ден ќе бидат лишени од олеснувачката околност на својата минливост. Не сме ни свесни каков пример им оставаме на генерациите кои доаѓаат. Во моментов мислиме дека оваа плиткост и неподнослива леснотија на нашето живеење нема да остави никаков печат и трага врз нашите животи. Но, цената што одлучивме да пливаме во плиткото, без да се осудиме да се нурнеме во длабочините, скапо ќе го чини светот. Конечно, како што пишува Кундера „Во светот на вечното враќање на секој гест лежи тежината на неподносливата одговорност“.
Светот сакаше глобализација, еве ја. Сега сѐ е во една боја. Нема разлика. Како последица на модерните фриволни струи почнавме развластено да живееме. Се изгуби вистинската смисла. Потребен е грчевит бунт. Ама против кого?! Владее игнорантско слепило. Чест на исклучоци. Се тутнавме сите во едно. На некои им е удобно и природно во таквата средина. Што е со останатите на кои им е преџвакан и надминат опожарениот „систем“ на имитација на животот кој го премолчуваат и подголтнуваат?!

Задушени ни се моралните етички норми на: верба, радост, интимност, вистинска размена на енергија, препознавање, љубење... Дај да зграбам повеќе. Алчност, убав збор, вели еден мој пријател, дрчност, лакомост, ќе дојдат, ќе се награбаат, ќе изедат сѐ и ќе остават бришан простор. За да бидеш голем, какви сите навидум се доживуваме, треба да имаш длабока душа, осет, допир, поглед, сон, фантазија... А ние си ја продадовме душата, живееме фаустовски! Се прашувам, ќе извлечеме ли поука од оваа маскарада некогаш?

Францускиот режисер Лук Бесон во неговата вечна борба меѓу двата антагонизми доброто и злото на еден колоритен, лесен филмски манир кој можат и децата да го разберат уште во 90-тите години во неговиот „Петтиот елемент“ нѐ потсети кои се основните елементи без кои е невозможно нашето опстојување на Земјава. Водата, земјата, воздухот и оганот. Точно е, животот ќе постои со овие четири елементи, но дали ќе опстои доколку не беше петтиот елемент – љубовта во својата најширока смисла. Љубовта кон себе, кон ближниот, љубовта кон човекот како битие, кон нашава планета. Зошто ја туркаме од себе постојано и постојано?! Зошто е таа само редок изблик, а не константа? Погледнете ги само ударните вести на медиумите. Мрак, убиства, војни, превласт, политички игри. Само тоа „продава“. За момент спасувањето на фудбалскиот тим момчиња од рудникот во Тајланд како да го наруши овој патерн. Растрепереност и хуманост на дело. За кусо време чувството беше потиснато со вести за нови масакри во вештачки произведените кризни жаришта низ светот и нови убиства на деца, на жени... Човекот е сплет на такви контрадикторности, дотолку може се саможртвува за да спаси туѓи животи и едновремено да биде инструирано крволочно животно.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top