Интервјуа
ДА СЕ УЧИ ФРАНЦУСКИ ЈАЗИК ВО ФРАНЦУСКИОТ ИНСТИТУТ ЗНАЧИ ДА СЕ ЖИВЕЕ И ДА СЕ РАЗМИСЛУВА НА ФРАНЦУСКИ

Емануел Рембер
директор на Францускиот институт во Скопје

Емануел Рембер го запознав сосема случајно на еден прием во француската резиденција во Скопје при крајот на минатата година. Впечатокот што ми го остави беше веднаш поинаков од вообичаениот за дипломатите. Ми стана јасно дека во него се крие писател. Тогаш ми спомна за идејата да пропатува дел од земјава со магаре во потрага по нови доживувања. Ми предложи и од почетокот на годинава пишува прекрасни куси текстови за секој број на „Економија и бизнис“, на големо задоволство на нашите читатели. Ова интервју е можност да поразговараме за лепеза прашања.

Господине Рембер, Вие сте директор на Францускиот институт во Скопје. За почеток, кажете ни нешто повеќе за Вас, за Вашата дипломатска кариера.

Е. Рембер: Јас работам во Министерството за надворешни работи на Франција веќе неколку години. Потекнувам од Нормандија и живеам како типичен Нормандиец (се смее). Живеев во Велика Британија и во САД и таму работев како лектор на еден универзитет. Потоа бев на мисија во: Норвешка, Словачка, Либија, Брисел и сега во Скопје. Јас сум „дипломат на терен“, како што еднаш ме нарекоа. Ми се допаѓа оваа титула. Од нас дипломатите се бара да бидеме љубопитни за светот, да знаеме да ги анализираме работите и да имаме способност да се адаптираме.
Всушност, куферите на еден дипломат треба секогаш да бидат подготвени. Кога сум на одмор немам желба да посетам некоја нова земја, туку напротив, сакам да се одморам и да се опуштам во Нормандија, на море, во кругот на семејството и на пријателите и повторно да ги видам плажите од моето детство.
Кога се наоѓам во странство секогаш ги земам романите на Флобер со мене, а особено неговите Кореспонденции. Се гледаме еднаш или двапати неделно (се смее).

Ќе се вратиме подоцна на темата Француски институт. Сега би сакал да се осврнеме на едно Ваше неодамнешно уникатно патување, би рекол дури и своевидна авантура по планините на Република Македонија и Грција. Кажете им на нашите читатели за што стануваше збор.

Е. Рембер: Ова патување од 220 километри на магаре по должината на линијата на Македонскиот фронт, меѓу Битола и Солун, во почетокот беше само замисла преку маршот да им се оддаде почит на загинатите борци од Првата светска војна кои беа заборавени и понекогаш и со презир нарекувани „солунски градинари“. Така ги нарекуваше и самиот Жорж Клемансо. Потоа замислата ја збогати моето силно сеќавање на книгата Патување со магаре во Севените од Роберт Луис Стивенсон која со љубов ја читав кога бев млад.

ДЕСЕТТЕ ИЛИ ДВАНАЕСЕТТЕ ЧАСА ОДЕЊЕ ПЕШ СЕКОЈ ДЕН БЕА ПРОСЛЕДЕНИ СО ЕДНА СОСТОЈБА НА ЕУФОРИЈА... НИ БЕШЕ ТЕШКО, НО ИСТОВРЕМЕНО И СЕ СМЕЕВМЕ. ФИЗИЧКИ БЕШЕ МНОГУ НАПОРНО, НО БЕШЕ НЕПОВТОРЛИВО. ТРЕБАШЕ ДА ИЗДРЖИМЕ, А НЕВРЕМЕТО ШТО НÈ ПРЕСРЕТНА ВО ПОЧЕТОКОТ НА ЈУНИ НИ ГО ОТЕЖНА ПАТУВАЊЕТО. ЧЕСТОПАТИ ГЛЕДАВМЕ КАКО ИСТУРААТ ОБИЛНИ ВРНЕЖИ ОД ДОЖД ОД НЕБОТО...!

Како се роди идејата за едно вакво патување?

Е. Рембер: Идејата за ова патување се роди во моментот кога се совпаднаа некои работи; историјата и одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна (1918–2018), географската положба на тој планински предел, желбата да патувам како порано. Морам да додадам дека патувањето немаше да се случи ако не беше присутен мојот пријател Петар Нолев од Битола, планинарски водич.

За Вашите импресии од патувањето Вие ќе пишувате книга. Ќе имаме можност да уживаме во книгата. Но, дотогаш, што Ви остави најсилен впечаток на патувањето?
Е. Рембер: Да, книгата е во подготовка. Но, не знам дали патувањата се тие што ме преточуваат во книги или е обратно.
Во предговорот на книгата го забележав овој цитат: „Ако некој чекори цел ден и навечер стигне до целта, тоа е сосем доволно.“ (Франческо Петрарка)

Што беше најтешко во текот на оваа авантура?

Е. Рембер: Десетте или дванаесетте часа одење пеш секој ден беа проследени со една состојба на еуфорија... Ни беше тешко, но истовремено и се смеевме. Физички беше многу напорно, но беше неповторливо. Требаше да издржиме, а невремето што нè пресретна во почетокот на јуни ни го отежна патувањето. Честопати гледавме како истураат обилни врнежи од дожд од небото...!

Мислам дека ова не е првпат да се решавате за нешто вакво. Пред извесно време во Брисел промовиравте своја книга. Со што беше поврзана таа книга?

Е. Рембер: Во Белгија заминав по стапките на белгискиот автор Жан-Клод Пирот кој мене особено ми е драг. Последен пат го читав пред 25 години.
Тој беше речиси непознат писател кој целиот свој живот го поминал во бегство. Во почетокот, како адвокат во Намир, водел бурен живот. Во сите дела и многубројните интервјуа, Пирот истакнува дека е неопходно да се престојува во природа.
Тој напишал прекрасна изрека: „Поаѓањата се тие кон кои треба да се стремиме“. Најубавите цитати на Пирот започнуваат со насловите на неговите книги: Вкус на пепел, Дожд во Ретел, Легендата за раните утра, Секогаш е полноќ, Премин на сенките, Патување во есен...

Вие имате напишано и книга за Вашето преживеано искуство додека бевте на функција во Триполи, веднаш по падот на Гадафи. Пристигнавте во Либија во еден од најтензичните мигови за оваа земја. Можете ли да го опишете овој период во неколку редови?

Пристигнав во Триполи на денот на смртта на американскиот амбасадор Крис Стивенс кој беше убиен во Бенгази на 11 септември. Тоа беше мојот прв шок, првиот удар. Се сеќавам на настанот. Беше 22 часот навечер, толпата го нападна дипломатскиот разгранок на САД во Бенгази. Вооружени лица со рачни фрлачи на ракети и тешки митралези беа качени во пикап комбиња, напаѓачите го насочуваа огнот кон зградите пред да ги запалат. Првично беше објавено дека еден американски претставник кој бил присутен на местото на настанот бил убиен, но неговиот идентитет не беше откриен. Следното утро дознавме дека американскиот амбасадор Кристофер Стивенс бил на местото на настанот, како една од жртвите. Информацијата не беше веднаш потврдена од страна на либиските власти. Дури кога вицепремиерот Мустафа Бу Шагур во својот твит го осуди чинот на убиство, информацијата беше потврдена. Јас пристигнав во Либија за која се велеше дека е земја „на излез од кризата“. Но, таму сè уште имаше војна. Беше жешко и состојбата беше вжештена. Без престан се слушаше сув придушен звук на пукотници од автоматски пушки. „Како да плачат калашниковите“. Ова е цитат од мојот книжевен дневник што го пишував во тоа време и го анализирав стравот: „Скокни како мачка, соочи се со стравот, измами го другиот, биди сигурен дека никогаш нема да се врати, дочекај се на нозе“. Но, стравот нѐ демне кога ние го демнеме него. Нè слуша додека спиеме...
Во мојот дневник, насловен како Немирни денови во Либија, налик на опивачките ликови на Фернандо Песоа, јас сум набљудувач на трепетот на либиската пролет, но и на опасноста на бунтот на приврзаниците на Катиба, паравоени формации кои полека успеваат да се дограбат до власта и дејствуваат како мафија која е во конфликт со Владата. Се работи за дело на „дипломат книжевник“ кој го опишува рушењето на Либија, а, всушност, претставува дневник на еден осаменик во земја среде војна. Дневникот е опис на секојдневниот живот, исцепкан и ироничен, на еден сведок на историјата. На онаа историја што сакав да ја споделам со сите вас. Тука сакам да потсетам дека дипломатските претставништва не се места за забава и дека животот на еден дипломат не е долга тивка река како што понекогаш си имаме замислено.
Всушност, се работи за еден дневник кој е мешавина на доживеани нешта, геополитички анализи, книжевни излагања и лична исповед.
Како дополнување ќе го цитирам Маларме: „Потребни се секунди да се збрише цел еден свет.“ Сè е кажано.

ОНА ШТО БИ МОЖЕЛО ДА БИДЕ ПОДОБРЕНО Е РЕШАВАЊЕТО НА ПРОБЛЕМИТЕ ВРЗАНИ СО ЗАГАДУВАЊЕТО, ОСОБЕНО ВО ЗИМА.
ОНА, ПАК, ШТО НАЈМНОГУ МИ СЕ ДОПАЃА СЕ ОВДЕШНИТЕ ПЕЈЗАЖИ, ПЛАНИНИ И ЕЗЕРА. ТУКА ПРОНАЈДОВ ГЕОГРАФСКИ ЛОКАЛИТЕТИ СО ИСКЛУЧИТЕЛНА УБАВИНА

Читателите на Економија и бизнис ја имаат ексклузивната можност во секој број од почетокот на годинава да читаат ваши куси текстови. Вие сте автор на литературни дела. Како се роди оваа пасија кај еден дипломат?

Е. Рембер: …Постојат разновидни практики: писател кој навлегол во дипломатијата и дипломат кој навлегол во книжевноста. Да речеме дека овие два описа одговараат горе-долу на она што мене ме води во животот.
Секогаш кога заминувам на работна функција во некоја нова земја си го поставувам прашањето на која тема да пишувам за да можам неа подобро да ја запознаам.



Да се вратиме на темата Француски институт. Кажете ни кои се главните активности на институтот?

Е. Рембер: Меѓу позначајните настани што ги подготвуваме за оваа есен би сакал најпрвин да го споменам отворањето, на 27 септември, на Центарот за универзитетски успех во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, кој се реализира благодарение на Универзитетската агенција за франкофонија. Ова катче ќе биде отворено за сите наставници и студенти на универзитетот и тука ќе се организираат разновидни активности поврзани со францускиот јазик.
Во план е, исто така, еден голем семинар на тема како се пишува историјата, што ќе се одржи на 16 ноември со учество на експерти и историчари од Франција, од Македонија и од регионот. На крајот на годинава ве поканувам на 6 декември на отворањето на значајната изложба на фотографии на Надар, еден особено значаен фотограф од крајот на 19-тиот век.

ПОСТОЈАТ РАЗНОВИДНИ ПРАКТИКИ: ПИСАТЕЛ КОЈ НАВЛЕГОЛ ВО ДИПЛОМАТИЈАТА И ДИПЛОМАТ КОЈ НАВЛЕГОЛ ВО КНИЖЕВНОСТА. ДА РЕЧЕМЕ ДЕКА ОВИЕ ДВА ОПИСА ОДГОВАРААТ ГОРЕ-ДОЛУ НА ОНА ШТО МЕНЕ МЕ ВОДИ ВО ЖИВОТОТ.
СЕКОГАШ КОГА ЗАМИНУВАМ НА РАБОТНА ФУНКЦИЈА ВО НЕКОЈА НОВА ЗЕМЈА СИ ГО ПОСТАВУВАМ ПРАШАЊЕТО НА КОЈА ТЕМА ДА ПИШУВАМ ЗА ДА МОЖАМ НЕА ПОДОБРО ДА ЈА ЗАПОЗНААМ

Како ја оценувате желбата на граѓаните на Македонија за учење на францускиот јазик. Што нуди конкретно Францускиот институт во тој поглед?

Е. Рембер: Сакам да потсетам дека Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата. Но, потребно е интересот за францускиот јазик постојано да се одржува и да се поткрепува.
Часовите по француски јазик во Францускиот институт се наменети за сите возрасти, сите јазични нивоа и потреби.
Освен часови по општ француски јазик, организираме и часови по специјализиран француски јазик од најразлични домени (право, бизнис, туризам...), часови по конверзација, работилници за училишна публика (креативни и едукативни работилници, ателје за театар), но и часови за студенти (подготовка за полагање испити за стекнување на меѓународен сертификат за познавање на францускиот јазик, работилници за пишување CV и мотивациско писмо итн.).
Да се учи француски јазик во Францускиот институт значи да се живее и да се размислува на француски!

Република Македонија и Франција имаат долга традиција на добри културни врски. Што би можело да се направи за таа поврзаност да стане уште посилна?

Е. Рембер: Годинава ја одбележуваме 25-тата годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу нашите две земји. Имаме одлична соработка и таа треба да продолжи да се развива. Македонија заслужува да биде уште подобро позната во Франција и се надевам дека книгата што ја пишувам ќе придонесе во тоа.

МОЈАТА МИСИЈА СЕ СОСТОИ ВО ТОА ДА МИНУВАМ НИЗ РАЗНИ МЕСТА ВО СВЕТОТ… А ТОА ГО МЕНУВА ЧОВЕКОТ. ДИПЛОМАТИЈАТА Е ШКОЛА НА ИДНИНАТА, НО ТАА ВЕ ОБВРЗУВА ДА ЖИВЕЕТЕ ВО СЕГАШНОСТА. ТАА Е ЗАНАЕТ, ДОЛЖНОСТ И ПРЕДВИДУВАЊЕ. СÈ СЕ СЛУЧУВА КАКО ДА СМЕ БАРАЛЕ СО ДОПИР НЕКОЈ ПРЕДМЕТ ЗА КОЈ НЕ ЗНАЕМЕ СО СИГУРНОСТ ДАЛИ Е ТУКА. ТАА Е ЧЕКАЊЕ СО ПРИЧИНА И НАДЕЖ

Веќе извесно време сте на служба во нашава земја. Што е она што најмногу Ви се допаѓа? Што е она што треба да го поправиме?

Е. Рембер: Во Скопје пристигнав пред точно една година. Среќен сум што дојдов во една автентична земја свртена кон Европа. Многу ми се допаѓа балканската поговорка која вели: Штом еднаш се напиеш од балканскиот извор, секогаш ќе му се навраќаш.
Она што би можело да биде подобрено е решавањето на проблемите врзани со загадувањето, особено во зима.
Она, пак, што најмногу ми се допаѓа се овдешните пејзажи, планини и езера. Тука пронајдов географски локалитети со исклучителна убавина.

И за крај, кој е Емануел Рембер?

Е. Рембер: Кога ми го поставуваат ова прашање се вртам за да видам дали ме следи некој (се смее)...
Што да кажам? Мојата мисија се состои во тоа да минувам низ разни места во светот… А тоа го менува човекот. Дипломатијата е школа на иднината, но таа ве обврзува да живеете во сегашноста. Таа е занает, должност и предвидување. Сè се случува како да сме барале со допир некој предмет за кој не знаеме со сигурност дали е тука. Таа е чекање со причина и надеж.


Ви благодарам за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top