Општество
Ветон Села: МАКЕДОНИЈА ВО СЛЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ

Средношколец од средното училиште „Здравко Чочковски”, Дебар

Се разбудив ова утро и излегов на балконот; од балконот на мојата куќа можете да уживате во пролетта како никаде на друго место. Градот е опкружен со високи планини чии врвови сѐ уште се покриени со снег, додека времето во градот е топло, а сонцето сјае со златните зраци, зраците на сонцето се рефлектираат на нашето мало езеро кое додава убавина на мојот град. Во дворот дрвјата цветаа и процветаа првите цвеќиња за да донесат пролет во срцето. Мојава земја е уникатна и позната по својата природна убавина што не можете да ја најдете во други земји; овие убавини се исто така атрибути за мојот роден град Дебар кој се одликува со убавина и природно богатство, како и цела Македонија.

Природната убавина на мојава земја е огромна; сепак човековата раката не е толку внимателна и совесна во однос на ова богатство. Човекот не се грижи и не знае доволно за животната средина во која живееме. Ние мора да го смениме нашиот став кон природата, да засадиме повеќе дрвја за да имаме почист воздух и да го рециклираме отпадот. По дваесет години можеме да ги претвориме депониите во полиња од рози.

Живееме во земја со многу проблеми, особено политички и еколошки. Има луѓе од различни национални и верски средини во нашава земја. Луѓето се затворени, некои помалку, некои повеќе, и не ги гледаме работите на поинаков, поотворен начин.

МАКЕДОНИЈА ЈА ГЛЕДАМ КАКО ДЕЛ ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА, КАКО ЗЕМЈА БЕЗ КОРУПЦИЈА, МЕСТО КАДЕ ШТО СИТЕ ЛУЃЕ СЕ ОБРАЗОВАНИ, РАБОТАТ И СЕ ЉУБЕЗНИ. ГО ГЛЕДАМ КАКО МЕСТО КАДЕ ШТО ВЕРСКИТЕ И НАЦИОНАЛНИТЕ ПРАЗНИЦИ СЕ СЛАВАТ ЗАЕДНО

Македонија е единствена по своите недостатоци на многу начини и не сме навикнати да се почитуваме меѓусебно. Ние само себеси се сакаме. Имавме еден сосед и отидовме во нејзиното семејство за Велигден – исто како што тие дојдоа кај нас за Бајрам. Ние се почитувавме еден со друг. Таа течно зборуваше албански и нејзините деца играа со нас – и ова не беше проблем за никого. Генерално во Македонија луѓето не се толерантни, но мора да се почитуваат меѓусебно без оглед на нивната верска или национална припадност. Секој има право да го зборува својот јазик и да верува во она што го посакува. Секогаш се караме кога се прославуваат празници од други етнички групи.

По 25 години ја гледам Македонија како место каде што сите имаат свои национални и верски права. Ја гледам како дел од Европската Унија. Да се биде дел од унијата за нас е како вода и воздух, како нешто без што не можеме да живееме, како што е за мене на пример дебарската вода, чиста како кристал и толку свежа бидејќи доаѓа од планинските извори.

Нашава земја има многу природни ресурси како што се дебарските извори кои се добро познати и можат да станат уште попопуларни ако сме дел од Европа. Тоа сигурно ќе го зголеми бројот на туристите и ќе ѝ помогне на земјава да расте. Во Македонија постојат идеални услови за развој на планинскиот туризам; местата како течението на реката Радика се навистина ретки во светот. Имаме богатство и треба да го промовираме во иднина за да го унапредиме и да го развиваме туризмот.
По 20 години ја гледам Македонија како место со развиено земјоделство бидејќи постојат идеални услови за одгледување и за производство на висококвалитетни органски производи, наводнувани со чиста вода од нашиве извори. Исто така постојат добри услови за развој на сточарството. Сточарите во нашава земја наликуваат на пастирите од старите народни приказни кои свират на флејта околу кои летаат „планинските самовили“.

По дваесет години Македонија ја гледам како економски развиена држава. За среќа, таа има богата историја која, ако е добро промовирана, може да привлече многу туристи. Во мојот град постојат стари цркви и џамии кои многу кажуваат за локалната култура и толеранција. Добро познатите битки на Скендербег, нашиот познат херој, се случувале во мојот град за кои авторот Марин Барлети пишува во своите книги. Штета е што од целиот замок денес можеме да видиме само неколку карпи. Верувам дека Калето на Дебар може многу да раскаже за својата историја и истовремено да привлече странски туристи исто како и другите градови кои имаат замоци од минатото. Можам да пишувам уште многу за мојава земја и сакам и самиот да бидам добар пример. Во иднина сакам лично да придонесам за развојот на мојава земја. Верувам дека секој треба да биде свесен дека тој или таа мора да работи напорно за своето родно место наместо да бараат можности да се иселат. Ние мора да научиме да ја сакаме нашава земја и да работиме за нејзиниот развој и за членството во Европската Унија. Мора да има повеќе национална и верска толеранција и разбирање, луѓето да покажуваат повеќе љубов еден кон друг, како и за природата, и да не оставаат простор за омраза. Македонија ја гледам како дел од Европската Унија, како земја без корупција, место каде што сите луѓе се образовани, работат и се љубезни. Го гледам како место каде што верските и националните празници се слават заедно.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top