Општество
КАМЧЕВ: ЛИЧНО СЕ ЗАЛАГАМ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, А СО МИЈАЛКОВ ВЕЌЕ НЕ СМЕ ПРИЈАТЕЛИ

17.09.2018

Еден од најбогатите Македонци, бизнисменот Орце Камчев го поддржува референдумот за името, потенцирајќи дека договорот со Грција е најдобрата можност која ни се укажала во изминативе 27 години. Камчев вели дека ќе направи сѐ што е во негова моќ, референдумот да се реализира, објаснувајќи дека времето минато на разни историски глупости, митови и легенди, создаде проблеми со сите наши комшии, но и со самите нас, во нашата држава.

„Неможноста да се реши спорот со Грција нѐ извади од шансата веќе оддамна да бидеме и во НАТО и во ЕУ и верувајте ми, Македонија немаше да биде во таа ситуација во која сме денеска ни економски ни политички. Затоа, јасно и гласно ќе го кажам мојот став, мислам дека ниту ќе имаме подобра шанса, ниту дека сме имале похрабар лидер од премиерот Заев. Јас лично сум ЗА договорот со Грција, како што и бев ЗА Договорот со Бугарија. Јас сум европски и светски човек и сакам Македонија да биде дел од таа структура. Сакам да живеам во Република Македонија различна од таа што е денеска, сакам да бидеме членка на НАТО и ќе направам сé што е во моја можност да стигнеме до тие вредности. Тоа се вредности во кои сите ние ќе добиеме десет пати повеќе придобивки од она што го имаме денеска. Се тоа не го кажувам само јас, ниту само Заев, тоа ни го кажа целиот свет! Светски лидери како Меркел, Курц и Могерини кои дури дојдоа на крај кај нас, Државниот департмент, дури и Русија го поздрави договорот иако на некои им се сака да е е така“, изјавува Камчев. 

Според него, со влезот во овие организации ќе мора и сите чинители во Македонија да размислуваат и функционираат европски. „Правилата на игра ќе бидат јасно дефинирани, нема злоупотреба на работници, се знае кога е годишен одмор, се знае кога е време за
јадење, што е превоз, како и кога се користи заштитна униформа. Се знаат стандарди по кои мора да фунцкионираат сите компании, а не како досега. Тоа ќе не научат и сум сигурен во тоа. Тоа е мојот став, не дека нема друга опција, туку таа е единствената опција во која јас верувам. Јас лично ќе се залагам да пројде тој референдум. Тоа се вредности во кои јас верувам и преку кои и државата и сите ние ќе добиеме десеткратно повеќе придобивки од она што го имаме денеска“, објаснува Камчев.

Во однос на неговото пријателство и кумство со поранешнит прв човек на УБК, Сашо Мијалков, Камчев вели дека веќе не се пријатели од различни причини.

„Директни бизнис релации со Сашо Мијалков додека бил функциониер сум немал никогаш, тоа го гарантирам и стојам позади тоа што го зборувам. Ниту денеска имам такви бизнис релации, доколку има некои акции, некои негови фирми, од неговите деца во некои акционерски друштва, јас тоа не можам да го забранам бидејќи има илјадници акционери, меѓутоа во управувачка структура, во структура која е управувачки одбор или слично тело немаме такви релации. Точно е дека бевме пријатели, повеќе не сме пријатели, а причините се различни во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“, вели Камчев.

Пред неколку години, престижниот економски магазин „Форбс“ го прогласи бизнисменот Орце Камчев за најбогат човек во Република Македонија, а неговата лична мотивација за инвестирање во земјава е желбата да живее во успешна држава, каде што ќе има среќни луѓе. Камчев е сопственик на Орка Холдинг и е еден од основачите на една од најголемите приватни клиники Аџибадем Систина.


ПР текст

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top