Општество
БОГАТА СЕДМИЦА СО ФРАНЦУСКО-МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧКИ СРЕДБИ

17.09.2018

Амбасадата на Франција има чест да Ви најави дека оваа седмица ќе биде богата со француско-македонски политички средби.

Лилјана Танги, пратеничка од Финистер во Француското собрание, заменик-претседател на Комисијата за европски прашања и на парламентарната група за соработка Франција-Македонија, ќе престојува од 18 до 20 септември во работна посета на земјата. Нејзината агенда вклучува средби на највисоко ниво, со Претседателот Иванов, со Премиерот Заев, со Министерот за надворешни работи Димитров, со Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Попоски, со Претседателот на собраниската комисија за европски прашања, Груби, како и со членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Во среда на 19 септември,  госпоѓа Танги ќе се обрати на Лидерскиот либерален форум во врска со приоритетите и перспективите за интеграција во НАТО и ЕУ на земјите од регионот на Југоисточна Европа.

Госпоѓа Марта де Сидрак, сенаторка од Ивлин и претседател на групата за соработка Франција-Западен Балкан и господин Арно Базен, сенатор од Вал-д’Оаз и заменик-претседател задолжен за Македонија, ќе ја посетат земјата на 20 и 21 септември.

Оваа посета оди во прилог на односите на доверба и пријателство воспоставени помеѓу францускиот Сенат и македонското Собрание, како и со граѓаните во целина. Во текот на посетата, тие ќе остварат средби со претседателот на Собранието, г. Талат Џафери и со парламентарната група за соработка со Собранието на Република Франција, како и со г. Виктор Димовски, Државен секретар во Министерството за надворешни работи, со Горан Цеков, директор на Директоратот за билатерални односи со европски држави и Бети Јачева, директор на Директоратот за Европска унија.

Во рамките на оваа сенаторска посета којашто го одразува јакнењето на француско-македонската парламентарна дипломатија, предвидена е и конференција на Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи.

Во овој клучен момент за државата, средбите ќе бидат можност да се разговара за позитивните перспективи за нејзина европска интеграција и продлабочување на нашата соработка при успешен референдум на 30 септември, што претставува услов за Македонија да направи решавачки чекор на својот европски пат.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top