Е-Б-Ф-Б
БАНКАРСКО КРЕДИТИРАЊЕ НА МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ПОГОЛЕМА ИСКОРИСТЕНОСТ НА СРЕДСТВАТА ОД ФОНДОВИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Јадранка Мршиќ
Авторот е виш научен соработник на УАКС Институт за претприемништво и лидерски развој

Малите и средни претпријатија (МСП) остваруваат клучна улога за националните економии во светот преку генерирање нови работни места, додавање вредност и придонес за иновации. Тие имаат значителен удел во намалување на невработеноста во многу земји во светот и значително учество во растот на бруто домашниот производ.
МСП имаат голема улога во развојот на економијата и во Македонија поради нивното претежно учество во вкупниот број на компании; од 70 139 активни фирми во 2015 година, 69 908 се мали и средни претпријатија, а само 231 се големи . Малите и средни претпријатија вработуваат 74 % од вкупниот број на вработени во приватниот сектор.
Според Европската комисија МСП во Македонија имаат поголема улога споредено со просекот на ЕУ во однос на додадената вредност и на вработувањето. Тие остваруваат речиси две третини од вкупната додадена вредност и речиси три четвртини од вкупниот број вработени, значително повеќе од соодветниот просек во ЕУ од 57 % и 67 %.
Развојот на МСП е една од целите на Стратегијата за конкурентност на Република Македонија 2016 – 2020. И покрај високото рангирање на државава во однос на започнувањето и водењето бизнис, перцепцијата на претприемачите и на потенцијалните претприемачи и ставовите на експертите укажуваат дека во Македонија сè уште не е целосно искористен и развиен претприемачкиот потенцијал.

МСП ИМААТ ГОЛЕМА УЛОГА ВО РАЗВОЈОТ НА ЕКОНОМИЈАТА И ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАДИ НИВНОТО ПРЕТЕЖНО УЧЕСТВО ВО ВКУПНИОТ БРОЈ НА КОМПАНИИ; ОД 70 139 АКТИВНИ ФИРМИ ВО 2015 ГОДИНА, 69 908 СЕ МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, А САМО 231 СЕ ГОЛЕМИ . МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВРАБОТУВААТ 74 % ОД ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

Финансирање на малите и средните претпријатија
Активностите на МСП се ограничени со можности за финансирање, особено во фазата на раст кога тие обезбедуваат нови извори на средства претежно од банкарски извори. Банкарското кредитирање е најчест извор на надворешно финансирање за голем број МСП кои се многу зависни од традиционален долг за да ги обезбедат потребите на основаното претпријатие, потребите за готовина и за инвестирање. При тоа МСП се соочени со повисоки каматни стапки поради недостаток на имот што можат да го понудат за обезбедување на кредитите. Високите трошоци на заем од банка (барањата за обезбедување, високите каматни стапки итн.) беа наведени во анкетата на МОТ (2016) како еден од најголемите проблеми за МСП, особено за помалите претпријатија.
Поголемото отстапување во профитабилноста, опстанокот и растот на МСП во однос на поголемите компании укажува на проблем со финансирањето. Банкарското финансирање ќе продолжи да биде клучно за секторот на МСП, но потребно е да се прошири понудата на инструменти за финансирање на МСП за да им се помогне да продолжат да ја играат улогата во инвестирањето, во растот, во иновациите и во вработувањето, посебно на иновативните и брзорастечки претпријатија со профил на висок ризик во однос на принос.
Поради карактерот на бизнисот, МСП не покажуваат доволна транспарентност за нивното работење за да се квалификуваат за финансирање директно од финансиските пазари. Затоа е важно да се подобри комуникацијата меѓу банките и МСП за да се надомести недостатокот на транспарентност и да се олесни пристапот до финансии.

ЕУ-фондови за развој на малите и средните претпријатија
ЕУ го поставува како еден од своите приоритети решавањето на проблемот со отежнат пристап до финансирање на МСП поради нивната важност за растот на економиите. Република Македонија како земја кандидатка за членство во ЕУ има можност да користи финансиска поддршка од Европската Унија преку петте компоненти од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
Нивото на искористеност на средствата од европските фондови во Македонија е низок. Споредено со останатите земји корисници на претпристапната помош, Македонија има најниско ниво на спроведување на ИПА во 3 од 5 ИПА-компоненти (Компонента I, Компонента III и Компонента IV) за периодот 2007 – 2011 година. Искористувањето на европските фондови е бавно – само околу 35 проценти од средствата на ИПА за периодот 2007 – 2013 година се искористени до мај 2014 година.
Недостасуваат мерки и програми за поголемо вклучување на банките во процесот на поддршка на бизнис-секторот со цел зголемување на степенот на искористеност на финансиската поддршка наменета за малите и средни претпријатија. За да се смени оваа состојба потребно е проширување на продуктите на банките во делот на креирање нови иновативни финансиски инструменти со кои ќе можат да ги следат фирмите во процесот на користење на средствата од европските фондови како во фазите на меѓуфинансирање, така и за кофинансирање и надминување на еден од горливите проблеми за обезбедување колатерала.
Структурните фондови на ЕУ играат важна улога за стимулирање на економиите. Ова може да биде од корист за банките во пронаоѓање нови можности за инвестирање, и тоа: (1) преку користење на предноста од јакнењето на инвестициите и растот што би довело до зголемена побарувачка за кредити во сите сектори и (2) банките можат да придонесуваат директно на микроекономско ниво со финансирање на проектите што се прифатливи за ЕУ-фондовите.

ИСКУСТВОТО НА БАНКИТЕ ОД РЕГИОНОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБРА ОСНОВА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТИТЕ НА МСП ОД ЕУ-ФОНДОВИТЕ. СО ТОА ТИЕ ЌЕ ПРИДОНЕСАТ ЗА ПОДОБРА ИСКОРИСТЕНОСТ НА ОВИЕ ФОНДОВИ, ЌЕ ГО ПОТТИКНАТ РАСТОТ НА МСП-СЕКТОРОТ И ЌЕ ОТВОРАТ ДОПОЛНИТЕЛНИ МОЖНОСТИ ЗА ПЛАСИРАЊЕ НА БАНКАРСКИТЕ СРЕДСТВА.

Банкарски кредити за поддршка на ЕУ-проекти за малите и средни претпријатија
Банките можат да ја реализираат улогата на вклучување во користење на ЕУ-фондовите преку примена на нивното знаење на оценување и селекција на проекти. Дополнително тие можат и да го забрзаат извршувањето на проектите со обезбедување на предфинансирање во очекување на исплата од ЕУ-грантот. Трето, банките можат да ги кофинансираат ЕУ-проектите затоа што не сите трошоци од проектот се прифатливи за ЕУ-грантовите. Ова може да биде најголема можност за банките за одобрување нови кредити.

Дополнително банките можат да придонесат за подобро користење од страна на МСП на средствата од ЕУ-фондовите преку нивното познавање на домашниот корпоративен сектор и континуирано истражување на иновативните претприемнички концепти и финансиски инструменти.
Банките од земјите од Југоисточна Европа, новите членки на ЕУ, поактивно се вклучиле во финансиска поддршка на МСП за подобра искористеност на ЕУ-фондовите по влезот на тие земји во ЕУ. Но, нивното претходно искуство од користење на претпристапните фондови им помогнало да ја препознаваат можноста за зголемување на кредитирање и извршување други услуги на МСП при нивно користење на ЕУ-фондовите.
Речиси сите банки од овие земји нудат „меки“ услуги поврзани со ЕУ-фондовите:
• информации за ЕУ-проекти што се на располагање,
• советување во врска со користење на средства од овие фондови,
• едукација, информација и советување за подготовка и реализација на проекти и
• листа на консултантски фирми кои нудат услуги за советување за користење на овие фондови.
Дел од банките, покрај наведениве услуги, нудат и:
• кредити за финансирање трошоци за консултантски услуги за проектен предлог и
• помош за подготовка на документација.

ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ НА БАНКИТЕ ЗА ПОГОЛЕМА ИСКОРИСТЕНОСТ НА СРЕДСТВАТА ОД ЕУ-ФОНДОВИТЕ Е ПРЕДМЕТ НА ПРОЕКТОТ „ЕУ-ДЕСК ЗА ИНОВАТИВНИ ФИНАНСИСКИ ПАКЕТИ ЗА ПОДОБРА ИСКОРИСТЕНОСТ НА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ“. ПРОЕКТОТ Е ФИНАНСИРАН ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПРЕКУ ИПА-ПРОГРАМАТА ЗА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО И МЕДИУМИ 2015 И ИМА ЦЕЛ ДА ПРИДОНЕСЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОДОБАР ПРИСТАП НА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА (МСП) ДО ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ

Најголем број банки вршат финансиски инженеринг и ги финансираат сите фази од проектот. Тие вршат проектно финансирање базирано на приливот по основ на поврат на средствата од проектите финансирани од ЕУ-фондовите, а не на големината на средствата и работењето на корисникот. Банките нудат целосни пакети за финансирање на реализацијата на проекти финансирани од ЕУ-програми што ги именуваат како: ЕУ-канцеларија, ЕУ-шалтер, ЕУ-кредитна програма, ЕУ-центар и слично.
Пакетите за финансирање на сите фази од реализација на проектите од ЕУ-фондовите опфаќаат:
• кредити за претпроектни активности,
• кредити за меѓуфинансирање и кофинансирање на проекти,
• кредити за непризнаени трошоци за проект,
• гаранции,
• писмо за поддршка и
• специјални сметки за грант на кои се прима уплата на пари од аванси и/или на средствата од грантот.
Искуството на банките од регионот може да биде добра основа за македонските банки да се вклучат во финансирање на процесот на реализација на проектите на МСП од ЕУ-фондовите. Со тоа тие ќе придонесат за подобра искористеност на овие фондови, ќе го поттикнат растот на МСП-секторот и ќе отворат дополнителни можности за пласирање на банкарските средства.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top