Интервјуа
СЕ НАТПРЕВАРУВАМЕ СО ГЛОБАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА СО НАЈВИСОК КВАЛИТЕТ

Кристијан Даниловски
со-основач и со-сопственик на ФХ3Х

На почетокот од ова интервју морам да истакнам дека успехот на ФX3X нѐ прави горди во Македонија. ФX3X e компанија за продукција на анимација и на визуелни ефекти. Јас секогаш го посочувам вашиот пример кога треба да им објаснам на странците дека нашата земја не мора да биде оаза на евтина работна сила, туку дека можеме да понудиме и софистицирани услуги во индустрии со сериозни технолошки барања. Всушност, пораката е дека Македонија може. Но, патот до тука не беше лесен за ФX3X. Какви беа почетоците? Како изгледаа работите од таа перспектива? Дали очекувавте ваков успех?

К. Даниловски: Најпрво, благодарам на поддршката. На самите почетоци имаше многу малку луѓе кои ја поддржуваа нашата идеја. Малкумина помислуваа дека она кон кое што се стремевме е возможно,потесен круг на наши пријатели и соработници како и нашите семејства, но не верувам дека некојвистински веруваше дека ќе успееме со нашите Холивудски аспирации во овој обем.
Малкумина во 1997 година помислуваа дека она кон кое што се стремевме е воопшто возможно.
Предизвици постојат секогаш и низ секоја фаза на развојот на компанијата, и кога имавме 2 и кога имавме 25 и кога имавме 250 луѓе во тимот. Предизвиците нам ни го дефинираат успехот, еве зошто: на почеток нам не ни беше идејата да бидеме славни, сопственици на фирма, ние сакавме да работиме за Холивуд, за англискиот пазар на филмска продукција. Предизвиците нам ни го дефинираат успехот, еве зошто: на почеток нам не ни беше идејата да бидеме славни, сопственици на фирма, ние сакавме да работиме за Холивуд, за англискиот пазар на филмска продукција. Ние сакавме нашите вештини кои беа на високо ниво поради годините поминати во таа работа да ги употребиме на блокбастер, да си го видиме името на шпица како и секој друг артист. Предизвиците се јавија кај прашањето КАКО до Холивуд, КАКО до блокбастерите и тие не ги доживувавме нешто посебно, не беа проблеми, едноставно дел од патот кој треба да го изодиме. И се случи да стигнеме до таа цел, да работиме на Авијатичарот, филм со кој нам ни почна сѐ бидејќи нашиот сон се оствари, време беше за нови: да работиме на Терминатор, или на Војна на ѕвездите, или на Стар трек. И тие се остварија, со свои потешкотии и предизвици на патот. Денес повеќе размислуваме за нови пазари, за обемот на работа и за бројноста на луѓето, денес тоа се нашите предизвици и потешкотии.

ЕДЕН ОД НАШИТЕ НАЈГОЛЕМИ УСПЕСИ Е ДЕКА ПО 20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НИЕ ИМАМЕ КОНЗИСТЕНТЕН КВАЛИТЕТ КОЈ Е НА НАЈВИСОКО СВЕТСКО НИВО. ТОА ПРЕТСТАВУВА ГОРДОСТ, ЗАЕДНО СО ФАКТОТ ДЕКА СМЕ РАБОТЕЛЕ НА СИТЕ ФИЛМОВИ КОИ НИ БИЛЕ ИНСПИРАЦИЈА, ОСОБЕНО ФРАНШИЗИТЕ КОИ ПРИДОНЕЛЕ ДА САКАМЕ ДА ГО РАБОТИМЕ ОВА, КАКО ШТО СЕ ТЕРМИНАТОР, ПАРКОТ ЈУРА, ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ, СТАР ТРЕК, ЏЕМС БОНД ИТН.

За многумина е мистерија што значи името ФX3X. Може ли да ја разоткриеме мистеријата?

К. Даниловски:Во нашата индустрија визуелните ефекти имаат своја кратенка visual effects - vfx споено со нашето име 3Х се добива ФХ3Х.

Кои беа клучните пресвртни точки во развојот на ФX3X? Колку беше важно тоа што, на пример, во даден момент ви помогна УСАИД и слично?

К. Даниловски: Би рекол дека клучни фази во нашиот развој имаше повеќе, само петпати досега се реструктуриравме за да бидеме подобри, поефикасни, да понудиме поголем квалитет. Првиот клучен момент беше да се откажеме со партнерот Миливоје Ѓорѓевиќ од понудите да работиме за големите студија, тој имаше понуда во Америка, јас во Англија, и да основаме компанија во Македонија за да го работиме тоа што би го работеле таму. Вториот клучен момент беше одлуката по брзиот развој кој ни се случи во првите години кога го освоивме пазарот за рекламни видеа со визуелни ефекти во Македонија, па и во регионот. Соочени со неможноста да се шириме понатаму со капацитет во смисла на артисти, а да работиме на рекламни видеа, а да не можеме да стигнеме до работа на холивудски филм поради малиот бројартисти, одлучивме да одиме на сѐ или ништо и да се обидеме на холивудскиот пазар. Дознавме за проекти со кои УСАИД ги поддржуваше малите претпријатија да бидат поконкурентни и со нивна помош, на која сме многу благодарни, направивме истражување на пазарот. Исто така со нивна помош можевме да ангажираме двајца консултанти кои практично ни го потврдија тоа што веќе го знаевме: дека мора да пораснеме и во технологија и во знаење, но и добивме многукорисни совети какода го направиме тоа. Се подготвивме за настап на најголемиот светски саем за визуелни ефекти SIGGRAPH, кој се одржуваше во Лос Анѓелес за што вложивме сѐ што имавме во тој момент. Ја фрливме коцката на сѐ или ништо со мисла дека ако не нѐ бива подобро да дознаеме сега кога вложуваме сѐ, тамам ќе се провериме дали сме доволно добри. За среќа, со Авијатичарот добивме позитивен одговор на тоа прашање. Следниот клучен момент, за кој не знаевме што претставува во моментот кога ни се случи, беше Оскарот за визуелни ефекти на Златниот компас, филм на кој и ние работевме. Ова ни помогна да сепоставиме на мапата со квалитет и ни ги отвори вратите во поголемите студија, вклучително и компанијата на која отсекогаш ѝ се восхитувавме, Индастријал лајт енд меџик (Industrial Light & Magic) на Џорџ Лукас, со што конечно си го потврдивме квалитетот. Следниот клучен момент ни се случи две години по започнувањето на оваа соработка и беше двојното зголемување на компанијата во рок од шест месеци. Не може да се опише таа фаза, во сред работа со полн капацитет бевме приморани да правиме тренинзи бидејќи познато е дека во Македонија не постои начин да добиете готов кадар од факултет без да го обучите. Ние обучувавме нови луѓе, испорачувавме проекти со очекуваниот квалитет и прилично успешно ја завршивме таа фаза. Следната клучна точка и голем пресврт ни се ближи и се надеваме дека ќе можеме да споделиме убави вести до крајот на оваа година.

Погледнато кон минатото, кои се според Вас најголемите досегашни успеси на ФX3X, учествувавте во изработката на визуелни ефекти за филмови што станаа блокбастери, работевте на филм што доби Оскар за визуелни ефекти и на многу филмови што беа номинирани за Оскар…

К. Даниловски: Еден од нашите најголеми успеси е дека по 20 години постоење ние имаме конзистентен квалитет кој е на највисоко светско ниво. Тоа претставува гордост, заедно со фактот дека сме работеле на сите филмови кои ни биле инспирација, особено франшизите кои придонеле да сакаме да го работиме ова, како што се Терминатор, Паркот Јура, Војна на ѕвездите, Стар трек, Џемс Бонд итн. Како компанија се гордееме со номинацијата за ЕМИ во 2007 година, што нѐ доведе да работиме на престижни ТВ-серии како Игри на троновите и Стар трек, и секоја година најмалку два, а понекогаш и три филмови на кои сме работеле добиваат номинација за Оскар за визуелни ефекти, но особено голема ни е гордоста што сме работеле на Златниот компас и Животот на ПИ кои беа наградени со оскари за најдобри ефекти. Работевме и анимација на Ранго кој беше награден со Оскар за најдобра анимација. Исто така имаме изработено 900-минутна продукција за ПБС телевизијата што е за нас импозантно. Не можеме да издвоиме кој е најголемиот успех штоо сме го постигнале, знаеме дека секоја година мораме да бидеме сѐ подобри и подобри и да постигнеме квалитет со кој ќе се гордееме.

Пред канцеларија на ФХ3Х во Лос Анѓелес, од лево кон десно: Стефан Вајлд извршен продуцент во компанијата Хенсонс, Миливоје Ѓорѓевиќ и Кристијан Даниловски, основачи и сопственици на ФХ3Х и Александар Ѓорѓевиќ, супервизор на аудио одделот во ФХ3Х

Годинава не беше исклучок, ФX3X учествуваше во изработката на три филма од петте номинирани за Оскар за најдобри визуелни ефекти. Притоа претпоставувам дека да се работи на најновиот филм од франшизата Војна на ѕвездите е повеќе од бизнис.

К. Даниловски: Работата на Војна на ѕвездите:Последниот џедај исполни еднa желба која кај нас тлее повеќе од една декада –да се работи на една од најпознатите франшизи во филмската индустрија, особено кога станува збор за визуелните ефекти. Со овој филм, со Чуварите на Галаксијата 2 и со Конг:Островот на черепите, ФХ3Х заокружи три филма на кои сме учествувале во визуелните ефекти, а кои беа номинирани за Оскар оваа година.

Гледано од аспект на најпознатите филмски франшизи во историјата на филмот, веројатно е многу полесно да се набројат тие на кои не се сте работеле од тие на кои сте работеле. Кој е Вашиот коментар? Патем, што е најновото на што работевте?

К. Даниловски: Паркот Јура е филм од последната франшиза која посакувавме да ја впишеме во портфолиото и во тоа и успеавме, почнувајќи од Терминатор, Одмаздници, сите Марвелови супер херои, Џемс Бонд, Брзи и бесни, Трансформери, Х-мен, Невозможна мисија, Спајдермен, суперхероите на ДС Универзумот (Бетмен, Супермен, Вондервуман), Старт трек, Вонземјанин, Џејсон Борн, Игри на гладните и секако Војна на ѕвездите. Не работевме на Пиратите од Карибите (засега :)), Господарот на прстените и го пропуштивме Хари Потер, но учествуваме во следните базирани на ликовите од Џ.К.Ролинг.

ФX3X воспостави редовна соработка со Холивуд. Кое е Вашето искуство од таа соработка, како би ја опишале?

К. Даниловски: Холивуд е центарот на комерцијалната филмска индустрија, а со тоа и на визуелните ефекти, иновациите во тоа поле и престижот. Токму таму можеме да се докажеме бидејќи квалитетот е највисок, а тоа отсекогаш го посакувавме. Конкуренцијата меѓу која се докажуваме е глобална, со највисок квалитет, со постојан притисок со квалитет од врвните американски и британски компании, со цените од компании од Кина и од Индија, со притисок од огромни државни субвенции кои на пример во Канада се над 40%, па и до 50% субвенции на холивудските студија за да работат таму. Предизвиците ни се големи, ама и задоволството е поголемо кога успешно ги надминуваме.

Минатата година отидовте и чекор понатаму, ФX3X отвори своја канцеларија во Лос Анѓелес. Како се случи тоа?

К. Даниловски: Во 2017 година ФХ3Х отвори канцеларија во Лос Анѓелес која има, пред сѐ, презентациски карактер заради подобрување на нашата присутност на тој пазар, заради тоа и вработените се локални луѓе. Но, канцеларијата располага и со две студија за motion capture, едно во Скопје, и едно таму кои беа креирани со наша експертиза, а по барање на нашите долгогодишни клиенти Компанијата на Џим Хенсон(The Jim Henson‘s Company) заради симултана работа на заеднички проекти.
Интересно е дека канцеларијата и студиото се во старото студио на Чарли Чаплин во Холивуд. Веќе низ тој капацитет ни поминаа неколку холивудски блокбастери, но и две анимирани ТВ-серии, од кои за серијата Splash and Bubbles целиот колор грејдинг се правеше далечински во студиото во Скопје, во директна соработка со режисерите на серијата кои ни беа во канцеларијата во Лос Анѓелес и на тој начин ги средувавме боите за конечен мастеринг на епизодите на серијата. Но, како што првично напомнав, во прв ред канцеларијата служи за зголемување на нашето присуство на американскиот пазар како со познатите филмски студија од Холивуд и од Лос Анѓелес, така и со новите како Нетфликс и Амазон и ред други слични медиуми. Преку канцеларијата нашето присуство значително се зголеми.

КАКО КОМПАНИЈА СЕ ГОРДЕЕМЕ СО НОМИНАЦИЈАТА ЗА ЕМИ ВО 2007 ГОДИНА, ШТО НÈ ДОВЕДЕ ДА РАБОТИМЕ НА ПРЕСТИЖНИ ТВ-СЕРИИ КАКО ИГРИ НА ТРОНОВИТЕ И СТАР ТРЕК, И СЕКОЈА ГОДИНА НАЈМАЛКУ ДВА, А ПОНЕКОГАШ И ТРИ ФИЛМОВИ НА КОИ СМЕ РАБОТЕЛЕ ДОБИВААТ НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР ЗА ВИЗУЕЛНИ ЕФЕКТИ, НО ОСОБЕНО ГОЛЕМА НИ Е ГОРДОСТА ШТО СМЕ РАБОТЕЛЕ НА ЗЛАТНИОТ КОМПАС И ЖИВОТОТ НА ПИ КОИ БЕА НАГРАДЕНИ СО ОСКАРИ ЗА НАЈДОБРИ ЕФЕКТИ

Значи ли тоа дека ФX3X влегува во квалитативно нова развојна фаза? Какви се плановите?

К. Даниловски:ФХ3Х влезе во квалитативна нова фаза веќе трета година и по удвојувањето и рапидниот развој на компанијата.Минатата година имавме значително намалување на екипата и фокусирање на развојот на делови кои се поуспешни. Затоа пак, оваа есен нѐ чека сериозно зголемување на бројот на артистите во различни оддели со што сметаме дека ќе можеме да бидеме уште поконкурентни и ќе можеме да го подигнеме повеќе квалитетот во изработката на визуелните ефекти и на анимацијата.

Во еден претходен разговор рековте дека размислувате за тоа наместо да работите на дел од ефектите во еден филм, ФX3X да започне да изработува ефекти за целиот филм. Но, посочивте дека е потребно време за да се дојде до таа точка. Се приближувате ли?

К. Даниловски: Можеме да кажеме дека се приближуваме, но и целта се придвижува...поради сѐ поголемиот број на визуелни ефекти во секој филм веќе дури ни најголемите холивудски студија не се во состојба да одговорат на тој предизвик. Од друга страна, имавме еден помал проект кој целосно се изработи во ФХ3Х, тоа е проектот СИМ (SEAM) http://www.seamfilm.com/
СИМ е таканаречен инди проект, односно нискобуџетен самофинансиран краток филм на Мастер Ки филмс од режисерите Раџив и Алан Дасани кои креираа фантастична приказна со дејство во иднината. Тоа е визија за свет кој ги испрати овие браќа на снимање на Блискиот Исток, Кина, филм во кој се зборува на арапски, на мандарински и на англиски, филм за жена бегалец која бара засолниште по војна со машините креатори. Во таа потрага таа открива дека таа самата е темпирана бомба подметната во човечката популација без ничие знаење. Напнато, полно со визуелни ефекти, атрактивно, сигурно наскоро ќе слушнеме нешто ново за овие момци.
Тука бевме вклучени од самиот почеток, нашите артисти учествуваа во дизајните на леталата, на роботите, на борбените кули, на дизајнот на битките, во филмот имаше сериозен обем на визуелни ефекти и оценките беа многу позитивни.Кога режисерите се среќни и твитаат за нашата работа тоа е одлична препорака.

СО УПОРНОСТ, ИСТРАЈНОСТ И ФОКУС КОН ОНА ШТО САКАТЕ ДА ГО ПОСТИГНЕТЕ СМЕТАМ ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ ОСТВАРИ ЗАМИСЛЕНАТА ЦЕЛ

Работењето на визуелни ефекти, по својата природа, бара да се следат и да се инвестира во технолошките новитети. Што би ни кажале на таа тема?

К. Даниловски: Работата на визуелните ефекти сериозно бара инвестиции во технологија и новитети за да ја задржат атрактивноста за публиката. Она што било интересно пред десетина години, денес ни оддалеку не ги задоволува барањата и очекувањата на публиката. Развојот некогаш е видлив и од филм до филм и од нас се бара тој развој да го следиме со знаење, соодветна технологија и опрема, да следиме сѐ ново што се појавува, да знаеме кои технологии се најефикасни и се најдобри, да ги тестираме во нашиот систем на работа, особено брзината е суштествена карактеристика. Секогаш го споменуваме примерот со 3Д-техниката на изработка на визуелни ефекти: бевме меѓу првите во светот кои можеа и знаеја да работат во стерео техника, направивме наше 3Д-кино за да можеме да го видиме сработеното пред да го испратиме и тогаш работевме на Resident Evil и на Saw. Оттогаш работевме на проекти со технологија на виртуелна реалност (virtual reality), а оваа година работевме и на неколку проекти со augmented reality технологија. Тоа дека ја следиме технологијата се подразбира, се трудиме да внесеме иновации во неа како што е примерот со хибридна анимација која ја развивавме изминативе две години, каде што успеавме 900-минутна анимација да ја сработиме за една година со врвен квалитет, што е огромен успех. Сѐуште се водиме по старата девиза:„Добри сме колку што ни е добар последниот проект“ бидејќи нѐ проценуваат според најновото сработено, па се трудиме секогаш да е најдобро.

Го променија ли визуелните ефекти неповратно светот на филмот? Има мислења дека новите генерации имаат пократок период на одржување внимание и бараат брзина, акција. Ја одредува ли ова иднината на филмот генерално?

К. Даниловски: Визуелните ефекти не само што го сменија светот на филмот, и тоа дури непропорционално, ја сменија и публиката. Искуствените доживувања на публиката се разликуваат поради динамиката, интензитетот и брзината на движење во филмот и тоа не е повеќе очекување само на помладата публика, често и меѓу повозрасните има љубители на динамична акција. Тоа дефинитивно ја одредува иднината на филмот, би рекол и ја ограничува на некој начин, бидејќи сметам дека филмот мора да содржи сериозна доза на раскажување на приказна, драматуршки елементи кои визуелните ефекти треба само да го нагласат. Едно е сигурно: публиката е таа која ќе го дефинира развојот на филмот во иднина.

Вашиот совет за претприемачите?

К. Даниловски: Мојот совет би бил да бидат фокусирани на својата цел, свесни дека нема да ја реализираат преку ноќ ниту пак дека ќе биде лесно, тоа од сопствено искуство можам да го гарантирам. Ако бизнисот го направиле затоа што тоа сакаат да го работат, предизвиците и проблемите успешно ќе се надминат, полесно е човек целосно да се вложи кога ја сака работата што ја работи. Никогаш не сме потклекнувале пред предизвиците, сме барале решение како да си ја оствариме целта и секогаш имало добри и лоши моменти. Со упорност, истрајност и фокус кон она што сакате да го постигнете сметам дека може да се оствари замислената цел. Еве ние нашата за овие дваесет години, и покрај тоа што сме вистински блиску, не сме ја оствариле сѐуште :). Тоа е она што нѐ мотивира да продолжиме знаејќи дека можеме и подобро и повеќе и така и ќе продолжиме.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top