Е-Б-Ф-Б
ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО РЕАЛНИОТ СЕКТОР

Бранко Азески
Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија

Тоа што се случува во индустријата денес наоѓа свое место во статистичките прегледи на надлежните институции за најмалку 3 – 4 месеци – за да го надминеме тој временски јаз, како и расчекорот меѓу проекциите и состојбите кои во моментов се случуваат во реалниот сектор, во Стопанската комора на Македонија инициравме две активности.

Првата од нив е оваа објава – на овие страници во Економија и бизнис еднаш месечно ќе објавувам видувања и свежи информации за тековните состојби во реалниот сектор, податоци кои произлегуваат од секојдневните средби со стопанствениците и од состаноците кои ги организираме во Комората. Ова парче простор, кое срдечно ми го отстапи Зоран Јовановски, ќе има цел да обезбедува директен увид во состојбите во индустријата на тековно ниво пред тоа да се прикаже во статистичките објави.
Втората активност, која ќе ја реализираме во соработка со гувернерот на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, е заедничка соработка на Комората и на централната банка во однос на едно многу клучно прашање – обезбедувањето податоци од реалниот сектор за проекциите кои ги подготвува централната банка. Оваа соработка ќе биде од клучно значење имајќи предвид дека макроекономската и финансиската стабилност, како и редовните проекции кои ги подготвува централната банка имаат големо значење за компаниите при носењето деловни одлуки и планирањето, од една страна, но и дека на централната банка ѝ се потребни „свежи информации“, анкети и истражувања од теренот како подлога за подготвување на анализите. Стопанската комора на Македонија ќе се реорганизира логистички за да може да даде поддршка на овие активности.

Неспорно е дека реалниот сектор во земјава се соочува со предизвици. Иако за многумина можеби дојде како изненадување податокот дека стапката на реален раст на бруто домашниот производ (БДП) за првото тримесечје годинава достигна само 0,1 %, сепак, бројките не треба да изненадуваат ако се има предвид структурата на домашниот БДП – долгогодишната ниска конкурентност на македонската индустрија проследена со неповолните услови за стопанисување и негативните ефекти предизвикани од неефикасната приватизација, ниските домашни и странски инвестиции и инфраструктурните предизвици (вклучувајќи ја, на пример, искористеноста од само 5 % на единствениот гасовод во државава во што се уверивме и лично при посетата која ја реализиравме со членовите на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија на влезната станица на гасоводот на ГАМА во Жидилово). Сето ова придонесе македонското индустриско производство денес да не достигнува ни 65 % од оствареното индустриско производство во 1990 година поради што неопходно е вниманието да се насочи кон процесот на реиндустријализација.

Некои од другите показатели можат да дадат основа да се очекуваат подинамични позитивни тенденции во македонската економија во следните тримесечја од 2018 година (вклучувајќи ги тука растот на индустриското производство од 5,2 %, односно кај преработувачката индустрија од 7,4 % во однос на истиот период минатата година, позабрзаната динамика на растот на извозот од увозот за 5,5 индексни проценти, како и значителниот раст на нето директните странски инвестиции од 109,4 % во однос на првиот квартал минатата година).

Треба да се има предвид дека постигнатиот договор со Грција се очекува да ја интензивира економската соработка со Грција, која традиционално се наоѓа високо на листата на најголеми трговски партнери и инвеститори во земјава.
П. С. Информациите кои доаѓаат од компаниите членки на Комората даваат сериозни индикации за пад на домашната потрошувачка во вториот квартал, па очекувањата за подинамични позитивни тенденции во македонската економија во следниот квартал треба да бидат умерени.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top