Општество
„MACEDONIA MEGALOPOLIS – МАКЕДОНИЈА МЕГАЛОПОЛИС“ (втор дел)

Марјан Бојаџиев
Aвторот е ректор на Универзитет Американ Колеџ Скопје

Неопходна е дисперзија на администрацијата во 10 градови – пропорционално на населението и на учеството во создавање БДП. Според ваквиот модел, главен град и натаму е Скопје. Но, во Скопје од државната администрација би останале само претседателот на државата и на Владата. Министерствата и другите органи на управата би се дислоцирале во 10 градови: Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Кочани, Струмица, Куманово.

Во првиот дел од текстот во минатиот број на Економија и бизнис фокусот беше ставен на драматичното намалување на бројот на ученици и на вкупното население, како и на можното решение Македонија да избегне влегување во маѓепсан круг – преку спроведување политики со кои Македонија ќе функционира како мегалополис област со центар во Скопје и десет регионални центри, со одлична сообраќајна инфраструктура. Во ова продолжение акцентот ќе биде дисперзијата на потрошувачката преку дисперзија на јавната администрација во десетте регионални центри.

Влијание на јавната потрошувачка
За почеток, еве кус преглед на јавна потрошувачката, бројот на вработени во јавната администрација и нивните плати (табела бр. 6).
Бројот на вработени во јавната администрација, јавните претпријатија и другите дејности финансирани преку директни и индиректни даноци изнесува 145 000 лица24 или 19,7 отсто од вкупниот број на вработени (734 043 лица).25
Вработените во јавната администрација имаат просечна плата која е за 20 % повисока од просекот на Република Македонија. Просечната плата во Македонија, во мај 201726 година изнесуваше 22 889 денари, додека просечната плата во органите на управа изнесува 27 629 денари. Повисоката просечна плата во управата делумно се должи на повисоката квалификациска структура на вработените во администрацијата.

Економски ефект од дисперзија на јавната администрација
Но, што ќе се случи ако ја замислиме следнава хипотетичка ситуација: 145 000 вработени на државни јасли да се дисперзираат во целата мегалополиска област, односно низ цела Македонија. Времето и просторот на овој труд не дозволува ваква опсежна анализа поради што ќе појдеме од следниве две претпоставки: прво, бројот на административци (145 000) да се дистрибуира пропорционално на бројот на население и второ, административен вработен да има просечна плата од 348 000 денари годишно (29 000 х 12). Апроксимацијата е дека околу две третини од платата би биле испрќани на семејството кое не живее во истиот град, но затоа пак би постоел мал додаток на име на одвоен живот така што повторно говориме за 50% од нето-платата27 (табела бр. 7).
Се наметнува заклучокот дека БДП на региoните би се зголемил од 4,53 отсто во Вардарскиот Регион до 10,27 отсто во Полошкиот. Притоа не се земени предвид ефектите на мултипликација, како и другите ефекти и инвестиции, односно дека локалното население би инвестирало во станови кои можат да се изнајмуваат, како и дека Република Македонија или концесионер би обезбедил(е) инвестиции во патната инфраструктура.
Во градот Скопје ефектот би бил обратен, односно би се намалиле вработените во адинистрацијата. Тоа би значело негативен ефект од 12 % на БДП. Авторот смета дека стапката на намалување на потрошувачката е доволно ниска за да може да се компензира во период од две до пет години.

Демографски (или егзистенцијален) ефект од дисперзијата
Демографскиот ефект подразбира намалување на притисокот за доселување во град Скопје и зголемување или барем задржување на популацијата во регионалните центри. Но, најбитниот ефект за Скопје би бил намалениот притисок за доселување во градот и зголемување на атрактивноста за живеење во регионалните центри. Обемот на овој труд не доволува поширока анализа за очекуваното намалување на притисокот за доселување во Скопје. Сепак, еве неколку факти кои би дејствувале во таа насока: како прво, работни места надвор од Скопје. Во првата фаза веројатно дел од административните работници би биле отсутни од понедeлник до петок. Во втората фаза, која би ја очекувале за три до пет години, дел од семејствата ќе се придружат кон вработениот со што ќе имaме за првпат тренд на иселување од Скопје. Второ, пониските трошоци за живот би требало да придонесат кон поголема атрактивност на внатрешноста во однос на Скопје. И трето, добрата сообраќајна инфраструктура треба да значи подобрување на можноста за користење на бенефитите на културниот и економски живот од метрополата со можност за живеење во регионален центар.
Демографскиот ефект го нарекувам и егзистенцијален бидејќи, како прво, намалување на популацијата во Скопје во голема мера значи и намалување на загадувaњето. Во периодот 2014 – 2017 година имаше три консекутивни години на високи концентрации на ПМ 10 честички и загаден воздух. Понатаму, намалување на популацијата значи и намалување на притисокот за нови станбени единици во Скопје, што би требало да резултира со намалување на катноста на објектите. Катноста на објектите е веројатно еден од најзначајните фактори за зголемување на загадувањето на воздухот. Намалување на популацијата е и предуслов за подобрување на собраќајните текови. Со оглед дека Скопје нема подземна железница, како и со катастрофалната политика на Владата (2010 – 2017) за овозможување слободен увоз на половни автомобили се придонесе за ескалација на загадувањето на воздухот во Скопје. Зголемувањето на популацијата во регионалните центри значи и зголемување на пазарот и на куповната моќ, зголемување на работната сила, што би требало да резултира со присуство на нови бизниси. Респективно ова би значело излегување од „магичниот круг“.

Децентрализација на Македонија – дисперзија низ целата метрополитенска област
Во однос на потребата од дисперзија и од регионализација, да се послужам со два силогизма. Едниот се темели на премисите за главен град Скопје и за целата република како една МЕТРОПОЛИТЕНСКА ОБЛАСТ од што произлегува заклучокот дека целата Република е главен град, а вториот – ако 57 отсто од БДП се создава надвор од Скопје и 57 отсто од даночните приходи се генерираат надвор од Скопје, тогаш и 57 отсто од државните расходи треба да се алоцираат надвор од Скопје.
Оттаму и мислењето дека е неопходна дисперзија на администрацијата во 10 градови – пропорционално на населението и на учеството во создавање БДП.28 Според ваквиот модел, главен град и натаму е Скопје. Но, во Скопје од државната администрација би останале само претседателот на државата и на Владата. Министерствата и другите органи на управата би се дислоцирале во 10 градови: Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Кочани, Струмица, Куманово.
Администрацијата се состои од министерства и од органи во рамките на министерствата, но и самостојни органи. Во таа насока потребна е меѓуресорска група која би селектирала најдобра дистрибуција на министерствата, агенциите, комисиите и другите органи.
Предлагам функционална дистрибуција, односно дистрибуција на сродни органи. На пример: Министерството за финансии да биде лоцирано во еден град, можеби Битола, заедно со: Царинската управа, Управата за јавни приходи, Народна банка на Република Македонија, регулаторните тела за контрола на пензиските фондови и друштвата за осигурување.
Министерството за правда да биде лоцирано во еден град, на пример во Прилеп, заедно со: Државен правобранител, Јавно правобранителство, Јавно обвинителство на Републиката итн.
Многу е логично прашањето што ќе биде со објектите во Скопје.
Дел од објектите кои сега ги користи администрацијата во Скопје, се разбира, ќе останат во истата функција бидејќи селиме две третини од администрацијата, а не целата. Можеби споредбата Милано – Рим е добар репер: имено, Милано ги има сите бизнис-функции (Берза, Комисија за хартии од вредност), па дури и најпознатата културна институција (Скала (La Scala)).
Дел од објектите кои ќе бидат слободни можат да се искористат за аплицирање за меѓународни организации и институции (ЦЕИ, Светска банка (CEI, World Bank) и слично).
Крајната цел на ваквиот модел е развој на целата територија на Репубика Македонија преку создавање средна класа.

Што е средна класа?
Ако сакаме да создадеме средна класа, веројатно треба да одговориме на прашањето што е средна класа. Во САД29 постојат повеќе дефиниции и тоа според богатството, имотот, но и покомплексни социолошки пристапи (како на пример на St. Louis Federal Reserve Bank). Професорот James X. Sullivan ја дефинира средната класа како „средната петина“. Според проф. Sullivan во САД средната класа има потрошувачка од 38 200 до 49 900 долари.
Една од едноставните „психолошки“ дефиниции на средна класа е следнава. „Припадниците на средната класа во Америка сакаат да имаат стабилни работни места со добри приходи, да имаат пристојна здравствена заштита, да ги плаќаат сметките без поголеми проблеми, да уживаат во мали луксузи како на пример семеен годишен одмор. Тие поседуваат дом (куќа или стан), имаат автомобил, нивните деца студираат и се пензионираат комфорно“.30
Бројот на припадниците на средната класа според „перцепцијата на благосостојбата“ од претходниот став во САД е намален од 53 % во 2008 година на 44 %, што се должи на намалените очекувања за стабилност на работните места.31

Класите во Македонија
Во Македонија не постојат прецизни индикатори за структурата на богати, на средно имотни и на сиромашни. Но, постојат индикатори за сиромаштијата и за дистрибуцијата на доход.
Процентот на сиромашни во Македонија во 2015 година изнесуваше 21,5 %. Во однос на 2013 година, кога сиромаштијата била 24,2 %, говориме за одличен резултат, односно за намалување од 12 отсто (односно 2,7 процентни поени).32
Проблемот е што стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери е практично иста и во 2013 година и во 2015 година и таа изнесува 41 %, односно 40,5 %. Оттаму може да се заклучи дека сиромаштијата во Македонија се намалила само поради зголемените социјални трансфери кои, пак, не се одржливи на подолг рок, односно дека сиромаштијата во Македонија без социјалните трансфери е ФРАПАНТНА.
Да погледнеме и друг аспект, а тоа е структурата на платите. Состојбата со платите во Македонија е дадена во табела бр. 7 од каде што може да се заклучи дека сериозен проблем е што со низок приход (супстандарден и под минимум) се дури 65 отсто од вработените, со среден приход – средна класа се 30 отсто и со висок приход се само 5 отсто.33
Треба исто така да се има предвид дека овде оперираме со категоријата „приходи“. Во САД при утврдување на социјален стратум може да се земе предвид и „богатство“ и „фаза во животен циклус“. Исто така концептот на медијална средна вредност на платите подобро ги апстрахира екстремите: високите плати на менаџерите, ниските плати на почетниците и на неквалификуваната работна сила35.

Пресметка на класите во Македонија според Метода на потрошувачка
Според Mетодата на потрошувачка приходот се троши на: храна и пијалаци, транспорт и домување.36 Доколку се вклучи и образованието, тоа би опфатило дури 42 % од семејниот буџет во САД. Трошоците за исхрана би изнесувале само 6 %. Се разбира, говориме за висока средна класа со годишен приход по даноци од речиси 100 000 долари.
Каква би била ситуацијата во Македонија? Државниот завод за статистика до 2011 година го применуваше концептот на „потрошувачка кошничка“, т. е. трошоци за исхрана на четиричлено семејство37. Според последната објава, трошоците за исхрана биле 12 105 денари, односно 58,8 % од просечната плата.38
Горенаведеново е целосно во согласност со Енгеловиот закон кој вели дека со порастот на приходите се намалува процентот кој се троши на исхрана.39 Колку е помал процентот кој се троши на исхрана, толку имаме повеќе „средна класа“.
Влада (или влади) се обидуваат во различни периоди да воведат зголемување на минималната плата.40 Тоа е точен одговор на погрешно прашање. Вистинското прашање е како да се зголеми процентот на население кое има плата која го задоволува горенаведениот критериум, да ги покрие трошоците и да плаќа сметки без поголеми проблеми. Во продолжение ќе се обидам да ги апроксимирам овие трошоци за Скопје и за внатрешноста (табела бр. 8) .41
Средна класа во Македонија подразбира домаќинство од двајца вработени и две деца, започнува со приходи од 54 500 денари во Скопје, односно 43 640 денари во внатрешноста, што одговара на плата од 27 250 денари во Скопје, односно 21 820 денари во внатрешноста.
Да се потсетиме на платната структура.
Сегашната средна класа во Македонија опфаќа 21,2 %. Тоа се граѓаните кои живеат во четиричлено семејство во кое два члена имаат приходи од 24 000 до 40 000 денари, односно тоа се: 8,6 % (идеална половина од кластерот ниски приходи) со плата од 20 000 до 26 000 денари, потоа 5,9 %, односно целиот кластер со плата од 26 000 до 30 000 денари и 6,6 % – целиот кластер со плата од 30 000 до 40 000 денари, односно вкупно 21,1 %.
Авторот нема сознанија за состојбата по домаќинства, односно колку семејства/домаќинства имаат приходи од 13 625 денари по член на домаќинство во Скопје, односно 10 920 денари по член надвор од Скопје (две просечни плати во четиричлено семејство).
Според истиот извор, граница на сиромаштија во Македонија за четиричлено семејство е 164 560 денари, односно многу блиску до проекцијата на авторот42.

Колкава треба да биде средната класа?
За оваа цел ќе се послужиме со податоците за средната класа во Унгарија како земја компаративна со Македонија и за Соединетите Американски Држави (табела бр. 10).
Таргет за Македонија треба да биде да имаме средна класа на ниво на централноевропските држави, како на пример Унгарија, односно таргет за Македонија треба да биде: ПЛАТАТА НА КАТЕГОРИЈАТА СУПСТАНДАРДНИ ПРИМАЊА КОЈА Е ВО ПРОСЕК 16 000 ДЕНАРИ (ранг 12 000 до 20 000 денари) да се зголеми за 1/3 со што ќе се дојде до плата од 21 280 денари, која е праг за средна класа надвор од Скопје.
Доколку успееме да унапредиме половина од класата (8,6 %) која има плата од 20 000 до 26 000 (односно од 20 000 до 23 000 денари) да добива плата повисока за 10 до 20 %, како и да унапредиме половина од класата (15,6 %) која има плата 12 000 до 20 000 (односно просечно 16 000 денари) да прима плата повисока за 30 %, ние би имале средна класа од 45,2 проценти (21 % + 8,6 % + 15,6 % = 45,2 %).
Со тоа би имале средна класа на ниво на Унгарија. Quod Erat Deamostrandum

Наместо крај
Дисперзија на јавната администрација може да значи живот и опстанок за многу населени места во Мaкедонија. Исто така дисперзијата на јавната администрација може да влијае на зголемување на БДП во регионите надвор од Скопје за 20 %, респективно и на зголемување на платите.
Со зголемување на БДП за 20 % и со соодветно зголемување на примањата потребно е и маргинално зголемување на платите за уште 5 % до 10 % кое ќе се добие со ефектот на мултипликација. На тој начин ќе се зголеми средната класа и таа ќе стане доминантна во општеството.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top