Општество
ШТО ПРЕТСТАВУВА СПОГОДБАТА ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА МЕЃУ ЕУ И РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

Даниела Парат Јовановска
Авторот е магистер од областа на евроинтеграциите

На 23 мај 2018 година, во Службен весник на Европската Унија (Official Journal of the European Union) е објавена Нацрт-одлуката за премин на Република Македонија во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Доколку работите одат како што се очекува, таа одлука треба да се донесе на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација закажан за 13 јули годинава. Ова е финализирање на една долга патека што започна пред четиринаесет години кога Република Македонија ја започна првата фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. За каков процес станува збор, што се случуваше досега и како тој продолжува понатаму?

Процесот на стабилизација и асоцијација беше воведен од страна на Европската Унија во 1999 година како нејзин примарен придонес кон Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Логиката за создавањето на овој процес беше разбирањето дека земјите во регионот на Западен Балкан имаат потреба од цврста и реална перспектива која ќе ги мотивира да спроведат огромен број реформи кои ги очекува ЕУ од нив. Долгата листа на потребни реформи содржеше многу елементи од она што се нарекува „градење на државата“, вклучувајќи реформи во владеењето на правото, развој на демократски и стабилни институции и движење кон пазарна економија. Друга потреба што ја идентификуваше Европската Унија беше зајакнувањето на билатералните односи меѓу земјите од регионот со уверување дека ова ќе го отвори патот за поголема политичка и економска стабилност и развој. Третиот елемент што беше идентификуван беше потребата од флексибилност во пристапот на ЕУ со цел да се направи прилагодување кон специфичните потреби на секоја земја.

Беше предвидено процесот да биде составен од три фази: подготвителна фаза која ќе го трасира патот на потребните реформи и ќе ја подготви секоја земја поединечно за потпишување на спогодба за стабилизација и асоцијација со Унијата; втора фаза која се состои од преговори за спогодбата и нејзино усвојување; трета фаза која се состои од спроведување на договорот од страна на индивидуалните земји по што тие ќе постигнат целосна асоцијација со Европската Унија. Самитот на ЕУ во Загреб во ноември 2000 година стави официјален печат на оваа нова политика, на кој истовремено се парафираше Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Република Македонија.

Република Македонија е првата земја која потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација (ССА) и првата земја во која Спогодбата стапи во сила. ССА беше потпишана на 9 април 2001 година во Луксембург и по нејзината ратификација од сите потписници стапи во сила на 1 април 2004 година. ССА претставува рамка која ги регулира односите меѓу Европската Унија и Република Македонија за спроведување на Процесот на стабилизација и асоцијација.
Спогодбата е составена од десет глави и започнува со општи начела, потоа следуваат главите: политички дијалог, регионална соработка, слободно движење на стоки, движење на работници, основање претпријатија, услуги и капитал, приближување на законодавството и спроведување на законите, правда и внатрешни работи, политика на соработка, финансиска соработка и институционални, општи и завршни одредби.

Во делот за општите начела се утврдува времето за кое треба да се постигне целосна асоцијација при што се дефинира транзициски период од максимум 10 години, поделен во две последователни фази, иако од правен аспект нема дефинитивно временско ограничување. Во првата фаза на спроведување на ССА фокусот е на областите од главите III, V, VI и VII, кои се однесуваат на регионалната соработка, слободното движење, основање, давање услуги и капитал, приближувањето на законодавството и спроведувањето на законите, правда и внатрешни работи. Според одредбите на Спогодбата, четири години по нејзиното стапување во сила, Советот за стабилизација и асоцијација треба да го оцени постигнатиот напредок и да одлучи за започнувањето и времетраењето на втората фаза на ССА. Во изминативе години Република Македонија ги исполни сите обврски предвидени со првата фаза на спроведувањето на Спогодбата со посебен фокус на областите од главите III, V, VI и VII.

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграција, објавен во 2008 година, Европската комисија констатираше дека Република Македонија ги исполнува сите обврски предвидени во првата фаза на Спогодбата. Како резултат на тоа, во октомври 2009 година, Европската комисија предложи одобрување и донесување одлука за преминување кон втора фаза на имплементација на ССА. Грција го блокираше преминот во втората фаза и процесот стои закочен веќе 9 години. Иако препораката на Европската комисија секоја година се повторува, таа не е соодветно потврдена од Советот на ЕУ.

Кон крајот на февруари 2018 година, Министерството за надворешни работи прими вербална нота од Канцеларијата за врски на Република Грција во која се информира дека Република Грција нема резерви во однос на преминот на Република Македонија во втората фаза на ССА, но сепак конечната одлука за тоа очекуваме да биде донесена на состанокот на Советот во јули. Откако ќе се донесе официјалната одлука би биле потребни околу два месеци за да се направат потребните анализи за тоа каде е земјата во поглед на усогласувањето со европското законодавство во областите опфатени со ССА и врз основа на утврдената состојба ќе треба да се одлучи колку би траела втората фаза на Спогодбата.

Преминот во втората фаза ќе го отвори патот за понатамошно усогласување со европското законодавство и продолжување на процесот на асоцијација. Ќе уследат промени во повеќе области и тие промени ќе бидат почувствувани од македонските граѓани и фирми. Клучни области во кои се очекуваат најголемите промени се правото на основање претпријатија, давањето услуги, движењето на капитал и плаќањата.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top