Општество
Нина Дечева: МАКЕДОНИЈА ВО СЛЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ

Средношколец од Меѓународната гимназија „НОВА“

Секоја сабота во 12 часот, зад Меморијалниот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, десетици бездомници се собираат за да ги соберат своите неделни оброци. Пакетите најчесто се состојат од парче овошје, половина леб и еден зготвен оброк, и се далеку од скромни, но сигурно нема да траат цела недела. Како ученик во Интернационалното средно училиште НОВА во Скопје, преку Програмата за служење во заедницата, имам можност да учествувам во овие акции повеќепати. Сепак, иако јас навистина чувствувам дека на бездомниците им се помага, има уште толку многу да се направи за да им се олесни нивниот секојдневен живот; сепак, не се преземаат дополнителни мерки за подобрување на ситуацијата – се прави само онолку колку што поединците можат да сторат сами, без помош на поголем субјект. Но, како ова и Македонија воопшто ќе изгледаат за 25 години од сега?

На почетокот би сакала да кажам дека изгледаше примамливо на темава да почнам да пишувам кратка научно-фантастична приказна со летачки автомобили и скенери кои веднаш можат да излечат каква било болест, но, за жал – сѐ уште не сме таму. Според мене, тоа всушност и нема смисла да се прави кога сè уште постојат бројни фундаментални проблеми во светот кои сѐ уште чекаат да бидат решени.

За почеток, една голема промена која верувам дека ќе се случи во следните 25 години е дека Македонија ќе стане членка на НАТО и на Европската Унија. Тоа е долг и тежок пат, а најтешкиот дел допрва треба да се случи, но сигурна сум дека на крајот сè ќе дојде на свое место. Географски Македонија е дел од Европа, а ние се чувствуваме како Европјани. Сè што останува е Македонија формално да стане дел од Европската Унија. Кога ќе влеземе во ЕУ, покрај многу потребните социјални бенефиции, како на пример подобра општествена инфраструктура, и што е уште поважно ќе почнеме да работиме кон просперитетен и мирен свет заедно со други водечки земји.

Потоа би сакала да се фокусирам на македонската економија. Кога ги гледаме најновите светски економски и технолошки трендови, сè повеќе внимание се обрнува на еден посебен аспект, а тоа е концептот на вештачката интелигенција. Како што се гледа од овие трендови, работните места во индустријата ќе се потпираат сè повеќе на високоразвиени технологии, што значи дека светот е на работ на целосна дигитализација, а многу луѓе, како на пример работниците во фабриките, ќе завршат на улица бидејќи не се квалификувани за која било друга работа. За жал, Македонија значително заостанува во технолошкиот напредок и не може да го надмине тој јаз во релативно кратко време. Во овој контекст верувам дека Македонија ќе направи паметен избор и ќе се сврти кон искористување на потенцијалот на секторот услуги, особено развојот на туристичките услуги и индустријата за забава.

ЈАС СУМ ЦЕЛОСНО СВЕСНА ДЕКА ОВОЈ ЕСЕЈ Е САМО ГРЕБЕЊЕ ПО ПОВРШИНАТА НА ОНА ШТО ИДНИНАТА ГО НОСИ ЗА МАКЕДОНИЈА. ПОСТОЈАТ ГОЛЕМ БРОЈ ПРАШАЊА И СОЦИЈАЛНИ ПРОБЛЕМИ КОИ НЕ СЕ СПОМЕНАТИ. СЕПАК, ИМА ТОЛКУ МНОГУ РАБОТИ НА КОИ ТРЕБА ДА СЕ РАБОТИ ВО ЗЕМЈАВА, НО ЛЕКЦИЈАТА ШТО СЕКОЈ ЧОВЕК ТРЕБА ДА ЈА НАУЧИ Е ДЕКА ДЕНЕС ДУРИ И НЕБОТО НЕ Е ГРАНИЦА

Во текот на следните 25 години би очекувала Македонија да научи како да го усоврши привлекувањето странски туристи. Нашава земја е целосно потценета и неистражена туристичка дестинација, често занемарена поради фактот што нема излез на море. Она што луѓето кои никогаш не биле во Македонија не го знаат е неверојатната природна убавина, извонредната храна и вино и богатата историја што може да ја понуди. Постојат многу ефикасни начини да се истакне убавината на Македонија, а начините сè уште не се доволно развиени. На пример, соработката со странските држави може да помогне во зголемувањето на бројот на меѓународни конференции или настани (независно дали се тоа политички, спортски или културни настани), додека, пак, ако тие се спонзорирани од релативно непознати прехранбени компании или винарии како Попова Кула, тоа ќе биде фантастична можност да ги промовираат нивниот бренд и име. Освен тоа, подобрувањето на регионалната соработка е исто така клучно за идниот развој на Македонија. На пример, Виа Игнација, која е изградена уште во време на Римјаните, започнува во Албанија, поминува низ Македонија и конечно завршува во Грција. Ако сите три земји имаат цврста меѓусебна соработка во областа на културата, регионалниот туризам ќе почне да цвета.

Понатаму, Македонија има силна основа во креативните области како литературата, уметноста, музиката, театарот и филмот. Поконкретно ја гледам Македонија како иден центар за филмската индустрија. Кога Леонардо ди Каприо доби Оскар за најдобар актер во главна улога во филмот „Повратник“ (The Revenant) во 2015 година на Алехандро Гонзалез Ињариту, никој не можеше да претпостави пред десет години дека неверојатната сцена на борба со мечка која беше највпечатлива во еден толку високопризнаен филм ќе има специјални ефекти направени токму овде во Скопје, во малку позната компанија за визуелни ефекти ФX3X. Оваа компанија создава специјални ефекти за безброј холивудски блокбастери веќе подолго време и нивната напорна работа е совршен пример дека тоа што некој е од мала земја не мора да биде ограничување за остварување на соништата.

Единствено што останува неодговорено е како јас би придонела за идниот развој на Македонија. Јас отсекогаш сум била огромен обожавател на филмови. Во изминативе неколку години ги гледав речиси сите филмови номинирани за Оскар по што читав многу филмски критики за да го формирам моето мислење пред да ја гледам церемонијата на доделување награди. Во блиска иднина планирам посериозно да бидам ангажирана со работа на филмови, било да е тоа како режисер, продуцент или на друг начин. Според мене Македонија има идеални услови и средина за започнување на успешна филмска индустрија, како што е примерот со Чешка. Таков чекор би генерирал нови работни места (бидејќи филмската индустрија опфаќа голем број професии), а сигурно ќе го зголеми и економскиот раст на Македонија.

На крај, да заклучам, јас сум целосно свесна дека овој есеј е само гребење по површината на она што иднината го носи за Македонија. Постојат голем број прашања и социјални проблеми кои не се споменати, како на пример неефикасниот образовен систем. Сепак, има толку многу работи на кои треба да се работи во земјава, но лекцијата што секој човек треба да ја научи е дека денес дури и небото не е граница.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top