Е-Б-Ф-Б
СО ЕДЕН ДИГИТАЛЕН КУРШУМ – ДО СЕДУМ ЗАЈАЧИЊА ОД ОБЛАСТА НА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

Павле Гацов
Авторот е Претседател на Собранието на Сојузот на сметководители на Република Македонија

МОЖЕ И ПОИНАКУ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

Нови и интересни работи можат да се случуваат и во навидум „традиционалните“ јавни финансии
Наскоро Владата на РМ ќе излезе во јавноста со предлог на нови законски решенија (веројатно со целосно нов закон) за оданочување на личниот доход на граѓаните. Ќе се отвори дискусија за предложената прогресија, за прагот над кој ќе се применува повисока даночна стапка и за сите други подробности кои ќе го уредат даночниот третман на доходот на граѓаните. Впрочем, тоа е запишано во Програмата на Владата.
Се чини дека настрана од фокусот на јавноста останува прашањето на уредување на некаква форма на промени во даночниот третман на добивката на компаниите. Можното воведување на прогресија кај овој данок, утврдување на прецизен режим на трансферните цени, намалување на даночните ослободувања и нивно попрецизно уредување, утврдување на режим на целосно изложување на сопствениците од т.н. даночни раеви и сл., се само некои од темите кои се интересни за професионалната и за општата граѓанска јавност.
Потоа на ред треба да дојде уредувањето на некаква форма на зголемување на даночниот товар на имотот во посед на граѓаните, особено оној дел кој не влегува во категоријата имот потребен за живеење... Зарем само зголемувањето на даночниот товар е решение за недостатокот на средства за финансирање на јавните услуги?
Се чини дека многу малку владина енергија се троши на реструктурирање на расходниот дел на јавните финансии. Како да се штеди на маргинални нешта, а се троши без мерка на големите суми (читај: јавните набавки)... Но, за тоа во друга прилика.
Овој текст нема амбиција да открива детали за новите даночни решенија, односно да предлага решенија со кои ќе се зголемува даночниот товар на граѓаните, односно товарот на компаниите како даночни обврзници.

СО ЕДНА ДОБРА СОФТВЕРСКА ПРОГРАМА МОЖЕ ДА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ВЛАДИНИТЕ ВЕТУВАЊА, НО МОЖЕБИ ПОСЕБНИ ДОМАШНИ РЕСУРСИ НЕ СЕ НИТУ ПОТРЕБНИ, ДОВОЛНО Е ДА СЕ КОРИСТАТ ПОДГОТВЕНИТЕ И ОПЕРАТИВНИ Е-АЛАТКИ НА ГИГАНТИТЕ ШТО УПРАВУВААТ СО ПЛАТЕЖНИТЕ КАРТИЧКИ, ТИЕ ДА ДОБИЈАТ НАЦИОНАЛНИ КАРАКТЕРИСТИКИ И ... ДА СЕ ПУШТАТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈА.

Не носат само повисоките даночни стапки поголеми даночни приходи
Со овој текст имаме едноставна и лесна амбиција – да предложиме механизам кој ќе ја минимизира сивата економија и ќе создаде алатки со кои ќе се остварат повеќе цели. Кој механизам? Да одиме по ред.
Се работи за процес на организирано истиснување на готовите пари од оптек и нивна замена со дигитални пари. За овој неодминлив процес на страниците од ова списание сме пишувале повеќе пати, главно афирмативно, но на концепциски начин.
Сметаме дека доаѓа време да се посветиме на оперативните аспекти од користењето на дигиталните наместо готовите пари во оптек. И ова да го направиме ставајќи се во кожата на владините службеници кои бараат механизми за реализација на сите ветувања запишани во владината програма. Да одиме по ред.
Со една добра софтверска програма може да се реализираат голем дел од владините ветувања, но можеби посебни домашни ресурси не се ниту потребни, доволно е да се користат подготвените и оперативни е-алатки на гигантите што управуваат со платежните картички, тие да добијат национални карактеристики и ... да се пуштат во реализација.
Во рамките на овој процес компаниите како даночни обврзници ќе мора да набавуваат нови системи за евиденција за кои ќе им треба средства, односно вложувања во смисла на набавка на нови помодерни пос терминали (во денешно време функционалноста на пос терминал може да ја врши и мобилен телефон). Овие вложувања за компаниите, обврзници на данокот на добивка, односно за обврзници на данокот на годишен вкупен приход и физички лица вршители на самостојна дејност ќе има третман на набавка која ја намалува даночната основа на двоен начин, прво, преку вредноста на набавката и второ, на систематски начин преку вредноста на пресметаната амортизација.
На тој начин деловните даночни обврзници нема да имаат трошоци за набавка на новите пос терминали, од една страна, а од друга страна тие ќе се стекнат со софтверски производ од новото време кој значително ќе влијае на олеснување на финансиското работење, подобрување на евиденцијата и подобро финансиско известување (укинување, односно поедноставување на актуелните ДДВ пријави).

Со еден удар...
Да продолжиме уште подлабоко кон оперативното ниво.
Не постои потреба од раздвојување на чинот на издавање на фискална сметка и нејзината наплата. Имено, со продажбата на еден производ на граѓанин кој би платил со платежна картичка од модерното време ќе се случат следниве финансиско-даночни трансакции:
- намалување (одземање) на паричните средства од трансакциската сметка на купувачот,
- пренос на 18 % (или 5 %) од вкупната вредност на финансиската трансакција во корист на трезорската сметка, соодветна уплатна сметка за данокот на додадена вредност,
- паралелно враќање на 15 % од вредноста на пресметаното ДДВ (од втората алинеја) на истата трансакциска сметка на купувачот од која е извршено плаќањето за направениот промет (се работи за предизборно ветување за кое авторот на овој текст нема добро мислење),
- пренос на финансиските средства одземени од трансакциската сметка на купувачот на трансакциската сметка на продавачот за делот на неговиот припаѓачки приход, односно по претходно одземање на обврската за ДДВ од вкупниот износ на сметката,
- можност за автоматски поврат (cash back) на дел од наплатените приходи во корист на сметката на купувачот.
Со ваквиот софтверски пакет со едноставна наплата на сметката ќе биде издадена фискална сметка, доказ (слип) за извршено плаќање, наплата на ДДВ, поврат на ДДВ, наплата на приходот и поврат на дел од средствата (cash back) на купувачот. Со еден дигитален куршум – ќе бидат застрелани 7 зајаци, односно ќе бидат реализирани толкав број на финансиско-даночни трансакции.
Ако надлежните ги напуштат добро изгазените патеки по кои досега се работело и започнат да разгазуваат нови дигитални патеки и истовремено ако отворат фронт за промовирање на дигиталните пари за сметка на готовите пари во оптек, ќе создадат објективни услови за намалување на сивата економија, демонетизација на јавните и приватните финансии и зголемување на наплатата на јавните приходи. Ефектите? Ефектите ќе придонесат за зголемување на наплатените јавни (даночни) приходи за околу 350 милиони евра без зголемување на даночни стапки, прогресија и слични даночни „дреболии“. За сите останати позитивности побарај наши постари текстови во ова списание.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top