Интервјуа
БИЗНИСОТ ЌЕ ПОМОГНЕ ВО СОЗДАВАЊЕ МЛАДИ КАДРИ КОИ ЌЕ ОДГОВОРАТ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА НОВОТО ДИГИТАЛНО ВРЕМЕ

Штефан Петер
Претседател на Советот за странски инвестиции и претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија


Како странските инвеститори во земјава ја оценуваат бизнис-климата?

Ш. Петер: Факт е дека политичката криза што беше актуелна во изминатиов период влијаеше негативно врз одлуките на странските компании да инвестираат во Македонија. Претпазливи беа и странските компании што веќе работат на македонскиот пазар за тоа колку ќе ги зголемат своите инвестиции во одредени операции на пазарот. Таквата ситуација од денешен аспект е надмината и во голема мерка подобрена, а сигналите се позитивни oсобено сега кога Европската комисија даде позитивна препорака за започнување на преговорите за членство, што испраќа јасен позитивен сигнал до инвеститорите за стабилизација. Ова е секако многу добро од аспект на политичка стабилност и ние како Совет на странски инвеститори тоа го споделуваме со сите заинтересирани инвеститори. Бизнисот секогаш сака да добие јасна слика за состојбите од веќе присутни компании кои имаат искуство, па нормално многу странски инвеститори кога размислуваат да инвестираат тука се обраќаат до нас, покрај другите институции од кои се информираат.
Покрај политичкиот аспект, особено значајна е и правната сигурност за инвеститорите. Конзистентноста на законските решенија и подзаконските акти и владеење на правото е клучен фактор при носењето одлуки дали да се вложува во една земја или не, како и функционалноста на јавната администрација.
За сите овие аспекти ние зборуваме со Владата и со сите надлежни институции бидејќи само преку отворен дијалог можат да се најдат решенија за проблемите со кои се соочуваат инвеститорите во пракса. Секогаш има можност за подобрување, но само преку континуирана соработка може да има напредок. Ова го нотирам бидејќи и спремноста на системот да биде во дијалог со странските компании и генерално со бизнис-заедницата исто така ги дефинира позитивно условите за водење бизнис.

Еден од клучните фактори за инвестирање покрај другите е и структурата на работната сила во Македонија. Дали структурата на пазарот на труд во моментов според Вас може да се вклопи во барањата на реалниот сектор?

Ш. Петер: Точно, ова е многу важен фактор за сите компании без исклучок, дали се работи за компанија со странски или со домашен капитал. Структурата на работна сила во Македонија не е поволна затоа што образовните институции продуцираат кадри што не се совпаѓаат со тоа што се бара на пазарот. Во последниве години има промени и во овој сегмент како резултат на соработката меѓу дел од образовните институции и компаниите, па во рамките на оваа соработка се прават напори за промени на образовните програми со цел да се продуцираат кадри кои им се потребни на компаниите, а на младите ќе им овозможат брзо вработување.
Но, сепак, за целосно да се смени образовниот систем треба време, тоа не е едноставен процес. Реалниот сектор мора и сам да дејствува за да го помогне овој процес. Затоа голем број компании стипендираат студенти и им овозможуваат пракса во текот на едукацијата со што тие добиваат една поширока едукација, а компаниите добиваат нов млад кадар спремен да влезе во процесот на компанијата и да се соочи со предизвиците. На пример, ние во ЕВН Македонија стипендираме студенти на техничките факултети и на тој начин создаваме кадар што во иднина ќе може да ги предводи процесите во компанијата, и тоа успешно бидејќи во текот на едукацијата имале можност да се едуцираат преку запознавање и учење од работниот процес. Ние ваква практика имаме и со програми наменети за средни училишта. Познато е дека квалификуваните работници се дефицитарни. Затоа започнавме соработка со средното училиште „Михајло Пупин“ помагајќи во едукацијата на идни електромонтери кои по завршување на средното училиште ќе можат да се вработат во нашата компанија. Вакви примери има многу. Многу компании помагаат во процесот на структурна промена на образованието и тоа е добро.

Го промовиравте проектот „Ден со водечките македонски извршни менаџери“. Кажете ни нешто повеќе за овој проект, што сакате да постигнете преку него?

Ш. Петер: Ова е проект кој има цел на младите студенти кои се стремат да станат идни лидери во различни области да споделат реално искуство со менаџери во водечките компании. Лично мислам дека ова е одличен проект бидејќи студентите ќе имаат можност да добијат искуства и вештини, но и да видат изворно како изгледа работниот ден на еден менаџер на врвна компанија и со какви предизвици се соочува. Особено ќе стекнат искуства и увид во можеби најважниот аспект поврзан со начините на справување со предизвиците. Истовремено овој проект ќе им овозможи на студентите да видат и различна деловна култура на менаџерите кои доаѓаат од различни земји, што ќе им даде еден интернационален поглед на работите. Во проектот се вклучени: ЕВН Македонија, Арчелор Митал Скопје, Комфи Ангел, Ван Хол Македонија и Пивара Скопје. Проектот е под покровителство на претседателот на Република Македонија, господинот Ѓорѓе Иванов. Искрено се надевам дека овој преокт ќе предизвика голем интерес кај студентите.

Што друго можат да направат компаниите за подобрување на квалитетот и на перформансите на стручната работна сила, особено кај младите кои се носители на идниот развој?

Ш. Петер: Живееме во ера на брзи промени и технолошки развој кој со својата брзина ги детерминира целокупното човечко живеење и начинот на дејствување. Тоа го гледаме и го чувствуваме на секој чекор, а заклучокот од сето тоа е јасен – мора да дејствуваме глобално и широко да ги анализираме и гледаме нештата бидејќи технолошкиот развој ги надмина сите граници и физички далечини. Споделувањето на искуствата е од огромно значење, а конкурентноста на работната сила денес зависи не само од доброто образование туку и од технолошките вештини и интернационалното искуство. Токму тоа со проектот „Ден со водечките македонски извршни менаџери“ ние им го овозможуваме на младите, да стекнат интернационално искуство преку средби со менаџерите кои веќе го имаат тоа искуство и имаат знаење и да почнат да размислуваат широко. Ова искуство многу ќе им помогне во натамошната кариера, ние искрено се надеваме во тоа и несебично ќе го споделиме целокупното наше знаење и искуство со нив.

Владата неодамна ја промовираше Програмата за поддршка на компаниите во Македонија. Како ја оценувате и сметате ли дека ќе има резултат?

Ш. Петер: Секако ова е позитивен сигнал од страна на Владата, особено затоа што планот еднакво ги третира и домашните и странските компании. Најавената транспарентност во однос на тоа како ќе се даваат овие субвенции на компаниите е одличен чекор бидејќи се работи за јавни пари, па оттука добро е и за Владата и за компаниите овој процес да се одвива транспарентно. Така ќе се избегнат шпекулациите за тоа дека одредени компании или сектори се фаворизирани, независно дали се работи за домашни или за странски компании. Сепак треба да почекаме за да ги оцениме ефектите од овој план. Идејата е добра, но многу важно е каква ќе биде процедурта за добивање на поддршката.
За да имаат бенефит компаниите мора да ја добијат поддршката во реално време и низ брза, ефикасна и секако транспарентна процедура. Знаете, и во Европската Унија има многу субвенции, но не е едноставно да се добијат. Од административни причини честопати постапката е долга, а компаниите не се во позиција толку долго да чекаат бидејќи ги губат пазарните позиции. Времето е многу важно во бизнисот. Затоа да почекаме да видиме како овој план ќе се реализира во пракса и што ќе значи тоа за бизнисот во Македонија. Секако ова е позитивен сигнал за бизнисот, но важни се и правната сигурност и стабилната политичка состојба.

ВО БИЗНИСОТ ПРЕОВЛАДУВА ИНТЕРЕСОТ И ТОА СЕКОГАШ Е ТАКА. АКО ГО ИМАМЕ ТОА ПРЕДВИД МОЖЕМЕ ДА КОНСТАТИРАМЕ ДЕКА КОМПАНИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СОРАБОТУВААТ ВО МЕРКА ВО КОЈА СИ ГО НАШЛЕ ЗАЕДНИЧКИОТ ИНТЕРЕС

Како ја оценувате соработката на странските и домашните компании во Македонија?

Ш. Петер: Соработката во реалниот сектор се базира на многу јасна основа, а тоа е заемен интерес и можност и двете страни да ги остварат своите бизнис-цели. Тргнувајќи од тоа, доколку компаниите најдат заеднички јазик и доколку и двете страни се задоволни, соработката е неминовна. Ако и едната и другата страна во бизнис-преговорите кај својот партнер го наоѓаат тоа што го бараат и по добра цена, тогаш тие ќе соработуваат. Исто така во бизнисот важно е соработниците да делат генерално иста бизнис-визија и да се разбираат. Така што ако двете страни најдат интерес нема зошто да не соработуваат, а во овој процес воопшто не игра улога дали една од компаниите е со домашен, а другата со странски капитал. Во бизнисот преовладува интересот и тоа секогаш е така. Ако го имаме тоа предвид можеме да констатираме дека компаниите во Македонија соработуваат во мерка во која си го нашле заедничкиот интерес. Во јавноста и во разговорите често се поставува прашањето дали е можно оваа соработка да се зголеми, а одговорот е секако потврден. Нема друга причина поради која странските компании во Македонија не соработуваат со домашните. Тогаш кога странските компании избираат како партнер странска компанија, тогаш тоа се должи на фактот што не нашле домашна компанија која ги исполнува стандардите кои биле услов или пак цената која била понудена била повисока.
Во моментов јас ја оценувам оваа соработка на задоволително ниво, но има можност за поголема соработка, а за да се реализира тоа треба да се исполнат одредени услови. Компаниите мора повеќе да се ангажираат и да создаваат релации, да ги нудат своите производи и услуги по конкурентна цена. Исто така важно е домашните компании да ја унапредат својата технолошка подготвеност за да испорачаат подобар производ или услуга по добра цена. Секогаш има простор за подобрување и ние сите како бизнис-заедница се обидуваме да постигнеме поголемо ниво на соработка.

Една од целите на Советот за странски инвеститори е и отворен дијалог со Владата, па во таа насока како ја оценувате соработката со Владата и каков е нивниот однос со странските инвеститори?

Ш. Петер: Со Владата имаме редовна комуникација и разговараме за сите отворени прашања. Ние ги аргументираме сите наши ставови и барања и задоволни сме што сме консултирани за одредени закони. Сепак се залагаме за продлабочување на оваа соработка, особено во делот на носењето закони бидејќи за нас е важно да го кажеме нашето мислење и да дадеме предлози во фазата на носење на законите, кога има простор за одредени интервенции, а со цел пофункционални решенија во интерес на сите.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top