Е-Б-Ф-Б
ЗОШТО ТРЕБА ДА АНГАЖИРАТЕ КОНСУЛТАНТ ЗА ВАШИОТ ДИГИТАЛЕН МАРКЕТИНГ?

Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk

Неодамна имав прилика на еден настан за стартапи во Македонија да се запознаам со еден млад Британец кој пред кратко време „запловил“ во водите на дигиталниот маркетинг и тука беше дојден да сподели искуство, да учи и да напредува во својата кариера, секако.

По неколку кратки размени на искуства за типот на проектите на кои работиме, ми постави едно, по малку болно, прашање. Колку чини еден консултантски час на нашиот пазар? Се разбира, прашањето се однесуваше за областа за која разговаравме, дигитален маркетинг.

Дигиталниот маркетинг, ако уште има и потреба да го двоиме во таа традиционална смисла на дигитален и т.н. традиционален, се разви многу низ годините. Веќе не е нов, далеку од тоа, постои и интензивно од ден на ден, ама буквално од ден на ден драматично многу се развива последниве 15 до 20 години. Низ сиве овие години се случија голем број промени, но и голем број грешки и научени лекции. Денес, како и во секоја поразвиена бизнис-гранка, ретко кој може и умее да следи и да знае сè во својот домен. И нормално дека не треба и не може да се очекува тоа, но сепак мора некој да умее да ги раководи работите.
Кај дигиталниот маркетинг тоа значи дека некој би требало да биде добро бизнис и маркетинг поткован, да разбира технологија, дизајн, корисничко искуство, продажба, корпоративна комуникација, грижа за корисници и сл.
Поттикнати од преголемиот број новитети кои секојдневно се појавуваат и ни го зафаќаат вниманието, често оние кои оперативно се вклучени во работата се презафатени да ги „искликаат“ сите нови опции и можности кои ги нуди следната хит платформа. Нема ништо лошо во тоа, но често кога основниот тим е посветен на оперативното, ден за ден, функционирање на маркетинг активностите, се испушта големата слика од раце. Често од малите работи може да се заборави на поголемите и, пред сè, поради недостатокот на искуство може на крај сето тоа да чини повеќе од што било планирано.

ИЗБОРОТ НА ТЕХНИЧКО РЕШЕНИЕ ЗА КОЈА И ДА Е АКТИВНОСТ ДОАЃА ПО ОДГОВАРАЊЕ НА СЕРИЈА ПРАШАЊА ЗА РЕАЛНИТЕ ПОТРЕБИ, А НЕ ОБРАТНО. ТОКМУ ЗАТОА ИСКУСЕН КОНСУЛТАНТ МОЖЕ ДА ЧИНИ МНОГУ ПОЕВТИНО ОД ЗАЛУДНО ПОТРОШЕНИ ПАРИ. НЕГОВАТА УЛОГА Е ДА ГИ ДЕФИНИРА ПОТРЕБИТЕ, ДА ЗНАЕ КОИ РЕШЕНИЈА СТОЈАТ НА РАСПОЛАГАЊЕ, ДА ПРОЦЕНИ И ДА ПРЕДУПРЕДИ КОИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ И НЕДОСТАТОЦИТЕ НА СЕКОЕ ОД НИВ И ДА МУ ПОМОГНЕ НА МЕНАЏМЕНТОТ ДА ДОНЕСЕ ВИСТИНСКА ОДЛУКА

Во серија случаи искуството и стратешкиот поглед на ситуацијата се покажувал како клучен. Способноста да се изнајде комбинација од решенија драматично го кратело времето и ресурсите потребни за реализација. Низ времето јас често себеси со својата улога во одредени проекти повеќе сум се гледал како консултант, советник, менаџер отколку како оперативен имплементатор на работата. Со таа мала напомена, да се навратам на прашањето од претходно, што најчесто не сум имал прилика да го наплатам тој работен час како консултант. Значи мојот одговор кон младиот Британец беше 0 денари/евра/долари/фунти. Нормално беше изненаден и зачуден, па затоа веднаш морав да му кажам дека најчесто консултациите одат рака под рака со оперативната имплементација за да може да се наплати. Но, и покрај тоа, мислам дека оваа наша индустрија полека, но сигурно ја доживува својата зрелост и доаѓа период во кој ќе им е полесно на компаниите да ги согледаат предностите на ангажирањето консултант.
Во продолжение е мојот обид да предочам само некои од предностите кои ги добивате ако ангажирате консултант за вашиот дигитален маркетинг.

1 Консултантите за дигитален маркетинг секогаш ги следат трендовите
Како што веќе напоменав, во оваа индустрија работите се менуваат брзо, трендовите исто така, па затоа важно е да се советувате со некој кој ќе умее на време да ве посоветува на кои работи да се фокусирате, а на кои да не посветувате внимание. Или поконкретно, дали треба да се појавите на секој нов сервис кој ќе налета или на кои, колку и како да се фокусирате во претстојниот период.

2 Поевтино е да ангажирате консултант
Да можам само да ги набројам ситуациите во кои сум/сме биле повикани предоцна кога веќе биле потрошени огромни средства за решенија и за стратегии кои не функционираат. Ова особено важи за изработка на нови сајтови и решенија за е-трговија. Ако немате искусен член на тимот кој ќе ја направи соодветната анализа на реалните потреби, ако не ги испише сите потребни функционалности кои ќе ви требаат од вашето системско решение во следните неколку фази, ако не ги постави работите така за да можат тие лесно, брзо и евтино да се развиваат во блиска иднина, тогаш цената на чинење може да биде поголема и 10 пати. Компаниите како консултанти ги гледаат посредниците (продавачите) во компаниите кои ги нудат софтверските решенија, но по првото или по второто негативно искуство сфаќаат дека продавачот од другата страна често не умее соодветно да ги процени нивните потреби, секогаш го турка решението кое го продава и ги затскрива функционалностите кои не му се од интерес да ги продава. Изборот на техничко решение за која и да е активност доаѓа по одговарање на серија прашања за реалните потреби, а не обратно. Токму затоа искусен консултант може да чини многу поевтино од залудно потрошени пари. Неговата улога е да ги дефинира потребите, да знае кои решенија стојат на располагање, да процени и да предупреди кои се предностите и недостатоците на секое од нив и да му помогне на менаџментот да донесе вистинска одлука. Слична е ситуацијата и при избор на платформи, на сервиси, на начини на реализирање на кампањи.

ЧЕСТО КОНСУЛТАНТИТЕ СЛУЖАТ И КАКО ГУЛАБИ ПИСМОНОСЦИ КОИ ВСУШНОСТ ГО ПРАВАТ ТРАНСФЕРОТ НА ИНФОРМАЦИИ, НА ЗНАЕЊА ОД ЕДНА ВО ДРУГА КОМПАНИЈА, ИНДУСТРИЈА И СЛ.

3 Консултантите можат да го едуцираат вашиот тим
Покрај директната работа во носење одлуки или дефинирање пристап, консултантот може да им посочи на вработените во која насока е важно да се развиваат, каде да го бараат решението или како да ги измерат резултатите. Често, како што веќе напоменав, оперативците ги знаат деталите на системот или на сегментот кој го работат, но пропуштаат да ја видат поголемата слика и да најдат начин со комбинација на техники да постигнат подобар ефект. Ова особено доаѓа до израз кај поголемите корпорации каде што често и самото поле на дејствување е многу ограничено, па потребно е познавање и искуство за повеќе начини на решавање на одредена ситуација.

4 Консултантот за дигиталниот маркетинг носи искуство од повеќе различни индустрии.
Ова се однесува за кој и да е консултант, фактот што тие често се префрлаат од проект на проект и не работат само за една компанија им дава можност да учат и да собираат искуства од различни индустрии кои подоцна лесно можат да ги пренасочат и да ги адаптираат за потребите на следниот проект. Често консултантите служат и како гулаби писмоносци кои всушност го прават трансферот на информации, на знаења од една во друга компанија, индустрија и сл.
Кога ќе се навлезе подлабоко во темава се откриваат многу повеќе детали за бенефитите кои ги носат надворешните експерти. Овие детали верувам дека на повеќето компании ќе им бидат од корист, впрочем затоа и често овие консултанти се истите тие кои држат различни обуки и предавања со цел своето искуство да го направат уште подостапно, особено за помалите компании кои немаат толку развиени процеси, системи и ресурси за да можат редовно да се потпираат на надворешни соработници.
Кое е твоето искуство?

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top