Општество
КОМЕНТАРИ НА МАКЕДОНИЈА2025 ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР


Македонија2025 е невладина, непрофитна, „think-and-do-tank”организација. Нашата цел е да го поттикнуваме, промовираме и зголемуваме економскиот просперитет за сите граѓани кои живеат во Република Македонија, но и да изградимепосилна нација. Како неполитичка и независна организација, од многу страни беше побарано од нас да го искажеме нашето мислење за Преспанскиот договор, потпишан на 12 јуни меѓу премиерите на Македонија и Грција. Затоа, би сакале отворено да ги изнесеме нашите ставови по ова прашање.

Без сомнение, ние се согласуваме дека треба да постои некаков договор кој понатаму ќе ги нормализира политичките и економските односи меѓу двете земји. Во однос на конкретниот договор, сметаме дека тој може да ја поттикне соработката во областите на економијата, инвестициите и развојот на стратешка соработка. Исто така, може да ги забрза перспективите на Македонија за приклучување кон меѓународните сојузи, што е важно за заштита на границите на државата.

Иако потпишаниот договор е показател за соработка и напредок меѓу двете земји, ние би сакале да истакнеме неколку важни елементи во постојниот договор и да ги охрабриме двете страни да ги дискутираат и да се осврнат на нив сега, во идните дискусии и преку понатамошни дополнувања.

1. Економски импликации

Македонија има отворена економија и е веќе интегрирана во меѓународната трговска размена. ЕУ е главен трговски партнер на земјата, кој учествува со 80% од вкупниот извоз и 61% од увозот во 2017 година (Извор: Народна Банка на Р. Македонија). Иако интеграцијата во ЕУ ќе донесе дополнителни економски бенефиции за земјата, Македонија веќе има придобивки од близината со пазарите на ЕУ, од странските директни инвестиции како и од повластените трговски односи утврдени во Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ.

Според договорот од Македонија се бара да ги усвои сите промени и само тогаш Грција ќе одлучи дали ќе го ратификува договорот или не. Ние веруваме дека ова може да создаде негативни последици. Македонците треба да имаат јасна претстава за тоа што ќе се случи ако договорот не биде одобрен од Грција и која е алтернативата во тој случај, особено ако нема напредок кон целосна интеграција во ЕУ. Засега, ЕУ ја одложи одлуката до 2019 година, многу подоцна од планираниот датум за референдум. Од друга страна пак, како позитивен развој на целата ситуација е неодамнешната покана на НАТО за членство во Алијансата, но крајното членство на Македонија е јасно условено од тоа прво да се исполнат сите услови од договорот.


2. Човекови права и наследство

Секој граѓанин има право на самоопределување на сопствениот идентитет кој се базира на неговите лични чувства и / или на историска или национална приврзаност и никој не може да му го одземе тоа право. Македонците кои постојат во регионот, вклучувајќи ги тие во Република Македонија, Грција, Бугарија и Албанија имаат исто потекло.

Имајќи го тоа на ум и земајќи ги предвид овие најнови позитивни случувања меѓу Македонија и Грција, сега е време да се сврти нова страница и да се надмине минатото. За да се постигне тоа, Грција треба да го признае македонското малцинство во Грција како во историјата така и во сегашноста. Потребно е формално извинување од страна на Грција за начинот на однесување кон ова малцинство во минатото, без да се очекуваат финансиски надоместоци од земјата. Покрај тоа, треба да биде побарано од Грција да дозволи враќање на "Децата бегалци", деца кои биле протерани од регионот пред повеќе од 50 години. Многу етнички Македонци имаат имот или актива во Егејска Македонија. Поради тоа, многу е важно на Македонците да им се дозволи да имаат слободен пристап до својот имот и тој да биде во нивна сопственост бидејќи на тој начин се почитува меѓународниот закон за заштита на правата, земјиштето и бизнисот. Исто така, треба да биде дозволено основање на македонски училишта и цркви во Грција. Сите овие дела треба да помогнат во процесот на лекување на минатото како и општото помирување меѓу земјите.

 

3. Взаемно разбирање

Веруваме дека за промена на логоа, имиња на брендови итн. треба да одлучуваат само луѓето кои ги поседуваат, и во договорот не треба да се бара нивно менување. Во принцип, ние не ја гледаме потребата од постоењето на заедничка комисија која ќе ја разгледува историјата, археологијата и образованието, вклучувајќи ги и учебниците и мапите, унилатерално насочена кон Македонија. Ова е излишно и непотребно мешање во културните и образовните аспекти на странски ентитет во домашните работи на соседна земја и сметаме дека тоа создава многу негативен историски преседан на светско ниво.

Треба да се осигуриме дека современата македонска култура и традиции можат да напредуваат и да се развиваат, истовремено промовирајќи слична позадина, култура, традиција, наследство и економска размена меѓу луѓето од двете земји. Грција треба да ја признае нашата историја во регионот и како и останатите соседни држави и ние треба да сме слободни да ги користиме нашите сегашни географски референци (на пример: Грција продолжува да ја нарекува Битола-Монестири и Истанбул-Константинопол).

Заклучок

Нашата мисија како организација е да ја промовираме демократијата, владеењето на правото и транспарентноста во насока на економскиот просперитет на Македонија. Сметаме дека граѓаните треба да имаат сеопфатно разбирање во однос на тоа што содржи договорот за да може да донесат правилна одлука. Очекуваме референдумот да биде јасен и транспарентен, а ние ќе стоиме зад одлуката на народот без оглед на исходот. Исто така, ги повикуваме медиумите да бидат неутрални, објективни, да се почитува слободата на говор на засегнатите странии да нема притисок или влијание врзмедиумите од страна на владата. Се надеваме дека овој референдум ќе доведе до национално единство преку голема излезеност на македонските граѓани.

Иако ја поддржуваме интеграцијата на земјата во ЕУ и во НАТО, во исто време, гледаме можности за Македонија да биде успешна и без да се случи тоа. Пристапувањето кон ЕУ може да биде корисно, но ние мора да имаме план и во случај да не се оствари интеграцијата. Затоа, мора да се фокусираме на она што го движи економскиот просперитет. Земјата треба да развива долгорочна стратегија за раст. Македонија континуирано беше една од врвните реформатори според извештаите на Светската банка. Затоа, без оглед на исходот, ја охрабруваме Македонија, нејзината влада (сегашна и идна) како и нејзиното граѓанско општество да продолжат да бидат ангажирани во брзи реформи кои ги зајакнуваат демократските институции и владеењето на правото во земјата. Ова е тоа што на крај ќе создаде економска вредност и ќе ја направи Македонија потранспарентна и економски развиена за идните генерации. Како економска организација сакаме да нагласиме дека економскиот просперитет на граѓаните не можеме да го решиме со само едно достигнување или решение на еден проблем. Економски развој веруваме дека може да донесат напорната работа, посветеноста, зголемена трговија и инвестиции, искоренување на корупцијата, чесен и независен судски систем и најмногу од сè единство меѓу луѓето.


Како завршна мисла, со оглед на важноста на договорот по ова прашање и сериозните последици кои произлегуваат од него, сметаме дека е потребен национален консензус и единство меѓу партиите, Претседателот и луѓето кои живеат во Македонија и се нарекуваат Македонци. Сите страни треба да бидат единствени, бидејќи само таков заеднички пристап ќе води кон национален просперитет. Македонија2025 е секогаш спремна и подготвена да помогне на кој било можен начин со цел да се зајакне македонската нација.

Македонија2025

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top