Општество
ПРИЈАТЕЛСКИ РАЗГОВОРИ

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Го читам неделниот коментар кој сака да ни каже: Оној што не мисли вака, тој клевети и лаже. Луѓе без калибар и без идеи, ни фураат вистини црно-бели. А јас, јас немам никаков дар, што и да кажам ќе немам ќар.
(Б. Џ. Ш., препев Г. Г.)

 

Се собравме на гости кај еден од нас. Се знаеме сто години. Со едниот од градинка, со другиот од училиште, со третиот исто така сто години. Плус жените, нели. Секој со своите грижи, а ги имаме, некој помали некој поголеми. На 40-годишна возраст мораш да имаш некакви грижи, инаку немаш право да кажеш дека имаш 40 години. Главната грижа на денот беше опстанокот на Македонија. Се погоди денот. Разјарен Фејсбук, демонстранти од сите страни, нешто важно се потпишува за иднината на државата или, ако некој така милува, се укинува иднината на државата.

Сите сме повеќе или помалку либерали. Чуден развој на настаните. Излегува дека и во секој од нас расте(л) и по некој конзервативен никулец. Најголемиот либерал станал огнен бранител на идентитетот. Вели „ете, што да правам, не ми е право, нешто ме боли, знам што е, но не можам до крај да го дефинирам“. Другиот вели „абе ајде, не зезајте, дајте да се спасиме од оваа неизвесност, стварно сум дојден во ситуација да не ми е гајле како ќе се викам, особено доколку можам да бидам тоа што сум и да го зборувам јазикот кој е мој“. И продолжува истиот: „јас сум Бугарин по татко, Србин по мајка, а имам само еден пасош: македонскиот“. Несомнено држи силен аргумент в рака. Жена му е уште подецидна: „дај да престанеме со глупости, идентитетот е зачуван, ќе влеземе во некакви мирни води, имаме одговорност кон децата наши, се виде дека не ја бива работата со овие политички елити, дај барем да влеземе во ТОА интеграциите и да пробаме да опстоиме“. Се гледа дека мажот и жената дома ја дискутирале темава. Влијанието и моќта на убедување на жените дома е посилно отколку надвор од дома. Се јавува една друга за збор, мојата. Жестока е во ставовите, возбудена од лузните што дента ги претрпела на Фејсбук. Вели, „не сте свесни што се случува на социјалните мрежи. Луѓето се мразат, си бришат профили, се анфрендаат, клетви до седмо колено.“ Вели, мислејќи на некој ФБ-пријател, „како може бе да биде геј кој избегал во странство баш затоа што е геј и не можел да издржи во ваква средина, а сега од странство го брани името, плука по сите овде и јавно се заканува дека ги брише профилите на оние кои се за компромис со Грција“. Мојава му пишала: „ајде врати се во Македонија заедно да си живееме со сите предрасуди и стереотипи“. Хмм, опасна „пецка“. И мојава има аргументи, не е дрво без корен: живеела 12 години на Запад, учела, работела и се вратила во Македонија за да ѝ помогне на Македонија со своето знаење. Се грижи за своите деца. Навистина не ѝ е сеедно каде ќе учат, кој ќе ги учи, со кого ќе се дружат... А да не има војна, па сѐ да отиде бестрага?!? Реални дилеми?!? Јас велам, да! Блиската историја нѐ учи, нѐ прекорува, нѐ плеска по рацете дека 27. не беше шега. Та Ирхам, големиот Ирхам, мојот побратим од Сараево, човекот што знаеше повеќе од мене, ми се јави вечерта на 27. и ми рече: „Знаш Гоце, и ми смо тако мислили кад је почињало ово наше срање, а онда док схватисмо веч је град био опкољен. Зато, спремајте кофере, и чекамо вас код нас и мирно м Сарајеву“. Хмм, кога тој Ирхам од Фоча и Горажде ќе ти се јави на телефон и ќе ти рече да ги пакуваш куферите, не ми треба ни Заев, ни Груевски, ни Иванов, ни НАТО да ми бидат репер. Знаев колку е часот. Ирхам знаеше што е војна...

ЦЕЛ СВЕТ ЗБОРУВА ЗА МАКЕДОНИЈА. НИ ВЕЛАТ: „ОСТАВЕТЕ ЈА СТАРАТА МАКЕДОНИЈА, НЕ ЈА ЗАСЛУЖИВТЕ СО НИШТО! ЕВЕ ВИ НУДИМЕ МОЖНОСТ ДА ПОЧНЕТЕ ОД НОВО СО НОВАТА МАКЕДОНИЈА.“ ИМА ЛИ ЈУНАК КОЈ МОЖЕ ДА ГО ПОБИЕ ОВОЈ АРГУМЕНТ? НЕКА МИ ПИШЕ ВО ИНБОКС

Продолжува разговорот меѓу пријателите. Четвртиот молчи. Беше голем комита своевремено. Ја сака Македонија. Не разбира спорт, тапа е. Ама кога игра Македонија, ја фудбал ја пинг-понг, се возбудува. Ги знае македонските репрезентативци повеќе од кој било во друштвото. Не знам што е, но му значи таа идентификација. Добро му е да биде Македонец, неговата држава да реди успеси. Има нешто во тоа што не може тукутака да се пренебрегне. Сега е разочаран од сѐ. Од политиката му се гади, од спортот е разочаран. „Па не може бре една Словенија да е толку успешна во многу спортови, а ги газевме во фудбал и кошарка и ракомет во 90-тите. Па како е можно еден Исланд со 380 илјади жители да вади реми со Аргентина, а оној голманот-режисер со уметничка брадичка да му одбрани пенал на Меси“. Го гледам, го мерам и го премерувам, веројатно дигнал раце од длабокоумни идентитетски дилеми и оставил да го носи водата. Кога длабоко и темелно ќе се разочараш во моќта на политиката да ти го промени животот, веројатно се посветуваш на сопствената моќ да си го подобриш сопствениот живот и оној на твоите блиски. Фер инаф (Fair enough).

Една друга, пак, нова е во друштвото, нова, а важна. Не е сѐ уште снајдена, мери и опипува пулс. Нема јавно искажан став на темава. Дента била на некаков важен планински велосипедски натпревар на Пелистер. Возела 40 километри по тежок терен. Се нервира дека нема доволно добри патеки во нашава планинска држава. Премалена е од напорниот ден за да размислува за идентитетски теми. Си мислам, а можеби тие прашања воопшто не ја засегаат? Сосема е во ред на некои граѓани да им е поважно државава да им обезбеди добри велосипедски патеки отколку постојано да им наметнува „што е поважно за нив самите“. Јас и понатаму немам став.

Главниот мудрец, философ, цела вечер преде. Има тези, неспорно. Пука од хаубица за субјективитетот, конституирање на нацијата, деперсонализација, заземање радикални интелектуални позиции. Цела вечер ист арсенал, исто боли. Контрааргументот дека ќе живееме подобро во интеграциите не ги допира неговите аргументи. Неговите аргументи тврдо опстојуваат сами по себе. Тој не ги спори контрааргументите, ама неговите реално изгледаат моќно. Не, не е тој „локален“ мудрец, бил и видел, интелектуално ги „шпартал“ Германија и Данска. Па се вратил тука, без преголема надеж дека некој вистински ќе му ги валоризира трудот и знаењето. Платил и цена: жена му Пенелопа трпеливо го одмотуваше клопчето чекајќи го да се врати во Итака. Итака во која и така немаат што да прават. Хмм, навидум ги има сите причини во џебот да се залага за компромис со кој неговиот краул веднаш ќе биде препознаен во европските води. Ама не. Го боли нешто, не му е сеедно. Си мислам, ќе омекне ли со текот на времето под товарот на егзистенцијално-есхатолошките аргументи? Има две мали деца, уште не почнале да се раскрилуваат... Ќе му пресудат ли тие нему или тој ним? Ама за каква „пресуда“ зборуваме, повторно се јавува внатрешниот глас, имаме ли право да донесуваме интергенерациски пресуди?

Јас сум во недоумица цела вечер. И не само таа вечер, туку секоја вечер. Фрлам аргументи од една до друга крајност. Немам став по прашањето на денот. Се обидувам да конституирам став и секој обид останува на тоа, сув обид. Како полека да го положувам оружјето и го чекам цунамито да дојде. Знам дека ќе дојде. Кога се поместуваат плочите, брановите се дигаат високо и тешко ќе ги спречиш. И доаѓа цунамито. Европската перспектива е отворена, НАТО-поканата патува. Историски договор за нова историја. Постојат пречки и тука, треба да се направат реформи за кои се борев отсекогаш. Ама перспективата е реална, сега повеќе од кога било. Цел свет зборува за Македонија. Ни велат: „оставете ја старата Македонија, не ја заслуживте со ништо! Еве ви нудиме можност да почнете од ново со новата Македонија.“ Има ли јунак кој може да го побие овој аргумент? Нека ми пише во инбокс.

ЕСЕН, 2018 ГОДИНА. СТАНУВАМЕ РАНО НАУТРО, НАДВОР ВРНЕ. ГО ИСПИВАМЕ ПРВОТО КАФЕ, КРОТКО ГИ ОБУВАМЕ „ОЛОВНИТЕ ЧЕВЛИ“, ГО ОТВОРАМЕ „ЖЕЛЕЗНИОТ ЧАДОР“ И ОДИМЕ ДА ГЛАСАМЕ НА РЕФЕРЕНДУМ.
ГЛАСАМЕ ЗА.

И повторно се враќам на извориштето на вистинските аргументи. Сѐ уште ми се чини дека не ја разбравме драматиката на настаните кои се одвиваа пред нашите очи. Десетте години изедени од скакулци, 24 декември 2012 г., 27 април 2017 г., 17 јуни 2018 г. ... Не, оваа држава не може сама, оваа држава не заслужила да биде сама, а прашање на кое сите ќе треба да одговориме во иднина е дали оваа држава заслужува да биде. Ми се чини дека нашиве сегашни раководители го имале токму ова предвид кога одлучувале (и во наше име). Или пак контекстот и предочените аргументи (кои ние и не мора да ги знаеме во целост) превагнале натаму.

Гладни сме. Се мислиме што да јадеме. Македонска скара, речна пастрмка, паѓаат предлози. Едниот, циникот, вели: пица да нарачаме! „Пица, кечап и пиво е сосема прикладно јадење за ова глобално проевропско деперсонализирање во една аморфна група на граѓани“. Се смееме, слатко и кисело истовремено.

Се разделуваме без заклучок. Ете како се прекршуваше нацијата.

П. С. Есен, 2018 година. Стануваме рано наутро, надвор врне. Го испиваме првото кафе, кротко ги обуваме „оловните чевли“, го отвораме „железниот чадор“ и одиме да гласаме на референдум. Гласаме ЗА.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top