Е-Б-Ф-Б
ЗАПОЧНА ЛЕТНОТО БИЗНИС ПАТУВАЊЕ ЗА МЛАДИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ ОД ДИЈАСПОРАТА


На 14-ти јули со посета на традиционалната Галичка свадба, заедно со претставници на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Birthright Macedonia, започна третото издание на Летното бизнис патување за млади професионалци од дијаспората, во организација на Македонија2025. Целта на програмата е младите иселеници повторно да се поврзат со своите корени, но и да изградат мост на соработка помеѓу бизнис заедницата во Македонија и дијаспората.

Живко Мукаетов – Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, член на Одборот на директори на Македонија2025 и Претседавач на програмата, на 16-ти јули во просториите на компанијата го отвори официјалниот дел со презентација за меѓународниот успех на „Алкалоид“ како една од најуспешните компании во Република Македонија.

Oснован во 1936 година, ‘Алкалоид’ е етаблиран бренд на овие простори кој е препознатлив како и неговото мото: ‘Здравјето пред сѐ’ – слоган на еден од клучните двигатели на македонската економија. ‘Алкалоид’ денес е една од најмодерните фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа со над 1600 вработени, преку 50.000 m2 производни погони и пласмани во над 30 земји во светот преку 14те странски подружници раководени од базата во Скопје. Поддршката на македонското здравство и фармација, македонската култура, спорт и останатите општествено одговорни практики се на врвот на оперативната агенда на компанијата. Нашата фондација „Трајче Мукаетов“ основана во 2007 година, која има за цел стипендирање на млади таленти кои својата кариера ја посветиле на македонското здравство, до сега има стипендирано 418 студенти по фармација и медицина. Оттука, и програмата за летна пракса за млади професионалци од дијаспората е пример како македонските компании и институции можат на младите да им обезбедат простор и услови за взаемен професионален и личен развој. Од една страна, младите професионалци од дијаспората ќе придонесат со своите свежи идеи, а од друга страна ние би им покажале како функционираат компаниите во Македонија. Се надевам дека од оваа синергија ќе произлезат контакти и пријателства со Македонија, кои ќе претставуваат солидна база за некоја идна успешна професионална соработка“  - посочи Мукаетов.

Годинава учесниците доаѓаат од Канада, Србија, Германија, Австралија и Италија. Ѓорѓи Скангалов, кој доаѓа од Германија, а својата пракса ја извршува во „Аџибадем Систина“, изјави дека програмата со себе носи голем број на придобивки.

„Благодарен сум на Македонија2025 што ми овозможи да бидам овде. За мене ова е шанса подобро да се запознаам со македонската култура и начин на работа. Со нетрпение очекувам да започнам со мојата пракса и да остварам бизнис врски кои во иднина ќе ми помогнат во работењето на сопствениот бизнис.“

Во склоп на официјалното отворање, учесниците одблиску се запознаа и со различните сектори при „Алкалоид“. Двонеделното бизнис патување вклучува стажирање во компанија по избор на учесниците, неколку екскурзии низ земјава, како и настани за вмрежување.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top