Општество
ХАМЛЕТ ВИСИ НАД МАКЕДОНИЈА

Гордан Георгиев
28 мај 2018 година

Се чини дека решавањето на „проблемот“ со името добива некаков рок на траење. Некако сите се согласуваме дека или ќе се реши летоска или нема да се реши летоска. Доколку се реши, ќе престане да биде проблем, барем за оние кои сметаат дека е проблем. Доколку не се реши исто така нема повеќе да претставува проблем, туку ќе влезе во фиоката на „нерешливи проблеми“, а со тоа доаѓа и нужноста да се игнорира или да се заборави. Македонија ќе треба или да почека подобри времиња (а светските политички метеоролози и метеопати не прогнозираат мирни води) или да пристапи кон темелно внатрешно себеиспитување. Или трето, а трето нели нема... На овој Хамлет кој виси над Македонија треба да му се пристапи со крајна сериозност, без разлика во кој правец ќе нѐ одвее историјата.

СЕ ЧИНИ ДЕКА РЕШАВАЊЕТО НА „ПРОБЛЕМОТ“ СО ИМЕТО ДОБИВА НЕКАКОВ РОК НА ТРАЕЊЕ. НЕКАКО СИТЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ ДЕКА ИЛИ ЌЕ СЕ РЕШИ ЛЕТОСКА ИЛИ НЕМА ДА СЕ РЕШИ ЛЕТОСКА. ДОКОЛКУ СЕ РЕШИ, ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА БИДЕ ПРОБЛЕМ, БАРЕМ ЗА ОНИЕ КОИ СМЕТААТ ДЕКА Е ПРОБЛЕМ. ДОКОЛКУ НЕ СЕ РЕШИ ИСТО ТАКА НЕМА ПОВЕЌЕ ДА ПРЕТСТАВУВА ПРОБЛЕМ, ТУКУ ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ФИОКАТА НА „НЕРЕШЛИВИ ПРОБЛЕМИ“, А СО ТОА ДОАЃА И НУЖНОСТА ДА СЕ ИГНОРИРА ИЛИ ДА СЕ ЗАБОРАВИ

Што ако се реши?
Под „решавање“ подразбирам некакво отворање на некакви перспективи (членство во НАТО и/или почеток на преговорите со ЕУ) за државава, дури и под малку веројатниот услов на нерешен или нецелосно решен проблем со името.
Давањето европска или демократска перспектива на Македонија во старт и краткорочно ќе отпетла неколку досега неапсолвирани теми: меѓуетничките односи ќе добијат една нова димензија во која Албанците ќе го остварат својот официјален сон (ЕУ и НАТО), а Македонците ќе ја стават ад акта темата за апокалиптичните сценарија за државава. Втората работа е надежта. ЕУ и НАТО-перспективата ќе ја релаксираат онаа Македонија која се чувствува тесно во сопствената кожа и која веќе не може да дише под товарот на клиентелизмот, партократијата и корупцијата. Тоа се нарекува стандарди кои ќе мораме да ги исполнуваме за да чекориме напред и тука во принцип нема назад, барем не оној „назад“ на кој толку добро се навикнавме да живееме. Оваа „тесноскроена“ Македонија е важна бидејќи токму таа е најфрустрирана и најогорчена од постоечкава состојба, а проценките се дека токму оваа Македонија е онаа на образованите, на способните, на креативните, на идеалистите. Со еден збор, моторот на секоја перспективна држава. И трето, и за многумина најважно, европската парспектива на државава би требало да значи де факто бавни, но постојани економски придобивки во смисла на поголеми и посигурни инвестиции, поголема мобилност на образовните процеси, поголем културен базен за натпревар и пристап до полесни пари и грантови. Со еден збор, мапирање на Македонија во рамките на големото европско семејство без разлика на големиот број „бракоразводни парници“ кои постојано го потресуваат.
Реалистичната европска перспектива несомнено ќе ѝ даде ветер во едрата на постојната Влада на Македонија. Таа ќе биде силен аргумент дека општеството се враќа во еден нормален колосек со шанси да оди напред. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е главна детерминанта за долгорочно опстојување на една влада. Напротив, и хрватското, и бугарското, и романското претпристапно искуство укажуваат дека корупцијата е имуна на „европските вредности“. Исто така тешките претпристапни преговори подразбираат многу одрекувања од плодовите на владеењето, подразбираат и тешки компромиси кои директно удираат врз граѓаните и нивните стекнати „удопства“.
Но, оваа Влада не беше избрана за да ја спроведува европската перспектива. Ултимативно, во свеста на граѓаните кои ги поддржаа промените, промената на власта (или падот на режимот, како што се нарекуваше целата операција) беше најважната цел. Прашање е колку од гласачите против режимот имаа реалистична визија (настрана декларативно изразените очекувања) дека оваа Влада ќе може на ефективен начин да ги спроведе реформите или, како што милуваме да кажеме, да ја внесе Европа во Македонија. Едноставно, скромниот потенцијал кој го има општествово, а згора на тоа и исклучително скромниот идејно-идеолошки потенцијал кој го поседуваат политичките партии не нуди веродостојна перспектива дека работите суштински ќе тргнат на подобро. Но, предноста на оваа Влада ќе биде инерцијата која мора да постои во следењето на исполнувањето на европските стандарди. Како некоја машина за перење алишта, ама не со центрифуга, туку со „центрипета“.
Откако сите (ама буквално сите!) релевантни меѓународни/западни политички фактори едногласно прогласија дека во Македонија кризата заврши, некако во исто време се прогласуваше дека кризата во Европа (ЕУ) како тукушто да започнала. А Македонците со право саркастично велат: па подобро да бидеме со криза во Европа, отколку без криза надвор од Европа.

ПРАШАЊЕ Е КОЛКУ ОД ГЛАСАЧИТЕ ПРОТИВ РЕЖИМОТ ИМАА РЕАЛИСТИЧНА ВИЗИЈА (НАСТРАНА ДЕКЛАРАТИВНО ИЗРАЗЕНИТЕ ОЧЕКУВАЊА) ДЕКА ОВАА ВЛАДА ЌЕ МОЖЕ НА ЕФЕКТИВЕН НАЧИН ДА ГИ СПРОВЕДЕ РЕФОРМИТЕ ИЛИ, КАКО ШТО МИЛУВАМЕ ДА КАЖЕМЕ, ДА ЈА ВНЕСЕ ЕВРОПА ВО МАКЕДОНИЈА

Што ако не се реши?
Ова е прашањето кое брутално се наметна во македонскиот јавен простор и на кое никој нема доволно добар одговор. Ако го изземеме вечно оптимистичниот премиер (а тој нели мора да биде оптимист!) и политичките изјави од типот „ќе ја внесеме Европа во Македонија“, сите други одгласи генерално се движат од песимистички до апокалиптични по здравјето на оваа држава. Особено се негативни одгласите кои доаѓаат од Запад. И мене тоа ми пречи бидејќи ја става државава во една крајно нелагодна позиција постојано да се преиспитува за смислата на сопственото постоење.
Проблемот е што тие што не сакаат да се реши проблемот со името (без разлика кои им се мотивите за тоа) досега не дале доволно добро и прифатливо решение што да се прави на оваа геополитичка ветрометина. Еве, јас не сакам да се промени името, ама знам дека добар компромис би го прифатил токму поради ветрометината и континуираната неспособност на нашите раководства да ја раководат државава, во пакет со неспособноста и себичноста на широкото граѓанство да ги разбере сопствените долгорочни приоритети и интереси. И разбирам дека овој мој став е позиција на „помало зло“, и разбирам дека ваквата позиција ме прави да се чувствувам крајно понижен пред себеси, но ете избирам да изиграм себично. За себе, за моите блиски, па и за останатите помалку блиски.
Дали ја разбираме темата? Дали е можно да не ја разбираме темата? Дали сфаќаме дека во свеста на големото мнозинство граѓани (и Македонци и Албанци и сите останати) тлее една темпирана бомба која секојдневно ја шепотиме тивко во себе, та дури и ретко ја споделуваме со најблиските. А таа гласи: „Дали ќе нѐ биде, како држава, како народ, како парче земја...?“
Нација која секојдневно си го поставува ова прашање има проблем. Нација која си го поставува ова прашање по 11 години „заробена“ држава, по 27 години независност, по 73 години државност (1944) и по 114 години на некаков издиференциран облик на свест за посебност и желба за создавање држава (1903), е таа нација е исправена пред тешки предизвици и одлуки. Па зошто го премолчуваме тој проблем? Зошто не сакаме отворено да проговориме за ТОА?
Што ќе каже или што треба да каже премиерот на 1 јули доколку нема изгледи дека може да се реши проблемот со името?
Ќе треба пред јавноста да ја раскаже приказната за таткото кој е на умирање и кога на смртна постела им кажува на синовите дека има закопано злато во нивата. И бидејќи не им кажал каде точно е закопано златото, синовите морале да ја ископаат целата нива за подоцна да сфатат дека „златото“ се всушност плодовите кои ги родила изораната нивата. Плодови на нивниот труд.

НА КРАЈОТ СЕКАКО ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, ДАЛИ СЕГА НАЕСЕН ИЛИ ПОДОЦНА НАПРОЛЕТ, НО ДОБРО Е ТИЕ ИЗБОРИ ДА СЕ ИСКОРИСТАТ НА РЕФЕРЕНДУМСКИ НАЧИН. ДА СЕ ОБИДЕМЕ ДА ГИ ЗАКЛУЧИМЕ ГЛАВНИТЕ ПРАШАЊА КОИ НÈ ОПТОВАРУВААТ. ДЕПАРТИЗИРАНИ, СТРУЧНИ И ДОБРО ПЛАТЕНИ АДМИНИСТРАЦИЈА, ЗДРАВСТВО И ОБРАЗОВАНИЕ. НЕЗАВИСНО СУДСТВО. БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА НА СИТЕ СКАЛИЛА. ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА. ФУНКЦИОНАЛЕН ПАРЛАМЕНТ. ЌЕ СЕ СОГЛАСАТ ЛИ СИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ НА ВАКВА РАДИКАЛНА АГЕНДА ИЛИ ЌЕ ОСТАНАТ ДА ЧЕКААТ НА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА ЗА ПРОГРЕС НА СВОИТЕ И КАЗНА ЗА ОСТАНАТИТЕ?


Треба да прогласи агон, агонична состојба (агон на старогрчки е борба, до последните атоми, борба од која може да произлезе напредок и прогрес). Оваа состојба треба да ѝ биде соопштена на нацијата, нешто налик на легендарниот говор на Черчил во мугрите на Втората светска војна. Да каже дека дотаму е дојдена работата, практично до тивка, ама упорна анихилација. Дека ова што ни се случува можеби се случува не по наша волја или не по волја на Владата, но ете се случува. Што би рекол министерот за надворешни работи во една прилика на состојба на крајна резигнација: Македонија мора да се води од принципот на селф хелп (self help) во меѓународните односи. Дека во светот во кој доминираат анархијата и себичноста во меѓународните односи, селф хелпот треба да биде општ повик за мобилизација (про боно!) на сѐ што е мислечко во државата и надвор од неа за да се спаси она што може да се спаси. Агонијата подразбира и праќање порака до нашите меѓународни „партнери и пријатели“ да го покажат на дело своето партнерство и пријателство бидејќи нели на пријателите им се помага кога им е најтешко. И притоа да немаме преголеми очекувања дека ќе ја добиеме таа помош. Од таквата перспектива не треба да ѝ се лутиме на Франција или на Холандија, и тие се водат според принципот на селф хелп. Исто како и Грција, впрочем.
Треба да даде предлог за интергенерациски договор. Не само до лидерот на опозицијата (тој може и да не го прифати!), туку до сите нас. Кој би бил предметот на таквиот договор? Немаме ресурси, немаме млади, немаме доволно квалитетни кадри, бесмислено е владеењето на парче земја на која нема ништо. Бесмислено е да не се договориме за базичните принципи и приоритети на нашите овоземски животи. Јас како премиер не сакам да владеам така бидејќи месијанизмот не подразбира дневни калкулации за собирање политички поени и победи на избори.
Си мислам, а дали ваквиот крик за агонична состојба и повик за мобилизација не треба да се случи дури и ако на задоволителен начин се реши проблемот со името?

***

На крајот секако ќе има предвремени парламентарни избори, дали сега наесен или подоцна напролет, но добро е тие избори да се искористат на референдумски начин. Да се обидеме да ги заклучиме главните прашања кои нѐ оптоваруваат. Департизирани, стручни и добро платени администрација, здравство и образование. Независно судство. Борба против корупцијата на сите скалила. Чиста животна средина. Функционален Парламент. Ќе се согласат ли сите политички партии на ваква радикална агенда или ќе останат да чекаат на подобри времиња за прогрес на своите и казна за останатите?
Дали оваа држава е предодредена да пркне или треба да цркне?


Забрането е преземање, препечатување, копирање и умножување на написите или нивни делови без претходна писмена согласност од издавачот.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top